економија
Програмерите со највисока просечна плата во јуни: 72.694 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2021 година, изнесува 28 744 денари, а најниска е во секторот кожарска индустрија, во износ од 15.956 денари.
Програмерите во јуни месец имале највисока просечна нето плата во Македонија, од 72.694 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Нивната плата е порасната за 10,9% во однос на истиот месец лани, а за 0,5% во однос на претходниот месец, мај.
Втора во вредност просечна плата е исплатена во секторот воздухопловен транспорт, од 64.764 денари, којашто е повисока за 9,5% на годишно ниво, а на трето место е секторот финансиско – услужни дејности (освен осигурување и пензиски фондови), што значи дека банкарите имале просечна плата од 49.100 денари во јуни годинава, за 9,5% пониска во однос на истиот месец лани.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2021 година, изнесува 28 744 денари, а најниска е во секторот кожарска индустрија, во износ од 15.956 денари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната нето плата во Македонија во јуни месец годинава била за 7% повисока во однос на истиот месец лани. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (25.1 %), Уметност, забава и рекреација (20.5 %) и Информации и комуникации (14.1 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (4.3 %), Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (2.6 %) и Рударство и вадење на камен (1.6 %).