економија
Три битни трендови за македонските компании во 2023: Продолжена стагнација, прилагодување кон климатските промени и дигиталната „железна завеса“
Три битни трендови за македонските компании во 2023

Минатата, 2022 година, беше обликувана од бројни нарушувања кои носат неизвесност и оваа година. Компаниите во регионот на Југоисточна Европа, односно во Македонија, мора да обрнат посебно внимание на три трендови и соодветно да реагираат за да спречат евентуално негативно влијание врз бизнисот.
Во моментите кога се наврши точно една година од почетокот на руската инвазија на Украина, цената на природниот гас од холандскиот хаб TTF падна под 50 евра за мегават час, што е најниско ниво во последната година и половина и за 80 отсто пониска одошто ова време минатата година. Како што коментираа некои европски аналитичари, „климатските промени ја спасија Европа“, алудирајќи на невообичаено топлата зима што предизвика складиштата за гас да не се испразнат до дното изминатиов период.
Сега кога војната во Украина навлегува во втората година и сосема е јасно дека нејзиниот крај не се гледа ни на подолг рок, во игра се две основни сценарија за европската, а во исто време и македонската економија. Според првото, војната ескалира и се шири во други земји; последиците од тоа би биле нова рунда на силен раст на цените на енергијата и суровините, потребата од огромни државни инвестиции за одбранбени цели и организирање на животот и бизнисот во полувоени услови.
Според второто сценарио, ситуацијата во Украина се смирува, преостанатите скршени алки во синџирите на снабдување се крпат, а животот и бизнисот во Европа продолжуваат како и обично. Ова „како и обично“ сепак треба да се сфати условно затоа што Европа, како и Македонија, годинава не влезе од позиција на чист старт, туку со оптоварено наследство од минатогодишните лоши показатели.
Првото сценарио сè уште е длабоко закопано во фиоките на институциите кои треба да имаат одговор на него и се’ уште е табу тема за јавноста, што не значи дека (некои) делови од него не се прелеваат во второто сценарио, кое би можеле да наречеме релативно оптимистичко, но со голема претпазливост.
Зрак на оптимизам доаѓа од „Зимските прогнози“ објавени од Европската комисија минатата недела, во кои се наведува дека Европската унија во целина, како и Еврозоната, за влакно ја избегнале рецесијата што се очекуваше на крајот на минатата година. Поради ова, како и натамошниот пад на цените на енергенсите, Комисијата ги зголеми очекувањата во однос на овогодишниот раст на економијата на Унијата на 1,6 отсто, а на еврозоната на 0,9 отсто (претходната прогноза зборуваше за очекуван раст од 0,3 отсто и кај двете групи на земји).
Зависноста од рускиот гас е надмината, но…

Колку и да ни е драго што Европа оваа зима успеа да управува со снабдувањето со гас без Русија, не можеме да претпоставуваме дека повеќе нема да има неизвесност со цените на енергетските производи само затоа што во голема мера ја ЕУ ја исклучи Русија од синџирот на снабдување со гас, коментираат аналитичарите деновиве.
Тоа е голем предизвик за преработувачката индустрија и добавувачите на енергија во Европа.
Но и во самата Комисија со голема претпазливост пристапуваат кон проценките за европската економија годинава. Комесарот за економија Паоло Џентилони предупредува дека и покрај фактот што Европската унија влезе во 2023 година од посилна позиција отколку што се мислеше, „Европејците се во тежок период. Сè уште се очекува забавување на растот поради значителни неповолни околности, а влијанието на инфлацијата врз куповната моќ постепено ќе се намалува дури во наредните квартали.“
Глобалната консултантска компанија Kearney во студијата наречена „Конвергенција на акутни и итни закани“ идентификуваше пет клучни трендови кои ја обликуваат глобалната перспектива: продолжена стагнација, адаптација на климатските промени и стандардите за ESG (околина, општество, управување), дигитална железна завеса и т.н splinternet, ренесансата на нуклеарната енергија и подемот на deepfakes.
Овде првите три тренда се многу важни за регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), па затоа е неопходна навремена и соодветна реакција на компаниите.
Минатата, 2022 година, беше обликувана од бројни нарушувања кои носат неизвесност и оваа година. Компаниите во регионот на Југоисточна Европа, односно во Македонија, мора да обрнат посебно внимание на три трендови и соодветно да реагираат за да спречат евентуално негативно влијание врз бизнисот.
„Очекуваме дека бизнисот во регионот на Југоисточна Европа ќе се обликува со продолжен период на стагнација, зголемената важност на решенијата за прилагодување кон климатските промени и агендата на ESG, како и појавата на дигитална железна завеса поради промената на регулативата за заштита на податоците и приватноста. Компаниите кои навреме ги препознаваат ризиците и преземаат соодветни мерки ќе добијат предност во свет кој се карактеризира со хипер-трансформација“, истакнуваат од Kearney.
Ако германската економија кивне…
Економските последици од ковид пандемијата, континуираните нарушувања во синџирот на снабдување, зголемениот протекционизам и војната во Украина резултираа со висока инфлација, затегнување на монетарната политика и започна период на низок раст и ниски инвестиции.
Економијата на еврозоната покажа голема издржливост и ќе продолжи да расте скромно во 2023 година и покрај падот на БДП. Енергетската криза ќе остане клучна во краткорочните планови и ќе претставува закана за енергетски интензивните потсектори кои стануваат сè помалку конкурентни. Се очекува инфлацијата да почне да паѓа на годишна основа од 2024 година натаму, поттикната од влијанието на мерките врз цените на енергијата и храната. Сепак, базичната инфлација веројатно ќе се покаже поупорна.
По растот на БДП во 2022 година, еврозоната, влегува во период на стагнација што зависи од трендот на инфлација и недостигот на работна сила.
Можната рецесија во Германија е веројатно најважниот меѓу неповолните фактори за економиите на регионов, особено македонската, којашто е силно трговски поврзана со германската. Македонија лани остварила извоз вреден 3,7 милијарди евра во Германија, што е 45% од вкупниот извоз на земјава, додека оттаму увезла стоки вредни над една милијарда евра, или околу 8,3% од вкупниот увоз.
Наместо очекуваната стагнација во однос на третиот квартал, во последниот лански квартал германската економија забележа пад од 0,2%, а според најновиот извештај на германската централна банка, од почетокот на 2023 нивната економија додатно ослабела.

ESG се наметнува како клучен фактор
Влијанијата на климатските промени се повеќе се чувствуваат ширум светот и потребата за создавање решенија за прилагодување на климатските промени расте. Иако се потребни значителни ангажмани од страна на владите и приватниот сектор, финансиските вложувања остануваат ниски, дури 90% од глобалните финансиски текови се насочени кон ублажување на климатските промени. Решенијата се клучни за југоисточниот регион на Европа, бидејќи се очекува Централна Европа и Балканот да доживеат најголем можен пораст на просечните температури. Според тоа, компаниите мора да посветуваат се’ поголемо внимание на програмите за животна средина, општество и управување (ESG) со цел да се ублажи зголемениот притисок од потрошувачите и поширокиот круг на засегнати страни.
„Програмата ЕСГ е сè пожешка тема, што го покажуваат трендовите во влезот на приватни капитални фондови во регионот на ЈИЕ. Фондовите бараат компании кои ги следат стандардите за ESG за да постигнат премии кои се до 100% повисоки во индустриите со ниски емисии. На овој начин се отвораат нови можности за компаниите. Со интегрирање на ESG во секоја инвестиција, компаниите можат да станат поатрактивни за инвеститорите и да ги намалат трошоците за финансирање. Понатаму, ESG стандардите носат многу можности за иновации и диференцијација во борбата против стагнацијата“, велат во Kearney.
“Железната завеса“ сега е дигитална
Заштитата на приватноста станува сè поважна, бидејќи околу 70 проценти од земјите имаат валидни закони за приватност на податоците. Имајќи го предвид континуираниот раст на е-трговијата, домашните и странските компании ќе треба да држат чекор со променетите прописи за приватност на податоците. Законите за заштита на податоците носат многу предизвици за малите и средни компании кога влегуваат на нов пазар, бидејќи законската усогласеност бара многу финансиски и нефинансиски ресурси.
Податоците стануваат фронт во геополитиката, додека онлајн динамиката ја придружува економската и геополитичката фрагментација во физичкиот свет. Растечкиот протекционизам ја поттикнува појавата на дигитална железна завеса. Интернетот станува „splinternet” со фрагментирана архитектура, а трошоците за бизнисите кои зависат од државниот модел растат. На пример, Русија ги спроведува законите за локализација на податоците и ги казнува компаниите како Google и Pinterest бидејќи не можат да складираат податоци за руските граѓани на локални сервери.
Недостатокот на усогласување на законодавството за приватност на податоците го потиснува слободниот проток на прекугранични податоци и има економски последици. Неусогласените закони ќе продолжат да создаваат бариери за помалите компании и пазарите во развој. За да останат конкурентни, компаниите во Македонија мора да ја подигнат својата стратегија за податоци и управување со податоци на повисоко ниво.
Разлики меѓу просечните и најдобрите компании
Иднината на глобалната економија во 2023 година се уште е неизвесна. Во вториот квартал се очекува намалување на инфлацијата. Во меѓувреме, светот полека се прилагодува на последиците од конфликтот во Украина со забрзување на енергетската транзиција и враќање на нуклеарната енергија во центарот на вниманието. Информациите кои доаѓаат од дигиталниот простор стануваат несигурни поради порастот на deepfake-овите, што ја зголемува важноста на доброто управување со податоците.
„За време на економскиот бум се создадоа големи разлики меѓу просечните и најдобрите компании. Оние компании кои успеаја да завладеат со ефикасноста стекнаа предност при консолидирањето на индустриите за време на стагнацијата и од неа излегуваат како победници“, заклучува студијата на Kearney.