коментари
Проф. д-р Борче Треновски: Економијата обично има чист ретровизор, но „заматена“ шофершајбна
Проф. д-р Борче Треновски
Економски факултет – Скопје, УКИМ
Дали може низ „маглата“ да видиме што ја очекува Р.С. Македонија во 2022 година

Економски факултет – Скопје, УКИМ
Не е едноставно да ја избришете само шофершајбната на “економскиот автомобил”, во значаен дел движењето на истиот зависи и од шоферот и кондуктерите кој истиот го возат – дали тие имаат положено регуларно или со врски, дали ја почитуваат сообраќајната (економската сигнализација), дали прават редовно технички преглед и дали не се буткаат кој да го држи воланот, кој да ја притиска кочницата, а кој куплунгот.
Пандемијата од КОВИД-19 веќе втора година значајно влијае на сите социо-економски варијабли и наметнува потреба од значајно прилагодување на конвенционалните економски политики и мерки. Потребата од балансирање помеѓу здравствените и економските ризици станува се поизразено, како што станува јасно дека дел од здравствените ризици остануваат, а економските предизвици само делумно се намалуваат, а на определени места истите се мултиплицираат и комплицираат. Поедноставно е да пишуваме за ефектите, процесите и случувањата во изминатата 2021 година, а многу покомплексно е да ги утврдиме идните правци и потреби во периодот кој доаѓа, посебно имајќи ги предвид специфичните предизвици поврзани со : потребата од прилагодување и опоравување на бизнис секторот, фискалната одржливост на јавниот сектор, неизвесноста околу еволуцијата на пандемијата, излезот од мерките за поддршка, зачинети со енергетската криза и глобалниот пораст на цените.
Имајќи го предвид претходното ќе направиме една компарација на македонската економија со автомобил. Добро е познато дека на ваквиот “економски” автомобил обично му е чист ретровизорот, а “заматена” шофершајбната. Затоа во продолжение ќе направиме краток обид да бидеме еден вид на “бришач”на заматената шофершајбна на македонската економија, која треба да го продолжи патот кој има доста свијоци и нерамнини. Исто така ќе се обидеме да лоцираме и какви поправки и надградби (нови гуми, поголем резервоар, засилен мотор, подобар волан или нов шофер) треба да се направат во овој автомобил за да остане во возна состојба и да може да се приклучи на главните автопати каде конкуренцијата е голема.
Кои се тие неколку клучни работи и предизвици кои се особено важни да бидат земени во предвид во годината /патот што следи пред нас:
I. Најпрвин е потребно да се каже дека процесот на балансирањето помеѓу здравствените и економските предизвици значително се усложнува и економските фактори почнуваат значајно да се истакнуваат имајќи ја предвид долготрајноста на кризата. Не постоеше земја во светот која не се обидување да ги балансира овие две противтежи – меѓутоа во периодот кој доаѓа во оваа приказна ќе треба да се земат во предвид три сета на варијабли:
Првата – здравствената криза, новите соеви на КОВИД вирусот и потребата од преземање нови здравствени мерки/политики;
Втората, економската страна каде се вклучени стандардот на граѓаните, здравјето на домашниот бизнис секторот, фискалниот простор на државата, странските инвестиции, извозот;
Третата страна, ги вклучува надворешните/глобалните притисоци поврзани со растот на цените и енергетската криза, како и политичката кохезија која влијае на ефикасноста на мерките и домашниот одговор/креирањето политики за ублажување на погоре наведените предизвици;
Управувањето и балансирањето на секоја од овие страни ќе наметне потреба од посебен институционален напор – која само по себе е предизвик имајќи го предвид капацитетот на домашните институции.

II. Здравјето, опоравувањето и поддршката на домашниот бизнис сектор – Домашниот бизнис сектор беше значајно погоден од двојниот шок на пандемијата кој делуваше и на страната на побарувачката и на страната на понудата. Задолженоста на микро и малите бизниси (98% од вкупниот број на македонските бизниси) се искачи на 71%и 64 % респективно. Посебно погодени беа микро субјектите (2/3 од вкупниот број на бизниси) кај кои показателите за покриеност на расходите за финансирање, тековната ликвидност, нето-работниот капитал, профитабилностa (под 10 годишниот просек) влегоа значајно во негативна зона. Кај овие субјекти посебно е евидентно енормното зголемување на деновите на наплата на побарувањата (414 денови 2020 год.) и деновите на исплата на краткорочните обврски ( 829 денови 2020 год.). Видливо беше и значително зголемување на бројот на субјектите што работеле со загуба, во 2020 година изнесува 45,6% од вкупниот број на субјекти од корпоративниот сектор (30% во претходната година). Ова само го наведуваме за да дојдеме до ризиците со кои се соочува домашниот бизнис сектор – кои понатаму треба да бидат патоказ за мерките/политиките и решенијата кои треба да се преземат за поддршка на истите. Клучните ризици тргнувајќи од ова генерално се сублимирани во:
– Синџирите на набавка, пристапот на пазарите, транспортот, добавувачите, недостатокот од човечкиот капитал;
– Падот на приходите во услови на структурно слаба ликвидносна позиција на домашниот корпоративен сектор, го зголемува ризикот од неисполнување на обврските и проблеми со отплатата на долгот;
– Каматниот и девизниот ризик – долгорочниот долг со учество од 61,6%, скоро 2/3 од вкупниот долг се однесува на портфолио со променливи каматни стапки- девизната задолженост и натаму е клучна компонента во структурата на вкупниот долг на корпоративниот сектор (учество од 73,6%).
– Дополнителен ризик е истекувањето на антикризните мерки, коишто придонесоа за финансиската одржливост на корпоративниот сектор во претходниот период
- Евентуалното продолжено траење на здравствената криза, што би ја забавило динамиката на економското закрепнување.
- Трошоците за вработените лица продолжуваат да растат, (натамошен раст на платите) во корпоративниот сектор, во услови кога бројот на вработени умерено се намали. Растот на платите(минималната плата) продолжува да притиска врз конкурентноста на бизнис секторот, во услови кога продуктивноста на трудот на секторот се намалува трета година по ред.
- Нарушен е капацитетот на корпоративниот сектор за инвестиции што ќе поддржат технолошки развој -неопходни за подобрување на продуктивноста и зајакнување на трошочната конкурентност.
- Дополнителни предизвици произлегуваат од потенцијалите што ги носат новите технологии, глобалната прераспределба на пазарите, работата од дома итн.
Имајќи го предвид претходното, поддршката од државата (како и самиот бизнис сектор) треба да биде особено внимателна во адресирање на овие ризици, пред земајќи ги предвид потребите за поддршка во клучните компоненти на бизнис секторот – административни, квалитетни човечки ресурси, нови нтехнологиии, добар менаџмент, организација на работните активности, истражување и развој, заштита при работа, поддршка на извоз, поврзување со СДИ, пристап до пазари за производи/суровини/материјали, финансирање и управување со обврски/долгови итн.
III. Надградена стратегија за СДИ – Ова е прашање на кое треба сериозно да му се пристапи и кое долго време се дискутира и елаборира. За да може да се даде одговор на ова прашање треба да се отворат неколку други прашања – Каков капацитети/ресурси за привлекување на СДИ имаме, какови компании можеме/треба да привлечеме, дали пристапот за привлекување на СДИ e адекватен, каков е нашиот однос кон веќе привлечените СДИ, клучно – каква е поврзаност на СДИ со домашниот бизнис сектор и дали може овој однос да се унапреди. Во продолжение ќе се фокусираме само на дел од овие прашања и определени активности кои може да бидат насоки за делување во иднина. Најпрвин е важно утврдувањето на можностите/капацитетите за привлекување на СДИ – поточно мапирање (јасно презентирање)на клучните потенцијали по сектори и по региони каде може да се привлечат СДИ (имајќи го предвид постојното критично јадро на СДИ – пред се во автомобилската индустрија). Дополнително на ова е утврдувањето дали имаме пред се човечки потенцијал/капацитети (и како нашиот потенцијал да го зголемиме) да привлечеме големи СДИ во определен сектор или треба да се фокусираме на помали СДИ и добавувачи во рамките на постојните СДИ. Втора важна дискусија е околу пристапот на провлекување на СДИ – дали моделот на промотори треба да се надгради – дополни со наши странски репрезенти за кои определени региони во кои функционираат се природна околина на делување. Односите со постоечките СДИ се исто така особено важни – пред имајќи предвид дека новата глобална прераспределба на СДИ е поврзана со групирање на СДИ во места каде во близина имаат соодветни добавувачи, човечки ресурси и соодветна поддршка од институциите. Особено е важно долго поставуваното прашање за поврзување на СДИ со домашниот бизнис сектор – што е особено важно за дополнителен раст и развој на домашниот бизнис сектор и понатамошно зголемување/диверзифицирање на неговиот извозен капацитет. Во оваа насока може да се преземат неколку чекори: Креирање програма за поддршка на домашните компании кои сакаат да воспостават соработка со СДИ – креирање на посебна база ба податоци (дополнително платформа интерактивна) со профили на домашни компании добавувачи. Утврдување на тековни добавувачи на нашите СДИ надвор од државата и обид за нивно привлекување/контактирање со цел привлекување/спојување со домашни компании со сличен профил и потенцијал – ова дополнително ќе ја зголеми одржливост на постојните СДИ во земјава и ќе привлече нови инвестиции, а воедно ќе го зајакне капацитетот на домашниот бизнис сектор.
IV. Фискалниот простор, јавниот долг и поддршката од државата –
Фискалниот простор е значаен предизвик кој веќе “чука на врата” – јавниот долг над 60% значајно влијае на капацитетот на државата за преземање нови иницијативи, поддршка на домашниот бизнис сектор, фискалната дисциплина во економијата и справување со евентуални нови пандемиски/економски предизвици. Ефикасноста (фискална) на државата во оваа насока е императив – меѓутоа до неа не се доаѓа лесно и тоа е процес кој трае подолго време и бара исклучителна посветеност и дисциплина. Долго време чекаме не поголема ефикасност на институциите – најавените индикатори за резултатите/перформансите, фискалните правила/фискалниот совет, ефикасната реализација на капиталните инвестиции, одговорност и отчетноста за фискалните политики/трошења итн. Потребата од обезбедување на јавни приходи за покривање на идните потреби за сервисирање на долгот, а пред се за поддршка на бизнис секторот и креирање на политики за подобар стандард на граѓаните – ќе биде исклучителен предизвик. Борбата со неформалната економија е добра насока за зајакнување на фискалната позиција – меѓутоа периодот кој доаѓа ќе бара побрз одговор во рамките на кој ќе се појави потреба за изнаоѓање нови извори на финансирање (јавни приходи) – даноци –давачки и други јавни приходи. Тука се појавува сериозен предизвик – како во постпандемски период да се зголемат јавните приходи – како/од каде/ да се соберат. Потребна е особена внимателност и мудро менаџирање кое ќе мора да се базира на проширување на даночната база (унапредување на оданочувањето на имотите/богатството, животната средина, тутун, локални давачки итн.), намалување на неформалната економија, зголемување на фискалната ефикасност на институциите и што е особено важно зголемување на капацитетот на институциите (капацитетот на УЈП е неопходно значајно да биде унапреден) за мониторирање и собирање на јавните приходи. Ова треба да биде придружено со уште две работи – првото е управувањето со очекувањата на граѓаните и најавата дека периодот кој доаѓа од фискален аспект нема да биде лесен и второто, воздржување од најава на премногу оптимистички програми за зголемување пензии, плати, огромни пакети за поддршка итн.
V. Внимателно со растот на минималната плата – во контекст на претходното е повикот за внимателност со најавите за зголемување на минималната плата и промоција на концептот за често споменуваниот “раст базиран на плати” (кој е исклучително дискутабилен за мала и отворена земја како Македонија). Концептот на минимална плата има своја улога во подобрување на стандардот на граѓаните, како со социјална компонента – меѓутоа истиот се претвори во алатка за политичко наддавање меѓу партиите што може исклучително неповолно да влијае на подобрување на конкурентноста на македонската економија и ефикасноста на бизнис секторот во државата. Растот на платите притиска врз конкурентноста на корпоративниот сектор, во услови кога продуктивноста на трудот се намалува трета година по ред. Во оваа насока треба да се земат предвид и регионален диспаритети на платите/минимална плата и ефектите кои тие ги имаат на домашниот бизнис сектор. Ова дополнително го компликува порастот на цените и инфлационите тенденции кои во економската теорија директно се поврзуваат со спиралата на плати-цени.
VI. Стандардот на граѓаните и социјалната сфера – Заштитата на стандардот на граѓаните е исклучително важна компонента во време на пандемија и глобални и домашни социо-економски притисоци. Ова треба да се направи во услови на ограничени фискални средства, раст на јавниот долг и зголемена потреба од поддршка во различни социо-економски сфери. Оттука во оваа насока решенијата не треба да се бараат исклучително во обилни фискални мерки, субвенции и популистички јавни трошења – доаѓа време кога малиот фискалниот простор силно/вистински ќе притисне за адресирање на овие предизвици со унапредување на институционалните механизми (анализа на потребите и цената за задоволување), нови законски решенија, поголема контрола и таргетирање на поддршката итн. Во оваа насока потребно е јасно утврдување на ефектите од веќе имплементираните мерки и поддршка (не само мерките за справување со пандемија, еден пример се субвенциите во земјоделството) – дали има value for money, дали го постигнаа ефектот, дали се добро таргетирани, дали е потребно редефинирање.
VII. Мудро управување со глобалните (домашните) предизвици – енергетската криза и глобалниот раст на цените. Македонија е мала, отворена, увозно зависна економија, која голем дел од војот БДП го разменува со странство – во оваа насока глобалните тенденции и шокови директно се одразуваа на домашните социо-економски варијабли. Она што е важно е да се спомне дека негативните ефекти од овие надворешни шокови – не можат целосно да бидат елиминирани во домашната економија и политиките кои се преземаат можат истите само да ги ублажат и делумно елиминираат. Оттука домашните политички препукувања за последиците од истите треба да се намалат и фокусот да биде ставен на дебатата околу решенијата на истите – кои решенија, како и кога да се имплементираат. Во контекст на ценовниот шок и значајното зголемување на цените на неколку производи (меѓу кои и на енергијата) – иако постојат најави од повеќе релевантни институции (ММФ, СБ, ЕК) за стабилизирање на овие притисоци кон средината на 2022 година – сепак состојбата треба внимателно да се следи и доколку се јави потреба да се преземат: мерки на монетарната политики за ублажување на ценовниот шок во услови кога имаме дефакто фиксен девизен курс; мерки на фискалната политика за поддршка на ранливите категории граѓани (енергетски ваучери, субвенции, ослободувања итн.), како и во исклучителни случаи доколку се јави потреба административни ограничувања. Она што исто така е исклучително е важно е да се смират очекувањата и паниката која се шири на политичката/медиумската сцена затоа што истите може значајни да ги зголемат трошоците за справување со овие предизвици. Делот кој се однесува на енергетските предизвици е покомплексен (економски, глобален, геополитички –вклучувајќи го и домашниот капацитет за менаџирање на проблемот), мислам дека делумно ја научивме лекцијата и дека стратешки пристап тука ќе биде неопходен, кој ќе бара сериозно рекомпонирање на целиот систем на управување/обезбедување/мониторирање на енергетската одржливост во земјава.
VIII Квалитетот на институциите, отчетност, одговорност – Ова е клучен предизвик и “стара болка” која е пресудна за реализацијата и справувањето со секој од претходно наведените предизвици. За да не се повторуваме со бројните анализи и препораки во оваа насока, само ќе наведеме еден систематски приод кој ако доследно се спроведува може значајно да го унапреди институционалниот капацитет во земјава. Секој процес се состои од три компоненти – на едната страна се инпутите, во средината се активностите/процесите и на крај е контролата/евалуацијата. Во нашата приказна за институциите ова би значело дека во инпутите влегува квалитетот на јавниот менаџмент (директорите, министрите…), администрацијата, бизнис сектор, граѓани итн. Во активностите/процесите влегуваат креираните законски решенија, процедури, практиките, имплементацијата/спроведување на потребните задачи/активности кои со помошна инпутите треба да ги постигнат планираните цели. На крај се наоѓа контролата на очекуваните резултати и утврдување каде се наоѓаат тесните грла во целиот процес. Невозможно да имате успешна приказна во која -процесите/активностите се перфектни , а инпутите се несоодветно селектирани/вклучени, како и обратното – да обезбедите соодветни инпути кои ќе влезат во процес во кои не можат да ги остварат планираните цели. Тешко и скоро невозможно е да ги унапредите претходните два елементи доколку немате објективна контрола, која ќе ги лоцира тесните грла и нема да игнорира и замижува пред проблемите. Ва нашата состојба предизвиците се наоѓаат во секој од овие три сегменти и активностите за институционалната трансформација се неопходни во секоја од нив.
IX. Човечкиот капитал, образованието и односот образование-бизнис сектор – Ова е еден од клучните потенцијалите/факторите за развој на мала/отворена економија како што е Македонија, имајќи ги предвид ограничените природни ресурси, големината на земјата, технолошкиот/претприемачкиот потенцијал. Ова е сегмент во кој постои потреба во периодот кој доаѓа значајно да се вложува, менува, унапредува. Овде меѓу бројните ќе се задржиме на две прашања – едното е создавање на квалитетен кадар/работна сила низ добро поставен образовен процес, а вториот е задржување на работната сила која веќе е создаден во нашата земја (за која веќе е направен значаен општествен трошок – производството на еден доктор ја чини државата приближно 100,000евра). Ова не е лесна задача и бара промени, мерки реформи во секој сегмент од образовниот процес и трансформација на поврзувањето на образованието со бизнис секторот во земјава. Елаборацијата на образовниот процес ќе ја оставиме за друга прилика, овде кратко ќе ја елаборираме врската образование-бизнис –држава. Иако веќе подолг период прашањето за создавање на работен кадар согласно потребите на компаниите се третира и дискутира (посебно во средното стручно/дуално образование) се уште значајни сегменти остануваат отворени. Во последните неколку години се гледа тенденција за отворање на истражувачки/образовни центри во повеќе компании со цел унапредување на својот работен кадар и унапредување на производствените процеси. Ова укажува на јасната потреба дека конечно треба да ги реализираме идеите за научно-технолошки (образовни) паркови кои се реалност во соседните земји – што треба да овозможи од една страна поддршка на развојните/истражувачките процеси во компаниите и унапредување на квалификациите/капацитетите на потенцијалната работна сила. Државата исто така може значајно да се вклучи во овој процес и да ги зголеми своите инвестиции во истражување и развој (кои се едни од најниските во Европа) што може да биде од бенефит за двете страни. Ова во дел од развиените земји се прави преку државни конкурси за истражување и развој на теми/области од интерес за државата (креирањето на решенија и политики) – ова понатаму ќе овозможи значајна поддршка на државата во утврдување на можните решенија за конкретни предизвици со кои се соочува земјава, а од друга страна ќе го поддржи истражувањето и развојот во земјата и ќе влијае на зголемување на капацитетот на идната академска/образовна фела.
X. Политичката стабилност и кохезија – Последниот предизвик кој може значајно да ја замагли економската “шофершајбна” на земјата е политичката стабилност и кохезија. Ова клучно прашање е особено комплицирано да се постигне, пред се имајќи ги предвид последните случувања и политичка соработка/кохезија која видовме дека е исклучително ниска дури и во услови на пандемија – кога постоеше можност да се покаже политичката култура на македонската сцена. Консензусот за кој често се зборува мора да се постигне имајќи предвид дека дел од решенијата и потезите кои ќе треба да се носат во иднина надминуваат еден/два мандати на една политичка партија и ќе бараат одржливост на поставените патеки/проекти. Ниската политичка култура, постојаните политички конфликти, се разбира комбинирани со нискиот капацитет на институциите ќе бидат сериозен предизвик за носење на одржливи политики и решенија (зборувам за економската сфера) – посебно потребни, а болни чекори кои ќе треба да се преземат, а за кои политичките субјекти во својата “игра” ќе очекуваат да добиваат политички поени, без разлика што одложувањето на истите ќе биде на штета на граѓаните.
Се разбира нашата листа не завршува тука (ова е дискусија која треба да се води секоја недела/месец од годината која доаѓа), меѓутоа за едно предновогодишно издание беше доволно да се наведат генералните предизвици и правци, кои понатаму ќе треба да се разработуваат, дополнуваат, а што е најважно ќе треба утврдените решенија да се имплементираат. НЕ е едноставно да ја избришете само шофершајбната на “економскиот автомобил”, во значаен дел движењето на истиот зависи и од шоферот и кондуктерите кој истиот го возат – дали тие имаат положено регуларно или со врски, дали ја почитуваат сообраќајната (економската сигнализација), дали прават редовно технички преглед и дали не се буткаат кој да го држи воланот- кој да ја притиска кочницата, а кој куплунгот.