интервју
Проф. д-р Игор Спироски: За дебелината мора да се зборува и преку справување со неа може да се подобри продуктивноста
Проф. д-р Игор Спироски, специјалист по хигиена и здравствена екологија

Експертската јавност денес е сложна во однос на ставот за дебелината како болест, но истовремено и општеството треба на дебелината да гледа многу повеќе како проблематика со која системски треба да се занимаваат не само здравствените системи, туку и институциите за труд и социјална политика, како и бизнис заедницата. Има причина и смисла работодавците да научат за дебелината и да станат мотивирани да помогнат. Едноставно, зборувањето за проблемите и охрабрувањето на вработените околу здрав начин на живот е начин да се помогне.
Дебелината како тема и предмет на дискусија станува многу актуелна последните години. Добива карактер на проблематика која ги засега сите генерации независно од возраста и полот. Се разговара и дебатира во стручната јавност на широко во однос на категоризацијата и класификација на дебелината или обезноста, како што стручно се нарекува. Со д-р Игор Спироски, специјалист по хигиена и здравствена екологија и раководител на Одделението за исхрана и здравствено – хигиенски прегледи при Институтот за јавно здравје, токму по повод 4 март, Светскиот ден на дебелината, разговараме за дебелината, проблем којшто покрај тоа што го загрозува здравјето на населението, има и многу пошироки општествени и економски импликации.
Доктор Спироски, целта на нашиот разговор е да ни ги доловите актуелните ставови на експертската јавност во однос на дебелината. Затоа на самиот почеток би ве запрашал, што всушност претставува дебелината?
Дебелината или обезноста е сложена, повеќе факторска хронична медицинска состојба со последователно сериозно негативно влијание врз човековото здравје. Во последните 35 години има експоненцијален раст ширум светот со двојно зголемување на стапките на дебелината кај возрасните, при што работоспособното население е сериозно засегнато и тој факт треба да нè загрижи.
Дебелината како појава, независно од здравствените последици, често е предмет на стигматизација и со себе носи лажна перцепција дека е последица и вина на поединецот или недостаток на волја да се промени начинот на исхрана или пак е резултат на недостаток на физичка активност, што е само делумно вистина.
Морам да потенцирам дека постои обемна литература заснована на докази која ја позиционира дебелината како комплицирана хронична прогресивна медицинска состојба предизвикана од интеракција на повеќе генетски фактори, метаболички фактори, фактори на средината, како и социјални фактори.
Ќе споделам со вас интересен факт околу постоењето на генетската компонента на дебелината и таа е одговорна за дури 40-70% од ризикот за развој на дебелина. Ова нè носи до констатација дека доказите зборуваат за семејната историја на дебелината и поврзаноста со зголемен ризик од нејзино појавување. Не би навлегувал многу во медицинска терминологија, но доволно јасно и разбирливо е ако кажам дека во 2008 година е општо прифатен ставот дека дебелината е сложена состојба со многу меѓусебно причинско – последични поврзани фактори, при што многу влијанија во голема мера се надвор од контролата на поединците.
Би спомнал дека во сегашно време, експертската јавност е сложна во однос на ставот за дебелината како болест, но истовремено и општеството треба на дебелината да гледа многу повеќе како проблематика со која системски треба да се занимаваат не само здравствените системи, туку и институциите за труд и социјална политика, како и бизнис заедницата. Причината за тоа лежи во фактот што не зборуваме за индивидуален избор на начин на живот, едноставна метрика или пак рефлексија од недостаток на волја кај поединецот. Според последниот извештај на СЗО за Европскиот регион прекумерна тежина и дебелината влијаат на близу 60% од возрасните и речиси едно од три деца, што се фрапантни податоци. Зборуваме за пандемија во светски рамки која не смееме да ја потцениме од секој можен аспект.
Изненадувачки податок е дека лицата кои живеат со дебелина чекаат дури шест години во просек од соочување со проблемот пред да разговараат на оваа тема со здравствен работник. Причината лежи во фактот што го споменавте дека дебелината е често предмет на стигматизација и со себе носи лажна перцепција дека е последица и вина на поединецот или недостаток на волја. Токму поради ова, интересно е да се знае колку често се зборува за темата дебелина на работното место?
Дебелината на работното место е сè поголем предизвик за работодавците. Сепак, таа претставува незгодна тема за решавање. Зголемената тежина предизвикува проблеми со самодовербата, што води кон вистински страв од навреда дури и при самото дискутирање за дебелина на работа. Тоа е тема, која многу менаџери ќе ја избегнуваат за разговор со персоналот и не е типично прашање околу кое работодавците се вклучуваат во подигање на свеста. Исто така, лесно може да се третира бесчувствително или како стигма меѓу вработените, нешто што не смее да се смета за прифатливо во модерните, инклузивни општества, а со тоа и на работните места.
Дебелината е препознаена како состојба на болест, што е многу важно да биде прифатено и да го знаат и здравствените власти и работодавачите и раководните структури во организациите. Зошто работодавачите треба да ја имаат во фокус токму дебелината кај вработените?
Работата може да ги влоши предизвиците во контролирање на тежината на многу работници, особено кај оние кои најголем дел од денот поминуваат седејќи, како при возење, при работа на каса во продавници, во фабрики каде најголем дел од работата се одвива со седење на патот на производните линии, работници во т.н. call центри или голем број канцелариски работни места кои ја опфаќаат секоја деловна функција. Ризиците од седењето стануваат сè појасни. Неактивноста е јасно поврзана со прекумерната тежина и дебелина.
Дебелината придонесува за лошо здравје, функционални оштетувања, намален квалитет на живот, отсуство од работа со висока честота на боледувања, како и цела палета на сериозни болести и поголема смртност.
Дебелината е еден од најголемите ризици за појава на кардиоваскуларните болести, дијабетесот и некои видови на канцер, како и на покачен крвен притисок како посебен ризик фактор. Околу 60% од мажите и 50% од жените во Македонија, на возраст над 18 години, имаат зголемена телесна тежина или дебелина, а во таква состојба се и една третина од децата во државата.
Согласно на тоа, реалноста е дека работоспособното население од година во година е сè подебело. Дебелината и придружните ризици влијаат на работниците т.е. на нивната работоспособност. Важно е постојано да се потенцира дека постојат многу причини за појава на дебелина – индивидуалната генетика и психологија неизбежно играат одредена улога, заедно со економските фактори. Сепак, општествените влијанија и опкружувањето на луѓето се исто така значајни, а тоа ги вклучува: работната средина и влијанијата на колегите.

Недвосмислен е фактот дека дебелината предизвикува сериозни здравствени проблеми, кои последователно сериозно влијаат на продуктивноста на работното место. Среќавам податоци кои велат и дека постои поврзаност помеѓу дебелината и раната смрт. Ме интересира кои се најголемите проблеми кои произлегуваат од дебелината, а работодавачите и раководните структури во организациите треба да ги познаваат, како заради вработените, така и лично заради себе?
Подиректен проблем за работодавците е тоа што дебелината е поврзана со бројни придружни состојби кои може да се јават како последица од дебелината. Тие вклучуваат дијабетес тип 2, заболувања на срцето и крвните садови (вклучително коронарна срцева болест, мозочен удар), тромбоза, гихт, замастување на црниот дроб кое не е поврзано со консумирање на алкохол, камења во жолчка, некои видови на рак (на матка, јајници, дојки, дебело црево, хранопровод, црн дроб, жолчно ќесе, панкреас, бубрези и простата), оштетување („трошење“) на зглобовите, хронична грбна болка, гинеколошки проблеми (вклучително неплодност), астма, апнеа (престанок на дишење) при спиење и следствено послаб квалитет на сон, како и емоционални и психолошки проблеми како што се депресија и анксиозност. Дебелината е директно поврзана со раната смрт. Една од проценките сугерира дека дебелината е причина за 5% од сите смртни случаи ширум светот.
Пандемијата со КОВИД-19 донесе на површина многу теми кои дотогаш беа потценети. Така е и со дебелината, за која науката изнесе многу нови ставови и заклучоци. Дебелината стана нов фокус. Какви иницијативи се во функција во светски рамки?
Пандемијата дополнително го истакна прашањето за дебелината, бидејќи ограниченото движење и карантинот доведоа многумина да се здебелат. Што е уште поважно, постојат докази дека дебелината предизвикуваше посериозни симптоми на КОВИД, пролонгирани симптоми како и многу полош исход кај оние кои имаа дебелина, а беа хоспитализирани заради КОВИД-19. Секоја од горенаведените состојби може да предизвика повторени или долгорочни отсуства или боледување и да создаде тековни здравствени потреби на работното место. Студиите од повеќе земји покажуваат дека лицата со дебелина отсуствуваат повеќе денови од работа (absenteeism), за разлика од лицата без дебелина. Тие, исто така, работат со помалку од полн капацитет кога се на работа (presenteeism).
Во 2015 година сите земји во светот, преку Целите за одржлив развој (ЦОР), решија да се посветат на намалување на предвремената смртност од незаразни болести (НЗБ) за 30% до 2030 година (цел 3.4.1). Денес, малку од земјите се на пат да го остварат тоа. Пандемијата со КОВИД-19 значајно влијаеше на функционирањето и фокусот на здравствените системи кон НЗБ. Согласно податоците на СЗО, најчестите НЗБ (кардиоваскуларните болести, ракот, дијабетeсот и хроничните респираторни болести) се одговорни за 90% од умирањата и за 85% од годините кои населението во Европа ги живее со некаков инвалидитет и неопходно е здравствените системи повторно да го свртат вниманието кон овие болести.
Македонија не е исклучок во однос на НЗБ и факторите на ризик за нивна појава. Дури 96% од умирањата во земјата се поврзани со НЗБ, а 23% од нив се предвремени, на возраст меѓу 30 и 70 години, заради една од четирите најчести НЗБ.
Темата дебелина во организациите е малку присутна или воопшто не е тема на фокус. Во исто време е комплексна и следена со предрасуди и непознавање на можностите да помогнат и да направат разлика. Кој пристап би го препорачале Вие?
Има причина и смисла работодавците да научат за дебелината и да станат мотивирани да помогнат. Едноставно, зборувањето за проблемите и охрабрувањето на вработените околу здрав начин на живот е начин да се помогне. Препорачан пристап за работодавците кој дал резултат е пристапот кој ги следи следните чекори:
• Сфатете ја дебелината како болест и како ризик фактор за други болести;
• Користете ја најдобрата практика за да изградите здрави средини на работното место;
• Ефективно и со емпатија комуницирајте со вработените на тема дебелина.
Обезбедувањето насоки за менаџерите, кога се занимаваат со темата за дебелината на работното место, или какви било поврзани состојби со тоа, може да им овозможи да се справат со проблемот со поголемо разбирање и на информиран начин. Работодавците треба да преземат структуриран пристап за да се осигурат дека се свесни за проблемите, дека имаат сигурни извори на информации и ги разбираат достапните решенија. Има многу корисни информации за работодавците во врска со дебелината, кои се достапни на веб страницата на Светскиот ден на дебелината кој се одбележува секоја година во овој период, на 4 март.
Во текот на разговорот станува јасно дека дебелината е медицинска состојба која треба да ги загрижува здравствените работници, но не помалку и бизнис заедницата, работодавачите и раководните структури во организациите (како во приватниот, така и во јавниот сектор). Би ве прашал, зошто заедничката цел на сите засегнати страни треба да биде намалувањето на тежината и справувањето со дебелината? Освен видливиот ефект на физичкиот изглед што може да се очекува?
Во текот на разговорот веќе споменав една цела плејада на коморбидитети и компликации од дебелината. Зголеменото губење на тежината е поврзано со подобрување на многу од овие токму споменати коморбидитети поврзани со дебелината
Дозволете да ви илустрирам преку неколку факти. На пример, дали знаете дека само 5% губење на тежината е поврзано со намалување на систолниот и дијастолниот крвен притисок и намален HbA1с (просечно ниво на гликоза во крвта) за период од 8-12 недели (околу 3 месеци).
Поголемото губење на тежина носи повеќе придобивки за поединецот. Губењето на тежината од 5-10% е поврзано со намалување на триглицеридите, зголемување на добрите масти, а намалување на нивото на лошите масти, подобрување на репродуктивната функција кај жените; превенција на дијабетес тип 2, итн.
Не смееме да го игнорираме и фактот кој што е познат дека дебелината е често видена кај луѓето на раководни и менаџерски позиции. Многу често за дебелината се употребува и терминот менаџерска болест. Тоа доаѓа од таму што оваа категорија на луѓе се во висок степен изложени на факторите на стрес влијание, мрсна исхрана, нарушен и нерегулиран сон, висок процент на употреба на дигитални можности за комуникација со статична позиција при работа итн.
Токму затоа кај оваа категорија на менаџери и раководители, кардиоваскуларните заболувања и дијабетесот се високо застапени. Од тука произлегува прашањето, колку треба да ја намалат телесната тежина и зошто би го сториле тоа. Повторно ќе илустрирам со факти. Намалувањето од 10-15% од телесната тежина придонесува за значително подобрувања на заболувањата на срцето и крвните садови, додека над 15% губење на тежината може да доведе дури и до исчезнување на симптомите на дијабетес тип 2, особено кога траењето на дијабетесот е кратко. Подобрувања на срцевата слабост и намалување на кардиоваскуларната смртност е потврден бенефит кој треба да биде доволен мотив за намалување на телесната тежина и справување со дебелината.
Базирано врз она што го споделивте досега, сосема е јасно дека проблемот на дебелината треба да биде во фокус на секоја организација. Дали можете да им предложите на работодавачите и раководните структури во организациите (како во приватниот, така и во јавниот сектор) практични активности и совети за справување со дебелината на работното место?
Работодавците можат да помогнат и на многу практични начини, како што се:
• Создавање иницијативи за управување со тежината на работното место, поддржани од професионалци обучени за исхрана, вежбање и управување со тежината;
• Поддршка за справување со тежината според постоечките одредби за здравственото осигурување на компанијата и програмите за помош на вработените;
• Директните даватели на угостителски услуги да вклучат поголем дел на здрави опции во кантините и автоматите за храна присутни во објектот каде се служи храната на работното место;
• Физичката активност треба да се поттикнува – СЗО советува 150 минути активност со умерен до силен интензитет неделно;
• Се препорачува прекинување на долги периоди на седење;
• Спонзорирање и поддршка на оние кои се занимаваат со фитнес заради надминување на своите здравствени предизвици;
• Таму каде е можно, да се користат стоечки маси – тие стануваат сè попопуларни меѓу канцеларискиот персонал;
• Персоналот би требало да се охрабрува да користи скали наместо лифтови.
Промената на условите на работното место и на стилот на живот за спречување на дебелина или за третирање на истата се многу важни во процесот на надминување на тој здравствен проблем. Сепак, склони сме кон пронаоѓање на брзи решенија доколку гледаме дека претходните активности не даваат резултати. При тоа, треба да се спомне дека препорачаниот пат за справување со дебелината, посебно во услови каде со истата се справува работоспособно население, е еднаков како и кај препораките за општо население, односно промените во животниот стил, доколку не дале резултати, да се надополнат со фармаколошки третман на дебелината.
Отворивме многу теми поврзани со дебелината, влијанието врз здравствената состојба, работните процеси и продуктивноста. Евидентно е дека организациите дебелината треба да ја имаат во својот фокус не зависно што на прв поглед изгледа дека е здравствен проблем со кој треба да се занимаваат здравствените работници. Мојот заклучок од разговорот би бил дека преку справувањето со дебелината, влијаеме позитивно на продуктивноста. Што вие би сакале да сумирате како заклучок на крај и препорака?
Сите чинители во општеството и заедницата треба бидат свесни за фактот дека дебелината е сложена мултифакторска прогресивна болест која не зависи од волјата на поединецот и дека истата е поврзана со зголемен ризик за развој на многу незаразни болести со последователен економски директен и индиректен импакт по заедницата, здравствените системи и бизнис заедницата. Поради влијанието на дебелината врз поединецот во сите аспекти, истата треба да биде високo на агендата на општеството, здравствените системи, организациите, работодавачите, но и на личната агенда на поединецот со свесност за последиците, компликациите и можностите за справување. Не смееме да го игнорираме фактот дека неодамнешните проценки токму на СЗО зборуваат дека прекумерната тежина и дебелината се четвртиот најчест фактор за ризик за незаразни болести непосредно по високиот крвен притисок, по ризиците од исхраната и тутунот. Дебелината е поврзана со поголем морбидитет и морталитет (смртност) од КОВИД-19, поради што сите инволвирани нè повикува на акција стратешки да развиваме модели и концепти за справување со дебелината.

Постојат и ефикасни фармаколошки третмани за справување со дебелината
Спомнавте различни начини за справување со дебелината меѓу кои и фармаколошки третман на дебелината кој многу често се опишува како ефикасен начин за справување со дебелината во западноевропските земји. Какво е вашето мислење и дали оваа опција е достапна и во нашата држава?
Ова го зборувам зашто честа е праксата овој третман да се прескокне и да се оди директно на оперативен третман, т.н. баријатриска хирургија, која на хируршки начин стимулира намалување на телесната тежина со анатомски промени во нашиот систем за варење на храната.
Истата е оправдан третман при строго дефинирани индикации, но, најголемиот дел на работници спаѓаат во популациска група која справувањето со проблемот кој не успева да се реши со промени во животниот стил треба да го продолжи со следното ниво на третман, односно со фармаколошки третман на дебелината, особено зашто опциите за истиот се веќе достапни и за населението во Македонија. Но, да нагласам, говорам за лекови кои се препорачани од доктор според медицинските упатства за третман на дебелината, а не за „лекови“ кои всушност се разни суплементи, напитоци и слично со недокажана ефикасност и безбедност.
Менаџерите би требало да ги поддржат своите вработени во овој предизвик и да им го овозможат овој тип на лекување, во рамки на нивните шеми за здравствено осигурување. Секако, се очекува дека вработените кои ќе успеат да се справат со овој предизвик со поддршка од своите претпоставени, ќе бидат многу помотивирани учесници и чинители во работниот процес на компанијата или организацијата.