Connect with us

интервју

Проф. д-р Кочо Анѓушев: Енергетската транзиција е наша иднина, но и предизвик да се направи на правилен начин, за да не се претвори во поголем проблем отколку решение

Проф. д-р Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација

објавено

на

Ние немаме многу алтернативи, мислам дека треба да продолжиме со активностите за гасно поврзување и создавање на гасни интерконектори со соседите, но паралелно мора да ги искористиме ресурсите кои ги имаме. А што имаме? Она што природата ни го дала: вода, ветер, сонце и знаење да ги применуваме модерните технологии. Повторно би истакнал дека мора да инвестираме во диверзифицирани обновливи извори од сите типови, тоа се веќе познати технологии и техники и да влеземе брзо во чекор со модерниот свет, а посебно  да почнеме со развојот на системи за складирање, кои ги има во неколку варијанти.

Преку 20 години искуство во енергетиката, прво како научник, потоа и со практична примена на стекнатото знаење, преку раководно место во Електростопанството на Македонија, потоа како приватен бизнисмен и инвеститор во обновливи извори на енергија и во секторот трговија со електрична енергија и две и пол годишно искуство како вицепремиер во македонската влада, го позиционираат проф. д-р Кочо Анѓушев како еден од најискусните и најупатените личности во нашата земја кога станува збор за прашања поврзани со енергетски теми. Во време кога енергетиката е „жешка“ тема за стопанството зборувавме со Анѓушев за актуелните прашања за енергетика и дознаваме дали навистина нашата земја има потенцијал да стане енергетски центар и најпосле, по 30 години државна независност, да имаме и енергетска независност и стабилност на електроенергетскиот сектор во подолг временски период.

Енергетиката е актуелна тема изминатава година, високите цени на енергенсите на европските берзи влијаеја на цената и во нашата земја, особено за компаниите кои се на слободен пазар. Вие како претседател на Македонската енергетска асоцијација имате увид во сите случувања, како ги коментирате актуелните случувања во енергетиката?

Во право сте, високите цени на европските берзи, особено на унгарската берза HUPX и бугарската берза IBEX, кои имаат најголемо влијание за формирање на цените на електричната енергија и во Северна Македонија, придонесе  компаниите во нашата  земја да доживеат сериозен удар изминатата година. Притоа, тие изгубија и добар дел од конкурентноста во споредба со фирмите од соседните земји.

Ние, во Македонската енергетска асоцијација, која е дел од најголемата комора, Стопанската комора на Северна Македонија, уште пред почетокот на енергетската криза во голема мера ги предвидовме случувањата и предложивме сет на мерки за да полесно се излезе од кризата.

Граѓаните и малото стопанство останаа заштитени и тоа е добро, се интервенираше и во олеснувањето на процедурите за поставување на фотоволтаици, сепак  администрацијата се уште не е доволно ажурна во овој дел, што неповолно влијае на текот и реализацијата на целиот процес.

Со последните мерки се обезбедија повластени, субвенционирани цени и за прехранбените компании. Но, огромен број компании кои се на слободниот пазар, а тоа се оние со над 50 вработени и над 2 милиони евра годишен приход, не беа воопшто поддржани. Тие се најголеми потрошувачи на електрична енергија и се носители на економската активност. Станува збор за 2000 -2500 компании кои вработуваат  околу 150 000 лица, креатори се на производството, извозот, а уште поважно е што се директни работодавачи на помалите компании. Тоа е врзан круг.

Големите компании влегоа во дополнителни инвестиции за да изградат фотоволтаици за нивни потреби и тоа е нешто кое го поддржувам и охрабрувам и со сегашните цени на електрична енергија мислам дека ќе помогне, но само во одредени периоди.

Затоа, би сакал да ја поттикнам Владата да биде подготвена, во услови на идни потреси на берзите, да предложи сет мерки со кои ќе се поддржат и големите компании. Една од мерките би можела  да биде  субвенционирање на дел од средствата кои се плаќаат за електрична енергија, како што прават и другите држави во регионот. Во спротивно, стравувам дека добар дел од компаниите целосно ќе запрат, а ако запрат големите компании, застанува целиот циклус.

Кај нас е сега огромен интересот за фотоволтаици, тоа е во ред, но сепак треба да имаме одредена контрола и план во целиот тој процес, затоа што ако претераме со инсталирање на фотоволтаици, ќе се доведеме во ситуација да имаме огромна количина на енергија од сите електрани во ист момент, која ќе нема каде да ја пласираме. Тој огромен наплив на енергија би можел да доведе во тие моменти цената да дојде до 0, па самите инвеститори да немаат исплатливост на инвестицијата. Треба да бидеме свесни дека тоа што се случува кај нас се случува и во соседните земји. И тие градат капацитети од обновливи извори, па едноставно ќе нема каде да ја извеземе енергијата.

Што е она што треба да го правиме како земја за да во иднина не се најдеме во слична ситуација? Времето не можеме да го вратиме назад, 30 години ни се неповратно изгубени, нема големи инвестиции во енергетиката, но дали може да се поправи оваа ситуација?

Јас и на неодамнешната владина конференција реков дека Северна Македонија може да има посветла иднина и да биде  енергетски понезависна.

Што би требало да се прави? Па, мислам дека не треба многу да филозофираме, туку да го применуваме она што веќе го детектиравме и предложивме како мерки.

Веќе донесовме една комплементарна и долгорочна Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, по мое мислење станува збор за одличен документ во кој се содржани различни варијанти и правци на делување, а сите тие тежнеат кон зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.

Стратегијата има три сценарија и сметам дека треба да продолжиме да го спроведуваме „зеленото сценарио“.

Тука сакам да нагласам, потребно е да се инсталираат капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори од сите видови и типови. Тоа е затоа што секој од типовите на обновливи извори има различен квалитет и квантитет на производството на електрична енергија, во зависност од времето во денот, но и годишниот период.

На пример , електраните на биогас и биомаса, се некој вид на електрани кои обезбедуваат стабилна енергија 24 часа дневно, седум дена во неделата, 365 дена во годината и може да се каже дека квалитетот кај нив е највисок. Потоа следуваат хидроелектраните, бидејќи нивото на водите може да се предвиди на подолг рок или ако се поголеми акумулации, може полесно да се контролира. Потоа се ветерните електрани, кои вообичаено се градат на места каде има повеќе ветер, исто така може да се предвиди нивното производство полесно, а најнизок квалитет имаат соларните електрани или фотоволтаиците, како што ги нарекуваме. Тие произведуваат најмногу од март до октомври и нивното производство е врзано со сонцето, ако се земе во просек 80% од нивното производство ќе биде во 20% од времето во годината.

Само баланс помеѓу различни видови на енергија е решение. Доколку тој баланс не се воспостави, тогаш ќе се соочиме со поголем проблем отколку што ова би било решение.

Кај нас е сега огромен интересот за фотоволтаици, тоа е во ред, но сепак треба да имаме одредена контрола и план во целиот тој процес, затоа што ако претераме со инсталирање на фотоволтаици, ќе се доведеме во ситуација да имаме огромна количина на енергија од сите електрани во ист момент, која ќе нема каде да ја пласираме. Тој огромен наплив на енергија би можел да доведе во тие моменти цената да дојде до 0, па самите инвеститори да немаат исплатливост на инвестицијата. Треба да бидеме свесни дека тоа што се случува кај нас се случува и во соседните земји. И тие градат капацитети од обновливи извори, па едноставно ќе нема каде да ја извеземе енергијата.

Затоа ни треба и план и инвестиции во енергетика, во системи за складирање на енергија, која би ја користеле во време кога нема да произведуваат фотоволтаиците, но и наоѓање на алтернативни начини на електричната енергија да ја трансферираме во друг облик.

На што конкретно мислите кога велите системи за складирање и дали тоа е воопшто изводливо во нашата земја?

Видете, ние почнавме со еден комплементарен процес, кој се нарекува енергетска транзиција и подразбира премин на производство на електрична енергија од технологии кои загадуваат, во технологии кои се целосно еколошки. Во таа транзиција, гасот како гориво би требало да ни биде транзитен дериват, кој исто така загадува, но драстично помалку од јагленот, мазутот, нафтата и слично.

Сепак, со сегашното темпо, мислам дека се оди до уште поголемо забрзување на транзицијата и секоја од земјите мора да се прилагодува на состојбите и да ги користи ресурсите на располагање.

Ние немаме многу алтернативи, мислам дека треба да продолжиме со активностите за гасно поврзување и создавање на гасни интерконектори со соседите, но паралелно мора да ги искористиме ресурсите кои ги имаме.

А што имаме? Она што природата ни го дала: вода, ветер, сонце и знаење да ги применуваме модерните технологии. Повторно би истакнал дека мора да инвестираме во диверзифицирани обновливи извори од сите типови, тоа се веќе познати технологии и техники и да влеземе брзо во чекор со модерниот свет, а посебно  да почнеме со развојот на системи за складирање, кои ги има во неколку варијанти.

Во однос на водата, веќе половина век се зборува за хидроелектраната Чебрен, се надевам дека веќе на зборувањето ќе му дојде крај и ќе преминеме на дела. Овој хидро систем, кој претставува реверзибилна електрана, тоа значи со две езера на различни нивоа, би бил одлично решение за справување со вишоци на енергија. Односно кога имаме вишоци, таа енергија да се користи за пумпање на водата кон горното езеро, а кога имаме потреба од енергија, истата вода да се пушта кон пониското езеро и на тој начин да создава струја. Тоа е одлично за балансирање и стабилност на системот.

За поздравување е што батериите како системи за складирање се веќе дел од Законот за енергетика и тука мора што побрзо да се завршат подзаконските акти за да се опфатат сите аспекти поврзани со батериите. Тоа го велам бидејќи веќе наредното лето би можеле да се соочиме со првите проблеми и доколку не ги решаваме навремено и тие ќе продолжат да растат.

Мој предлог е да имаме три типа на батерии за складирање на електрична енергија: првите да бидат дел од електрана која произведува и во нив да се складираат вишоци на електрична енергија, вторите да бидат во рамки на индустриски капацитети кои имаат сопствени обновливи извор, најчесто се тоа фотоволтаици, па да ги користат за свои потреби и кога имаат потреба и третите би биле потполно независни батериски системи, кај кои, оние производители кои се помали и немаат капацитет да развијат сопствени, би ја складирале енергијата.

До пред неколку години зборувањето за водород како погонско гориво беше сфаќано како далечна иднина, и со право, бидејќи технологиите не беа развиени и се појавуваа големи предизвици пред се во складирањето  на водородот, поради големите притисоци. Денес е веќе реалност дека водородот може да биде погонско гориво и веќе имаме примери на возила, бродови и авиони кои користат водород. Имаме пример и во Македонија, во БРАКО е произведено првото возило во светот за одржување хигиена во урбани услови од линијата „Грин Машинс“ што работи на водороден погон. Затоа велам, технологиите одат напред и ние мора брзо да скокнеме повеќе чекори и да бидеме во тек со современите трендови.

Вие веќе некое време зборувате и за водородот како гориво на иднината, а споменавте и дека вишоците на електрична енергија би можеле да се искористат за производство на водород, како погонско гориво. До каде се тие технологии?

До пред неколку години зборувањето за водород како погонско гориво беше сфаќано како далечна иднина, и со право, бидејќи технологиите не беа развиени и се појавуваа големи предизвици пред се во складирањето  на водородот, поради големите притисоци.

Денес е веќе реалност дека водородот може да биде погонско гориво и веќе имаме примери на возила, бродови и авиони кои користат водород. Имаме пример и во Македонија, во БРАКО е произведено првото возило во светот за одржување хигиена во урбани услови од линијата „Грин Машинс“ што работи на водороден погон. Затоа велам, технологиите одат напред и ние мора брзо да скокнеме повеќе чекори и да бидеме во тек со современите трендови.

Инаку, водородот се добива на едноставен начин, со проста електролиза, хемиски процес кој е познат преку два века.

Едноставно, преку пример ќе ви го илустрирам процесот. Имаме фотоволтаична електрична централа, која произведува струја. Да земеме дека таа струја во моментот е вишок и не може да се пушти во системот или пак цената на струјата е ниска и е неисплатливо да се продава, па ја користиме за да предизвикаме електролиза  на водата од која ги одделуваме водородот и кислородот. Водородот потоа се складира и се става во хидрогенска ќелија која произведува струја. Водородот всушност повторно се соединува со кислород од околната атмосфера и нус производ е чиста вода и добиена електрична енергија како инверзен процес од електролизата. Со тоа кругот е затворен со нула загадување и имаме најеколошки начин на користење на енергија.

За крај, еден кус заклучок. Каде сме и каде треба да одиме кога станува збор а енергетиката?

Не би зборувал каде сме, повеќе би рекол дека треба да се свртиме кон иднината и изминатите 30 години да ни служат за поука, а не за дневно – политички препукувања, бидејќи е евидентно дека се направени многу пропусти низ годините.

Едноставно, мора да се свртиме кон она што го имаме како ресурс и да планираме долгорочно. Пред се мислам на природните извори на енергија, биогас, биомаса, вода, ветер, сонце, мора плански да ги користиме за да имаме бенефит, а паралелно   забрзано да работиме на примена на современи технологии.

Ова пред се важи за бизнисот, во бизнисот многу побрзо се прилагодуваме во однос на државниот апарат, но секако дека и она што е почнато од државата мора да се заврши и административно и во поглед на проекти на терен.

банки3 часа ago

Ти само орочи, заштедата сама ќе дојде! – ПроКредит со нова понуда за штедење

македонија2 дена ago

Брако ги помогна проектите на Општина Велес со еден милион денари

банки3 дена ago

Стопанска банка а.д. Битола прослави 75 години работа

банки3 дена ago

ПроКредит Банка прослави 20 години постоење на македонскиот пазар

интервју3 дена ago

Петар Ниновски: Бреинстер се позиционира како лидер на пазарот со раст од речиси 100% во последните две години

економија5 дена ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up1 недела ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании1 недела ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион1 недела ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија1 недела ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите