интервју
Проф. д-р Марјан Петрески: Инфлацијата е доминантно увезена, немаме притисоци од домашната побарувачка
Проф. д-р Марјан Петрески, Универзитет Американ Колеџ Скопје

И покрај тоа што инфлацијата несомнено е доминантно увезена, не треба да игнорираме евентуални домашни фактори на инфлацијата, без оглед колку во одреден момент изгледаат мали. Препознавам два такви. Првиот е големиот пораст на минималната плата во април годинава, што низ призма на цените, покажа мал притисок кај одредени ценовни компоненти. Вториот знак е што притисокот врз цените на храната на глобално ниво е значајно намален, но тоа не е пресликано кај нас. Оттука, мислам дека значаен дел од големиот раст на цените на храната кај нас веројатно може да се припише на маржите од трговците и производителите -преработувачи.
Инфлацијата во Македонија секојдневно им предизвикува главоболки на граѓаните и компаниите, од месец во месец индексот на трошоците за живот е сè повисок, па најновиот податок за септември беше дека стапката е 18,7%, според државната статистика.
Државните надлежни институции неколку пати веќе ја ревидираа прогнозата за годишната стапка на инфлација, но и независните истражувачки центри, излегуваат со свои влошени проценки. Па, така и економскиот институт Finance Think изврши нагорна корекција на стапката на инфлација од 9,7% на 12,3% со „доза на неизвесности и нагорни притисоци“.
Со Марјан Петрески, редовен професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, разговаравме околу ситуацијата со инфлацијата и што можеме како економија да направиме за ублажување на последиците. Проф. Петрески периодов е на привремен престој во Чикаго, САД, па искористивме прилика да се информираме од лице место и за тамошните прилики поврзани со инфлацијата.
Професоре, Вие сте периодов на престој во САД, каков е вашиот впечаток од она што го гледате таму, се чувствува ли нервоза во јавноста поради инфлацијата што ФЕД толку очајнички се обидува да ја заузди? Како е на терен, растат ли секојдневно цените на артиклите? Деновиве прочитавме и коментари на најсилните мејнстрим медиуми таму дека ФЕД ја губи всушност битката со инфлацијата…
Овде, како и во голем дел од светот, инфлацијата е топ тема и во медиумите и меѓу населението. Интересно е што во последните месеци растот на цените забавува, но базната инфлација, која ги исклучува храната и енергентите, забрзува, што говори за посилно пренесување на шокот врз широката потрошувачка кошничка и е поробустен индикатор за идната инфлација. Во таа смисла, инфлацијата е попостојана споредено со очекувањата, како и во смисла на острата реакција на Фед, а се аргументира дека таа упорност произлегува од растот на трошоците за домување.
Оттука, и очекувањата се дека Фед ќе продолжи со позначајни зголемувања на каматната стапка. Интересно е дека пазарот на труд – вработувањата и платите – е многу силен, што Фед го наведува како значаен извор на притисоците врз цените и го користи како главен аргумент за значајни затегнувања на монетарната политика, односно оценува дека штетата од млак пристап кон инфлацијата би била поголема од штетата која ќе настане за домаќинствата од пораст на трошоците за финансирање, за разлика од Европа каде ова “вагање“ на штетите е поизбалансирано. И, ако е за утеха, и овде често се изнесува аргументот дека корпорациите ги држат своите цени високи, иако цените на нивните инпути се намалуваат.
Инаку, она што јас го гледам на малопродажните места е дека цените на некои основни прехранбени производи како лебот и млекото не се променија од август откога сум тука, а кај цените на бензините дури има и некое благо намалување. Но, генерално цените се високи; во Чикаго, каде што се наоѓам, се и за 20-тина проценти повисоки од американскиот просек, така што севкупно земено скапотијата и дебатите што ние моментално ги водиме во Македонија се присутни и овде.
Да се вратиме сега на македонски терен… Прво, да пробаме да ја демистифицираме инфлацијата… Колку е таа всушност “увезена“, а колку има домашна компонента во неа?
Нема дилема дека таа е доминантно увезена, а последица на тектонските промени кои настанаа на глобалната политичко – економска сцена со руската инвазија врз Украина. Со нарушувањата на глобалната понуда на добра кои ги извезуваше Русија, а кои се надоврзаа на ребалансирањето по пандемијата, понудата и побарувачката на пазарот бараат нова рамнотежа, на повисоко ниво на цени.
Но, вашето прашање претпоставувам произлегува од фактот што растот на цените се прошири врз целата потрошувачка кошничка, што скоро целосно е пренесен ефект. На пример, во септември годинава имаме годишен раст на цените кај ресторани и хотели од 26.1%, што е компонента на базната инфлација, а за што веројатно сите ќе се сложиме дека е резултат на растот на цените на храната и на енергенсите, а не на засилена домашна побарувачка. Дека генералната побарувачка ослабува говорат и други индикатори, како на пример потрошувачките кредити чиј раст забави во август на 6.4% од 7.3% на почетокот од годината, а во истиот временски распон вкупните кредити го одржале своето темпо. Воопшто, падот на реалната плата ќе ја повлече и потрошувачката надолу.

Меѓутоа, не треба да игнорираме евентуални домашни фактори на инфлацијата, без оглед колку во одреден момент изгледаат мали. Препознавам два такви.
Првиот е големиот пораст на минималната плата во април годинава, што низ призма на цените, покажа мал притисок кај одредени ценовни компоненти, на пример кај услугите за домување и кај некои лични услуги, згора што ја зголеми социјалната тензија во врска со очекувањата за раст кај друг сегмент од платите.
Вториот знак е што притисокот врз цените на храната на глобално ниво е значајно намален, но тоа не е пресликано кај нас. На пример, индексот на цените на храната од ФАО во септември 2022 изнесува 136.3, и паѓа шести месец по ред, односно откако го достигна врвот од 159.7 во март 2022. Спротивно на овие тенденции, кај нас цените на храната достигнаа врв во септември 2022, раст од 29.8% на годишна основа, a кај некои подгрупи како леб и масла, растот е над 40%. Оттука, значаен дел од овој голем раст веројатно може да се припише на маржите од трговците и производителите -преработувачи.
Зошто во Македонија е повисока инфлацијата одошто во други земји во регионот, како и западните земји од ЕУ?
Едната причина е однесувањето на одредени чинители, како што објаснив погоре, кое може да е различно во различните земји.
Друга причина е, секако, тежинските фактори на одделните компоненти. Во индексот на потрошувачките цени, храната има повисок тежински фактор во посиромашните земји, на пример во Македонија тој е 360 (од 1000), а во ЕУ во просек 159, значи повеќе од двојно помалку.
Трета причина е зависноста од увоз на енергија, особено уделот на домашното производство на струја во вкупната потрошувачка, во кој сегмент Македонија стои полошо од соседите, и секако поголемата енергетска интензивност на нашата економија.
Четврта причина е реакцијата на владите, односно мерките што тие ги презеле во сегментот на ограничување на цените, маржите, намалување на индиректните даноци, линеарните субвенционирања. Сите овие фактори земени заедно даваат повисока инфлациска стапка во Македонија од европскиот просек.
Гледаме периодов мноштво анализи и дебати во западните медиуми околу тоа колку централните банки низ светот добро или лошо ја водат борбата против инфлацијата… Кој е вашиот став, генерално дали ФЕД и ЕЦБ, и следствено останатите монетарни власти кревајќи ја основната каматна стапка можат да успеат во своите намери или не е тоа доволно?
Монетарната политика е клучна во справување со инфлациските притисоци и може да биде исклучиво ефикасна во ситуација кога економијата е прегреана, односно кога ценовните притисоци се предизвикани од вишок потрошувачка. Бидејќи сегашната ситуација е сосем различна, легитимно е прашањето што една централна банка може да стори, а што не.
Бидејќи е јасно дека шокот е на страната на понудата, било која реакција на централна банка, посебно ако не е глобален играч, нема да промени ништо во однос на глобалните ценовни движења кои се пресликуваат и дома, туку со нагло затегнување може само да го „убие“ растот, кој и самиот е под негативно влијание од тековните глобални случувања.
Единствено поле на кое централната банка може да влијае во тековниот контекст е „зауздувањето“ на инфлациските очекувања и да превенира дека тие ќе се вградат во, на пример, колективните договори и воопшто во среднорочните барања на синдикатите за пораст на платите, во кој случај тешко се излегува од тој круг на цени и плати, а каматните стапки ќе треба да останат постојано високи во подолг период.
Оттука, централната банка, во сегашните околности, води и ќе води политика на постепено нормализирање. Треба да имаме предвид дека иако изворот на сегашната инфлација е заеднички за многу држави ширум светот, сепак тие имаат и свои специфики. На пример, јасна е разликата меѓу САД и ЕУ: во САД, иако се водат спротивставени дебати, инфлацијата има повеќе домашни корени отколку во ЕУ, поради што и реакцијата на ФЕД е поостра од таа на ЕЦБ.
Богатите земји имаат многу повеќе финансиски можности да им помогнат на своите граѓани и компании во ублажување на ценовните шокови, енергијата пред сè, Македонија се обидува преку пакетот владини мерки да го прави истото, во многу поскромен обем се разбира. Како ги оценувате најновите мерки, дали се добро конципирани?
Мојот став по однос на тоа прашање на почетокот на кризата беше дека мерките треба да се таргетирани, и тој став го задржав до денес. Денес гледаме дека сите чинители веќе го сугерираат истото, а владата излезе со таргетирани мерки дури пред две недели, што сами по себе се коректни, меѓутоа се бројат на прстите од едната рака.
Наспроти тоа, голем дел од линеарните мерки останаа во сила, а тие подразбираат дека поддржуваат и домаќинства кои може да го поднесат товарот на кризата сами. А, тоа е важно бидејќи фискалниот простор е истрошен, условите за задолжување на приватните пазари значајно се заострија. Оттука, очекувањето ми беше дека новиот пакет мерки значајно ќе ја намали линеарната компонента, а ќе стави голем фокус на таргетираната компонента.
Втора работа која е важна покрај таргетираноста е мерките да не траат предолго, бидејќи креираат очекувања кај економските агенти дека државата е тука за да им пружа неограничена помош. Со ова имаме генерален проблем во Македонија, кој главно се гледа преку растечките и разновидни субвенции, но тоа е поширока тема која излегува надвор од сегашната криза.
Компаниите и граѓаните бараат сè поголема помош од државата, државата пак ќе има сè попразен буџет затоа што ќе пропаѓаат бизниси, големи компании прекинуваат производство, итн. Влезени сме во своевиден маѓепсан круг… Како да се најде најизбалансирано решение според вас, како да се направи „тријажа“, кому прв да се помогне?
Од таргетираните мерки не треба да бидат исклучени ниту компаниите, особено оние кои имаат здрави темели и/или кои се големи работодавачи, а кај кои шокот од цените на енергентите може да значи неповратни загуби за економијата во целина. Притоа, ако компанијата е генерално профитабилна, било каква државна помош треба да биде не само краткотрајна, туку и да побарува од идните профити или да постави некој друг услов, меѓутоа важно ќе ѝ помогне на компанијата да го преброди моменталниот шок.
Прашањето за прекинот со производството кај одредени индустрии излегува пошироко од оваа рамка, бидејќи тој проблем станува глобален, или европски во најмала рака. Во тој сегмент, мислам дека глобалната и координирана акција на владите во рамки на глобалните и европските институции и иницијативи треба првенствено да се насочи кон стабилизација, со цел таквите затворања на фабриките да може да бидат што е можно пократкотрајни.
Видете, во моментов ударот од цената на енергентите е голем, неизвесноста е голема, па оттука и паниката и разногласието се присутни на глобалната сцена. Координираната акција треба да влијае смирувачки, а да се претпоставува дека затворањето на големи фирми со здрави фундаменти ќе биде трајно, мислам дека е моментална и претерана реакција. За нас е тоа важно за да не дојде и до некакви нагли капитални одлевања.
Владата најави и план за фискална одржливост, планирани се и некакви кратења на плати во јавна администрација, синдикатите веќе остро реагираа поради тоа… како го оценувате тој план на владата и што би коригирале евентуално во него?
Од достапните информации во медиумите, добив впечаток дека станува збор за обид да се изврши поголема рационализација на расходната страна на буџетот преку укинување или одложување на трошења кои не се есенцијални. За такво нешто, експертската јавност говори долго време и тоа е препорака валидна и за нормални услови на функционирање, што ако се случеше навремено, сега буџетот ќе беше во подобра кондиција.
Консолидацијата не треба да почне од платите, особено не во услови на криза, туку од другите ставки, како договорните услуги, субвенциите и сл., кои кријат многу сиви зони.
Од друга страна, помош на економската активност ќе биде поажурното извршување на капиталните расходи, што исто така е стара препорака. На приходната страна, предложената консолидација кај некои даночни ослободувања изгледа разумна, додека некои предлози како социјални придонеси на договори за повремено вршење работа се само непромислен обид за полнење на буџетот каков што неуспешен имаше и владата на Груевски во 2015. Севкупно, дел од предлог – даночните измени доаѓаат во несреќно време, кога се наоѓаме пред извесна стагнација и најразумно е да се одложат.