економија
Расте животното осигурување, но само 18% од полисите се со штедна компонента
Осигурителен пазар во Македонија

Бројот на граѓани кои го осигуриле својот живот според најновите податоци надмина 15 отсто од целото население, согласно со податоците од последниот попис спроведен лани. Од сите осигуреници 82 отсто имаат полиси со кои е осигурена смртта, но средствата не се враќаат на осигуреникот доколку ризикот не се случи. Другите 18 отсто вложуваат во осигурување живот со штедна компонента кое овозможува да ги добијат парите со одредена добивка по истекот на договорот за осигурување живот
Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување во првите шест месеци годинава надминаа 1 милијарда денари (17,3 мил.евра) и тоа е за 17 отсто повеќе од истиот период претходната година. Од почетокот на годинава па до крајот на јуни склучени се над 34.000 договори за осигурување што е за 24,5 отсто повеќе во однос на претходната година, а полиси за осигурување живот имаат повеќе од 278.000 граѓани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од вкупниот број полиси дури 229.000 се за таканаречено ризико осигурување. Кај овој тип осигурување во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Бројот на граѓани кои имаат ризико осигурување пораснал за нешто повеќе од 29.000 во првите шест месеци годинава.
Од сите договори за осигурување живот над 45.000 се со штедна компонента . Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.
Најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар е популарно нареченото „јунит линкд“ осигурување. Кај овој осигурителен производ ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот, а дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во овој тип на осигурување има над 11.600 полиси.
Петте компании за осигурување живот во првите шест месеци годинава исплатиле вкупно 345 милиони денари (5,6 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Раст на пазарот од 8%
Во делот пак на неживотните осигурувања, граѓани и фирми вложиле 5,4 милијарди денари (87,7 мил.евра) во првите шест месеци годинава.
Во споредба со истиот период лани вредноста на вложените средства во осигурување е повисока за 8 отсто односно осигурителниот пазар пораснал за 401 милион денари (6,5 мил.евра), покажуваат податоците на АСО.
Бројот на склучени договори за осигурување за првите шест месеци пораснал за 20 отсто. Од почетокот на годината до сега осигуреници склучиле над 761.000 договори за осигурување со осигурителните компании за сите 18 класи на неживотни осигурувања. Најголем раст на бројот на продадени полиси има кај патничкото осигурување.
За првите шест месеци се склучени 155.000 договори за патничко осигурување
што е двојно повеќе од истиот период 2021 година.
Овој тип на осигурување овозможува граѓаните, при патување во странство, да го пренесат ризикот од можни штети врз компаниите за осигурување.
Во овој тип осигурување граѓаните во првите шест месеци вложиле 89,9 милиони денари (1,5 мил.евра).

Голем интерес за приватното здравствено осигурување
Очекувано, најголемо учество во вкупните вложувања во осигурување за овој
период има во класата осигурување од автомобилска одговорност (АО). Кај ова
осигурување, кое е задолжително со закон, ризикот го превзема осигурителната компанија што ви ја продала полисата доколку вашето возило предизвика штета врз други возила и учесници во сообраќајот.
Склучени се 426.000 договори за осигурување, вклучувајќи ги и зелените карти кои се обврзувачко осигурување на покритие штети кои може да ги предизвика вашето возило при патување во странство.
Бројот на продадени полиси со кои се осигурени возила во првите шест месеци
годинава во однос на истиот период лани е зголемен за 8 отсто.
Во осигурување од автомобилска одговорност во овој период се вложени 2,4
милијарди денари (39 мил.евра) или 8 отсто повеќе од лани.
Во осигурувањето имот, најголемата класа на доброволно осигурување во првите шест месеци осигуреници вложиле 1,3 милијарди денари (21,2 мил.евра). Тоа е за 7 отсто помалку од истиот период лани. Речиси 70.000 граѓани, фирми и правни лица го осигуриле нивниот имот во првото полугодие годинава. Кај најпопуларната класа – приватното здравствено осигурување компаниите и осигуреници склучиле 13.000 договори и тоа е за 32 отсто повеќе од истиот период лани.
Осигурениците во овој производ вложиле над 385 милиони денари (6,3 мил.евра) за првите шест месеци и тоа е за 66 отсто повеќе од истиот период лани. Паралелно со растот на вложувањата во ова осигурување уште подинамично растат исплатите на штети за што причина е прекумерното користење на овој производ од страна на осигурениците и зголемените цени на услугите од приватните болници. Токму заради тоа некои од осигурителните компании не ја исклучуваат можноста од рационализација на овој тип осигурување.

Кој е кој на пазарот
Во делот на неживотното осигурување, лидер и понатаму е Триглав, со 15,6% пазарен удел во бруто полисираната премија, пораснат од минатогодишните 14,7%, пред Еуролинк со удел од 11,89%, но понизок во однос на лани кога изнесувал 12,5%. На трето место е Уника, со 10,47% пазарен удел, благо опаднат во однос на лани. Најголем раст кај брутополисираната премија се забележува кај Кроација неживот, од 63,2%, на околу 500 милиони денари во првите два квартали, додека најголем пад бележи Халк, од 36%, на 353 милиони денари. На Халк во однос на лани речиси двојно им паднало пазарното учество, од 11% на 6,56%.
Компаниите за неживотно осигурување исплатиле над 45.000 штети од кои осигурениците наплатиле 2 милијарди денари (32,9 мил. евра) во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период минатата година бројот на исплатени штети пораснал за 28 отсто додека нивната вредност во истиот период е повисока за 4 отсто, покажуваат податоците на АСО.
Над 18.000 штети осигурителните друштва исплатиле на клиенти кои барале обесштетување за медицински трошоци покриено со нивното приватно здравствено осигурување.
Годинава, за првпат во историјата на осигурувањето, се случува дури 40 отсто од бројот на сите исплатени штети да бидат за приватно здравствено осигурување. Тој податок е индикатор што јасно укажува на популарноста на овој тип доброволно осигурување, но истовремено и на неговата прекумерна употреба од страна на осигурениците.
Очекувано, најголем износ на средства компаниите исплатиле за штети покриени со осигурување од автомобилска одговорност. Кај оваа задолжителна класа осигурување, која е и најмасовна, осигурителните друштва го превземаат ризикот да ги платат штетите ако нивниот осигуреник е виновен за материјална штета при сообраќајна незгода или несреќа. Сите 11 друштва за неживотно осигурување во првата половина годинава исплатиле 1,12 милијарди денари (18,2 мил.евра) со кои покриле 14.820 отштетни побарувања.

Бројот на штети кај имотното осигурување помал, износот идентичен
Во овој период за осигурување имот се исплатени 290,4 милиони денари (4,7 мил.евра). При тоа бројот на исплатени штети е намален за 11,5 отсто, а исплатениот износ е речиси идентичен како истиот период лани.
За каско осигурување возила компаниите исплатиле 248,2 милиони денари (4 мил.евра) и тоа е за 11 отсто повеќе од минатата година.
Најголем раст на вредноста на исплатените штети има кај патничкото осигурување. Осигурителните друштва платиле 24,5 милиони денари (398.000 евра) или 2,7 пати повеќе за обесштетување штети при патувања на наши државјани надвор од земјава. При тоа бројот на исплатени штети надминал 900 и тоа е за 3 пати повеќе од истиот период во 2021 година.
Во овој период штети исплаќале сите 11 друштва за неживотно осигурување.