Connect with us

политика

Расте цената што Софија ја плаќа за блокадата кон Скопје

Уште едно „да се биде или не“ на патот кон Брисел

објавено

на

Нов рок за надминување на сагата со македонските европски интеграции – како што се ближи јуни повторно се зголемуваат надежите дека тоа што не им успеа на многу земји до сега (вклучително и на Германија), ќе им тргне од рака на Португалците, па во време кога тие го имаат кормилото на ЕУ, македонскиот случај конечно да добие позитивна завршница. Добар знак е што се повеќе изгледа дека во прашањето се вклучува и најважната членка на ЕУ: САД. Со распоредот на картите и на играчите во Меѓународната заедница по однос на прашањето станува јасно дека застојот на македонските интеграции овој пат нема да ја чини скапо само Македонија. Кој е подготвен да ја плати таа цена?

Нов рок за надминување на сагата со македонските европски интеграции – како што се ближи јуни повторно се зголемуваат надежите дека тоа што не им успеа на многу земји до сега (вклучително и на Германија), ќе им тргне од рака на Португалците, па во време кога тие го имаат кормилото на ЕУ, македонскиот случај конечно да добие позитивна завршница.

Граѓаните се изморени, аналитичарите внимателни и не сакаат да подгреваат надежи после многуте разочарувања и драма на македонскиот европски пат. Внимателни се и политичките лидери, кои особено во последните недели, во еден усогласен став праќаат пораки дека влогот овој пат е огромен и дека нов пораз ќе значи целосен дебакл за самата ЕУ којашто за волја на вистината тешко дека некогаш стоела послабо на Балканот и поради Македонија и поради неуспехот со обезбедување на вакцини и слабиот одговор на пандемијата.

Сепак надежта е тука. Премиерот Зоран Заев на еден свој настап деновиве, веднаш после посетата на Брисел (на којашто пак и претходеше уште една посета на Брисел, но и на Мадрид и на Атина) кажа дека се гради стратегија како ЕУ да го врати својот кредибилитет:

„Со лидерите на ЕУ зборувавме за Западен Балкан и перспективите. „’Кабаетлукот’ на ЕУ е несомнен и се градат стратегии како конечно Европа да го врати својот кредибилитет овде. Сите знаат дека ниту една земја, аспирант за членство не чекала толку долго како нас. Цели шеснаесет години“,  вели тој изразувајќи оптимизам дека во наредните недели во разговорите на челниците на Португалија и еврокомесарот Оливер Вархеи, заедно со двете страни, нашата и на Бугарија, ќе се оствари Првата меѓувладина конференција кон крајот на јуни.

Премиерот Заев кажа дека Брисел е целосно запознаен со македонските црвени линии и дека нема никакви отстапки по однос на јазикот и на интегритетот:

„Граѓаните треба да ја согледаат реалноста, Бугарија има техничка влада, но тоа не значи дека не треба да направиме се за да се најде решение. Мислам дека и за бугарската страна е добро да има решение. Граѓаните на изборите им порачаа дека политики кои носат непријателство, блокади и кочници не се поздравени и поддржани. Впрочем, и претседателот Радев кој многу често зборува за европеизација и за европски манири треба да ги направи овие чекори. Не сакам да креваме очекувања нереално, па после пак да бидеме скршени, но оваа година очекуваме пробив“ рече Заев.

Тој истакна дека новината е што португалското претседателство разработува цела една стратегија со којашто ќе настапи пред Софија и пред Скопје:

„Верувам дека тоа ќе се случи деновиве. Бевме во Брисел и им рековме – ако ги допрете македонскиот јазик и идентитетот тогаш се тргаме од преговори. За тоа никој никогаш не разговарал.“, дециден е премиерот и додава:

„Нема да чекаме септември за да се создаде новата бугарска Влада. Ние и сега разговараме. Двајцата претседатели  разговараат (Пендаровски и Радев). Ние преку португалското претседателство и еврокомесарот Вархеи исто разговараме како две влади“ вели тој.

Се стега обрачот околу Бугарија

Во меѓувреме, нервозата кај европските лидери за неодржливите бугарски позиции спротивни на основните европски вредности се повеќе расте. Се поголем е бројот на челници и на држави што најотворено застануваат во одбрана на Македонија и притискаат кон Софија. Последен во низата беше хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој многу отворено и без никакви дипломатски ракавици кажа што мисли за „спорот“ со коментар дека Бугарија навлегува во интимниот простор на Македонија барајќи нејзината верзија за историјата да биде единствено исправна – незамислив потег во ова време.

Милановиќ, потоа зборувајќи на прес-конференција по самитот Брдо-Бриони во Крањ, рече дека условите што ги поставувала Словенија за Хрватска пред нејзиниот влез во ЕУ му изгледале и сега му изгледаат рационални, и на Словенија не ѝ било целта да ѝ наштети или да ја понижи Хрватска, за разлика од барањата на Бугарија кон Македонија, за кои тој вели дека е навлегување во интимниот простор, што е недозволиво.

„Словенија и Хрватска имаа многу жив, динамичен однос, Словенија поставуваше некакви услови, тие услови и тогаш и сега ми делуваа како нешто што ми е рационален материјален словенечки интерес. Словенија тука сакаше да добие нешто за себе, контакт со отворено море, значи животно важна работа, но никогаш не сум имал чувство, ниту сум видел дека Словенија сака да ѝ напакости на Хрватска и да ја спречи или понижи. Беа упорни, понекогаш и здодевни, нешто се договоривме, па на крајот не се договоривме. Животот оди понатаму. Ова што сега службената политика на една членка на Унијата ѝ прави на Северна Македонија е она што јас го нарекувам влегување во туѓо, односно влез во интимен простор. Се бара од еден аспирант, кандидат, кој е среде преговорите за членство, во учебниците по историја да ја дефинира својата национална генеза онака како тоа го бара соседната држава. Тоа е влегување во интимен простор, тоа не се прави. И на тоа отворено ќе се спротивставувам, се разбира во рамките и досегот на она колку што е тежок мојот збор, зашто имаме искуство во тоа и не можеш преку се’ да преминеш. Некогаш цврсто се бориш за своите интереси, бараш решение, но ако ти е целта да го уништиш послабиот од себеси само зашто е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што денес не ги испративме во текстот на декларацијата. Не се занимававме со работите кои се од егзистенцијална важност за земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. Каде се тука владеење на правото, правда, правичност,  либерално – демократските вредности? Никаде, туку чист притисок од позицијата на посилниот. Хрватската историја и искуство кажуваат дека тоа секогаш завршува лошо по оној кој притиска“, кажа Милановиќ на заедничката прес-конференција со словенечкиот претседател Борут Пахор.

Милановиќ зборуваше за проблемите со кои се соочува Македонија на патот до членство во ЕУ иако беше прашан за средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ на самитот, и рече дека Македонија била принудена да си го смени името, а сега се наоѓа во невозможна ситуација. 

„Ние сме овде да им помогнеме на нашите соседи од регионот при влезот во европските интеграции, да не комплицираме премногу. Тоа е тоа. Не се сите во иста точка на зрелост, напредок на преговорите. Некои се понапред, некои поназад. Македонија, односно Северна Македонија, како што сега официјално се вика, зашто тоа го бараа од неа, се наоѓа во една невозможна позиција. Тоа е тема што воопшто не сме ја допреле во денешните разговори, ниту во текстот на декларацијата, ниту Македонците воопшто инсистираа на тоа. Се работи за условите што им се поставени во една зрела, гестациска фаза на преговорите со ЕУ, а се однесуваат на содржината во некои учебници по историја во Македонија“, вели Милановиќ.

Настапите на хрватскиот претседател ги вознемирија Бугарите, па хрватската амбасадорка во Софија Јасна Огњановац беше експресно викната на разговор во бугарското министерство за надворешни работи од генералниот директор за европски прашања, Румен Александров, кој ја опишал изјавата на претседателот Милановиќ како неприфатлива и неоправдана.

Но, се чини дека Александров, а и неговите шефови ќе имаат доста работа во следниот период, ако се има предвид колку се амбасадори би требало да викнат „на кафе“. Истите пораки и истиот став што го има Милановиќ, го делат и други. И тие се и стануваат се погласни. Австријците во неколку наврати порачаа дека немаат разбирање за бугарските позиции:

„Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам, за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Сѐ што е одложување понатаму ќе нѐ остави да бидеме губитници. Искрено велам дека немам разбирање за тоа дека Бугарија и понатаму блокира
„Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме, во Виена, како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој вакуум ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија .“ изјави министерката за Европа и за Устав, Каролине Едштадлер.

Нејзиниот колега, министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг изјави дека апсурдно е во ЕУ да се трга на страна земја – кандидат за пример, каква што е Македонија. Тој остро ги критикуваше изјавите на комесарот Вархеи дека има опција да се даде зелено светло само за Албанија, а не и за нашата земја:

„Во процесот на проширување важи правилото дека секоја земја ќе биде оценувана според сопствениот напредок. Секако не може да се исклучи дека би се презел таков чекор. Но токму Северна Македонија го смени името, изврши огромни реформи и мислам дека по тоа прашање мораме да бидеме многу претпазливи какви сигнали ќе испраќаме“.

На иста страна застана и шефот на словачката дипломатија Иван Корчок, кој отиде и чекор понатаму и вели дека „веродостојната политика на проширување на ЕУ“ веќе треба да нема „вето во Советот“, а и германскиот министер за европски прашања, Михаил Рот, кој вели дека:

„ Обете земји ги исполнија ветените реформи – сега и ЕУ мора да го исполни ветеното. Дополнителното одложување го поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста во регионот“.

Со ваквите директни ставови, на оние кои ги носат одлуките, ем пропадна идејата на еврокомесарот Вархеи дека може воопшто да се дебатира за некакво раздвојување на двете земји (став што очигледно се користеше како дополнителен притисок врз македонската страна, имајќи предвид какви потреси би можело да предизвика зеленото светло само за Албанија), ем само се зголеми притисокот кон официјална Софија да се соочи со штетата што ја прави не само врз меѓусебните односи, туку и врз иднината и перспективите на целиот регион и на самата политика на проширување.

Отплеткување

Македонските аналитичари кои долго време го следат процесот велат дека сепак мириса на некаква „завршница“. Петар Арсовски во последната колумна за „Дојче веле“ вели дека влегуваме во крајната фаза на „редукција“ – согорување и отплеткување – на спорот меѓу Македонија и Бугарија, што ќе покаже дали решение воопшто е можно, и ако не, заради кого:

„Спорот помеѓу Македонија и Бугарија влегува во завршница, односно, драмски речено, кон кулминација.  Зависно од тоа како ќе се одвиваат различните политички тактики во наредните два месеци, ќе знаеме дали нашава драмолетка ќе има и перипетија и расплет.  Во основа, ние влегуваме во крајната фаза на „редукција“ – согорување и отплеткување – на позициите на Македонија и Бугарија кон ова прашање, што ќе покаже дали решение воопшто е можно, и ако не, заради кого. Така, од однесувањето на двете земји, па и од ангажманот на меѓународната заедница, во следниов период, ќе зависи со каков кредибилитет и резултат, ќе излезе секоја од засегнатите страни на крајот од овој процес.

Зошто мислам дека овој период реално се етаблира како последен разумен рок за решавање на ова прашање?  Прво, возот од Балканот кон Брисел постојано се оддалечува од земјите кои останаа надвор од проширувањето, и интересот за реактивирање на некаква активна агенда по прашање на евроинтеграциите ќе се намалува со текот на времето. Последниот вагон лесно може да ни се изгуби во зајдисонцето, а тоа би било пораз и за нас и за ЕУ.  Понатаму, ако не успееме во овој период, до крајот на јуни или јули, кога се закажани самитот и советот на ЕУ, наредната прилика да се навратиме на ова прашање ќе се отвори дури во декември, зашто во меѓувреме има локални избори во Македонија и претседателски избори во Бугарија. Тогаш пак (во декември), интересот ќе биде помал, Меркел нема веќе да биде активна, а претседавањето со ЕУ ќе го преземе Словенија, за која, судејќи по нон-пејперите кои циркулираа по медиумите последниов период, евроинтеграцијата на Балканот не е на листата на приоритети – напротив, тие изгледа имаат други идеи како да се „развива“ регионот.  Затоа, ако по ова прашање не направиме пробив до јули, шансите понатака драматично ќе се намалуваат.“ пишува Арсовски и додава:

„Последиците, доколку не се направи некакво поместување, и Македонија и Албанија не ги започнат преговорите летоска, би биле далекосежни.  Прво, Европската Унија и меѓународната заедница воопшто, ќе изгубат огромен дел од својот кредибилитет во општествата кои ќе бидат жртви на ваквиот неуспех.  Спротивставените меѓународните сили, најмногу Русија, која активно работи на саботажа на овој проект, од нејзини стратешки интереси, ќе го засилат и дополнително ќе го етаблираат своето влијание во Македонија, но и во Бугарија, па со тоа, и на целата оска од Полска до Турција. 

Локалните политичари кои се промотори на евроинтеграцијата ќе изгубат волја, но и поддршка од домашните електорати, за продолжување на про-европските реформи. Политичките елити кои се противат на Преспанскиот договор, на дијалогот со Бугарија, на компромисниот начин на наоѓање решенија, со еден збор, евроскептиците, ќе добијат ветер во грб.  Политичките сцени во Македонија и Албанија ќе западнат во нова морална и етичка декаденција, оставени во вакуум просторот без европска перспектива.  Ќе се разгорат етничките амбиции и мегаломанските национални проекти.  Дијалогот Косово – Белград ќе стане беспредметен.  Босна и Херцеговина ќе остане без никаква перспектива на европската агенда.  Со еден збор, реално сценарио е регионот да отиде по ѓаволите.“

Тој сепак смета дека мрачните завршници ќе бидат избегнати оти има еден интересен момент   – во процесот изгледа се вклучува најважната членка на ЕУ: САД. 

Апсолутно е за очекување дека ова сценарио е веројатно. Поради потребата за итна стабилизација на регионот – каде две земји членки на НАТО се блокирани во европските перспективи – САД имаат значаен интерес во разрешувањето на ова прашање. Нивната дополнителна мобилизација ќе значи дека сите линии на крупните сили, во геостратешки предизвик, ќе се фокусираат на ова прашање во наредниот период, што носи и засилена динамика, и „кршење раце“. А тоа, на Балканот, барем досега, секогаш било добар знак.

Continue Reading
Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка