македонија
Редно е да се потпреме на младите за да останат во земјава
Здружението на жени менаџерки ЕЛИТ организираше обуки

Целта на овие специјализирани обуки е да им се помогне на младите и жените од руралните средини да се здобијат со вештини и да го подобрат својот капацитет, за да станат поконкурентни на пазарот на трудот, да можат да се вклучат во заедницата и дадат свој придонес во развојот на локалната економија.
Преку подобрување на животот на младите во руралните општини, со поддршка на локални младински иницијативи низ обуки, менторирање и грантови како финансиска помош за спроведување на иницијативите ќе успееме да го намалиме одливот на младите лица од нашата земја.
Ова го покажаа обуките кои во рамки на проектот „Потпри се на младите“, кој здружението на жени менаџерки ЕЛИТ, како партнер го реализираше со Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Рурална коалиција и Џуниор Ачивмент Македонија, а финансиран од ЕУ. Согласно предвидените активности, спроведен беа пет еднодневни обуки од областа на развојот на лидерски и менаџерски вештини во социјалното претприемништво, како и технички вештини за реализација на социјално претприемништво.
Обуките беа организирани во Тетово, Охрид, Битола, Куманово и Крива Паланка и на нив присуствуваа над 80 млади и жени од руралните средини од Североисточниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот плански регион.

„Целта на овие специјализирани обуки е да им помогнеме на младите и жените од руралните средини да се здобијат со вештини и да го подобрат својот капацитет, за да станат поконкурентни на пазарот на трудот, да можат да се вклучат во заедницата и дадат свој придонес во развојот на локалната економија. Фактот дека голем број од учесниците изјавија дека добиле инспирација, мотивација, оптимизам и насоки за идни акции во областа на бизнисот дава надеж дека ја оправдавме проектната цел и дека ќе ги охрабриме младите од руралните средини да станат активни чинители во заедницата “, велат од Здружението на жени менаџерки ЕЛИТ.
Обуките ги одржа сертифицираниот тренер Ирена Јакимова, која со учесниците работеше на теми како што се: главни функции на менаџерите, лидерски стилови и вештини, запознавање со основните функции и предизвици на секој бизнис, јакнење на способноста за генерирање социјални бизнис идеи и тимска работа. Дополнително, на обуките преку презентација на реални и постоечки социјални бизниси, учесниците имаа можност практично да се запознаат и со позитивните примери, најдобрите практики, но и постоечките предизвици при развивањето на социјалните бизниси.
Здружението на жени менаџерки ЕЛИТ е невладина, непартиска и независна организација посветена на постигнување на родова еднаквост, мир и демократија како и социјална правда во Македонија, преку иницијативи, програми и проекти за подигање на јавната свест, градење на капацитети, создавање на партнерства и мрежно работење. ЕЛИТ – Здружение на жени менаџерки се залага и учествува во сите активности заедно со останатите невладини организации во земјата кои ќе овозможат во Република Северна Македонија да се воведат системски мерки кои ќе го зголемат бројот на жените на одлучувачки функции со што жената ќе стане значаен фактор во македонското општество.