економија
Рекорден план за јавни инвестиции од дури 620 милиони евра за 2022 година
Државата реализирала 79% од капиталните инвестиции за лани

Буџетот за годинава предвидува да се инвестираат дури 620 милиони евра во капитални објекти но колку властите ќе успеат целосно да го реализираат овој план имајќи предвид дека години наназад, реализацијата на јавните инвестиции достигнува до околу 80%. Отприлика толкава е и реализацијата на капиталните инвестиции лани, кога од планираните 484 милиони евра, биле инвестирани 380 милиони евра. Капиталните инвестиции за 2022 година се за 28,3% повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Грција.
Буџетот за годинава предвидува да се инвестираат дури 620 милиони евра во капитални објекти но колку властите ќе успеат целосно да го реализираат овој план имајќи предвид дека години наназад, реализацијата на јавните инвестиции достигнува до околу 80%. Отприлика толкава е и реализацијата на капиталните инвестиции лани, кога од планираните 484 милиони евра, биле инвестирани 380 милиони евра.
„Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и за реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година, кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14% во вкупните расходи“, истакнаа од Министерството за финансии.
Инаку, капиталните инвестиции за 2022 година се за 28,3% повеќе во споредба со 2021 година.
„Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Грција“, посочуваат од Министерството за финансии.
Преку 100 милиони евра од буџетот за патна инфраструктура

Според предвиденото во Буџетот, за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Истите се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Во текот на 2022 година се планираат: со буџетски средства во износ од околу 6 милијарди денари планирани се значајни инвестициони вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридор 8 планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на Коридорот 8, Делницата: Тетово – Гостивар/проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и Букојчани-Кичево, како и Коридорот 10 д, делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патна инфраструктура ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен.
Во 2022 година планирано е да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10 финансирана со заем од ЕБОР. Со овие активности ќе се подобри протокот на патници и стоки на оваа делница, ќе се намалат трошоците за одржување на железничката пруга и ќе се обезбеди посигурен и поефикасен сообраќај.
Во текот на 2022 година предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор VIII – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Покрај со заем од ЕБОР и со грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, во рамките на проектот предвидени се активности за подобрување на технички карактеристики на пругата, изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници.
Во текот на 2022 година, со заем од Светска банка ќе продолжат активности за реализација на Проектот за локални патишта, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините.
Се планира да продолжат и активностите за реализација на проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од новата регионална иницијатива на Светска банка, од каде се обезбедени средствата за негово финансирање.
Екологија и енергетска ефикасност

Во 2022 година ќе започне изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Северна Македонија и Србија која ќе се финансира со грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан и заем од ЕБОР.
Исто така се предвидува да започне проектот „Воведување на брз автобуски систем во Град Скопје“ кој ќе опфати воспоставување на две линии за брз автобуски превоз во Градот Скопје. Со воведувањето на брзиот автобуски систем во Град Скопје ќе се подобри и еколошката состојба во Градот, а исто така ќе се зголемени квалитетот на јавниот градски превоз.
Преку ИПА средства ќе се имплементираат проекти за изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридор 10 и рехабилитација, реконструкција и надградба на постоечка патна инфраструктура.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги, финансиран од Светската банка, ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициски зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги кои имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди или пак, кои се од висок приоритет за општините.
Во 2022 година со заем од Светска банка ќе започне да се реализира Проектот енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и јавни здравствени установи на централната власт.
Со заеми од ЕИБ и ЕБРД, како и грант од ЕИБ, во 2022 година ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е Пречистителната станица за отпадни води во Скопје.
Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион.
Уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи.
За здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево. Во 2022 година ќе продолжи реализацијата на Проектот – Регионалната Клиничка болница во Штип.
За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.
Во областа на образованието, со заем од КФВ банката ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта во Република Северна Македонија, финансиран со заем од ЦЕБ и национално кофинансирање со цел унапредување на физичкото образование, како и подобрување на севкупните услови за учење на учениците во основните и средните училишта.
Образование, социјални услуги, земјоделие
За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование. Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови објекти и пренамена/надградба на постоечката инфраструктура на предучилишни институции, во 2022 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги финансиран со заем од Светска банка. Исто така, продолжува Проектот за администрирање на социјалното осигурување, финансиран со заем од Светска банка.
Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвидени се значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.
Со заем од Светска банка ќе отпочне Проектот за модернизација на земјоделството, при што предвидена е изградба на откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи ширум државата.
Исто така, во 2022 година планирано е реализација на Програмата за наводнување на Северна Македонија, која се финансира со заем од КфВ и истата опфаќа рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште), како и изградба на мали хидроцентрали на ХС Лисиче.
Во областа на правосудството, во 2022 година во рамки на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа, ќе започне реализацијата на притворско одделение, затворено одделение и на централна економска единица во КПД Идризово, која е предвидено да се реализира во период 2021 – 2026 година.
„Во насока на реформи во јавните финансии, подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање и извршување на Буџетот на Северна Македонија, подобрување на наплатата на приходите, зајакнување на системот на јавни набавки, внатрешна и надворешна контрола и транспарентно известување, во 2022 година ќе се продолжи со активности за подготовка за воведување на Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем кој ќе се финансира со заем од Светската банка и донаторски средства. Целокупниот процес на реформи во јавните финансии ќе значи воведување на концептот на SMART Finance (Стратешки, Одржливи, Одговорни, Реформски и Транспарентни), односно јавни финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, во рамки на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност (Smart Finance for SmartER Growth)“, пишува во Буџетот за 2022 година.
Посветла економска перспектива

Според последните проценки на меѓународните финансиски институции, светската економија во 2022 ќе порасне околу 5%, но и тоа е неизвесно главно поради прекините во синџирите на снабдување главно кај развиените земји.
За македонската економија, проценките за порастот на бруто домашниот производ (БДП) варираат од 3,7% до 4,6%. Најконзервативни во прогнозите се Светската банка и Стандард и Пурс, кои имаат и најниска прогноза од 3,7%, потоа Европската Комисија која прогнозира раст од 3,8%, Народната банка со прогноза од 3,9%, потоа следуваат ЕБОР со 4%, ММФ со 4,2%, Фич со 4,3% и најоптимистичката прогноза на Министерството за финансии, кое проценува економски раст од 4,6% во 2022.
Позитивен придонес врз заздравувањето на домашната економија се очекува од речиси сите компоненти на домашната побарувачка, а негативен на нето-извозот. Според проценките на Народната банка, кај личната потрошувачка по падот од 5,4% минатата година, се предвидува солиден раст од 7% оваа година и натамошен поумерен раст на среден рок (во просек од 3,5%), при постабилни очекувања, раст на расположливиот доход како резултат на закрепнување на движења на пазарот на трудот и кај трансферите, како и натамошна кредитна поддршка на домаќинствата.
Кај инвестициите по длабокиот пад од 10% изминатата година, се очекува раст од 7,3% во 2021 година и раст од околу 10% на среден рок, во услови на очекувани странски директни инвестиции (СДИ), но и домашни инвестиции од приватен и јавен карактер и раст на корпоративното кредитирање. Во однос на извозот, по падот од 11% минатата година, се очекува негово закрепнување во 2021 година од 11%, а на среден рок во просек 6,8%, во услови на закрепнување и раст на странската побарувачка, постепено закрепнување на извозот на домашните компании со странски капитал и позитивен придонес од страна на традиционалниот извозен сектор, при поволна ценовна конјунктура на странските пазари. Растот на извозот и домашната побарувачка (коишто имаат голема увозна компонента) ќе доведат и до раст на увозот во просек од околу 9% во 2021 ‒ 2023 година, со што нето-извозот ќе има негативен придонес.
„Ризиците за растот се претежно надолни и поврзани со текот на пандемијата и нарушувањата на глобалните синџири на снабдување. Алтернативното сценарио коешто претпоставува помала странска побарувачка и поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции на домашните субјекти ќе доведе до помал раст во просек од 1,2 процентни поени за периодот 2022 ‒ 2023 година“, велат од Народната банка, што значи дека доколку се остварат овие ризици, економскиот раст би бил понизок, односно околу 2,7%.
ММФ исто така оценува дека растот догодина главно ќе биде поттикнат од големата домашна побарувачка.
„Вработеноста најверојатно постепено ќе закрепнува, но високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди би влијаеле на зголемување на расположливиот приход. Се очекува солиден раст на извозот, иако на истиот неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, а големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот“, оценуваат од ММФ.
Според нив, покриеноста со вакцини е сè уште на ниско ниво, а глобалното реактивирање на пандемијата и новите варијанти на вирусот се фактори кои значат негативен ризик за растот.
Оценката на Фондот е дека силната поддршка преку политиките го ублажила влијанието од пандемијата врз економијата. Фискалните мерки за поддршка помогнале да се спречат големи отпуштања од работните места и да се заштитат оние кои се најранливи, додека монетарните и финансиските мерки ја одржале кредитната поддршка за економијата.
„Бидејќи неизвесноста сè уште е голема, неопходно е политиките и понатаму да бидат флексибилни. Акцентот треба да биде ставен на ограничување на последиците врз економијата предизвикани од пандемијата, истовремено остварувајќи напредок во однос на долгорочните реформски приоритети, како што се понатамошното зајакнување на управувањето со јавните финансии и управувањето со приходите, како и зајакнување на финансиската заштитна мрежа“, истакнуваат од ММФ.
Светската банка исто така посочува дека фокусот на домашните власти треба да биде кон спроведување на реформи.
„Со продолжителната обнова на економијата властите ќе треба да го засилат исполнувањето на даночните обврски, да го реструктурираат и приоретизираат трошењето, да ги решат долгорочните пречки во развојот и да го подобрат менаџирањето на јавните финансии. За да се интензивира развојот земјата треба да го насочи вниманието на изведба на структурни и институционални реформи“, се вели во последниот извештај на Светска банка.