Connect with us

македонија

Речиси една четвртина од македонските институции не одговараат на прашања и жалби

Истражување за транспарентноста на јавниот сектор

објавено

на

Анализата на реактивната транспарентност што ја направи невладината организација ЕСЕ за 89 институции (здравствени домови, општи болници, клиники, клинички болници, министерства, итн.) покажува дека 20 од нив (22,47%) во текот на 2019 година не работеле во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно се реактивно нетранспарентни институции. Делумно транспарентни институции биле вкупно 34 (38,20%), односно делумно го почитувале законот и реактивно транспарентни институции биле вкупно 35 (39,33%) кои работеле во согласност со овој Закон.

Во 2019 година само Владата и Министерството за финансии од вкупно дваесет и пет (25) мониторирани институции објавиле повеќе од 40% од задолжителните информации/документи за програмското и буџетското работење и со тоа добиваат статус на делумно транспарентни институции, покажува анализата на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Истражувањето направено со финансиска поддршка на Европската унија покажува дека Министерството за финансии објавило најголем број документи од јавен карактер, вкупно 11. Ова е единствена институција која ги објавила предлог буџетот и предложени измени и дополнување на буџетот. Останатите дваесет и три (23) институции се проактивно нетранспарентни. Најмалку објавени документи на нивните интернет страни имаат Здравствен дом Скопје, кој објавил само еден документ – завршна сметка и Центарот за јавно здравје Кочани кој не објавил ниту еден документ од задолжителните шеснаесет
„Проактивната транспарентност претставува концепт на самоиницијативно објавување на значајни документи и информации за буџетското и програмското работење на јавните институции на нивните интернет страници. Оваа пракса на објавување на документи и информации овозможува јавноста континуирано да биде информирана за законите и одлуките што ја засегаат, и со тоа овозможува владеење на правото. Освен тоа, овозможува потранспарентно трошење на јавните пари, зацврстување на интегритетот на јавните институции, подобро управување со информациите, подобрување на внатрешниот тек на информациите и зголемена ефикасност на јавните институции. Сите иматели на информации се должни редовно да ги објавуваат информациите со кои располагаат на своите интернет страни. При тоа овие информации треба да се лесно достапни, разбирливи и употребливи.“, објаснуваат од ЕСЕ.
Целта на оваа анализа според невладината организација е да го прикаже нивото на проактивна транспарентност на дел од јавните институции во државава, односно праксата на јавно објавување на документи и информации за нивното програмско и буџетско работење на нивната интернет страница, и да даде препораки за можноста и начинот на унапредување на нивото на проактивност кај јавните институции со тоа што ќе се придонесе кон целокупно унапредување на транспарентноста во државата. Оваа анализа не го оценува квалитетот и времето на објавување на мониторираните документи и информации.

Ниедна од мониторираните институции не објавила ревизорски извештај


Петнаесет институции го објавиле документот усвоен буџет или вкупно 60% од институциите. Само две институции (8%) го имаат објавено буџетот во отворен формат, а тоа се Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација.

Предмет на оваа анализа е објавувањето на шеснаесет значајни информации/документи за програмското и буџетското работење од страна на дваесет и пет јавни институции, во кои спаѓаат: стратегија за работа, годишни програми, буџетски календар, пред-буџетска изјава, граѓански буџет, предлог буџет и усвоен буџет, предлог измените и усвоените измени и дополнувања на буџетот, буџетски документи во отворен формат (xml и excel), месечни извештаи за извршување на буџет, полугодишен извештај за извршување на буџет, завршната сметка на буџетот, ревизорскиот извештај, податоци за лицето назначено за посредување за информации од јавен карактер и листата на информации од јавен карактер.
За подготовка на оваа анализа објавувањето на споменатите документи се оценува преку поени, при што објавувањето се бодува со еден поен на документ (максимум 16 поени), а необјавувањето со нула поени. Врз основа на поените, сумарната оценка за степенот на проактивна транспарентност на секоја од институциите се оценува со процент на вкупниот број на објавени од вкупно мониторирани документи, односно боја соодветно опишана (црвена, жолта и зелена).
Во 2019 година буџетските документи пред-буџетска изјава и ревизорски извештај за финансиското работење на институцијата не се објавени од ниту една од мониторираните институции. Петнаесет институции го објавиле документот усвоен буџет или вкупно 60% од институциите. Овој документ е значаен поради тоа што го прикажува планирањето на приходите и расходите кои се предвидени за извршување на дејноста на институцијата. Значајно е овој документ да биде објавен и во отворен формат, поради потребата на јавноста од користење на податоците при спроведување на анализи и истражувања. Само две институции (8 %) го имаат објавено буџетот во отворен формат, а тоа се Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација. Документот измени и дополнувања на буџетот бил објавен од страна на седум институции (28%).

Здравствените институции најмалку транспарентни во 2019

Месечни извештаи за извршување на буџетот, значајни за следење на континуираното работење во извршувањето на работењето, објавиле само две (8%) институции, исто така и полугодишен извештај објавиле само две институции (8 %), покажува анализата на ЕСЕ. Вкупно осумнаесет институции (72%) објавиле завршна сметка која дава целосна слика за вкупните реализирани приходи од работењето и расходите во текот на целата година. Застапеноста на програмските документи на интернет страните на мониторираните институции е следна: само единаесет (44%) објавиле стратешки план за годината со кој се одредени стратегијата и насоката на дејствување на институцијата во наредниот период. Само пет институции пак (20 %) објавиле годишни програми со кои се обезбедува континуитет во имплементација на тековните процеси, мерки и активности.
Анализата по вид на институција покажува дека во 2019 година институциите од здравствениот сектор објавуваат најмалку документи и информации (9%) на своите интернет страни во однос на другите сектори. Најмалку документи објавено имаат Здравствениот дом Скопје (еден) и Центарот за јавно здравје Кочани (ниту еден); потоа Институтот за јавно здравје (два) и на крај Центарот за јавно здравје Скопје (три).
Повеќе од здравствениот сектор објавува локалната власт (28%), и тоа најмалку објавени податоци има објавено Општината Шуто Оризари (само два документи); општина Тетово (објавени три документи); Кочани (четири); Виница, Пехчево и Струмица (пет); Делчево и Битола (шест) со најмногу објавени документи. Фондот за здравствено осигурување објавува 19% од вкупно шеснаесет документи и информации кои треба да се достапни на нивната интернет страна. Владата и министерствата во 2019 година објавуваат 33% од документите и информациите кои треба да се достапни на нивните интернет страни.

Кој напредувал, а кој назадувал за една година

Во 2019 во споредба со 2018 година се забележува промена во поглед на нивото на транспарентност – проактивното објавување на документи и информации. Во 2019 година се забележува напредок кај Влада на РСМ, од институција што проактивно не објавува документи во 2018 година преминала во делумно проактивна со објавени осум (8) документи. Кај две институции, Министерството за образование и наука и Локална самоуправа Битола се забележува назадување, односно од делумно проактивни во 2018 година преминуваат во нетранспарентни институции (институција што проактивно не објавува документи) во 2019 година. Министерството за финансии е единствена институција која во 2019 година го задржала истото ниво на листата на делумно проактивни институции како и во 2018 година.

Дваесет и една институција во 2019 година останува нетранспарентна исто како и во 2018 година односно објавиле од 0-6 документи, што претставува помалку од 40% од мониторираните документи (16): Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за култура, Министерство за надворешни работи, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, Министерство за информатичко општество и администрација, Локална самоуправа во Делчево, Шуто Оризари, Виница, Пехчево, Кочани, Струмица и Тетово, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Фонд за здравствено осигурување, Институт за јавно здравје, Центар за јавно здравје Скопје и Кочани и Здравствен дом Скопје.

Во 2019 во однос на 2018 година повеќе документи се објавени од страна на шест (6) субјекти, односно три единици на локална самоуправа, и тоа Кочани (1 документ повеќе), Пехчево (1 документ повеќе), Делчево (3 документи повеќе), две министерства, Министерство за информатичко општество и администрација (1 документ повеќе), Министерство за транспорт и врски (1 документ повеќе) и Владата на РСМ (2 документи повеќе). Девет (9) институции во 2019 во однос на 2018 година објавиле помалку документи.
Еден документ помалку објавиле: Центар за јавно здравје Кочани; Локалните самоуправи во Тетово и Струмица; и Министерствата за внатрешни работи, надворешни работи и финансии. Два документи помалку имаат објавено Фондот за здравствено осигурување и Министерството за образование и наука. А пак, најголемо намалување е забележано кај Министерството за култура кое објавило три документи помалку во однос на претходната година.

Во 2019 година се забележува разлика во однос на 2018 година, во бројот на објави на задолжителните документи од страна на мониторираните институции. Зголемен број на објави се забележува на документот Граѓански буџет/поедноставена верзија на буџетот. Во 2019 е објавен од страна на две институции на нивната интернет страна, додека во 2018 година го објавила само од една институција. На шест документи се забележува намалување на бројот на објави од страна на институциите: Буџетски календар, Стратешки план, Усвоен буџет, Објавен усвоен буџет во отворен формат, Усвоени измени и дополнувања на буџетот и Полугодишен извештај за извршување на буџетот. Непроменет број на објави од страна на институциите се забележува на следните документи: Предлог буџет, Предложени измени и дополнувања, Годишни програми за работа, Месечни извештаи за извршување на буџетот, Завршна сметка, Контакт лице за информации од јавен карактер и Листа на информации од јавен карактер. Документите Пред-буџетска изјава и Ревизорски извештај воопшто не биле објавени во 2019 и 2018 година од ниту една од мониторираните институции.

Во 2019 година е зголемен бројот на барања на кои институциите молчеле, вкупно 432 барања (18,88%) поднесени до 22 институции во споредба со 2018 година кога се евидентирани 136 барања (13,11%), што претставува зголемување од 5,77%, и во споредба со 2017 година зголемување од 6,47%, кога се евидентирани 166 барања (12,41%) на кои институциите молчеле.

За 19% од барањата институциите молчеле

ЕСЕ направи и анализа за реактивната транспарентност на јавните институции во 2019 година. Оваа анализа има за цел да ги идентификува јавните институции, иматели на информации од јавен карактер, кои не го почитуваат или пак делумно го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и со тоа да го прикаже нивното ниво на реактивна транспарентност во 2019 година. Дополнително, оваа анализа прави споредба на оцената на нивото на реактивна транспарентност која овие институции во 2017 и 2018 година со истата во 2019 година, а со цел да се прикаже степенот на нивниот напредок или уназадување. Освен тоа, оваа анализа дава и препораки за начинот и можноста за унапредување на нивото на реактивна транспарентност, и подобрување на квалитетот на информациите кои тие ги презентираат на јавноста, односно на барателите на информации.

„Анализата на постапките е направена по пат на оценка на транспарентноста на секоја институција од аспект на осум параметри и тоа: ­број на добиени одговори во редовна постапка; ­ број на добиени нецелосни одговори во редовна постапка; ­ број на одбиени барања или пак запрени постапки од страна на имателите на информации од јавен карактер; ­ број на барања по кои имателите молчеле; ­ број на доставени жалби до имателите на информации од јавен карактер ­ број на жалби по кои е добиен одговор ­ просечен период на добивање на одговор на доставени барања за пристап до информации од јавен карактер во редовна и жалбена постапка; ­ просечен период на добивање на одговор во жалбена постапка поради незадоволство од добиениот одговор.“, велат во ЕСЕ.

Анализата на реактивната транспарентност е направена за 89 институции (здравствени домови, општи болници, клиники, клинички болници, центри за јавно здравје, институти, Фонд за здравствено осигурување на РСМ, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ, министерства, АВРСМ, Централен регистар на РСМ, итн.), покажува дека 20 (22,47%) институции во текот на 2019 година не работеле во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно се реактивно нетранспарентни институции. Делумно транспарентни институции биле вкупно 34 (38,20%), односно делумно го почитувале законот и реактивно транспарентни институции биле вкупно 35 (39,33%) кои работеле во согласност со овој Закон.

Во 2019 година до 89 јавни институции беа испратени вкупно 2.173 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Анализата на спроведените постапки (барања) ги покажа следните резултати: во редовна постапка се добиени одговори на 1.737 барања ( 79,94% од вкупниот број на барања); некомплетен одговор е добиен на три (3) барања или 7,69% од вкупниот број на барања; бројот на одбиени барања / запрени постапки изнесува 9 (0,52% од вкупниот број на барања); и бројот на барања по кои институциите молчеле изнесува 432 (18,88%). Во текот на 2019 година до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер доставени се 411 жалби (18,91% од вкупниот број испратени барања), од кои четири (4) жалби се поднесени поради одбиени барања/запрени постапки, три (3) жалби се поднесени поради некомплетен одговор и 404 жалби се поднесени поради молчење на јавните институции. Бројот на жалби по кои е добиен одговор изнесува 75 (18,25% од вкупен број доставени жалби).

Просечното време на одговор е подолго за 100 до 300% од законски пропишаното

Просечниот број на денови на добивање на одговор сметано од денот на поднесување на барањето изнесува 74 дена или пак повеќе од еден месец од законски пропишаниот рок. Просечниот број на денови на донесување на решение по поднесена жалба сметано од денот на поднесување на жалбата изнесува 160,64 денови, додека просечниот број на денови на добивање на одговор сметано од ден на поднесување на жалбата изнесува 155 денови, што е за четири месеци повеќе од законски пропишаниот рок за донесување на решение и обезбедување на одговор на поднесената жалба. Анализата на добиените одговори покажува дека 66 мониторирани институции (74,16%) доставиле одговори во редовна постапка, со процент на одговорени барања од 91-100% (АВРСМ, Завод за рехабилитација на слух, говор и глас Битола и Скопје, здравствени домови, Институт за јавно здравје, Институт за микробиологија и паразитологија, клинички болници, општи болници, министерства, две Универзитетски клиники, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ, Центри за јавно здравје).

Една институција (Центар за јавно здравје Охрид) одговорила на 86% од барањата во редовна постапка, 22 мониторирани институции (24,72%) доставиле одговор со процент на одговорени барања од 0-80% (Агенција за поддршка на претприемништвото на РСМ, Генерален секретаријат на Влада на РСМ, три здравствени домови, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Скопје, Македонско лекарско друштво, Министерство за здравство, девет општи болници, Програма за развој на Обединетите нации, Универзитетски институт за радиологија, Фонд за здравствено осигурување на РСМ, Центар за јавно здравје Струмица и Централен регистар на РСМ).

Институција која во најкус рок доставила одговор на поднесено барање е Завод за рехабилитација на слух говор и глас Битола (7 дена), додека институција која најмногу доцни со доставување на одговор на поднесено барање е ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Скопје (312 денови). Институции кои воопшто не доставиле одговор се Агенција за поддршка на претприемништвото на РСМ, три здравствени домови, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Скопје, Македонско лекарско друштво, пет општи болници, Програма за развој на Обединетите нации, Универзитетски институт за радиологија, Центар за јавно здравје Струмица и Централен регистар на РСМ.

Во 2019 година биле мониторирани 89 јавни и здравствени институции, за 17 повеќе во однос на 2018 година, и за 24 институции повеќе во однос на 2017 година. Кон јавните институции биле испратени 2.173 барања или за 1.136 барања повеќе во однос на 2018 година и 835 повеќе во однос на 2017 година. Процентот на добиени одговори во редовна постапка во 2019 година изнесува 79.94% (1.737 одговори), додека во 2018 и 2017 изнесува 87 % од барањата кои биле поднесени. Се забележува намалување на процентот на добиени одговори за 7% проценти во 2019 година. Значајно е да се истакне дека во 2019 година се забележува намалување на број на барања по кои е добиен некомплетен одговор во однос на претходните две години. Односно, во 2019 година некомплетен одговор е доставен само на три барања и тоа од една институција Здравствен дом Делчево (0,14% од вкупно поднесените барања), додека во 2018 година добиени се 98 некомплетни одговори (9,45% од вкупно поднесените барања) и во 2017 година 7 (0,52%).

Процентот на неодговорени барања во редовна постапка во 2019 година изнесува 7,69% што е за 1,76% помалку во споредба со 2018 година кога изнесувал 9,45%. Но, во споредба со 2017 година (0,52%) овој процент е поголем за 7,17% што претставува значително зголемување на бројот на неодговорени барања во редовна постапка. Исто така, во однос на бројот на одбиени барања / запрени постапки во 2019 година се забележува зголемување на процентот кој изнесува 0,52% (9 барања), во 2018 година нема одбиени барања, а во 2017 процентот изнесувал 0,26% (3 барања). Број на доставени жалби до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во 2019 година изнесува 411 (18,91% од вкупниот број испратени барања), што е за 3,56% помалку споредено со 2018 година кога бројот на доставени жалби до Комисијата изнесувал 233 (22,47%), и за 6,73% повеќе во однос на 2017 година кога бројот на доставени жалби изнесувал 163 (12,18%).

Во 2019 година е зголемен бројот на барања на кои институциите молчеле, вкупно 432 барања (18,88%) поднесени до 22 институции во споредба со 2018 година кога се евидентирани 136 барања (13,11%), што претставува зголемување од 5,77%, и во споредба со 2017 година зголемување од 6,47%, кога се евидентирани 166 барања (12,41%) на кои институциите молчеле. Во 2019 година, во однос на претходната, се забележува зголемување на просечениот број на денови на добивање на одговор сметано од денот на поднесување на жалба поради незадоволство од одговор од 150 во 2018 година на 155 денови во 2019.

Просечниот број на денови на добивање на одговор од јавните институции сметано од денот на поднесување на барањето изнесува 74 дена или пак повеќе од еден месец од законски пропишаниот рок. Просечниот број на денови на донесување на решение по поднесена жалба сметано од денот на поднесување на жалбата изнесува 160,64 денови, додека просечниот број на денови на добивање на одговор сметано од ден на поднесување на жалбата изнесува 155 денови, што е за четири месеци повеќе од законски пропишаниот рок за донесување на решение и обезбедување на одговор на поднесената жалба.

ФЗОМ од транспарентен станал нетранспарентен

Од добиените наоди при споредба на оцените кои јавните институции ги добиле во 2019 и 2018 година може да заклучиме дека напредок во нивото на реактивната транспарентност се бележи кај дваесет и една (21) институција и тоа:
Осум (8) институции: Здравствен дом Неготино, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за локална самоуправа, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Центар за јавно здравје Тетово и Центар за јавно здравје Штип преминале од реактивно нетранспарентни во реактивно транспарентни. Овие институции во 2019 година одговориле на сите примени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, во споредба со претходната година кога не доставиле одговори во редовна постапка.
Пет (5) институции: Здравствен дом Битола, Здравствен дом Виница, Здравствен дом Македонски Брод, Здравствен дом с. Ростуше и Министерство за одбрана преминале од делумно транспарентна институција во реактивно транспарентна како резултат на поднесување на одговор на примените барања во редовна постапка и во краток период.

Осум (8) институции: Здравствен дом Гостивар, Здравствен дом Делчево, Министерство за култура, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Центар за јавно здравје Велес, Центар за јавно здравје Кочани и Центар за јавно здравје Охрид преминале од реактивно нетранспарентни во делумно транспарентни институции поради недоставување на сите барани информации во редовна постапка.

Уназадување во 2019 година во однос на 2018 година на нивото на реактивна транспарентност се забележува кај седум (7) од мониторираните институции и тоа: Само една (1) институција преминала од реактивно транспарентна во реактивно нетранспарентна институција. Тоа е Фонд за здравствено осигурување на РСМ. Од четири поднесени барања, Фондот доставил одговор во редовна постапка само на едно барање. Центар за јавно здравје Струмица од делумно транспарентна преминал во нетранспарентна институција поради недоставување на ниту еден одговор во редовна постапка.

Пет (5) институции од транспарентни преминале во делумно транспарентни институции: Здравствените домови во Демир Хисар, Кратово, Крива Паланка, Охрид и Струмица поради пречекорување на рокот за доставување одговор. Од мониторираните институции постојат и такви каде нема промена во нивото на реактивната транспарентност. Во 2019 година од вкупно 89 институции кај триесет и пет (35) институции не е забележана промена во нивото на реактивна транспарентност во однос на 2017 и 2018 година.

Транспарентни институции остануваат седумнаесет (17): Завод за рехабилитација на слух говор и глас Скопје, ЗД Вевчани, ЗД Велес, ЗД Железничар, ЗД Крушево, ЗД Куманово, ЗД Пехчево, ЗД Радовиш, ЗД Струга, ЗД Штип, Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија, Министерство за надворешни работи, Специјална болница по гинекологија и акушерство Мајка Тереза, Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, Центар за јавно здравје Куманово, Центар за јавно здравје Прилеп. Овие институции го почитувале рокот за доставување информации и документи.

Делумно транспарентни остануваат тринаесет (13) институции: Агенција за вработување на РСМ (поради пет одбиени барања/запрени постапки), Здравствен дом Пробиштип, Ресен, Свети Николе, Скопје, Тетово, Институт за јавно здравје, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, Министерство за финансии, Универзитетска клиника за детски болести, Центар за јавно здравје Битола и во Скопје (поради пречекорување на рокот за одговор).

Реактивно нетранспарентни институции остануваат вкупно пет (5): Здравствените домови во Берово, Кичево, Прилеп (воопшто не доставиле одговор на доставените барања согласно Законот за доставување информации од јавен карактер), Министерство за здравство (одговориле на 6% барања во редовна постапка) и Општа болница Струмица (одговориле само на 45% барања во редовна постапка).

менаџмент / маркетинг1 ден ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг1 ден ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг1 ден ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании1 ден ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија1 ден ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија1 ден ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија1 ден ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет1 ден ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија6 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија5 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија2 дена ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија3 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки4 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија5 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија4 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

интервју1 ден ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

банки2 дена ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

економија1 ден ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок