економија
Речиси сите домашни инвестициски фондови со негативни стапки на принос годинава
Падот на светските берзи удри по работењето

Пад на приносите е регистриран кај акциските фондови, обврзничките фондови и кај балансираниот фонд. Единствено паричните фондови остварија позитивни приноси во првите шест месеци од годината.
Речиси сите отворени инвестициски фондови го завршија првото полугодие од 2022 година со негативни стапки на принос, за разлика од истиот период минатата година кога сите инвестициски фондови, освен еден, остварија позитивни стапки на принос, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).
Пад на приносите е регистриран кај акциските фондови, обврзничките фондови и кај балансираниот фонд. Единствено паричните фондови остварија позитивни приноси во првите шест месеци од годината.
При тоа, најголем пад на стапките на принос е забележан кај акциските фондови, што не е ни чудно, со оглед на тоа што во 2022 светските берзи, како и Македонската берза, се во „црвена територија“ што се однесува до индексите.
Имено, минатата година во првите шест месеци, стапките на принос на отворените инвестициски фондови се движеа во распонот од 14,92% на фондот ВФП Премиум Инвест до -6,08% на КБ Публикум – Златен фонд, додека во првите шест месеци од 2022 година стапките на принос се движат од -20,57% на КБ Публикум – Златен фонд до 1,04% на КБ Публикум – Паричен фонд.
Намалувањето на стапките на принос се должи пред сѐ на искажаните износи на реализирани загуби од продажба на финансиски инструменти кај акциските фондови, кај кои и падот на стапките на принос е најизразен.
Во една од табелите во прилог на текстов, е даден приказ на приносот на одделните инвестициски фондови за првите шест месеци од 2021 година и од 2022 година, како и на просечната нето вредност на одделните фондови во првите шест месеци од 2021 година и од 2022 година.
Сите четири парични фондови оствариле позитивни стапки на принос, но кај нив и осцилациите во стапките на принос се најмали, што е разбирливо со оглед на нивните инвестициски политики.
Стапките на принос на обврзничките фондови и кај балансираниот фонд минатата година беа позитивни, а оваа година се негативни. Најголеми осцилации се забележани кај стапките на принос на акциските фондови, чии приноси во првите шест месеци од минатата година биле позитивни со стапки на принос кои се движеа во распон од -6,08% кај КБ Публикум Златен Фонд (кој минатата година беше единствен акциски фонд со негативен принос за првите шест месеци), па сѐ до 14,92% принос што го оствари фондот ВФП Премиум Инвест. Оваа година во првите шест месеци, сите 13 акциски фондови имаа негативни стапки на принос кои се движеа во распонот од -20,57% кај КБ Публикум Златен Фонд до -0,12% кај Иново Статус Акции, што главно се должи на падот на цените на финансиските инструменти во кои вложуваат фондовите.

Најголем дел од парите фондовите вложиле во акции
Во периодот 01.01.- 30.06.2022 година отворените инвестициски фондови прикажале приливи од продажба на издадени документи за удел во вкупен износ од девет милијарди денари , што е за 6,75% помалку во однос на прикажаниот износ на приливи од продажба на издадени документи за удел за истиот период минатата година, кога изнесувал 9, 66 милијарди денари.
Од друга страна , износот на одливите од повлекување на удели се зголемил за 2,72% од девет милијарди денари во првите шест месеци од 2021 година на 9,3 милијарди денари за периодот 01.01.30.06.2022 година.
Најголема фреквенција на продажби и откупи на документи за удел има кај паричните фондови. Имено, кај четирите парични фондови се регистрирани 88,54% од вкупните приливи на сите фондови по основ на продадени документи за удел за првите шест месеци од 2022 година, што е приближно на исто ниво како и истиот период минатата година, кога учеството било 87,70%. Во поглед на одливите по основ на откуп на документи за удел 94,60% од вкупните одливи на сите фондови во првите шест месеци од 2022 година се всушност одливите од откупени документи за удел на паричните фондови (минатата година во истиот период 92,49%).
Со состојба на 30.06.2022 година отворените инвестициски фондови најголем износ од средствата со кои управуваат ги имаат вложено во сопственички финансиски инструменти – акции (43,32%).
Вкупниот износ на средства вложени во акции на 30.06.2022 година изнесува 4, 5 милијарди денари и истиот е за 38,30% повисок од вкупниот износ на средства на фондовите вложен во акции со состојба на 30.06.2021 година, кога изнесувал 3,25 милијарди денари.
Имајќи предвид што најголем дел од регистрираните отворени инвестициски фондови (65%) се акциски фондови, чии инвестициски политики се фокусирани на инвестирање во акции, во вкупните вложувања на фондовите доминираат овие финансиски инструменти. Инаку, значаен дел од портфолијата на фондовите е инвестиран во пласмани и депозити (23,95%), кои им овозможуваат ликвидност на фондовите.

Финансии, здравство и ИТ најпривлечни индустрии за вложување
Со состојба на 30.06.2022 година отворените инвестициски фондови најголем износ (43,3%) од средствата со кои управуваат ги имаат вложено во сопственички финансиски инструменти – акции. Во обврзници имаат вложено 28,1%, во пласмани и депозити речиси 24% и во останати хартии од вредност 4,6% од средствата.
Во однос на истиот период минатата година, учеството на вложувањата во акции е зголемено на сметка на учеството на вложувањата во пласмани и депозити и во обврзници.
Од аспект на дејноста на издавачите во кои фондовите вложуваат во акции, најголем износ од средствата со кои управуваат фондовите ги имаат вложено во три клучни сектори – финансиски услуги, здравство и информатичка технологија.
Вкупниот износ на средства вложени во овие три сектори на 30.06.2022 година изнесува 2,23 милијарди денари и истиот е за 34,06% повисок од вкупниот износ на средства на фондовите вложен во овие три сектори со состојба на 30.06.2021 година, кога изнесувал 1,67 милијарди денари.
Според домицилноста на вложувањата со состојба на 30.06.2022 година отворените инвестициски фондови најголем износ од средствата со кои управуваат ги имаат вложено во домашни финансиски инструменти (59,90%).
Вкупниот износ на средства вложени во инструменти од Република Северна Македонија на 30.06.2022 година изнесува 6.390,26 милиони денари и истиот е за 5,45% помал од вкупниот износ на средства на фондовите вложен во домашни финансиски инструменти со состојба на 30.06.2021 година, кога изнесувал 6,76 милијарди денари. Покрај во домашни хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари, отворените инвестициски фондови вложувањата ги насочуваат кон финансиски инструменти од eвропски издавачи (21,47% од вкупниот износ на вложувања), како и во инструменти од aмерикански издавачи (12,66%).