интервју
Роберт Јанкулоски: Очите широко отворени
Разговаравме со Роберт Јанкулоски, фотограф, снимател и ко-автор на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“

„Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно се во фокусот на овој проект. На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите кои демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.
Во моментов, во Националната галерија се случува мултимедијален наратив за уште една успешна приказна, претставување на националниот мултимедијален проект „Пејзажно искуство“ од 59. Венециско биенале 2022, (“Landscape Experience”), во Чифте амам, кое започна на 30 март 2023 и ќе трае до 30 април 2023 и е наменет за широката македонска публика.
Проектот Landscape Experience на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор на нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики.
„Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно се во фокусот на овој проект. На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите кои демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.
Во освртот кон изложбата, кураторот Ана Франговска запиша: Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…
Венециско биенале – раскажете ни ги впечатоците за поставката таму и мотивацијата зад она што го прикажувате во Скопје?
Венециското биенале заврши пред неколку месеци (27.11.2022), а нашата “венециска приказна” продолжува. Во тек е изложбата “Пејзажно искуство” Landscape Experience со којашто се претставивме на 59.Венециско биенале во Чифте амамот во Скопје. Венеција беше едно големо искуство за нас, задоволни сме од она како беше прифатен нашиот павилјон на Биеналето. Пред се од самата поставка затоа што успеавме во целост да ја реализираме нашата идеја, креативно и технички. А, исто така задоволни сме и од реакциите на публиката и стручната јавност. Иако станува збор за истите елементи, истата содржина како во Венеција, изложбата во Скопје, поради просторот визуелно е поинаква. Пораката е иста но поради поголемиот простор поставката некако е посмирена со акцент на секоја фотографија посебно.
Како настана приказната за Македонски центар за фотографија?
Македонски центар за фотографија јас и Моника го формиравме во 2000 година, со цел истражување, собирање и презентирање на стара македонска фотографија. Од 2007 започнавме со организирање на обуки од областа на фотографијата на сите нивоа и успешно работиме до денес. Нашата крајна цел е формирање Музеј на фотографија со сопствен изложбен простор.
Многу малку се знае дека поддржувате млади фотографи, дека своето богато искуство сакате да го пренесете. Кој е пристапот кон студентите на обуките што ги држите? Во какви фотографи сакате да се развијат?
Едукацијата од областа на фотографијата ја спроведувам на две нивоа. На универзитетско ниво, на Интернационалниот универзитет “Еуропа Прима” каде што сум редовен професор и каде што имаме единствена катедра по фотографија во државава и во МЦФ преку курсеви, работилници и летни школи. Мојот пристап е ист со редовните студенти и со оние кои што доаѓаат на курсевите. Но, обемноста на материјалот, вежбите и критериумите секако се поголеми кај редовните студенти затоа што ним фотографијата им е професионална определба. Секогаш се трудам да создадам уметници кои се свои, независни и кои имаат идеи што од почеток до крај ги реализираат. Во уметноста најважна е идејата, размислувањето, начинот на реализација, а техничката страна е полесниот дел иако исто така многу важен при создавањето на едно дело.
Кој жанр го работите?
Работам во повеќе жанрови затоа што на уметноста гледам поинаку, а не жанровски. Се зависи од идејата и темата која ја работам и од начинот како сакам да ја пренесам пораката до гледачот. Медиумски можеби најчесто ја користам фотоинсталацијата како облик на изразување. Пред се најмногу ме привлекува документарниот израз без разлика дали се работи за пејзаж, портрет или пак дури и некоја апстрактна форма.
Што е за вас добар фотограф?
Секој оној што искрено и пристапува на фотографијата, а со тоа и на уметноста.
Имате ли фотографија која ви е особено значајна?
Во различен период различна фотографија, така што со годините се насобрале многу значајни фотографии. Некои мои, а некои од други фотографи.
Имате ли порака која сакате да ја испратите?
Ќе употребам една многу стара реченица, од еден фотографски проект: “Гледајте го светот со отворени очи” и ќе додадам: имајте свој ракурс на гледање и постојано трудете се да ја направите вашата “најдобра” фотографија.



