Connect with us

интервју

Росана Дуџак: Секој треба да ја прифати Агендата 2030 како своја

Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија

објавено

на

За да се направат реални промени, што е од  клучна важност за одржливиот развој, секој треба да ја прифати Агендата 2030 како своја. За жал, некои сѐ уште сметаат дека тоа спаѓа само во мандатот  на ОН, што е далеку од вистината. Агендата 2030 и целите за одржлив развој  не се разликуваат од државните цели за борба против сиромаштијата, зголемениот просперитет, обезбедување стабилност и здрава животна средина. Неопходно е да се промовираат и користат клучните карактеристики на Агендата, инклузивноста и партнерствата. Реална промена е возможна само ако сите сегменти од општеството  придонесуваат и имаат придобивки од нејзиното спроведување.

Шефицата на мисијата на ОН во Северна Македонија или Постојан координатор, како што е официјално нејзината позиција во номенклатурата на светската организација, г-ѓа Росана Дуџак, го води и стратешки го позиционира тимот на ОН во земјата, кој вклучува 18 агенции од кои 12 имаат своја канцеларија или преставник во Северна Македонија. Истовремено таа е назначен претставник за развојни активности на Генералниот секретар на ОН.
Во услови кога целиот свет се’ уште се справува со последиците од пандемијата и глобалната соработка е поважна од било кога досега, со г-ѓа Дуџак разговаравме за најзначајните аспекти од работата на ООН во Северна Македонија, односно во кои области со помош на организацијата е постигнат најголем напредок кон исполнување на целите за одржлив развој, а каде имаме уште доста работа како општество.

Постои многу простор во Северна Македонија за да се зајакне улогата на приватниот сектор во одржливиот развој. На глобално ниво,  придржувањето до еколошките, социјалните и управувачките стандарди стана тренд во приватниот сектор, па се надеваме дека тоа ќе се случи и тука.

Каков е ставот на ОН по прашањето на дигитализацијата во образованието  со оглед на жестоките дебати што се водат во земјата?

Дигитализацијата не е само неизбежна, туку и пожелна, и колку поскоро ја прифатиме, толку подобар исход може да се очекува во земјата.  Тоа особено важи за образованието поради напредокот на ИКТ  и потребата, како што вели познатата изрека, „да ги подготвуваме децата денеска за работните места коишто сѐ уште не постојат”; затоа се чини дека дигитализацијата е неизбежна. Дигиталните технологии сѐ повеќе стануваат реалност во животот на децата и влијаат на начините на кои тие бараат информации, се социјализираат, си играат и учат.

Меѓутоа, дигиталното учење треба да биде само дел од основниот пакет на главни услуги за секое дете и млад човек. Истражувањата нудат убедливи докази дека дигиталните технологии можат да го поддржат образованието и да доведат до поголема ангажираност на учениците, помагајќи им да ги изградат вештините за 21 век коишто се неопходни за живот и работа во глобалното општество кога се користат како надополнување на традиционалната настава. Дигиталните учебници и останатите дигитални ресурси за учење имаат потенцијал да ја унапредат промената во парадигмата кон образование каде ученикот има централно место. Меѓутоа, за да успее овој процес,  развојот на дигитални материјали за настава и учење треба да биде соодветно поддржан со развој на дигитална педагогија, дигитално стручни наставници и доследна техничка поддршка.  Клучна улога во овој процес имаат наставниците, и тие треба да бидат поддржани за да достигнат ниво на дигитална стручност и соодветно да ги приспособат своите педагошки пристапи.

Исто така, мора да се даде приоритет на најранливите деца и млади луѓе за да се поврзат и да имаат еднаков пристап до квалитетно дигитално учење коешто е во развој.  Дигиталното учење треба да се стави на располагање на секое дете и млад човек, вклучително и на децата со попреченост, преку избор на методологии за учење каде што се зема предвид степенот на образование на детето и наставниот јазик.

Секако, пристапот на секоја земја кон овие промени е различен, а решенијата треба да се прилагодат на собраните податоци и докази  за потребите на учениците во таа земја.

Агенциите на ОН спроведуваат бројни активности во поддршка на дигиталната трансформација и иновациите во разни области, од здравството до локалната самоуправа, и ние цврсто веруваме дека преку обезбедување пристап до овие услуги за сите  може да се забрзува развојот и да се подобри на квалитетот на животот.

На што конкретно работи ОН со релевантните македонски институции изминативе неколку години за да се подигне квалитетот на образованието во Македонија?

Во последните пет години, со поддршка од УНИЦЕФ, УНДП, УНФПА и други агенции на ОН, Северна Македонија забележа значителен напредок во пристапот, квалитетот и инклузивноста на образованието, преку собирање докази, меѓуресорско застапување, техничка поддршка и иновации.

Заедно со Светска банка и ЕУ, го поддржавме порастот во стапката на запишани деца во предучилишно образование од 30 на 42 проценти. Користејќи ги наодите од сеопфатниот преглед на ОЕЦД за евалуација и оценување во образованието, УНИЦЕФ помогна да се идентификуваат главните системски празнини за слабите резултати од учењето. Тоа поттикна дијалог за политики за особено потребната реформа на образовниот систем.  

Започнувајќи со ревидирање на Акцискиот план за Националната стратегија за образование за 2018-2025, процесот на реформи продолжи со поголем број клучни образовни политики, како што се Законот за основно образование и Законот за наставниците и стручните соработници.  Како резултат на тоа, според мерењата на ПИСА, од 2015 до 2018, процентот на ученици со лоши резултати по секој предмет (читање, математика и наука)  се намали за најмалку девет процентни поени. Земјата забележа најголемо подобрување во резултатите по читање, втор најголем резултат по наука и трет по математика.

Пандемијата со Ковид-19 не беше исклучок.  Во последната година, значајна поддршка се даваше на Министерството за образование за брза промена на образовниот систем кон учење на далечина, обезбедувајќи образовна програма на националниот јавен сервис и видео лекции и други дигитални образовни ресурси преку националната платформа Едуино. Сега, кога пандемијата е повеќе во наша контрола, се застапуваме за безбедно враќање на училиште и поддршка за Владата тоа да се направи безбедно и брзо.

Каде имаме постигнато најголем напредок во исполнувањето на целите од Агендата 2030 во земјава  и каде заостануваме?

На ниво на тимот на ОН постои консензус дека деградирањето на човечкиот капитал и понатаму е една од најголемите предизвици за земјата. Проблемот е комплексен и дологорочен, започнувајќи со лошите здравствени и образовни резултати па сè до севкупниот политички контекст во земјата што подолго време води кон иселување на младите.

Она што треба да се знае е дека Агендата 2030 не е едноставен збир на 17-те Цели за одржлив развој (ЦОР), туку взаемно поврзана и неделива трансформација во пет категории:  Луѓе, Просперитет, Планета (Животна средина), Мир (Добро управување) и Партнерство за која се заложија сите 193 земји потписнички.  

Во 2020 год.,  со поддршка од ОН и други меѓународни партнери,  Владата го подготви првиот Доброволен национален преглед (ДНП), што ја дава основата за напредок во однос на ЦОР во Северна Македонија. За пофалба е што овој извештај беше подготвен во тешки времиња со пандемијата со Ковид-19, со консултативен приод и со вклученост на националните власти, младите, граѓанското општество, бизнисот и академската заедница.  

Според овој извештај, Северна Македонија ги оствари најголемите достигнувања во категориите Луѓе и Просперитет во однос на опаѓачкиот тренд на сиромаштија, нееднаквост и  невработеност со текот на годините. Со поддршка од ОН, земјата успеа двојно да го намали процентот на смртност на новороденчињата од 11.9 во 2016 год. на 5.7 во 2018 год. и постојано да ја зголемува стапката на имунизација на децата.

Подобрувања и континуирани заложби се забележани и во категориите Мир и Партнерство преку напредок во реформите за владеење на правото и добро управување, коешто заедно со подобрување на соседските односи, го возобнови евро-атлантскиот пристапен процес. Особено сакам да го пофалам постигнатиот напредок кон родова еднаквост и справување со насилството врз жените и девојчињата.

Порастот на вработеноста на жените може да биде еден од таканаречените акцелератори на одржлив развој во Северна Македонија. Дополнително, земјата прави значителни заложби во борбата против организираниот прекуграничен криминал. Во 2020 год., откривањето на криумчарењето мигранти се зголеми за 17.3% од претходната година, и 91 лице беа кривично гонети во 65 предмети за криумчарење.

Најслаб напредок е забележан во категоријата Планета. Меѓутоа, за кусо време по објавувањето на извештајот беа преземени конкретни активности, како што се владината заложба за поддршка на намалување на емисијата на стакленички гасови во земјата до 51% во 2030 год. споредено со 1990 год., како и планот за усогласување со Зелениот план на ЕУ за Западен Балкан. Меѓутоа, загриженоста од страна на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство во регионот на Охрид и понатаму останува сериозна..  За потребите на ДНП, УНДП поддржа Брзата интегрирана проценка, преку којашто се направи мапирање и анализа на усогласеноста во поглавјата за ЕУ, меѓународните конвенции и ЦОР, и покажа дека 83% од документите за планирање во земјата се усогласени со ЦОР. Ако тоа се надополни со 55-те ратификувани конвенции од страна на земјата, усогласеноста достигнува ниво од 98 %.

Во кои области на ЦОР има најголемо вложување од страна на ОН во Северна Македонија?

Неодамна го објавивме Годишниот извештај на ОН за Северна Македонија за 2020 год., последен во рамки на претходната Стратегија помеѓу ОН и Северна Македонија за периодот од 2016-2020, каде што се дава и преглед на постигнатите резултати од претходниот програмски период од 5 години.  Во овој период, ОН, преку големиот придонес на нашите донатори, вложи над 130 милиони американски долари во пет различни области, коишто беа усогласени со владината програма за 2017-2020 и приоритетите од пристапувањето во ЕУ.  

ОН го поддржаа отворањето работни места со интервенции на сите нивоа – од градење институционални капацитети и унапредување на социјалниот дијалог,  до поддршка за развојот на политики за работни односи и мали и средни претпријатија (МСП),  прилагодување на наставните планови во образованието со потребите на пазарот на труд и спроведување на наменски активни мерки за вработување и програми за развој на вештини.  Со оваа поддршка придонесовме да се отворат 6,298 работни места со полно работно време (од кои 38% жени) и 5483 нови компании  (36% од млади луѓе), и обучивме над 50,000 луѓе.

Во областа на добро управување, ОН го помогнаа инклузивното креирање и спроведување на политики и го поддржаа пристапниот процес во ЕУ преку јавно достапниот портал за Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) .  Го поддржавме и ангажманот на националните чинители во рамки на меѓународните механизми за човекови права, а на локално ниво работевме на јакнење на општинските капацитети и услуги, меѓу – општинската соработка, меѓуетничкиот дијалог и социјалната кохезија. До крајот на 2020 год., 30 општини располагаа со интегрирани и инклузивни планови за локален развој, 21 општина воспостави родово одговорно буџетирање и над 1,000 општински советници беа оспособени да преземаат поголема улога во одлучувањето и надзорот на локално ниво. Како одговор на мигрантската криза во 2016 год., Гевгелија се здоби со депонија за цврст отпад и реновирана болница, а во болницата во Куманово беше отворено ново одделение за брза помош.

Дававме силна поддршка и за иновациите, вклучително и за Центарот за иновации на Град Скопје, каде што се овозможи тестирање на различни модели на локално управување.  Преку предизвиците за иновации UPSHIFT и Generation Unlimited се ангажираа голем број на млади луѓе преку отворени иновации, а локалните тимови финалисти учествуваа на глобалниот повик на Generation Unlimited, и во двете години беа победници на глобално ниво.

ОН придонесоа за значајни резултати во  социјалните услуги, цврсто потпирајќи ја нашата работа на создавањето нови податоци и статистика,  што има голема важност за спроведување наменски политики со цел никој да не биде изоставен.  Го помогнавме развојот и спроведувањето на политиките за социјална и детска заштита, образование, смртност кај новороденчињата и сексуалното и репродуктивното здравје, миграциите и заштитата на бегалците. Обезбедивме нови модели за инклузивно образование во 30 основни училишта и 25 детски градинки, поддржавме дигитализација и инвестиции во здравството; го унапредивме работењето на Центрите за социјална работа и капацитетите за хуманитарно гранично управување и кризен менаџмент во камповите.

Особено сме горди на придонесот што го дадовме за затворање на специјалните основни училишта за децата со попреченост и укинувањето на посебните групи за деца со попреченост во предучилишното образование. До крајот на 2019 год.,  во големите институции повеќе немаше оставени деца без грижа, а за 30%  порасна бројот на деца доделени кај згрижувачи и петкратно се зголемија додатоците за сиромаштија кај децата.

За заштита на животната средина неопходни се уште повеќе напори од страна на државата и развојните партнери, меѓутоа, многу важни резултати се веќе постигнати со поддршка на ОН во последните пет години. Тука спаѓа и  прогласувањето на нови национални паркови и заштитени подрачја, како  Шар Планина , воспоставување на Национален инвентар за шуми и систем за мониторинг, вклучително и Зелен катастар за Град Скопје. Нашата поддршка е насочена и кон консолидирање на земјиштето, воведување на  климатско-паметни земјоделски технологии, национално агро-еколошко зонирање и информациски систем за управување со земјишните ресурси за да се подобри земјоделското производство и капацитетот за прилагодување на земјоделските производители.

ОН го поддржаа и Планот за управување со сливот на Преспанското езеро,  а потоа и за сливот на река Струмица,  а надлежностите за заштита и управување беа префрлени на општините. Направивме истражување за практиките за загревање и загадување на воздухот во една од најзагадените области на Скопје. Започнаа активностите за чистење на опасниот отпад од едно од најголемите жаришта во земјата – фабриката ОХИС, којашто претставува еколошка закана за главниот град.

Преку програмата за намалување на ризици од катастрофи во Полошкиот и Струмичкиот регион, 50% зголемување на одводниот капацитет на реставрираните канали во просек спречуваат економска загуба на годишно ниво од 50,000 до 100,000 американски долари поради поплави за кои постои голема веројатност. Во Пелагонискиот регион, спречените штети надминаа износ од 2 милиони американски долари за над 230,000 луѓе.

ОН вложија значителни заложби за унапредување на родовата еднаквост. Усвојувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) е клучно достигнување на национално ниво, проследено со воспоставување на клучните институционални структури, вклучително и три центри за упатување жртви на сексуално насилство во болниците во Тетово, Скопје и Куманово. Над 6,000 државни службеници беа обучени за вклучување на родовата перспектива и родово – базирано буџетирање и по прв пат родово специфични одредби беа вклучени во методологијата за стратешко планирање на Владата, а вработеноста на жените се зголеми.

Кои се клучните предизвици за македонското општество, каде не посветуваме соодветно внимание, и кои се главните пречки за целосно остварување на ЦОР?

Подготвената Заедничка анализа за земјата ја даде основата за формулирање на новата Рамка за соработка на ОН и Северна Македонија за 2021-2025, каде што се идентификувани клучните предизвици за спроведување на Агендата 2030 во земјата и  8 различни групи на луѓе кои се посебно ранливи и изоставени од развојните процеси. Тука спаѓаат млади луѓе кои не се вклучени во образование, вработување и обука, ранливи жени и девојчиња, Роми, деца, постари лица, лица со попреченост, бегалци, мигранти, лица без државјанство, ЛГБТ и луѓе од руралните области и мали земјоделци. Непостоењето на сеопфатна и долгорочна национална стратегија за одржлив развој и отсуство на прецизни и расчленети податоци за креирање политики, заедно со недоволен институционални капацитети и човечки ресурси се идентификувани меѓу основните предизвици за забрзување на развојот на земјата.

На ниво на тимот на ОН постои консензус дека деградирањето на човечкиот капитал и понатаму е една од најголемите предизвици за земјата. Проблемот е комплексен и дологорочен, започнувајќи со лошите здравствени и образовни резултати па сè до севкупниот политички контекст во земјата што подолго време води кон иселување на младите..

Имајќи го тоа предвид, ОН и националните власти се одлучија за три национални стратешки приоритети за коишто ОН ќе даваат свој придонес во следните пет години: 1) Одржлив и инклузивен економски и социјален развој; 2) Климатска акција, природни ресурси и управување со ризик од катастрофи и 3) Транспарентно и одржливо демократско управување. Работата на 18 агенции на ОН, од кои 12 се со постојан статус во земјата, ќе се насочи на четирите области за да се постигне: инклузивен просперитет; квалитетни услуги за сите; здрава животна средина и добро управување.

Исто така, со задоволство ве информирам дека со техничка поддршка од ОН преку УНДП како директен спроведувач и финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство во земјата започна процесот за подготовка на Национална стратегија за развој 2021-2041. Моментално со тимот на меѓународни и домашни експерти како и институциите на државата сме фокусирани на дефинирање на иновативна методологија заснована на интензивни консултации за градење на консензус и на предлог оперативна структура  која ќе обезбеди формулирање, но и континуирано следење и адаптирање на стратегијата за да остане релевантна и во следните 20 години. Дополнително, се надеваме дека претстојниот попис ќе обезбеди прецизни, навремени и расчленети податоци што се предуслов за одржлив развој и за работа со цел никој да не заостане.

Меѓутоа, за да се направат реални промени, што е од  клучна важност за одржливиот развој, секој треба да ја прифати Агендата 2030 како своја. За жал, некои сѐ уште сметаат дека тоа спаѓа само во мандатот  на ОН, што е далеку од вистината. Агендата 2030 и ЦОР не се разликуваат од државните цели за борба против сиромаштијата, зголемениот просперитет, обезбедување стабилност и здрава животна средина, и на неа треба да се гледа само како на упатства и алатки за постигнување на резултати.  Неопходно е да се промовираат и користат клучните карактеристики на Агендата, инклузивноста и партнерствата. Реална промена е возможна само ако сите сегменти од општеството  придонесуваат и имаат придобивки од нејзиното спроведување.

Постои многу простор во Северна Македонија за да се зајакне улогата на приватниот сектор во одржливиот развој. На глобално ниво,  придржувањето до еколошките, социјалните и управувачките стандарди стана тренд во приватниот сектор, па се надеваме дека тоа ќе се случи и тука. UN Global Compact  е најголема иницијатива за корпоративна одржливост во светот, преку која се усогласува на компаниското работење со универзалните принципи за човекови права, работни односи, животна средина, како и за спречување корупција и унапредување на општествените цели. Досега дванаесет македонски компании се членки на оваа иницијатива.

Сепак, понекогаш доволно е да се започне само со повеќе информации, а тоа да доведе до поголема свесност и ангажман. Во тој поглед, неодамна дискутиравме со Народната банка за нивните планови да се зајакне следењето на “зеленото” кредитирање на компаниите преку нивната надзорна улога во финансискиот систем. Покрај тоа,  новата буџетска реформа, кшто треба да воведе програмско буџетирање, дава одлична основа да се зголемат информациите за финансиските аспекти на одржливиот развој преку поврзување со ЦОР и воведување на родово буџетирање во стратешкото планирање на институциите. Тоа се одлични чекори за понатаму.

СЗО како агенција при ООН е во центарот на случувањата во последната година и половина, и се чини дека во светот преовладува ставот дека од оваа агенција се очекуваше да направи повеќе за управувањето со здравствената криза – богатите земји ги земаа најголемиот број на вакцини, а голем број сиромашни земји заостануваат со имунизацијата, или со прости зборови, се покажа грдото лице на неправичниот свет. Колку реално може СЗО да направи за да се обезбеди поправична распределба на вакцините и останатите ресурси што се неопходни во борбата со пандемијата?

Иако развојот на вакцините за КОВИД беше неверојатно брз,  понудата се’ уште не може да ја задоволи побарувачката. Состојбата со понудата на глобално ниво и понатаму е несигурна поради големата побарувачка за вакцини, неможноста на производителите да одговорат на глобалната побарувачка, складирањето на вакцините од страна на побогатите земји и трговските бариери.

Амбицијата е КОВАКС да претставува единствен глобален инструмент за правичен пристап, односно механизам за правична дистрибуција на вакцините низ сите земји , целосно поддржан од ОН.

Во последниве неколку месеци, многу земји склучија билатерални зделки и се снабдија со вакцини, меѓутоа, КОВАКС механизмот ќе ја задржи посветеноста за распределба на дозите во сите земји. За жал, разни фактори го нарушија снабдувањето со вакцини на глобално ниво, а веќе до крајот на јуни постои и недостиг од 190 милиони дози преку КОВАКС.

Сепак, механизмот функционира, и досега се испорачани 65 милиони дози во 125 земји, и речиси една третина од тие земји немаше да бидат во можност да започнат со вакцинација без механизмот КОВАКС. Меѓутоа, функционалноста зависи од земјите и производителите кои треба да се придржуваат до обврските. Неопходно е заеднички да поставиме амбициозни цели за да се вакцинира возрасната популација во светот колку што може поскоро. Никој не е безбеден додека сите не се безбедни.

Во контекст на пандемијата, но, и како поширока општествена појава,  лажните вести, манипулациите и пропагандата, во ерата на дигитализацијата и глобалната поврзаност на интернет станаа ризик фактор за постигнување одржлив развој и просперитет.

Каква е улогата на ОН во спротивставувањето на оваа глобална општествена појава?

Иако темата за лажните вести нашироко се дискутира и анализира последниве десетина години, пандемијата со Ковид-19 покажа до кој степен оваа појава може да биде опасна, па дури и да биде закана по животот. Се покажа дека лажните вести можат и придонесат за луѓето да ги пропуштат можностите да се заштитат себеси и своите семејства. Всушност,  многумина веруваа дека „инфодемијата” којашто произлезе од пандемијата беше уште поопасна отколку ширењето на вирусот и болеста.

Има многу причини зошто оваа борба треба да ја водиме заеднички, не само затоа што влијае на нашите општества, туку, како што видовме и од пандемијата, тоа може да придонесе и за непотребна загуба на човечки животи. Тоа е едноставно неприфатливо.

ОН работат на повеќе фронтови за да обезбедат дека луѓето имаат пристап до информациите што им се неопходни, од сигурни извори, во вистинско време. Од работа со единиците на локалната самоуправа за да се обезбеди поголема транспарентност и расположливост на нивните услуги, па сѐ до застапување за користење на сигурни извори за важни работи, како што е процесот на имунизација. Поголемиот дел е веќе направен, но преостанува уште многу повеќе да се направи, пред се преку обезбедување на анализи засновани на докази и иновации за да се зголеми отчетност за медиумите и поединците и подобри медиумската писменост меѓу граѓаните

Она што е важно да се спомене тука е дека тоа е нешто со коешто не може да се избори една или неколку организации. Моќта на интернетот, и особено на социјалните мрежи, што во исто време е и најголем недостаток, е можноста на секое лице на планетата да може брзо да шири информации со стотици, илјадници, па дури и милиони луѓе. Отсуството на одговорност што често се поврзува со тоа, само ја влошува состојбата, и особено го усложнува справувањето со неа. Ова е битка што можеме да ја извојуваме само заеднички.

Какви реформи на ОН се планирани и спроведени во последните години во однос на клучната улога да ги зачуваат и унапредуваат мирот и просперитетот? Што значат реформите за позицијата и организацијата на ОН во Северна Македонија и дејствувањето во иднина?

Главните реформи на развојниот систем на ОН имаат за цел поголема ефикасност на семејството на ОН, и внатрешно и надворешно, во давањето поддршка на земјите за постигнување на Целите за одржлив развој. На пример, воведувањето на системот со посебна канцеларија на Постојаниот координатор на ОН е столб на сите овие реформи за да се зголеми позитивното влијание, а да се намали дуплирањето и неефикасноста во нашата работа; да се прошират партнерствата; и да се намали оптоварувањето врз националните партнери и донаторите.

Постојат докази дека новиот систем со постојан координатор  помогнал да се зголеми соработката во тимовите на ОН за земјите  и да се поттикне усогласеноста со националните приоритети и потреби во многу земји. Многу влади се изјаснија дека постојаните координатори и тимовите на ОН во земјите покажале зголемен капацитет за поддршка на националните развојни приоритети.

Како што не’ потсети и Ковид-19, и неопходно и итно е да се обезбеди дека Обединетите Нации остануваат релевантни и одговорни за предизвиците на дваесет и првиот век.

Во Северна Македонија, преку овие реформи, успеавме да ја подобриме координацијата и да ја засилиме поддршката што ја даваме на нашите национални и владини партнери, но и постепено да ги мобилизираме другите партнери и поединци за Агендата 2030. Како семејство на ОН, задолжително е да го следиме начелото – Никој да не заостане –во секој дел од нашата работа. Причината за тоа е едноставна. Кога секому е дадена еднаква можност за опстанок и развој, целото општество е побогато и подобро. Кога никој не е оставен да заостане, можеме да постигнеме подобри резултати, да го подобриме квалитетот на нашиот живот и перспективите за сите идни генерации.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка