свет
Русија касни со плаќање на долгот кон странство. Министерот за финансии: тоа е фарса

„Има две причини. Прво, дека на инфраструктурата во странство и е забрането извршување на било какви активности поврзани со Русија. Второ, на странските вложувачи изречно им е забрането да примаат уплати од нас“, вели рускиот министер за финансии Антон Силуанов.
Русија за првпат во повеќе од сто години не го платила на време долгот кон странство, јавува Блумберг. Русите имаат пари за плаќање на 64,6 милиони евра и спремни се да го платат тој износ, но се испречија санкциите што оневозможуваат исплата кон странските доверители.
Москва одлучно сакаше да спречи такво сценарио, а рускиот министер за финансии Антон Силуанов оваа ситуација ја нарече фарса. Каматата од 94,6 милиони евра доспеа уште на 27 мај. Русите тврдат дека префрлиле пари на Euroclear, банката којашто уплатата требало да ја дистрибуира кон инвеститорите. Парите, меѓутоа, таму заглавиле, а доверителите не ги примиле, пишува Блумберг.
Во меѓувреме, некои тајвански сопственици на руски обврзници не ја примиле исплатата на каматата, наведува Ројтерс, пренесувајќи два извори. Парите не стигнале во рок од 30 дена од датумот на доспевање, односно до вчера. Euroclear не потврдува дали плаќањето е блокирано, но порача дека се придржува до сите санкции кон Русија.
Ваква ситуација последен пат се случила во 1918 година по болшевичката револуција, кога новиот комунистички лидер Владимир Ленин одбил да ги плати долговите на Руското Царство. Министерот за финансии Антон Силуанов признава дека странските вложувачи нема да може да ги примат исплатите.
„Има две причини. Прво, дека на инфраструктурата во странство и е забрането извршување на било какви активности поврзани со Русија. Второ, на странските вложувачи изречно им е забрането да примаат уплати од нас“, вели Силуанов. Тој истакна дека Русија сака да си го плати долгот и дека има доволно пари за сервисирање на својот надворешен долг.
„Целата оваа ситуација е фарса“, коментира тој. Би-би-си пишува дека неизвршувањето на обврските е симболичен удар за Русија, но дека ќе има многу малку директни последици.