свет
Руските проектили погодија станбени згради во Киев, има загинати
Фото: AP News

Денеска е 20-от ден од руската инвазија на Украина. Вчера беше одржан четвртиот круг на мировни преговори, за коишто украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека поминале „прилично добро“. Новиот круг на преговори треба да се одржи денеска во Турција, најави тој.
Серија од проектили погодија станбена област во Киев утрово, предизвикувајќи огромни пожари и натчовечки напори на спасувачките тимови во 15-катната станбена зграда, јавуваат светските медиуми. Досега има информации за двајца загинати во нападот, а 35 луѓе се спасени од погодената зграда.
Градската управа на Киев направи список на згради во градот кои се оштетени во гранатирањето што се случуваше цела ноќ: две станбени згради од 9 и 16 ката во квартот Свијатошински; станбена зграда од 10 ката во округот Подилски; Куќа во областа Дарницкиј; дел од метро станицата Лукијанивска. Линијата на подземната железница и понатаму работи.
Украинскиот преговарач Михајло Подолјак објави снимка на Твитер.
„Поминува 20-от ден од украинското јунаштво. Вистинската слобода секогаш има цена. Русија се бори само со мирните градови, уништувајќи ги преку ноќта со проектили. Нашата војска ги бие Русите на сите страни. Партнерите и понатаму седат на страна, плашејќи се да станат глобални лидери“, порача тој.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли рече за BBC дека рускиот „план на нападот не функционира“.
„Планираа да биде многу лесно, некој вид на секавична војна во којашто руските трупи би ја преплавиле Украина. Наместо тоа гледаме жестока одбрана на Украинците, што е неверојатно фрустрирачки за Владимир Путин“, рече Клеверли.
Денеска е 20-от ден од руската инвазија на Украина. Вчера беше одржан четвртиот круг на мировни преговори, за коишто украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека поминале „прилично добро“. Новиот круг на преговори треба да се одржи денеска во Турција, најави тој.
Клучни настани изминативе 24 часа:
-Силни експлозии се слушаат во Киев. Погодени се три станбени згради, куќи, метро станици… Има загинати и повредени.
-Продолжуваат преговорите помеѓу Русија и Украина.
-Извештаи на САД тврдат дека Русија побарала воена помош од Кина. Кина ги негираше овие наводи, а САД се заканува со економски последици.
-Русија продолжува со гранатирање на украинските градови, нападнат е и станбен блок во Киев.
-Конвој од преку 160 автомобили го напушти Мариупол. Ова е првиот успешен обид за организирање на хуманитарен коридор од овој украински град.
-Се слушнаа експлозии во Лвов, Русите го гаѓаа воениот тренинг центар и базата западно од градот, загинати се најмалку 20 луѓе.
-ЕУ воведува дополнителни санкции за Русија.