економија
САД можеби ќе куртули од рецесија, Европа тешко
Прогнози за 2023

Повеќето големи инвестициски банки во светот очекуваат рецесија во нивното основно сценарио и дно на берзите во првиот или вториот квартал од следната година. Економиите на Велика Британија и еврозоната веројатно ќе западнат во рецесија следната година, но САД би можеле за влакно да избегаат благодарение на поголемата отпорност на пазарот на трудот. Неизвесноста во македонската економија останува висока, стагфлацијата ќе се интензивира до крајот на оваа и од почетокот на идната година, додека ценовните притисоци се очекува постепено да ослабат.
Еден месец по последното покачување на основната каматна стапка, за 0,75 процентни поени, Народната банка повторно ја качува каматата на благајничките записи, овој пат за 0,5 п.п., што е условно добрата вест во целата оваа ситуација околу инфлацијата. Народната банка констатирала дека во ноември, за првпат оваа година бил прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари.
„Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, коишто сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период.“, објаснуваат македонските монетарни власти.
Сега, основната каматна стапка изнесува 4,75%, што е највисоко ниво во последниве 12 години. Последен пат каматната стапка била над ова ниво, во септември 2010 година, кога била 5%.
Зголемувањето на основната каматна стапки значи посилно стегање на монетарната политика, односно намалување на паричната маса во оптек, со цел да се намали трошењето. Ова зголемување на основната каматна стапка е осмо по ред од април годинава, и неминовно ќе следи и покачување на каматните стапки кај деловните банки, односно поскапување на кредитите, она што најмногу ги засега граѓаните и компаниите.
Пад на домашната индустрија
Во услови на затегната монетарна политика, односно поскапување на кредитите, очекувано ќе забави и кредитната активност, што во краен случај не е добро за економијата. Борбата е сега, како и во другите земји од Европа и пошироко, меѓу двете зла: дали да се остави инфлацијата да избега од контрола, или да се загрози економскиот раст со монетарното затегнување.
Во третиот квартал, македонската економија порасна за 2%, на годишна основа. Како што велат аналитичарите на Finance Think, овој раст е остварен во услови на растечка неизвесност во економијата, односно забрзан раст на цените на храната и енергентите, како и значителен ризик од намалување на надворешната побарувачка.
„Особено погодена од овој контекст е индустријата, која во кварталот оствари пад од 1.7%, а само преработувачката индустрија пад од 2.9%, првенствено како резултат на ограничувањето на производството поради скапите енергенси.“, велат од Finance Think.
Стагфлацијата ќе се интензивира
Градежништвото, исто така, продолжи да се намалува за 9.1%. Од друга страна, враќањето на претпандемиските нивоа продолжи со солидна динамика од 9.1% раст кај трговијата, транспортот и хотелиерството. Сепак, ризикот од пад на надворешната побарувачка сé уште не е значајно материјализиран, бидејќи извозот и увозот ја задржаа својата динамика на раст од 17.8% и 19.4%, соодветно, додека неизвесноста позначајно се рефлектираше кај бруто инвестициите кои бележат побавен раст од претходно (9%). Приватната потрошувачка забележа невообичаено висок раст од 5.4%, остварен во услови на пад на реалната просечна плата (од 5.3%), но поддржан од растот на минималната плата, пензиите и дознаките од странство (номинален раст од 29% на годишна основа).
Невработеноста во третиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14.3% од претходните 14.5% (К2-2022). Вработеноста стагнира на 47.3%, па падот на невработеноста е остварен како резултат на пасивизација на населението на пазарот на трудот, што е неповолен тренд кој започна уште за време на пандемијата.
Во третиот квартал од 2022, инфлацијата забрза на 17.2% на годишна основа. Овој раст на цените и понатаму е доминантно движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но пренесените ефекти врз пошироката потрошувачка кошничка и растот на личната потрошувачка го оправдуваат монетарното затегнување кое започна во вториот квартал и неопходно налагаат поголема внимателност и рестриктивност од страна на фискалната политика.
Неизвесноста во економијата останува висока, стагфлацијата ќе се интензивира до крајот на оваа и од почетокот на идната година, додека ценовните притисоци се очекува постепено да ослабат. Оттука, Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2022 на 2.1%, додека нагорно ја ревидира проекцијата за стапката на инфлација на 13.9% (од претходните 12.2%). Проекциите за 2023 година изнесуваат: раст на БДП од 2.4%, раст на цените од 8.9%, двете со нагласена неизвесност.
Морган Стенли: глобалната економија во 2023 ќе порасне за 2,2%

Економиите на Велика Британија и еврозоната веројатно ќе западнат во рецесија следната година, но САД би можеле за влакно да избегаат благодарение на поголемата отпорност на пазарот на трудот, соопшти инвестициската банка Морган Стенли деновиве.
Очекуваното повторно отворање на Кина по речиси три години локдауни поради Ковид 19 треба да резултира со закрепнување на нејзината економија, како и на другите азиски пазари во развој, проценуваат аналитичарите на инвестициската банка.
За 2023 година предвидуваат раст на глобалната економија од 2,2 отсто, што е под најновата проценка на Меѓународниот монетарен фонд за раст од 2,7 отсто.
За следната година, Морган Стенли предвидува поделба меѓу развиените економии „во рецесија или блиску до неа“, додека економиите во развој „скромно ќе закрепнат“.
Скромен раст на развиените економии догодина
Се проценува дека кинеската економија ќе порасне за пет отсто следната година, над очекуваниот раст од 3,7 отсто за пазарите во развој, додека просечниот раст во групата 10 развиени земји е проектиран со стапка од само 0,3 отсто.
Централните банки ширум светот ги зголемуваа каматните стапки оваа година за да ја зауздат инфлацијата.
Најновата одлука на американските Федерални резерви е покачување на основната каматна стапка за 0,5 процентни поени, со што е достигнато највисоко ниво на каматната стапка од 2007 година наваму.
Иако најновото покачување е со помала стапка од досегашните потези на американската централна банка, кога скокот одеше по 0,75 процентни поени, Морган Стенли проценува дека ФЕД ќе ги задржи високите стапки во 2023 година бидејќи инфлацијата ќе остане висока откако ќе го достигне врвот во четвртиот квартал од оваа година.
Американската економија за малку ќе избегне рецесија во 2023 година, но приземјувањето поради значителното забавување на растот на вработеноста нема да биде толку меко, додека стапката на невработеност ќе продолжи да расте – се вели во извештајот, кој предвидува раст на американскиот БДП од 0,5 отсто во 2023.
„Кумулативниот ефект од строгата монетарна политика во 2023 година ќе се прелее во 2024 година, што ќе резултира со две многу слаби години“, се додава.
На глобално ниво, врвот на инфлацијата треба да дојде во последниот квартал од оваа година, пишуваат аналитичарите, „со намалување на стапките на инфлација што ќе ја води приказната следната година“.
Пазарот сугерира дека рецесијата е многу веројатна
Инвеститорите во периодот што следи ќе посветат посебно внимание на комуникацијата помеѓу ФЕД и Европската централна банка и курсот на монетарните политики во 2023 година.
Пазарите како обврзниците така и акциите се во интересна позиција, велат аналитичарите на Генерали Инвестментс.
„Пазарот на обврзници сугерира дека рецесијата е многу веројатна, бидејќи кривата е инверзна практично на целата должина. Тоа значи дека приносите на краткорочните обврзници се повисоки од долгорочните, а во берзанскиот свет тоа е еден од главните показатели за здравјето на економијата. Од друга страна, берзите растат бидејќи очекуваат пониска инфлација и пред сè, намалување на каматните стапки во втората половина на 2023 година.“, велат од Генерали.
Моментално берзите земаат предвид многу мали надолни корекции, практично без рецесија. Ова може да претставува проблем за 2023 година доколку работите не одат според очекувањата. Интересно е што повеќето големи инвестициски банки очекуваат рецесија во нивното основно сценарио и дно на берзите во првиот или вториот квартал од следната година. Оттука, јазот помеѓу состојбата на пазарот и очекувањата е многу голем. Од една страна, тоа покажува дека има уште многу слободен капитал од пандемијата, а од друга страна, дека инвеститорите продолжуваат со инвестирање во акции и покрај песимизмот, бидејќи тие ги гледаат како долгорочна можност.