македонија
Само Макпетрол доставил понуда за гас, од „контактите“ на Мицковски нема ништо досега

Во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини од природен гас за наредниот месец. АД ЕСМ досега набави природен гас за првите две недели од стартот на грејната сезона, односно до крајот на октомври.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска изјави дека во текот на оваа недела се очекува да бидат доставени понудите за набавка на потребните количини од природен гас за наредниот месец. Според него, досега понуда доставила само компанијата Макпетрол.
Тој притоа рече дека очекува да добијат уште две до три понуди. Ковачевски е оптимист дека ќе се најде доволно количини за сите топлани, но и да се задоволат и потребите на ТЕТО.
Од Владата денеска на неформален брифинг соопштија дека од компаниите кои што ги посочил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како негови контакти кои што можат да помогнат во пребродување на енергетската криза, односно за снабдување на природен гас и мазут, до денеска нема никаква понуда.
Во изминатиот период бил остварен контакт со посочените фирми, но ниту во Министерството за Економија, ниту во Електростопанство на Северна Македонија, немаат добиено било каква конкретна понуда.
Сепак, една мистерија е разрешена – познато е името на фамозната компанија која требало да обезбеди природен гас за земјава. Како што се дознава од извори во Владата, станува збор за фирмата PGO, која била регистрирана во Швајцарија.
Според регистарот на компании во Швајцарија, компанија со ваков назив е регистрирана во кантонот Цирих, каде што стои дека нејзина дејност е трговија со нафта и нафтени деривати.
Познавачите на приликите кај нас, пак, велат дека таа компанија не непозната во овдешните кругови, бидејќи и во минатите години се нудела за снабдување со енергенти.
Ковачевски посочи и дека АД ЕСМ во наредните денови ќе проба да најде полесен начин како граѓаните да ги склучат новите договори за топлинска енергија откако акционерското друштво ја презема дејноста од БЕГ. Тој посочи дека се работи за околу 60 илјади домаќинства.
Обврската за промена на договорите се однесуваат на сите граѓани кои досега парно добиваа преку компанијата БЕГ ( Балкан Енерџи груп) Тоа значи дека периодов кој следува исто толку сопственици на станови ќе треба да отидат на некој од трите пункта на БЕГ (во Центар, Аеродром и Тафталиџе), за да потпишат договор во којшто ќе пишува дека парното сега им го обезбедува ЕСМ.
АД ЕСМ досега набави природен гас за првите две недели од стартот на грејната сезона, односно до крајот на октомври.