македонија
Само 15,3% жени се извршни директори или претседатели на управни одбори
Родова анализа на управувачките структури во 100 котирани компании на Македонската берза

Само една четвртина или 24,2% е бројот на жени во органите на управување на котираните акционерски друштва, покажува родовата анализа на управувачките структури што ја изготви Македонската берза и ја објави на празникот на жената, 8 март годинава. Од вкупно 98 котирани компании на Официјален пазар со вкупен број на членови на органи на управување од 632, 75,8% од нив се мажи. Само 15,3%, пак, во котираните компании се жени како извршни директори или претседатели на управни одбори, покажува анализата.

Само една четвртина или 24,2% е бројот на жени во органите на управување на котираните акционерски друштва, покажува родовата анализа на управувачките структури што ја изготви Македонската берза и ја објави на празникот на жената, 8 март годинава.

Од вкупно 98 котирани компании на Официјален пазар со вкупен број на членови на органи на управување од 632, 75,8% од нив се мажи. Само 15,3%, пак, во котираните компании се жени како извршни директори или претседатели на управни одбори, покажува анализата.
Во компаниите чии што акции го сочинуваат берзанскиот индекс МБИ-10, значи најликвидните акции на берзата, 26,3% во органите на управување се жени, а 73,7% мажи. Во овие десет компании нема ниту една жена главен извршен директор или претседател на управен одбор.
Ако се анализираат оние стотина котирани компании на берзата, најголем дел, или 42, се во секторот индустрија. Во овој сектор, 79% од членовите на раководните органи се мажи, а 21% се жени. Најголем процент на жени има во раководните структури на секторот фармација, 35,3%, како и во секторот трговија, 34,8%. Најслаба родова еднаквост е забележана во секторот Трговија со нафтени деривати, каде што има само 5,6% жени во органите на управување, но треба да се истакне и дека во овој бизнис сектор има само две компании.
Но, жените не се воопшто полоши менаџери од мажите, напротив, покажува исто така анализата, иако не е доволно искористен нивниот потенцијал како што покажуваат бројките. Во рамките на оние компании каде што жените се главни директори, 73,3% оствариле добивка во 2020 година, додека 26,7% работеле со загуба. Во поголемиот дел од оние 100 котирани компании, каде што раководат мажи, добивка оствариле 71,3% од компаниите, а со загуба годината ја завршиле 28,8%.
Македонската берза се приклучи кон глобалната иницијатива „Ring the Bell for Gender Equality“

Македонска берза АД Скопје се приклучи кон глобалната иницијатива “Ring the Bell for Gender Equality (Заѕвони со ѕвоното за родова еднаквост)”, со што за прв пат годинава влезе во друштво на стотина берзи ширум светот каде по повод Меѓународниот ден на жената со симболично ѕвонење на берзанското ѕвоно, се означува почетокот на тргувањето. Ѕвоното на Македонска берза го заѕвонија Нора Алити, претседателка на Комисијата за хартии од вредност и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.
Во оваа прилика, претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити, изјави: “2020 година, а веројатно и оваа 2021 се годините во кои ни требаат лидери, а не менаџери. Во период на силни промени се бараат брзи реакции и тешки одлуки. Меѓу најважните фактори како флексибилноста, прилагодливостa и разновидноста, родовата еднаквост е ‘must have’ за денес и за иднината. Време е да престанеме само да зборуваме за важноста на родовата еднаквост, туку и да делуваме. За мене, добро корпоративно управување значи и органи на управување кои што се родово балансирани и кои што го почитуваат принципот на еднакви примања за мажите и за жените за работни позиции со еднаква одговорност и вредност. Време е компаниите, особено котираните друштва, да постават специфични таргети за учеството на жените во органите на управување, не како посебен однос кон жените, туку како начин за мерење на прогресот кон исполнување на оваа цел. А, секако и како начин за одржување на континуитет на посветеноста кон родовата еднаквост и надвор од датумите поврзани со жените”.
“Приклучувањето на Македонска берза кон оваа глобална иницијатива, токму на меѓународниот ден на жената, е израз на нашите заложби темата за родова рамноправност во бизнисот во Македонија да ја подигнеме на повисоко општествено ниво и да се запрашаме каква е состојбата на овој план кај котираните акционерски друштва. Податоците што денес ги публикуваме покажуваат дека во органите на управување на сите котирани компании жените учествуваат со 24,2%, при што во 15,3% од компаниите тие се на врвните раководни позиции. Ова покажува дека простор за подобрување очигледно има. Притоа, компаниите каде директори се жени во 73,3% оствариле добивки во последните објавени финансиски извештаи. Тоа е во позитивна корелација со многу меѓународни истражувања што недвосмислено покажуваат дека компаниите раководени од жени имаат тенденција да покажуваат посупериорни резултати“, изјави Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза. Иницијативата Ring the Bell for Gender Equality, почнувајќи од 2015 година се одбележува во многу земји, со цел подигнување на свеста за клучната улога на приватниот сектор во унапредување на родовата еднаквост, како глобална цел за одржлив развој. Овој глобален настан е инициран од IFC, The World Federation of Exchanges, Sustainable Stock Exchanges Initiative, UN Global Compact, UN Women и Women in ETFs.
