економија
Светска банка прогнозира најслаб раст на македонската економија во цел Западен Балкан
Загрижувачки прогнози за економијата

Ризикот за економската перспектива на земјите од Западен Балкан е загрижувачки, а Македонија меѓу овие шест земји од регионот има најслаба прогноза за раст. Поради продлабочувањето на конфликтот во Украина, Светска банка ја намали прогнозата за економски раст од првичните 3,7% на 2,7%. Претходно и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за време на Пролетните средби на овие две меѓународни финансиски институции во Вашингтон, исто така објави попесимистична прогноза за раст од 3,2%. Од останатите земји од Западен Балкан, Светска банка прогнозира економски раст од 3,2% за Албанија и Србија, 3,6% во Црна Гора и 3,9% за Косово. Просекот за Западен Балкан е раст од 3,1%. Во меѓувреме, властите споделија дека се прави ребаланс на Буџетот за годинава за да се направат заштеди од непродуктивните трошоци и пренамена на дел од парите во други ставки.
Ризикот за економската перспектива на земјите од Западен Балкан е загрижувачки, а Македонија меѓу овие шест земји од регионот има најслаба прогноза за раст. Поради продлабочувањето на конфликтот во Украина, Светска банка ја намали прогнозата за економски раст од првичните 3,7% на 2,7%. Претходно и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за време на Пролетните средби на овие две меѓународни финансиски институции во Вашингтон, исто така објави попесимистична прогноза за раст од 3,2%.
За ризиците и начините како ќе се почувствува оваа криза во земјава, разговаравме со Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист на Светска банка за Западен Балкан и одговорна за Македонија.
„Навистина ова се времиња без преседан, мислевме дека претходните две години ја имавме најголемата неизвесност, но за жал, војната во Украина ја подигна неизвесноста на повисоко ниво. Правењето проценки денес е навистина неблагодарно, и морам да ги направам сите оградувања бидејќи навистина не знаеме како ќе се одвива ситуацијата особено во Украина. Главната причина за намалувањето на растот е војната во Украина и неповолните последици. Можеме да кажеме дека директните врски на Северна Македонија со Украина и Русија се многу ограничени, не тргувате многу со овие земји, немате многу дознаки што доаѓаат од овие земји, ниту пак имате изложеност во финансискиот сектор. Како и да е, индиректно, последиците ќе имаат негативно влијание, особено преку европските трговски партнери. Влијанието врз автомобилската индустрија во Германија секако ќе има директно влијание врз македонските производители на автомобилски делови. Но, исто така и преку дознаките што доаѓаат од европските земји, проблемите со цените на струјата и гасот, како и храната, ова ќе бидат главните канали преку кои ќе се прелее кризата во Северна Македонија. Но, Северна Македонија не е единствена земја каде што ја намаливме прогнозата за раст, го направивме тоа за сите наши земји членки, вклучувајќи ја Европа, но и глобалниот раст се очекува да се намали годинава споредено со првичните проценки“, истакна Маџаревиќ Шујстер.

„Има неколку ризици за целиот регион и би сакала да почнам со политичкиот, бидејќи не само што геополитиката е еден од најголемите ризици и ќе видиме како оваа криза ќе се развива, но исто така тука секогаш има локални политички ризици коишто се надеваме нема да се остварат. Тоа е прва работа, што вклучува и рестрикции во трговијата помеѓу земји во регионот за кои се надеваме дека нема да се користат во иднина. Навистина веруваме дека интеграцијата на регионот а потоа последователно и интеграцијата во големиот европски пазар, е тоа што треба да се постигне за сите земји на Западен Балкан. Втор најголем ризик е инфлацијата, која што не е забележана во повеќе земји две децении и магнитудата што е прилично тешко да се предвиди“
Од останатите земји од Западен Балкан, Светска банка прогнозира економски раст од 3,2% за Албанија и Србија, 3,6% во Црна Гора и 3,9% за Косово. Просекот за Западен Балкан е раст од 3,1%. Има два главни ризици заради кои се стравува годинава.
„Има неколку ризици за целиот регион и би сакала да почнам со политичкиот, бидејќи не само што геополитиката е еден од најголемите ризици и ќе видиме како оваа криза ќе се развива, но исто така тука секогаш има локални политички ризици коишто се надеваме нема да се остварат. Тоа е прва работа, што вклучува и рестрикции во трговијата помеѓу земји во регионот за кои се надеваме дека нема да се користат во иднина. Навистина веруваме дека интеграцијата на регионот а потоа последователно и интеграцијата во големиот европски пазар, е тоа што треба да се постигне за сите земји на Западен Балкан. Втор најголем ризик е инфлацијата, која што не е забележана во повеќе земји две децении и магнитудата што е прилично тешко да се предвиди. Најголемиот импакт врз инфлацијата доаѓа од цените на енергијата и на храната, коишто се одговорни за околу 80% од тековниот раст на цените. Ниедна од овие две не се во доменот на креаторите на политики, со што е многу тешко да се коригираат таквите инфлациски трендови. Ќе биде голем предизвик и за министерствата за финансии и за централните банки да го задржат понатамошниот раст на инфлацијата“, објасни Маџаревиќ Шујстер.
Реформи што ќе ја зголемат отпорноста на економијата
Светска банка потврдува дека монетарната политика веќе презела чекори кон запирање на инфлаторните притисоци преку зголемување на основната камата, а сугерира државата да направи приоритети во трошењето народни пари и да го зајакне собирањето приходи од даноци. Додека кај нас институциите се уште немаат нови проценки за стапката на инфлација годинава, ММФ веќе објави дека таа може да се искачи дури до 6,9%, што може значително да го ослаби животниот стандард на граѓаните.
„Ние имаме пооптимистичка прогноза за инфлацијата, во времето кога ги правевме овие прогнози, проектиравме стапка од 5,5%, но за жал надолните ризици за оваа прогноза за инфлација се високи, иницијалното сценарио беше дека конфликтот ќе заврши до крајот на април но тоа не се оствари и многу е тешко да се предвиди колку долго ќе трае. Очекуваме забавување на овој притисок врз растот на цените во втората половина од годината сигурно, и интензитетот кој што во моментов е прилично неизвесен. Инфлацијата секако ќе има влијание врз потрошувачката, и како што кажавте во намалување на животниот стандард, така што комбинација од политики коишто ќе се обидат да го заштитат животниот стандард особено на најранливите граѓани кои немаат простор да се прилагодат на вакви стапки на инфлација, се исклучително важни. Ги советуваме сите земји во регионот, па и во светот, фокусот на политиките и мерките да бидат поврзани и добро таргетирани кон најранливите. Ако ја погледнете потрошувачката кошница на најсиромашните, цените на енергијата и храната заземаат околу 80% од нивната потрошувачка и оттука е многу важно овие мерки да бидат насочени кон најранливите“, истакна Маџаревиќ Шујстер.
Според Светска банка, во Западна Европа граѓаните веќе ги одложуваат набавките на некои добра како на пример нови автомобили или мебел за подоцна додека не дојдат подобри времиња. Сега инфлаторните притисоци се на страната на понудата, главно поради зголемувањето на цените на енергијата и прекини во синџирите на снабдување, но одложената потрошувачка може да создаде дополнителни притисоци подоцна и на страната на побарувачката, така што инфлацијата очигледно ќе создава проблеми подолго одошто се очекуваше.
Во меѓувреме, меѓународните финансиски институции сугерираат земјата да ги спроведе потребните реформи и со тоа да ги усогласи стандардите со европските исто како да имаме формални преговори за членство во ЕУ.
„Го разбирам нетрпението да ги почнете преговорите за членство во ЕУ, и тоа е некаква награда за сите реформи во последните петнаесетина години, но тоа што мислам дека е поважно од формалниот старт на преговорите е хармонизација на законите, стандардите и правилата со европската легислатива што мислам дека е добра основа што навистина помага да се приближи животниот стандард, владеењето на правото, со оние во ЕУ. Би рекла дека процесот е побитен отколку денот на почеток на преговорите, ќе помогне да се олесни интеграцијата во европскиот пазар штом овој процес и формално ќе биде отпочнат, така што фокусот на спроведување на реформите бидејќи тие се навистина добри за луѓето, за бизнисот, е поважно од формалниот процес. Регионалната интеграција е добра бидејќи се навикнувате на интеграција во поголем пазар, така што ќе има бенефити од отстранување на тесните грла во трговијата со производи, услуги, движењето на луѓето, тоа е токму она што ќе се случи откако ќе се придружите на европскиот пазар. Де факто ова веќе го имате преку Договорот за асоцијација и стабилизација, имате многу странски инвеститори коишто доаѓаат од европски земји членки, бидејќи ја гледаат перспективата од членство, гледаат дека истите правила и стандарди повеќе или помалку се применуваат во Северна Македонија, така што мислам дека процесот на интеграција е веќе почнат, освен формалниот старт којшто се надеваме дека ќе дојде еден ден“, посочи вишиот економист на Светска банка за регионот на Западен Балкан, Сања Маџаревиќ Шујстер.
Таа има неколку препораки за македонските власти кога се во прашање приоритетни реформи за подобрување на животот на граѓаните.
„Исклучително важно е да се фокусирате на оние реформи што ќе ја зголемат отпорноста на земјата, бидејќи она што порано го земавме здраво за готово, а тоа се мирот и стабилноста, веќе не се толку присутни. Безбедност и отпорност на енергетскиот сектор е исклучително важно, како и производството на храна кое е основно, но исто така и фокусирање на владеењето на правото, подобрување на владеењето е добро за луѓето, за бизнисите, за довербата и човечкиот капитал во земјата, и тие исто би биле на листата на моите приоритети. Потоа хармонизација на стандардите и законите за приватниот сектор, бизнис климата, конкурентската политика како соодветни правила за државна помош, се исто така многу важни. И последно но не помалку важно е развој на човечкиот капитал. За време на пандемијата изгубивме скапоцено време на децата во училиштата, а човечкиот капитал во Северна Македонија за жал е многу ниско рангиран споредено дури и со земјите од регионот, што е по малку и изненадувачки бидејќи делевме ист образовен систем во минатото, така што инвестирањето во учење на децата и младите, ќе им помогне потоа да учествуваат на пазарот на труд, да заработуваат подобри приходи, но и да привлечат странски инвестиции со поголема додадена вредност ќе биде важно за оваа земја“, потенцираше Маџаревиќ Шујстер.

Се прави ребаланс на Буџетот
Во меѓувреме, властите споделија дека се прави ребаланс на Буџетот за годинава за да се направат заштеди од непродуктивните трошоци и пренамена на дел од парите во други ставки.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека во моментов се работи на ребаланс на Буџетот, кој ќе опфати дополнително кратење на уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци.
„Ќе има дополнително кратење на 100 милиони евра непродуктивни трошоци, кои што не мора да се направат оваа година, дополнително на она што беше направено со кратењето од 8% на тековните расходи минатата година и со дополнителните мерки кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека се планира до крајот на мај да биде завршен ребалансот на Буџетот и да биде ставен во собраниска процедура.
„Во моментот, исто така се разгледуваат и сите опции за покривање на тој дефицит, бидејќи во овие времиња и цената на капиталот расте“, истакна Ковачевски, кој нагласи дека сите разговори коишто се водат, сè со цел да се обезбедат финансиски средства со најниска можна цена на капиталот на пазарот во овие услови.
Претходно, и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи објави дека според првичните проценки, со ребалансот буџетскиот дефицит ќе се зголеми за околу 200 милиони евра односно 2 процентни поени, што значи дека од 4,3 % од БДП ќе порасне на околу 6,3% од БДП.
Во врска со финансирањето, Владата веќе објави дека се преговара за нова кредитна линија од ММФ, таканаречената Линијата за претпазливост и ликвидност. Станува збор за финансиски инструмент кој ММФ го доделува единствено на земји со здрава економија, кои имаат позитивни оценки за економските политики и очекувања дека тие ќе продолжат и во иднина, вклучително и макроекономска и финансиска стабилност.