македонија
Сеавус, ИнКом, Еконет, Групер…добија нови сопственици – кој ќе ја продолжи низата?
Сезона на преземања на македонски ИКТ и дигитални компании

Најголемата софтверска компанија во Македонија, Сеавус, е преземена од чешката групација Арикома; специјалистите за дигитална трансформација и деловен софтвер ИнКом добија нов сопственик во словенечката Даталаб Технологије; пионерите на е-трговијата Групер предводени од „кралицата на попустите“ Нина Ангеловска, станаа дел од семејството на полската Асеко, додека Еконет, познат како дистрибутер на технологијата на Cisco и Microsoft, а подоцна и развивач на софтверски решенија, купен е од страна на Синами, компанија зад којашто стои довчерашниот сопственик на Сеавус, Игор Лештар. Сето ова се случи за само четири месеци годинава. Што ли уште ќе се случува на македонската ИКТ и дигитална сцена до крајот на оваа 2021?
Почетокот на оваа 2021 како да навести дека ќе биде возбудлива година за преземања и спојувања на домашниот пазар на ИКТ и компании од дигиталниот бизнис. Прво, во јануари, одекна веста за преземањето на најголемата домашна информатичка компанија, Сеавус, од страна на групацијата Арикома (Aricoma), најголемиот ИКТ холдинг во Чешка. Преземањето всушност се случило на почетокот на декември минатата година, кога првите информации беа објавени на корпоративниот сајт на Сеавус, но детали околу сумата што ја даде Арикома за македонската компанија не беа објавени.
Основачот и претседател на управата на Сеавус, Игор Лештар, по повод преземањето во интервју за Макфакс изјави дека приказната за неговата компанија личи на онаа „како кога се расте дете – го кревате на нозе, го учите на лични вредности, го водите на прав пат, вложувате во него за да може потоа како родител да го пуштите во светот за да биде уште поуспешно.“

Според Лештар, продажбата на Сеавус на Арикома е сериозна и промислена бизнис одлука, која се темели на анализи и која отвора нови перспективи за Сеавус, компанија која своите почетоци ги бележи во 1999 година, основана од Лештар и уште еден партнер, а денес е меѓународна групација со над 15 претставништва и 800 вработени.
„Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема интернационална експанзија. За тоа му е потребно окрупнување и му е потребен еден многу посилен финансиски партнер што може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој. Затоа и бевме атрактивна можност за потенцијалните купувачи. Длабоко сум убеден дека заедно со силен стратешки партнер како Арикома ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиции.“, вели Лештар за Макфакс.
Инаку, Арикома е групација којашто периодов е прилично агилна во збогатувањето на своето портфолио со нови компании од регионот и Европа, па освен аквизицијата на Сеавус, во март месец годинава беше објавено и преземањето на чешката ИТ компанија Комикс (Komix), еден од поголемите играчи на ИТ пазарот во оваа земја.
Арикома е холдинг со годишни приходи од преку 300 милиони евра и заработка од 23 милиони евра, со над 2.800 вработени во сите компании од портфолиото. Самата групација Арикома, пак, е дел од поголемата групација ККЦГ (KKCG Group) на еден од најмоќните бизнисмени во Чешка, Карел Комарек, којашто е всушност меѓународна инвестициска корпорација којашто работи во 19 земји и менаџира со средства вредни над шест милијарди евра. Стратешките сектори на ККЦГ се нафта и гас, технологија, недвижности и гејмерска индустрија.
При крајот на јануари, на свеченото објавување на оваа аквизиција, покрај првиот човек на Сеавус, Лештар, присуствуваа и македонскиот премиер Зоран Заев, чешкиот амбасадор Мирослав Томан и директорот за инвестиции во Арикома, Михал Томанек.
Заев истакна во таа прилика дека македонскиот ИКТ сектор во последниве години е најбрзо растечка индустрија во земјава и ги вработува најмладите и најпродуктивни кадри.
“Групацијата Арикома може да очекува поддршка од Владата за сите нејзини наредни развојни планови“, рече Заев и најави намалување на персоналниот данок во ИКТ секторот од сегашните 10 на нула проценти во 2023 година, како и други мерки за развој на оваа индустрија.
Словенечката Даталаб ја презеде македонската ИнКом ЕРП

Во меѓувреме, за краток период во јавноста се објавија уште неколку аквизиции на домашни ИКТ компании од европски, но и домашни поголеми играчи. На крајот на месец март се појави информацијата дека се спојуваат македонската компанија ИнКом ЕРП со Даталаб од Словенија. Во интервју за Капитал, сега веќе новиот директор на Даталаб Македонија, Сашо Јовановски, фирмата ќерка на Даталаб Технологије од Љубљана и главниот извршен директор на словенечката фирма Андреј Мертељ дадоа повеќе детали за ова преземање/спојување и за идните планови.
ИнКом ЕРП беше етаблирана на македонскиот пазар како специјализирана за проекти за дигитална трансформација, не само на домашни, туку и на компании од регионот. Повеќе компании од Србија, Косово и Албанија ги користеле услугите на ИнКом, особено за имплементација на деловен систем кај производните компании.
„Овие проекти се базирани на најпопуларниот регионален деловен софтвер Pantheon (покрива процеси во сметководство, производство, материјално работење, продажба, набавки, плати, човечки ресурси, DMS, архива, финансии). Овој продукт на Datalab Tehnologije од Љубљана во моментот го користат повеќе од 65.000 корисници во регионот, што претставува одлична база на компании кои бараат квалитетни услуги за дигитална трансформација.“, објасни Јовановски за Капитал. Оттука, додава тој, доаѓа и иницијативата на Даталаб, за спојување на нивниот тим во Даталаб Македонија, што и се случи со почетокот на вториот квартал во 2021 година.
„Засилени со консултантите од Даталаб Македонија, наш личен предизвик е да направиме силен прогрес во регионот, но и да ја засилиме лидерска позиција за деловен софтвер во Северна Македонија.“, вели Јовановски, директорот на ИнКом, сега веќе Даталаб Македонија.
Директорот пак на словенечката Даталаб, Андреј Мертељ вели дека поради фантастичниот и високо мотивираниот кадар на ИнКом, решиле да ги спојат стратегиите и тимовите.
„Заедно, ќе изградиме успешна приказна со цел да станеме најголемата ERP (enterprise resource planning) компанија во земјата и можеби дури и во микрорегионот.“, истакна Мертељ.
И Групер се продаде, но не на групен попуст, туку на полска софтверска компанија

Уште неслегната прашината, што се вели, од погоре споменатите аквизиции, се објави уште „бомба“ на домашниот пазар на ИКТ, конкретно во овој случај, дигиталната сфера, односно е-трговијата: пионерот во оваа област во Македонија, платформата за групни попусти Групер, основан од младата претприемачка (и поранешна министерка за финансии) Нина Ангеловска пред 10 години, е преземен од страна на полската компанија Пејтен (Payten), членка на групацијата Асеко (Asseco). Асеко на македонската јавност ѝ стана познат уште пред десетина години, со преземањето на домашната ИТ компанија Пексим, основана од Михаил Петрески.
Пејтен, инаку е провајдер на целосни софтверски решенија за платежната индустрија, а Асеко групацијата – една од водечките софтверски компании во Европа, од неодамна значајно го шири бизнисот со вклучување на компании во доменот на развој на софтвер за платежни решенија во Европа и пошироко.
„Покрај платежните решенија, инвестициите и ширењето во е-трговија како стратешката определба е во фокус веќе извесно време, а чест ми е што Групер е првата e-commerce платформа од регионот која стана дел од групацијата.
После 10 годишен значаен придонес и развивање на е-трговијата како водечка компанија, верувам дека на Групер му претстои уште побрз раст, нови предизвици, пријателства, соработки и уште многу успеси, сега како дел од меѓународна групација.“, напиша основачката и директорка на Групер, Нина Ангеловска, на социјалните мрежи по повод аквизицијата.
Таа истакна дека со ова преземање, се оддава признание за напорната работа на тимот на Групер изминатава деценија, на нивната посветеност и на досегашните успеси, но воедно претставува одлична можност за целосна реализација на потенцијалот на Grouper.
„Имав 22 години кога со цело срце и енергија со двајцата партнери тргнавме на претприемачкиот пат… Ја лансиравме првата платформа за групни попусти во Македонија во време кога е-трговијата речиси и да не постоеше, картичките се користеа многу малку, социјалните медиуми беа во зародиш, а малите компании речиси и да не користеа дигитални алатки и немаа онлајн присуство. Придонесовме за развој на е-трговијата, им помогнавме на стотици компании да се приклучат во е-светот, да добијат нови клиенти и да го рашират својот бизнис. Илјадници е-купувачи за прв пат купија онлјан на Групер, пробаа нови искуства, открија нови места и станаа дел од Групер заедницата која секоја година се зголемуваше се’ повеќе. Придонесот на Групер беше препознаен дома и меѓународно преку бројните награди и признанија (Forbes, UNCTAD и многу други).“, истакна Ангеловска.
Уште едно преземање, но овој пат целосно домашно

И за крај, но останува да видиме дали ќе биде последно за оваа сезона, е преземањето на македонската ИТ компанија Еконет, еден од пионерите на оваа сцена во земјава, од страна на исто така домашна компанија, Синами.
Компанијата Еконет, инаку, е основана во 1999 година, и се позиционираше како прв и единствен овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и Косово, а потпирајќи се на своето искуство во дистрибуцијата на софистицирана ИТ опрема, подоцна стана овластен дистрибутер и за уште еден светски бренд – Microsoft.
Следењето на глобалните трендови во ИТ индустријата, навремената дистрибуција на најсовремените ИТ продукти, како и искуството во обезбедување консултантски услуги за дизајнирање и имплементација на технички решенија за голем број компании, биле главен мотив за Еконет во 2016 година и самата да стане компанија за развој на нови софтверски решенија и услуги.
„Спојувањето со реномираната компанија Синами е продолжување на нашата успешна приказна, но и нов почеток кој ни отвора можност за уште поуспешно делување во ИТ секторот. Повеќедецениското искуство кое го носат нашите кадри ќе обезбеди дополнителна вредност за тимот на Синами во справување со динамичното темпо на работа, а со примена на нашите вештини, сигурен сум дека ќе придонесеме и во континуираниот развој на нови, напредни производи. Навистина сме среќни што се придружуваме на искусен тим кој постигнува исклучителни резултати и на меѓународниот пазар и веруваме дека заедно ќе се позиционираме уште подобро и ќе постигнеме уште повеќе.“, изјави Иво Лазаревиќ од Еконет.
Синами е софтверска компанија која делуваше речиси 20 години во рамките на Сеавус, а по аквизицијата на Сеавус од страна на чешката групација Арикома, компанијата се издвои како нов, самостоен бренд, што значи дека мастермајнд зад ова преземање е всушност Игор Лештар, довчерашниот сопственик на Сеавус. Во клиентите на Синами денес се вбројуваат дури 70% од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од различни индустрии со просечен број од 40.000 вработени.
„Проширувањето на Синами кој од неодамна функционира како самостоен бренд е само логична последица на нашата бизнис стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство на кој сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот кој веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојувањето нови пазари.“, истакна Бојан Тасевски, извршен директор на Синами.
ИКТ секторот е најбрзо растечки во македонската економија

ИКТ секторот кој во последните години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите, стана најбрзо растечка индустрија во земјата. Генералниот приход на индустријата во 2016 година бил 752 милиони евра, додека во 2019 година бил 880 милиони евра. Тоа е раст од 17% за три години, а бројот на компании регистрирани во ИКТ секторот од 2016 година кога биле 1.296 пораснал на 1.957 во 2019 година, што е пораст за околу 700 компании за само 3 години.
Иако се уште нема официјални статистички податоци за работењето на компаниите од информатичко комуникациските технологии (ИКТ) лани, сепак проценките се дека оваа индустрија ќе прикаже позитивни резултати за 2020 година. Од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) објаснуваат дека позитивните страни се што во услови на пандемија и локдаун кој ограничува движење на граѓаните, овие компании брзо се адаптирале на работата од дома, а побарувачката за информатички услуги не се намалила.