економија
Се зголемува учеството на акциските фондови во вкупното портфолио
Како работеа инвестициските фондови во првото полугодие на 2021

Нето вредноста на средствата на инвестициските фондови со кои управувале друштвата на крајот на вториот квартал од 2021 година изнесувала 9,958,284,162.01 денари или околу 162 милиони евра, што во однос на нето вредноста на крајот од претходниот квартал претставува зголемување од 4.82%, односно раст од 5.89% на годишна основа, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност. Паричните фондови ја задржуваат доминантната позиција и во Q2 од 2021 со 54% удел во вкупната вредност на портфолиото, меѓутоа нивното учество на квартално ниво е намалено за 2.65 п.п односно за 10.52 п.п на годишно ниво, за сметка на зголемување на учеството на акциските фондови за 3,37 п.п односно 10,14 п.п.

Во вториот квартал од 2021 година во земјава работеа вкупно 5 друштва за управување со инвестициски фондови кои управуваат со 19 отворени инвестициски фондови, со што бројот на друштва за управување во однос на првиот квартал, се зголеми за едно друштво (Комисијата за хартии од вредност на 29.06.2021 донесе решение со кое даде одобрение за основање на Друштво за управување со инвестициски фондови Вега Фондови АД Скопје), а бројот на отворени инвестициски фондови се зголеми за два фонда (на самиот крај од 2020 година ДУИФ Илирика Фунд Менаџмент се припои кон ДУИФ Генерали Инвестментс, со што тоа друштво престана да постои, а ДУИФ Генерали Инвестментс го презеде управувањето на фондовите Илирика Југоисточна Европа, Илирика Глобал Растечки Пазари и на Илирика Кеш Фонд), додека фондовите КБ Публикум Златен и КБ Публикум – Акции кои што со одобрение од Комисијата беа основани во Q1 2021 (Март), почнаа со работа во Q2 од 2021.
Нето вредноста на средствата на инвестициските фондови со кои управувале друштвата на крајот на вториот квартал од 2021 година изнесувала 9,958,284,162.01 денари или околу 162 милиони евра, што во однос на нето вредноста на крајот од претходниот квартал претставува зголемување од 4.82%, односно раст од 5.89% на годишна основа, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност.
Гледано од аспект на поединечните друштва за управување со инвестициски фондови, квартален раст на нето вредноста под нивно управување е забележан кај сите друштва со исклучок на ново-основаното Друштво за управување со инвестициски фондови Вега Фондови АД Скопје. Од друга страна, податокот за 100% годишен пад на нето вредноста под управување на ДУИФ Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје се должи на нивното припојување кон ДУИФ Генерали Инвестментс АД Скопје , со што тоа друштво престана да постои, а ДУИФ Генерали Инвестментс АД Скопје го презеде управувањето на фондовите Илирика Југоисточна Европа, Илирика Глобал Растечки Пазари и Илирика Кеш Фонд.
Во графиконите прикажани во рамки на текстов е претставено процентуалното учество во кварталниот раст (4,82% односно 457,742,964.30 денари ) на нето вредноста на секое од друштвата, односно на разликата на нето вредноста на отворените инвестициски фондови со кои тие управуваат на квартална основа.
Гледано во апсолутни износи, највисок индивидуален позитивен придонес на ниво на Друштво за управување има зголемувањето на нето вредноста на инвестициските фондови под управување на ДУИФ КБ Публикум инвест АД Скопје (55,4% од евидентираното квартално зголемување), во чии рамки растот на нето вредноста се должи на двата нови фондова, КБ Публикум – Златен Фонд и КБ Публикум-Акции.
Исто така, солиден позитивен придонес во кварталниот раст на нето вредноста има и ДУИФ ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје (35,5% од евидентираното квартално зголемување). Анализирано по индивидуални инвестициски фондови, најголем придонес во кварталниот раст има ВФП Премиум Инвест и Генерали Кеш Депозит со учество од 36,4% и 23,2% соодветно. Од друга страна , седум инвестициски фондови (од кои 4 се под управување на ДУИФ Генерали инвестментс АД Скопје ) забележаа квартален пад во распон од околу 6% до 62%.
Најголем квартален пад во проценти забележа Илирика Кеш Фонд (16,40%), додека во апсолутен износ КБ Публикум – Паричен со квартален пад од 979 илјади евра. Впрочем, во рамките на паричните фондови само Генерали Кеш Депозит бележи зголемување на квартална основа, додека останатите три бележат пад од -1,88% до 16,40%.
Кеш фондовите сè уште доминираат со вредноста

Во графичкиот приказ е претставено процентуалното учество на секое од друштвата, односно на отворените инвестициски фондови со кои тие управуваат, во вкупната вредност на сите отворени инвестициски фондови.
Притоа, може да се забележи дека поединечните друштва, на крајот од вториот квартал од 2021 година, со минимални отстапки, го задржуваат истото учество во вкупната нето вредност на сите отворени фондови, во однос на претходниот квартал. Имено, со најголем процент (49,75%) од нето вредноста на отворените инвестициски фондови продолжува да управува ДУИФ КБ Публикум Инвест АД Скопје, а најмало учество со помалку од 1% во нето вредноста на средствата под управување во текот на истиот период има ДУИФ Иново Статус АД Скопје.

И покрај тоа што во вториот и во првиот квартал од 2021 година во споредба со Q2 од 2020, ДУИФ Генерали Инвестментс АД Скопје управува со плус 3 фондови, односно вкупно 7 инвестициски фондови, а заради намалување на нето вредноста на средствата на дури 5 инвестициски фондови, не дојде до зголемување на нивното пазарно учество. Припојувањето на ДУИФ Илирика Фунд Менаџмент АД Скопје кон ДУИФ Генерали Инвестментс АД Скопје, односно нивното учество од 6,18% не се одрази за зголемување на учеството во нето вредноста на Генерали Инвестментс.

Паричните фондови ја задржуваат доминантната позиција и во Q2 од 2021, меѓутоа нивното учество на квартално ниво е намалено за 2.65 п.п односно за 10.52 п.п на годишно ниво, за сметка на зголемување на учеството на акциските фондови за 3,37 п.п односно 10,14 п.п. Ваквите движења на агрегираните квартални податоци за нето вредноста на паричните фондови се резултат на вкупниот пад во апсолутен износ од 116 милиони денари на три фондови (од вкупно 4 парични фондови) кои што делумно беше неутрализиран од порастот на нето вредноста на еден фонд од 106 милиони денари.
Акциските фондови бележат најголем пораст на нето вредноста на средствата (14,29%) во однос на првиот квартал од 2021 година, додека истите во споредба со истиот период претходната година бележат раст од 41.1%. Ваквите движења на акциските фондови делумно произлегуваат од ново-основаните акциски фондови (2 во Q1 од 2021 и уште еден во Q2 од 2021). Имено, придонесот кон растот на акциските фондови ВФП Дивиденда , КБ Публикум – Златен Фонд и КБ Публикум-Акции е со 26,8% на годишна основа и со 52,9% на квартална основа.
Дополнително, годишниот раст од 41,1% е значително одраз и на закрепнувањето на загубата од првиот квартал од 2020 година како реакција на кризата, предизвикана од глобалната пандемија.
Анализата по видови фондови упатува на позначително поместување во надолна насока кај нето вредноста на обврзничките фондови, коишто остварија квартален пад од 7,33% со што се намали и нивното учество во вкупната нето вредност на сите видови фондови, главно како одраз на негативниот ефект на кварталното намалување на нето вредноста на ВФП 100% БОНД за 11,61% односно за 713 илјади евра во апсолутен износ.
Две третини од парите инвестициските фондови ги вложуваат во Македонија
Набљудувано по структура на дејности, највисоко учество на вложени средства на крајот на првиот квартал од 2021 година е забележано во три клучни сектори: финансиски услуги (22,4%), здравство (16,2%) и информатичка технологија (11,1%). Средствата вложени во овие три сектори на крајот од извештајниот период во однос на крајот од 2020 година го задржале скоро истото учество. Имено, кумулативно вложените средства во овие три сектори претставуваат скоро 50%. Во продолжение е прикажана структурата на вложување по дејности.

Од аспект на географската структура на вложувањата на инвестициските фондови, во континуитет доминираат вложувањата во Република Северна Македонија, кои на крајот на извештајниот период изнесуваат 6.758 милиони денари, што претставува учество од 66,86%. Во земјите членки на Европската Унија, инвестициските фондови на крајот од истиот период вложиле околу 13% од вкупно собраните средства.
Помал дел од вложувањата се насочени кон САД (8,26%), додека средствата вложени во Русија имаат незначително учество во вложувањата на инвестициските фондови од географски аспект. Релативно ниската променливост на географската структура на вложувањата претставува директна рефлексија на вложувањата на фондовите во депозити кои согласно законот може да бидат пласирани само во македонски банки.
Анализата на валутната структура на вкупните вложувања на инвестициските фондови на крајот од извештајниот период, укажува на благ раст на вложувањата во американски долар во однос на крајот на првиот квартал од 2021 година од 2,06 процентни поени, за сметка на намалувањето на учеството на вложувањата во денари за 2,58 процентни поени. На годишно ниво се забележува и зголемување од 4,07 п.п на вложувањата во евра како резултат на зголемените вложувања во акциски фондови кои инвестираат на пазарите од ЕУ. Сепак, значително високата ориентираност на вложувањата во денари и понатаму останува непроменета.
Во текот на првото полугодие од 2021 година, во инвестициските фондови се уплатени вкупно 9.659,56 милиони денари (≈157 милиони евра), а се одлеани 9.072,54 милиони денари, креирајќи позитивна нето разлика од 587,02 милиони денари, односно ≈9,54 милиони евра. Во текот на првото полугодие од 2020 година, забележана е позитивна нето разлика од 987,57 милиони денари ( ≈16,06 милиони евра).
Најголем процент од приливите, односно одливите во првото полугодие од 2021 година, како и од 2020 година се од домашните банки, на кои отпаѓа скоро 50%, по што следуваат други домашни нефинансиски правни лица и други домашни финансиски институции.