свет
Се’ повеќе банки на Волстрит се интересираат за биткоинот

Една недела откако Tesla ја објави својата инвестиција од 1,5 милијарди долари во биткоини, дигиталната валута продолжува да си го пробива патот во светот на традиционалните финансии, за што само еден доказ е веста дека инвестицискиот оддел на банката Morgan Stanley размислува дали да „се обложи“ на биткоинот. Канада, пак, штотуку го одобри стартувањето на првиот биткоин ЕТФ (exchange traded fund) на територијата на Северна Америка, коментира медиа сервисот Bloomberg.
Финансиската индустрија во светот се’ повеќе зборува, но и делува, околу прифаќањето на биткоинот, што ја крева неговата цена до рекордни висини деновиве. Викендов, еден биткоин стигна до 49.500 долари, на чекор до психолошката граница од 50.000 долари, пред да се спушти повторно до нивото од 47-48.000 долари.
Една недела откако Tesla ја објави својата инвестиција од 1,5 милијарди долари во биткоини, дигиталната валута продолжува да си го пробива патот во светот на традиционалните финансии, за што само еден доказ е веста дека инвестицискиот оддел на банката Morgan Stanley размислува дали да „се обложи“ на биткоинот. Канада, пак, штотуку го одобри стартувањето на првиот биткоин ЕТФ (exchange traded fund) на територијата на Северна Америка, коментира медиа сервисот Bloomberg.
Секојдневно се појавуваат докази дека се’ повеќе компании почнуваат да воведуваат услуги поврзани со криптовалутите, средства коишто се’ уште се лабаво регулирани и контроверзни за законодавците. Во четвртокот, најстарата банка во САД, BNY Mellon објави дека развива платформа со којашто ќе прифаќа да чува и криптовалути за потребите на своите клиенти.
Mastercard Inc. исто така, откри дека ќе почне да им дозволува на имателите на картички да вршат трансакции со одредени криптовалути преку нејзината мрежа.
Комбинацијата на милијардери инфлуенсери од типот на Илон Маск и моќните банки од Волстрит само додаваат гориво во ракетниот погон на биткоинот периодов. Цената на најпопуларната криптовалута порасна за речиси 70% од почетокот на годинава, а само во февруари растот е близу 40%.
„Клучно за тоа биткоинот да оди нагоре со цената е да здобие што поголема доверба помеѓу корпорациите“, вели Едвард Моја, аналитичар од Oanda Corp. „За биткоинот не се невообичаени огромни флуктуации преку викендите, па и деновиве не исклучувам можност за некакви ролер – костер возења.“
Инаку, помеѓу експертите и интелектуалците се води жестока дебата за тоа дали биткоинот е легитимно средство со некаква реална цел или вредност. Неговата улога досега беше силно компромитирана поради учеството во операции на перење пари, измами и сл., а неодамна и Насим Николас Талеб, авторот на „The Black Swan“ (Теорија на „црниот лебед“, односно метафора што опишува глобални настани што доаѓаат изненадувачки, имаат огромен ефект,и често несоодветно се третираат како божем можеле да се предвидат, н.з.) рече деновиве дека се ослободува од своите биткоини.
„Валутата не треба никогаш да биде повеќе волатилна од тоа што купуваш или продаваш со неа“, напиша Талеб на Твитер, додавајќи дека не може да вреднуваш стоки и услуги со криптовалути. „Во тој поглед, криптото е промашена работа (барем засега).“
Но, и покрај скептицизмот на некои, цената на биткоинот упорно расте, и ова претставува уште еден пример за шпекулативно придвижувани трендови што го дефинираат моменталниот биков пазар, заедно со т.н. penny stocks и компаниите за канабис.
Досега има најави дека уште повеќе „ташкаши“ од Волстрит би можеле да нурнат во крипто пазарот. Во интервју за CNBC, ко-претседателот на JPMorgan Chase, Даниел Пинто, рече дека побарувачката од клиентите за биткоини се’ уште не е значителна, но дека сигурно тоа ќе се промени. Bloomberg исто така извести дека единицата за инвестициски менаџмент на Morgan Stanley испитува дали криптовалутите би можеле да бидат соодветни опции за инвеститорите. Чекор напред кон оваа опција би барало одобрување од менаџментот на банката, како и од регулаторите.
Се секоја голема објава, како онаа на BNY Mellon, и други институции се приклонуваат кон трендот на прифаќање на дигиталните валути, вели Патрик Кампос, главен стратегиски менаџер во Seccurency, фирма којашто развива технологии базирани на блокчејн.
„Чекорот на Tesla од неодамна, ќе натера и други големи корпорации и институции да ги прифатат криптовалутите не само како вредна класа на средства, туку можеби и како есенцијални средства.“, вели тој.