економија
Се создава нова и профитабилна индустрија на рециклирање
Европа пред нов предизвик

Создавањето нов текстилен отпад е многу проблематично, бидејќи најголемиот дел од него завршува на депонии или печки за отпад во или надвор од Европа, што секако има негативни последици за населението и животната средина. Затоа, Европа се соочува со значајна трансформација која може да создаде голема и одржлива нова индустрија преку претворање на отпадот во нова вредност.
Речиси секој Европеец создава повеќе од 15 килограми текстилен отпад годишно, додека до 2030 година оваа бројка би можела да достигне 20 килограми по жител. Дури 85 отсто од тој отпад доаѓа од приватни домаќинства. Воопшто не охрабрува фактот што ниту еден процент од износената облека не се рециклира од текстилен отпад во нови ткаенини и облека. Ова е само мал дел од резултатите од истражувањето неодамна објавено од меѓународната консултантска компанија McKinsey, под наслов Scaling textile recycling in Europe – turning waste in value, што уште повеќе ги нагласува целите на проектот ReHubs предводен од Euratex објавен на неодамнешната изложба Techtextil во Франкфурт.
Создавањето нов текстилен отпад е многу проблематично, бидејќи најголемиот дел од него завршува на депонии или печки за отпад во или надвор од Европа, што секако има негативни последици за населението и животната средина. Затоа, Европа се соочува со значајна трансформација која може да создаде голема и одржлива нова индустрија преку претворање на отпадот во нова вредност.
Иако се’ повеќе модни конгломерати и мултинационални корпорации се фалат дека се ориентирани кон одржливост и го нагласуваат еколошкиот отпечаток во нивниот бизнис, а неретко од своите купци и преземаат носена облека тврдејќи дека ѝ даваат „нов живот“ произведувајќи од неа нови колекции, реалноста, сепак изгледа сосема поинаку.
Од 7,5 милиони тони искористен текстил што се собира во Европа секоја година, повеќе од 65 проценти завршуваат директно на депонии или на отпад за согорување. Остатокот се собира и се рециклира, но обично само како искористена облека или како грубо рециклирани производи како крпи и сл. Според истражувањето, не само што би било вредно да им дадете втор живот на облеката и домашниот текстил, туку можеби и да ги преиспитате сопствените потрошувачки навики.
Профитабилен бизнис
Постојат неколку начини да се реши проблемот со отпадот, вклучително и намалување на прекумерното производство и прекумерна потрошувачка, продолжување на животниот век на производот и дизајнирање производи за поголема циркуларност, а еден од најодржливите и најприфатливите модели е системот за рециклирање fiber-to-fiber, т.е. претворање на отпадот во нови влакна кои се користат за правење нова облека или други текстилни производи. Некои технологии, како што е механичкото рециклирање на чистиот памук, се веќе воспоставени, додека други технологии, како што е хемиското рециклирање на полиестер, се предмет на интензивно истражување и развој веќе подолго време, а наскоро може да се применат. Откако овие технологии конечно ќе се применат, експертите проценуваат дека 70 отсто од текстилниот отпад би можел да се рециклира со методот „fiber-to-fiber“.
Рециклирањето на текстил е само едно од решенијата што треба да го искористи модната индустрија како еден од најголемите загадувачи на животната средина и да придонесе за решавање на проблемот со отпадот.
„Нема сомнеж дека намалувањето на хиперпродукцијата и потрошувачката е еколошки подобро од рециклирањето. Ако воопшто можете да го спречите отпадот, тоа секогаш ќе биде подобро од рециклирањето на отпадот“, вели Карл-Хендрик Магнус, од канцеларијата на McKinsey во Франкфурт и шеф за одржливост во секторот за облека, мода и луксуз.
Карл-Хендрик Магнус верува дека рециклирањето текстил дефинитивно може да стане „профитабилна гранка на економијата“.
„За осум години, 15.000 нови работни места може да се отворат низ Европа со лансирањето на циркуларната економија, плус пазар со обем на продажба до 8 милијарди евра“,наведува тој.
Новите технологии даваат големи шанси за преориентирање на модната индустрија кон систем за рециклирање, како што е механичка обработка на памук која е веќе добро воспоставена, потоа нови методи за обработка на влакна од вискоза и тестирање за хемиска обработка на искористени полиестерски ткаенини. Старата облека треба да се сортира по квалитет, да се отстранат копчињата и патентите и да се провери составот на влакната. Мешаните влакна сè уште се нерешен проблем.
Европската индустрија за облека и текстил веќе може да започне со ширење на потребната инфраструктура за прибирање, сортирање и рециклирање во затворен круг. Извештајот на McKinsey може да биде основа за понатамошно истражување и соработка за да се воспостави рециклирање на текстил во голем обем во Европа и можеби да се пренасочи голем дел од модното производство на европските компании од Далечниот Исток во Европа. Рециклирањето fiber-to-fiber во голем обем би можело да се постигне до 2030 година, создавајќи нова и одржлива циркуларна индустрија во Европа.
Економска и еколошка придобивка
Модните компании мора да постават амбициозни цели за рециклирање текстил и дизајн свртен кон циркуларноста.

„Производителите на текстил мора да инвестираат во опрема што може да работи со рециклирани влакна. Инвеститорите треба да поддржат нови начини на изработка на текстил. Јавниот сектор мора да ја прошири инфраструктурата за да го заживее системот за собирање и рециклирање на текстил. Секој од овие учесници во целиот процес треба да направи многу повеќе отколку што е постигнато во моментов“, според истражувањето на McKinsey.
Собирањето, сортирањето и претходната обработка го ограничуваат количеството текстилен отпад што е достапен за рециклирање по методата „влакно до влакно“. Стапката на собирање во моментов е во просек од 30 до 35 проценти, а голем дел од несортираниот бруто отпад се извезува надвор од Европа. Понатаму, повеќето технологии за рециклирање fiber-to-fiber имаат строги влезни барања за составот и чистотата на влакната, така што еластинот, на пример, е проблематичен за некои од споменатите технологии.
За да се постигне целосниот потенцијал на индустријата во подем, технологиите за рециклирање fiber-to-fiber мора дополнително да ги прошират методите за ракување со мешавините на влакна, да ги намалат нивните трошоци и да го подобрат квалитетот на новопроизведените материјали. Анализата на McKinsey покажува дека со надминување на овие пречки, рециклирањето со претворање на текстилниот отпад во нови влакна би можело да достигне од 18 до 26 отсто од бруто текстилниот отпад до 2030 година.
„За да ги достигнеме зацртаните цели, проценуваме дека до 2030 година би биле неопходни капитални инвестиции во опсег од 6 до 7 милијарди евра. И тоа е само за индустријата во Европа. Бројките потребни за глобална промена на текстилниот отпад се далеку поголеми“, вели студијата на McKinsey.
Целиот синџир на вредност, вклучувајќи го собирањето, сортирањето и рециклирањето на текстилот, бара значителни инвестиции за да се постигнат овие резултати. Анализата на McKinsey покажува дека оваа индустрија, кога ќе созрее и ќе се зголеми, може да стане самоодржлива и високо профитабилна со вкупен профит од 1,5 до 2,2 милијарди евра до 2030 година, додека годишните приходи потоа би можеле да изнесуваат од 3,5 до 4,5 милијарди евра. Синџирот на вредност за рециклирање на текстил би можел да создаде нова, вредна суровина која овозможува повеќе производство на облека во Европа, додаваат експертите на MyKinsey.
Покрај директните економски придобивки, зголемувањето на рециклирањето на текстил има и еколошки и социјални придобивки. Со отворањето на нови работни места, емисиите на јаглерод диоксид (CO2) би можеле да се намалат за приближно 4 милиони тони, што е еквивалентно на кумулативните емисии на областа што ја зазема Исланд, на пример, а загадувањето и водата и користењето на земјиштето би биле значително намалени.
Извештајот, исто така, укажува на неодамнешните европски политички иницијативи кои ја охрабруваат модната индустрија да се придвижи кон подобрено собирање отпад и повеќе циркуларни модели. „На пример, во член 11 став 1 од Рамковната директива за отпад стои дека земјите-членки на ЕУ се обврзани да воспостават посебно собирање на текстил до 2025 година“, посочуваат авторите на студијата.
Глобалната компанија Circ, чијашто една од мисиите е создавање технолошки иновации и системи за претворање на искористена облека во нови суровини, најави финансирање на проект за рециклирање на текстилен отпад во Европа со 30 милиони долари.