Connect with us

коментари

Силвана Мојсовска: Политичката економија на пандемијата Ковид-19

Став

објавено

на

Силвана Мојсовска, универзитетски професор

Покрај на национално ниво, Ковид-19 е лабораторија за применета политичка економија и на меѓународен план. Секоја криза ја истакнува грдата страна на погодените општества, но, пандемијата со своите глобални димензии, покрај внатрешните слабости на државите, ги извади на површина и проблемите на мултилатералниот систем.

Во 2020 година, пандемијата Ковид-19 наметна исклучително комплексна криза со која светот тешко се справува. Првиот официјално пријавен случај на корона беше на 7 јануари 2020 (Кина), а до крајот на 2020 година во светот беа регистрирани повеќе од 1,8 милиони смртни случаи од Ковид-19. До средината на април 2021, таа бројка порасна на 3 милиони лица. Брзото ширење на вирусот повлече ригидни мерки на ограничување на движењето во скоро сите земји, што се рефлектираше во драстично намалување на економските активности.

Економските индикатори од 2020 година се загрижувачки. Според ММФ, економските загуби наметнати од Ковид 19 се проценуваат на 9 билиони американски долари изгубен производствен аутпут (глобален БДП) во 2020/2021. Последователно, се забележува големо губење на работни места или намалување на приходите на определени категории вработени лица, со проекција (ММФ) дека пандемијата ќе втурне дополнителни 100-110 милиони лица во светот во екстремната сиромаштија (до 1.9 долари дневно) во 2020/2021. Покрај овие штети, високи се загубите кои не се лесно економски мерливи, како тие во областа на образованието, здравјето, културата, социјалниот живот и други карактеристики што се дел од човечкиот капитал во една земја.  

Излезот од пандемијата не е временски извесен, процесот на вакцинирање е придружен со бројни предизвици, а ревитализирањето на економијата е сегментирано (определени гранки доживуваат бум, додека други пропаѓаат) што дополнително го зголемува притисокот врз националните влади. Тие интервенираат со различни економски и социјални мерки со цел да им помогнат на погодените компании/самовработени лица и да обезбедат социјален мир. ММФ ги проценува фискалните интервенции на глобално ниво на 12 билиони американски долари во 2020 година (12 илјади милијарди долари, н.з.) а глобалниот долг (составен од долг на јавниот сектор, домаќинствата и нефинансиските корпорации) забележал годишен раст од 19.5 билиони американски долари.

Првото тромесечје од 2021 ја потврдува потребата од натамошни финансиски интервенции од страна на националните влади, како и кредити за домаќинствата и корпоративниот сектор, што упатува дека долгот дополнително ќе расте. Последователно, ќе расте задолжувањето, а со него ќе се засилуваат дебатите за целисходноста на ад-хок јавното трошење наспроти долгот што им се остава на следните генерации. Природата на економските циклуси упатува дека после криза следи закрепнување и период на просперитет на глобалната економија, меѓутоа, неизвесно е времетраењето на кризата, а таа директно ќе влијае на долгот (јавен и приватен). Дополнително, пандемијата од Ковид-19 ги става во преден план новите технологии како суштински за економски просперитет, што отвора нов предизвик за државите – да ги поттикнат и подготват своите национални економии за времето што доаѓа. Тоа подразбира дека јавното трошење треба да биде спакувано во добри јавни политики, односно политичката економија на управувањето со кризата да биде влог за иднината.

Првото тромесечје од 2021 ја потврдува потребата од натамошни финансиски интервенции од страна на националните влади, како и кредити за домаќинствата и корпоративниот сектор, што упатува дека долгот дополнително ќе расте. Последователно, ќе расте задолжувањето, а со него ќе се засилуваат дебатите за целисходноста на ад-хок јавното трошење наспроти долгот што им се остава на следните генерации.
Државата и пазарот (економијата) во Ковид-19

Под поимот политичка економија се подразбира односот помеѓу државата (политиката) и пазарот (економијата). Профилот на политичката економија на  една земја се исцртува преку политиките на државата, посебно преку тоа колку тие го промовираат јавниот интерес (што е примарната улога на државата) наспроти притисоците на бизнис заедницата за поголем маневарски простор. Таа борба помеѓу двете страни е секогаш присутна, а во зависност од “тежинската вредност” на различни фактори, се креираат добри, помалку добри или лоши јавни политики. Притоа, политичката економија не се огледа само преку економските и социјалните политики, туку има многу поширок опсег.

Ковид-19 ја истакна таа широкоопфатност, при што истовремено се создаде поинаков контекст на релацијата јавен – приватен интерес. Имено, затворањето на многу економски субјекти заради заштита од вирусот наметна ситуација кога сите сектори, вклучително и приватниот, станаа предмет на јавен интерес. На тој начин, политичката економија на пандемијата Ковид-19 доби специфични карактеристики каде едниот актер (државата) е активен чинител, а другиот (економијата) не е рамноправен партнер.

Сегментирањето на стопанството на сектори кои се погодени од Ковид-19 наспроти сектори кои просперираат од кризата досега резултираше во политичка економија насочена кон помош на погодените сектори, додека другиот сегмент не е опфатен. Тој, барем засега, се доживува како олеснување зашто државата не мора да интервенира, а воедно, приходите на вработените во растечките сектори придонесуваат за раст на приватната потрошувачка во националните економии, што е многу важно за намалување на последиците од кризата. Меѓутоа, сè погласни се пропонентите за промена на даночните модели во насока на (по)високо оданочување на индустриите/секторите кои “цветаат” за време на кризата (фармацевтската, хемиската и ИТ индустријата, е-трговија и логистика, итн.). Сепак, сè уште нема интервенции во оваа област, така што тековните трошоци на политичката економија од Ковид-19 се исклучително високи.  

Ургентноста што ја наметна кризата резултираше во преземање на ад-хок мерки од страна на националните влади, без можност за издржани анализи дури и во напредните држави. Меѓутоа, како што националните влади стекнуваат “искуство” во управувањето со кризата, така станува јасно дека добрите јавни политики се клучот за побрзо и побезболно закрепнување од кризата. Притоа, политиките мора да се осмислат и применат веднаш за да има подобри резултати. Тоа е посебен предизвик за земјите кои и досега не покажуваа добри резултати во јавното управување, а променетите иницијални поставки на политичката економија од Ковид-19 може да резултираат во помалку целисходно трошење и нивно натамошно заостанување. Од таа причина, во оваа фаза од кризата важен е преминот од ад-хок дејствување на државата кон осмислени и целисходни активности со очекувани резултати.   

Светска банка дефинира три фази на управување со кризата од Ковид-19: интервентна фаза, фаза на преструктурирање и фаза на закрепнување. Притоа, издвоени се четири основни области на кои националните влади треба да се посветат при управувањето со кризата Ковид-19. Тие се:

  • Спасување на животи загрозени од пандемијата;
  • Заштита на сиромашните лица;
  • Обезбедување на одржлив деловен раст и креирање на работни места;
  • Зајакнување на политиките, институциите и инвестициите.

Во интервентната фаза во која сè уште се наоѓаат повеќето од државите во светот целта е преку ад-хок мерки да се намалат штетите во секоја од наведените области. Оваа фаза ги разоткри системските слабости во националните држави, посебно во здравствениот, социјалниот и економскиот систем. Оттаму, важно е земјите брзо да преминат кон преструктурирање на овие системи (преку добро осмислени политики и таргетирани фискални и други државни интервенции), односно да градат инфраструктура за подобро справување со кризи во иднина. Доколку државите останат во интервентна фаза, со карактеристиките опишани погоре, тоа можеби ќе се одрази тековно да имаат помали фискални интервенции, меѓутоа, ад-хок мерките на долг рок се многу поскапи од добро осмислените и стратешките одлуки. Фазата на преструктурирање е таа што може да ги оправда високите трошоци на политичката економија од Ковид-19, а воедно да обезбеди поголеми ефекти од фазата на закрепнување. 

(Не)подготвеност на мултилатералниот систем за справување со Ковид-19

Ургентноста што ја наметна кризата резултираше во преземање на ад-хок мерки од страна на националните влади, без можност за издржани анализи дури и во напредните држави. Меѓутоа, како што националните влади стекнуваат “искуство” во управувањето со кризата, така станува јасно дека добрите јавни политики се клучот за побрзо и побезболно закрепнување од кризата. Притоа, политиките мора да се осмислат и применат веднаш за да има подобри резултати.

Покрај на национално ниво, Ковид-19 е лабораторија за применета политичка економија и на меѓународен план. Секоја криза ја истакнува грдата страна на погодените општества, но, пандемијата со своите глобални димензии, покрај внатрешните слабости на државите, ги извади на површина и проблемите на мултилатералниот систем.

На почетокот, информациите од релевантните мултилатерални институции, посебно од Светската здравствена организација (СЗО) беа очекувани како основен импулс за управувањето со кризата на национално ниво. Меѓутоа, мултилатералниот систем набрзо покажа дека има сериозни ограничувања, а во недостиг на прецизна и конзистентна навигација од страна на меѓународните институции, одговорноста за справување со кризата скоро целосно падна врз државите.

Ова посебно дојде до израз при (не)функционирањето на Ковакс системот за обезбедување еднаков глобален пристап до вакцини, управуван од страна на Светската Здравствена Организација и неколку јавно-приватно партнерски организации, што е сериозен удар врз кредибилитетот на мултилатералните институции. Паралелно, трката за вакцини покажа целосно свртување на државите кон внатре, дури и во рамките на Европската унијата и другите економски, политички и геостратешки сојузи.

Од друга страна, мултилателарните институции со мандат за поддршка на фискалната стабилност (ММФ) и реформските зафати во националните економии (Светска банка) покажаа повисока подготвеност да одговорат на предизвиците  наметнати од Ковид-19. Двете институции брзо направија мобилизирање на средства кои им се ставаат на располагање на земјите за справување со екстерните шокови. Светска банка објави дека става на располагање 160 милијарди американски долари до јуни 2021 за заеми насочени за ублажување/решавање на проблемите во здравството, економијата и социјалната сфера, како и дополнителни 12 милијарди американски долари кои земјите во развој може да ги побаруваат за набавка на вакцини.

Истовремено, Светска банка направи идентификување на областите каде што ќе бидат насочени нејзините проекти (наведени погоре) што дава извесни насоки за поцелисходно креирање на националните политики. Меѓутоа, за да им се помогне на земјите да направат брз и успешен премин од интервентна фаза кон преструктурирање, дополнително треба да се работи на креирање на програми согласно конкретните потреби на земјите. А, Ковид-19 значително влијаеше на промена на овие потреби, што значи дека и Светска банка и ММФ треба да бидат проактивни во своето идно дејствување.

Обезбедувањето на финансиски средства за заеми е секако олеснително за националните економии, иако, главниот предизвик ќе биде враќањето на заемите и ефектите што тој процес ќе ги има врз светската економија. Ковид-19 покажа дека светската економија има различни слоеви на интеракција и испреплетеност на државите како нејзини клетки, при што голем дел од нив се попречени или драстично намалени од пандемијата (ова посебно е видливо кај синџирите на добавување). Функционирањето на светот во форма и на начин како пред Ковид-19 тешко дека е целосно ревирзибилен процес, а посебно е важно што обезбедувањето на слободно движење и непречени економски и социјални текови не може да се направи без заеднички напор на сите држави. Лидерите на најразвиените земји во светот се согласија дека “никој не е безбеден додека сите не се безбедни”, што резултираше во нивна иницијатива на 30 март 2021 за потпишување на меѓународен договор за справување со пандемии.

Оваа иницијатива е практично признание за неподготвеноста на мултилатералниот систем за справување со пандемијата Ковид-19. Идејата е меѓународниот договор за справување со пандемии да биде заснован на принципите на колективна солидарност и да обезбеди рано детектирање и превенција на пандемии, подигнување на отпорноста на светот кон идни пандемии, подобрување на меѓународната рамка за здравствена заштита и единствен пристап за зачувување на здравјето на луѓето и животните на нашата планета.

Овој договор би овозможил подобрување на архитектурата на меѓународниот здравствен систем, што секако би било олеснување за државите во справување со кризи од типот Ковид-19. Договорот би бил посебно значаен за помалите и помалку развиени земји чии капацитети за справување со кризи се помали, а последиците подолгорочни. Сепак, колку и да е важна меѓународната рамка, одговорот на било која криза првенствено зависи од активностите на националните економии. Во таа насока, покрај меѓународните активности, неопходно е паралелно да се работи на подигнување на капацитетите за креирање и имплементација на добри јавни политики на национално ниво. 

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

економија1 ден ago

Осигурениците најчесто се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите

менаџмент / маркетинг1 ден ago

M6 Едукативен центар стана официјален партнер на Адижес Институтот од Калифорнија

македонија2 дена ago

Големо отворање на H&M продавницата во Ист Гејт Мол на 18-ти август

македонија2 дена ago

Државата ќе штеди струја – донесени задолжителни мерки за институциите, за домаќинствата и компаниите само препораки

банки3 дена ago

НЛБ Банка Скопје по шести пат прогласена за најдобра банка во Македонија според „EMEA Finance“

економија3 дена ago

Венера Крлиу – Ханџиски, Ѓорѓе Војновиќ и Радош Вукичевиќ се нови членови на Одборот на директори на Македонија 2025

македонија4 дена ago

H&M ќе открие мурал во Скопје, којшто истовремено го прочистува и воздухот

регион4 дена ago

Косово почнува со рестрикции на струја, нема пари за скапиот увоз

економија5 дена ago

Поставен камен-темелникот на фабриката за електрични возила во Тетово

банки6 дена ago

ПроКредит – прва банка во земјата која воведува флексибилност за работа од дома за своите вработени

економија5 дена ago

Поставен камен-темелникот на фабриката за електрични возила во Тетово

банки6 дена ago

ПроКредит – прва банка во земјата која воведува флексибилност за работа од дома за своите вработени

македонија2 дена ago

Големо отворање на H&M продавницата во Ист Гејт Мол на 18-ти август

регион4 дена ago

Косово почнува со рестрикции на струја, нема пари за скапиот увоз

македонија4 дена ago

H&M ќе открие мурал во Скопје, којшто истовремено го прочистува и воздухот

македонија2 дена ago

Државата ќе штеди струја – донесени задолжителни мерки за институциите, за домаќинствата и компаниите само препораки

економија3 дена ago

Венера Крлиу – Ханџиски, Ѓорѓе Војновиќ и Радош Вукичевиќ се нови членови на Одборот на директори на Македонија 2025

банки3 дена ago

НЛБ Банка Скопје по шести пат прогласена за најдобра банка во Македонија според „EMEA Finance“

менаџмент / маркетинг1 ден ago

M6 Едукативен центар стана официјален партнер на Адижес Институтот од Калифорнија

економија1 ден ago

Осигурениците најчесто се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите