Connect with us

економија

Сите барања на бизнис секторот до новата Влада

Бизнисот во очекување на нови антикризни мерки

објавено

на

Бизнис заедницата се мобилизира и на неколку средби со владини претставници деновиве испорача низа мерки коишто би требало да им помогнат на компаниите полесно да ги надминат последиците од корона – кризата, но и генерално да создадат подобри услови за работење. Тие велат дека имаат потреба од  државна помош и поддршка за ублажување на негативните ефекти од пандемијата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување на предвидливоста во бизнисот и на макроекономската стабилност.

Додека неколку европски земји деновиве воведуваат нов локдаун со цел да го запрат есенскиот бран на ширење на коронавирусот, здравствените власти кај нас засега не ја разгледуваат таа опција токму поради очекуваните катастрофални последици врз економијата, иако бројот на потврдени заразени почна драматично да расте. Но, без оглед што засега не се размислува за полициски час, сепак бизнис секторот алармира дека економската состојба исто така се влошува, а меѓународните фиансиски институции веќе почнаа да ги ревидираат своите прогнози со поголема доза на песимизам. Па така, ММФ сега очекува рецесијата кај нас годинава да се продлабочи од првичните 4% на 5,5%.

Во такви услови, очекуваните антикризни мерки стануваат исклучително неопходни, но Владата се уште ги осмислува и не објавува детали.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на состанок со бизнисмените од Сојузот на стопански комори, истакна дека во процесот на креирање на мерките кои што ќе се преземат, важно е партнерството со приватниот сектор

„Новиот сет на мерки ќе биде таргетиран. Економските мерки што покажаа резултат ќе продолжат, но ќе се редизајнираат со цел зголемување на нивната ефикасност. Мерките ќе се темелат на три столба, првиот столб го опфаќа социјалниот и здравствениот аспект, вториот е фокусиран на економијата и вработувањата со цел одржување на ликвидноста и третиот е насочен кон одржување на макроекономската и фискалната стабилност“, изјави Бесими и додаде дека максимални се заложбите за обезбедување пари од расположливите меѓународни финансиски институции и од буџетот со цел економските циклуси да не запрат.

ССК предложи список со 25 антикризни мерки

Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека со предложените 25 економски мерки кои треба да се имплементираат на краток рок во соодветна временска рамка ќе се помогне во одржување на ликвидноста на компаниите, која е сериозно нарушена. На долг рок ќе бидат дополнително предложени системски мерки за економски развој кои треба да следат по фазата на економско стабилизирање.

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, истакна дека е неопходно носење економски пакет-мерки кои ќе дадат директна помош на стопанството. Арсовска истакна дека само со заедничка акција на релевантните чинители во општеството, како и со соодветни решенија за проблемите на претпријатијата може да се стабилизираат состојбите во економијата.

„Дел од клучните предизвици од чие надминување зависи подобрувањето на состојбите во економијата се во ингеренции на Министерството за финансии. Во таа насока пораката на Сојузот е нашите 25 мерки за економски спас да се реализираат според утврдените приоритети со директна помош за претпријатијата, а не со социјални мерки бидејќи тој пристап е неодржлив, односно не создава нова додадена вредност. Приоритет треба да биде наменски и рационално искористување на буџетските средства со цел да се обезбеди стабилност во економијата. Без очекуваната директна помош како фискален стимул, проекциите се лоши“, изјави Арсовска и додаде дека на сите кои работат регистрирано и плаќаат даноци треба да им се помогне безусловно.

Предлогот од 25 мерки на ССК вклучува приоритетна мерка да биде директна целна финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи според нивните информации, имало дејности што се пред пропаѓање.

„Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, за да им се овозможи на сите право еднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постојните кредити за оние претпријатија што се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките“, истакна Арсовска.

Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека од голема важност е да се обезбеди олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, како што се оние за тековните оперативни потреби. Тие наедно апелираат на потранспарентно промовирање на кредитните линии што се достапни, да се овозможи сите на кои им се потребни да имаат пристап до овие средства, како и обезбедување национална гарантна шема за поддршка на претпријатијата при кредитирањето.

Меѓу другите мерки што се бараат е и директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година.

Пари не само за плати, туку и како евтини кредити

Институтот за економски истражувања и политики Finance Think кој веќе направи анализа на ефектите од оваа мерка што траеше три месеци, во април, мај и јуни, исто така и сугерира на Владата да продолжи да ја применува од октомври.

Предлогот на Finance Think е да се доделат 14.500 денари месечно по вработен за компании кои во третиот квартал, периодот јули – септември имале пад на приходите во однос на претходниот квартал, периодот април – јуни. Компаниите ќе треба да се обврзат на 1 октомври да имаат најмалку ист број вработени како на 30 јуни и да го задржат истиот број вработени во рок од три месеци по завршување на мерката, односно до март следната година.

Очекувањата се дека со оваа мерка би биле опфатени 68.568 работници. Месечниот трошок за реализација на мерката би бил 16,6 милиони евра, а вкупниот трошок 100 милиони евра. На работа би се вратиле 11 илјади работници што, според проценките на Институтот, е една четвртина од нововработените.

Со реализација на мерката би имало и дополнителен приход во Буџетот врз основа на данок на личен доход и придонеси од најмалку 7,2 милиони евра.

Сојузот на стопански комори апелира и за одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите тие да се плаќаат на рати, без камата. Потребно е и итно справување со сивата економија со соодветни достапни механизми што може да се имплементираат веднаш.

Дополнително, претставниците на ССК доставија посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт.

„Важно е да не се дозволи претпријатијата од секторот транспорт да пропаднат во време на криза, затоа што основните транспортни услуги нема да бидат лесно достапни кога ќе почне периодот на економското закрепнување“, велат од ССК.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија изјавоја дека освен помош за плати, неопходно е да продолжи и поддршката со евтини кредити за оние фирми кои може да придонесат за развој на економијата.

„Стопанската комора на северозападна Македонија, базирајќи се врз анализите од терен, ѝ предлага на новата влада да продолжи со субвенционирање на платите до крајот на октомври, а ако пандемијата продолжи и до крај на годината. Исто така, многу е битна финансиската поддршка за компаниите за да се одржи финансиската ликвидност на микро, малите и средни компании. Од друга страна, кредитите со минимална каматна стапка од Банката за развој бараме да продолжат за компаниите кои може да придонесат до развој на економијата“, велат од оваа стопанска комора.

Стопанската комора на Македонија, исто така му испорача листа на барања на новиот министер за финансии, Бесими.

Во однос на потребата од промптно справување со последиците од пандемијата поради Ковид – 19, министерот за финансии ја прифати иницираната промена трошоците за тестирање на работниците од коронавирус да бидат признаен расход за потребите на данокот на добивка. Исто така, министерот Бесими посочи дека се работи и на реализација на мерката „Државна гаранција за комерцијални кредити преку комерцијалните банки“ преку Развојната банка на РСМ како една од мерките од третиот пакет на интервентни мерки, преку развивање на гарантна шема за таа потреба.

Странските инвеститори со фокус на даночната и царинската регулатива во услови на пандемија

Во однос на системски важните прашања, министерот Бесими позитивно ја оцени иницијативата на Комората за воведување даночен календар што ќе ја подобри извесноста на бизнис амбиентот во однос на промените во даночната регулатива. „Разговаравме и за иницијативата за ревидирање на системот на парафискални давачки преку изработка на регистар, ревизија на постојните давачки и дефинирање на механизам за контрола на процесот на воведување нови давачки во иднина. Се разговараше и за прашањето на царинските стапки и потребата од преиспитување на состојбата во таа сфера, имајќи ги предвид последиците за конкурентноста на македонската економија“, информираа од Стопанската комора и одадваат дека било предложено и ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на репроматеријали за извозно ориентираните компании и ревидирање на царинската политика во насока на изедначување на царинските стапки за увоз од трети земји на нивото на ЕУ.

„Во однос на прашањето за одржување на ликвидноста на компаниите, беше посочена потребата од изнаоѓање функционално решение за Законот за извршување спрема субјектите од јавното право, со цел компаниите да можат навремено да ги реализираат своите побарувања од локалните самоуправи“, велат од Комората на што министерот Бесими посочил дека за решавање на тоа прашање ќе биде потребна координација со Министерството за правда.

Неколку барања до новата Влада испорачаа и од Советот на странски инвеститори на средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Како што истакнаа членовите на Упавниот одбор, за странските компани кои се присутни во земјава, од круцијално значење се прашањата за обезбедување предвидливост и конзистентност на деловното опкужување, нешто што е од клучна важност за секој  инвеститор за планирање и проекција на економските процеси и инвестиции.

Претседателот на Советот на странските инвеститори, Штефан Петер, ги презентираше петте приоритети кои странските инвеститори ги очекуваат од новата Влада, а тоа се прашањата поврзани со даночната и царинската регулатива во услови на пандемија, за што Советот на странски инвеститори има бројни предлози и сугестии за подобрување на регулативата, со фокус на барањата за целосно усогласување на царинските стапки за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи. Нов пристап во привлекувањето, но и грижата за странските инвеститори, што подразбира непристрасен, искусен и ефикасен onе-stop-shop центар за странските инвеститори во земјава,  флексибилен и независен во своето одлучување и решавање на проблеми, што ќе значи голем исчекор напред; потоа создавање услови за стручен кадар согласно потребите на пазарот на трудот и спречување на процесот на масовна миграција на младото работоспособно население од државава; задолжителна консултација на странските инвеститори за правната регулатива, како и ефикасна администрација и владеење на правото.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, посочи дека и во наредниот период странските инвеститори и приватниот сектор воопшто ќе имаат потреба од  државна помош и поддршка за ублажување на негативните ефекти од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување предвидливоста во бизнисот и на макроекономската стабилност.


Некои од клучните мерки што ги бара Сојузот на стопански комори од Владата

  • Олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци;
  • Потранспарентно промовирање на кредитните линии и овозможување пристап за сите што имаат потреба од ваквите средства;
  • Обезбедување национална гарантна шема за поддршка на фирмите при кредитирањето;
  • Директно и неселективно продолжување на мерката „месечна финансиска помош од 14.500 денари“ до март 2021 година

Continue Reading
менаџмент / маркетинг5 часа ago

10 КОМУНИКАЦИСКИ ВЕШТИНИ КОИ МОРА ДА ГИ ВЛАДЕЕ СЕКОЈ БИЗНИСМЕН

менаџмент / маркетинг5 часа ago

ДЕЛЕГИРАЊЕ – КАКО ДА СЕ РЕШИТЕ ОД СТРАВОТ НА ГУБЕЊЕ МОЌ И КОНТРОЛА?

менаџмент / маркетинг5 часа ago

Дру Хјустон: Не секирајте се за неуспехот; само еднаш треба да ја погодите работава.

технологии / компании5 часа ago

Пандемијата го зголеми онлајн купувањето – кој доби, кој загуби и што повеќе нема да биде исто?

економија5 часа ago

ММФ: Справувањето со здравствената криза е клучно за заштита на економијата

економија5 часа ago

Намалување на енергетската зависност од еден извор и транзиција кон чистата енергија се клучните определби за Македонија

интервју6 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!

економија6 часа ago

Планирана е вкупна инвестиција од 50 милиони евра за 5 години

економија6 часа ago

Големата слика: македонската економија на среден и долг рок

свет6 часа ago

Берзите продолжуваат да растат бавно

македонија5 дена ago

„Брако“ го создаде првото возило за чистење улици на водороден погон во Европа

македонија4 дена ago

Амбасадорката Брнс на МЕФ: САД ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради посилен и понезависен енергетски сектор

македонија1 ден ago

Зоран Заев: Нашата држава почива на делата на антифашизмот чиј резултат е нашата слобода!

економија2 дена ago

Почна третата Годишна конференција за е-трговија

банки3 дена ago

Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини

македонија4 дена ago

Директорката на МЕПСО, Шуклева: Во инвестициски циклус сме од 163 милиони евра

економија3 дена ago

„Брзи” и „евтини” кредити за скапа и отежната реализација на капитални проекти

банки1 ден ago

Доделени наградите од наградната игра „Шпаркирај нов автомобил!“

start up1 ден ago

Сто илјади евра финансиска поддршка за македонскиот стартап Elevate Global од страна на Бизнис акцелераторот УКИМ

интервју6 часа ago

Николаос Цифакис: ЕУ ќе ја изгуби политичката моќ на Балканот!