Connect with us

политика

Сите сакаат Пописот да биде по стандарди… кој по политички, кој по партиски!

Има ли изненадени што Пописот направи политичка криза?

објавено

на

Поразителни за демократијата, ама и за политичката и цивилизациската свест воопшто на општеството се изјавите на високи партиски и државни функционери поврзани со организацијата и спроведувањето на Пописот кои под маската на наводна загриженост за капацитетот на институциите да ја спроведат оваа операција, имаат цел да ја урнисаат довербата на граѓаните во самиот Попис и во целиот систем. Умешноста на македонската политика да произведе партиско – политичка гротеска од една операција од која зависи државната иднина не е ништо ново, но веќе е навистина дегутантна за сите, освен за слепите партиски послушници и директните актери на чие конто оди рејтингот добиен по пат на евтини манипулации

Поразителни за демократијата, ама и за цивилизациската свест воопшто на општеството се изјавите на високи партиски и државни функционери поврзани со организацијата и спроведувањето на Пописот кои под маската на наводна загриженост за капацитетот на институциите да ја спроведат оваа операција имаат цел да ја урнисаат довербата на граѓаните во самиот Попис и во целиот систем. 

Прво лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски прво стори се што може за да го спречи донесувањето на Законот за попис, со обвинување дека во план е „пописен инженеринг“ и „фалсификат попис“, а потоа и високи функционери од редовите на ДУИ ја отворија Пандорината кутија со најави дека „нема да го признаат Пописот“ (небаре резултати од егзактна статистичка операција бараат нечиј благослов) доколку процентот на Албанци не е онаков каков што тие го имаат замислено.

Главниот проблем е што кога ќе се споменат ДУИ и ВМРО – ДПМНЕ заедно со организација, спроведување па дури и (не)„признавање“ на Попис првото што излегува на виделина се сликите од пред една деценија што се се’ уште свежи, кога токму овие две партии заедно го прекинаа попишувањето на населението на само три дена пред крај на процесот. За овој огромен скандал никој не одговараше, а како последица на тој политички и државен дебакл, Македонија остана како единствена држава во свет (едно време заедно со Сомалија, потоа и сама) што нема спроведено Попис. 

Политичарите и математичарите од ДУИ 

И на најслабите познавачи на состојбите кај нас им е јасно дека е прилично наивно да се смета дека Пописот може да се сведе на она што всушност и е – статистичка операција, што нема врска со политички или партиски интереси. Во држава во којашто системот е изграден врз основа на дадени процентуални застапености, до некаде може и да се разбере интересот на политиката или политичките претставници на дадени заедници за резултатите од таа операција. Но, во услови кога и лично премиерот Зоран Заев адресирајќи ги тие грижи кажа дека стекнатите права нема да имаат никаква врска ниту да бидат загрозени од резултатите, нејасно е која е идејата за подметнување на несигурности и поттикнување на недоверба, особено од страна на коалицискиот партнер.

Поранешниот министер за образование и сегашен пратеник од ДУИ Арбер Адеми, во едно телевизиско гостување кажа дека тој лично нема да ги признае резултатите од Пописот на населението, доколку Албанците бидат помалку од 20 проценти. По силните реакции во јавноста, што тој секако бил свесен дека ќе ги предизвика, Адеми кажа оти тоа го рекол „во нервоза“ и како одговор на провокација на новинарот, но тешко дека некој поверува оти во таа нервоза тој не го кажал она што навистина го мисли. И неговата партија побрза да „се испере“ кажувајќи дека се работи за негов личен, а не партиски став и смирувајќи дека (овој пат) тие нема да учествуваат во обиди за саботажа и пропаѓање на Пописот:

„Пописот нема да пропадне. Макотрпно и долго работевме на законот за попис и отстранети се сите недоследности од законот за попис во 2011 година. Законот неделава ќе го изгласаме во Собранието и попис во април ќе има. ДУИ е на став дека пописот треба да ја отслика реалноста во државата – смируваше една од изјавите Насер Зибери.

Иџет Меџити набрзо потоа се надоврза дека Пописот мора да се одржи, со став оти тоа е статистичка операција, потребна за да се утврдат бројките и добра за наредните стратегии и развој, било за економски параметри, било за друга природа. Но, и тој го кажа следново:

„Според бројот на ученици, по наталитет и по многу фактори Албанците ќе бидат над 25 отсто . Сите индикатори говорат дека Албанците се нешто повеќе од тоа што биле на последниот попис. Нема потреба од такви дилеми“ што повторно го става и него и ДУИ на страната на лицитатори со бројки и проценти. 

Многу игри, малку одговорност

Откако Законот за попис доби поддршка и од претседателот Стево Пендаровски, кој го потпиша Указот, Мицкоски кажа дека тие почнуваат со акција.

„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема со скрстени раце да го дочека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Бараме нов потпис“ велат од партијата.

„Пописот стана игра на проценти, наместо статистичка операција. Срамно е нивото на заплашување и невистини кои се шират кон овој политички попис. Ќе почекаме да се објави законот во ‘Службен весник’, веднаш потоа ќе се соберат и пратенички потписи, а паралелно од крајот на оваа или од почетокот на идната недела, ќе започнеме со собирање на граѓански потписи низ подрачните единици на Министерството за правда, за носење на нов закон со кој ќе се укине законот со кој се отвора патот за фалсификат и политички попис. Ќе ги повикаме граѓаните масовно да се потпишат на нашиот предлог за укинување на таквиот закон. Се надевам дека нема да се случи Владата да одлучи да го игнорира гласот на граѓаните. А, ако така постапат, тоа ќе биде јасен доказ дека тие постојат за заштита на своите и лични интереси, наместо оние на народот и државата“, порачува Мицкоски.  

Претседателот Пендаровски пак очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата.

Од Кабинетот на претседателот, за Дојче Веле информираа дека главниот аргумент за потпишување на указот е фактот дека решенијата во законот не отстапуваат од стандардните норми и принципи на Евростат и од пописната пракса во најголемиот број членки на ЕУ.

„Главната цел која треба да се постигне со донесување на Законот за попис е спроведување на оваа базична статистичка операција која е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој. За жал, како што е познато, тие витални статистички параметри ги немаме обезбедено речиси 20 години. Главниот аргумент за потпишување на указот е фактот дека во текстот на законот не се содржани решенија кои отстапуваат од стандардните норми и принципи на Евростат и од праксата при организирање на пописите во најголемиот број членки на ЕУ“, образложија од Кабинетот на претседателот.

Притоа потсетуваат дека претседателот Пендаровски пред да го потпише указот се сретнал со претставници на релевантните државни институции, извршил консултации со неговите правни советници во кабинетот, но и со домашни и меѓународни експерти во областа.

„Претседателот Пендаровски смета дека законското решение не претставува пречка за коректно изведување на пописот. Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која одредени политички субјекти ја прават извесен период наназад“.  велат од Водно.

Од СДСМ велат дека  прашањето на Пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради „политичките хирови на неспособниот Христијан Мицкоски или негови блиски поединци во ВМРО-ДПМНЕ.“

„Тие секогаш и во се’ ќе најдат причина да блокираат и опструираат. Тоа го видовме и во изминатите 3 години, секогаш делуваат спротивно на интересите на граѓаните и на државата. Постојано подбуцнување на конфликти во секоја можна прилика и блокади. Таквите политичари како Мицкоски не се способни да понудат никаков напредок за граѓаните. Затоа го политизираат пописот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис, во некаков неразумен обид да го саботираат целиот процес. Немањето попис цели две децении е штетно. Пописот е основ планиран економски развој на земјата, за напредок. Кога ќе имаме реална слика за состојбата на терен, ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни. Со тоа ќе се унапредат и нивните права и придобивки. Јалови се обидите за наметнување дебата колку проценти е било која етничка заедница. Пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права. Пописот сега е вратен во рацете на институциите, на професионалците од Државниот завод за статистика. Операцијата ја спроведуваат професионалци по сите европски стандарди.“ велат од владејачката партија.

Статистика уверува: Попис ќе има и ќе биде релевантен

Во меѓувреме, директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски вели дека е свесен оти какви и да бидат резултатите, ќе има незадоволни. Но, тој вели:

„Статистиката не ја прави реалноста, статистика ја регистрира реалноста. Сигурен сум дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама мене тоа не ме интересира“.

Тој последното интервју за РСЕ вели дека оваа операција мораме да ја спроведеме како што треба:

„Тоа е многу битно да се потенцира, и тоа од многу аспекти. Прво на оваа држава ѝ требаат, неопходни се, нужни, екстра потребни сите овие информации околу пописот и ние мораме таа обврска да си ја исполниме. Втората работа е она што како институција којашто потфрли во 2011 година и не успеа да спроведе попис, да си го вратиме своето реноме. Да покажеме дека тоа било момент, не е тоа нешто што е пракса во институцијата, дека се враќаме на она да си го задржиме вистинското место кое го заслужуваме во општеството како институција. И на крајот на краиштата да си ги завршиме сите обврски како држава, членка кандидат сме, сакаме да одиме во Европа, имаме обврски, поглавјето статистика е едно од поглавјата, имаме посебно поглавје кое е во првиот кластер, значи важноста на тоа поглавје е исклучително висока, затоа е ставено во тој кластер, а првиот бенчмарк, првиот наш приоритет е да спроведеме попис. Како и да го поставиме прашањето, ние мораме овој попис да го спроведеме и она што е до нас ќе го спроведеме, да течат подготовките и она што е врзано со нашата активност си одат подготовките без никаков проблем соодветно на програмата, на тајмингот којшто ние сме си го поставиле како институција, и тука до сега немаме никаков проблем.“

На прашањето околу забелешките на опозицијата и неприфаќањето на нивните амандмани, Симовски одговара:

„Најновата и најголемата забелешка беше околу тоа земање на отисок од прст на тие што ќе се попишуваат. Прво, по мене, тука имаме четири моменти што се многу битни и поради кои не може да се прифати вакво барање. Прво е правниот момент, значи имаме Закон за правна статистика, имаме Закон за заштита на лични податоци и имаме Закон за полиција, овие три закони даваат можност дали вакво нешто може или не може да се спроведе и сите три закони велат не може. Зошто? Единствената институција овластена да прибира отисок од прст и да го користи е МВР, и тоа еден сегмент од МВР, мислам дека тоа е Управата каде што даваме податоци кога вадиме лични карти и пасоши. А другиот сегмент што може да ги користи, дури овие не можат да го користат и тие се строго класифицирани податоци кој може да ги користи со посебни уредби, одобренија, на лична основа кој може да ги користи. Ние како институција немаме право да ги користиме тие податоци. Ние како институција, согласно Законот за државна статистика и Законот за заштита на лични податоци не смееме да ги дадеме податоците од кое било статистичко истражување на друга институција, значи тие можат да се користат само за статистички цели, јас не можам да ги дадам на МВР проверете ми ги сега овие дали овој отисок е на тоа лице кое што се попишало. И да сакам не можам, тоа е законскиот дел. Втората работа е околу техничкиот дел, ние имаме лица, единици на попис коишто немаат отисок во МВР. Тука се прво лицата кое се надвор од државата, не може да дадат, не може физички да остават отисок. Имаме малолетни деца кои немаат лични документи, не сите деца имаат пасоши, а лични карти може да вадите после 16 години, и трето имаме странци кои се дел од пописот, а немаат отисок во МВР. И сега тука се поставува прашањето дали некои ќе бидат повластени да не остават отисок, а некои дискриминирани да оставаат. И на крајот четвртата компонента е што ние веќе имаме подготвено апликација за попис. Допрва ако вградуваме и отисок, мене ќе ми треба уште најмалку година дена да се работи таа апликација да и тој отисок влезе во шемата на таа апликација, што апсолутно нема шанси да го дозволам.“

Click to comment

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

економија20 часа ago

Се возобнови Клубот на одговорни бизниси

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

интервју6 дена ago

Горан Паунов: Лидери сме на пазарот за фотоволтаични  решенија по системот “клуч на рака“

интервју6 дена ago

Иван Штериев: Берзата може да се вклучи и во сегментот на пазарот на државни хартии од вредност

економија6 дена ago

Компанијата Пантелеон ГС расте брзо, но и враќа кон заедницата

македонија6 дена ago

„Вештини за успех“ на Пивара Скопје за полесно вработување на младите

економија6 дена ago

Владата ќе „гони“ залетани трговци

македонија6 дена ago

Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФсо младинска кампања за безбеден интернет

регион6 дена ago

ЕУ го избегна првиот куршум од Путин, но сè уште е жедна за евтин гас

свет6 дена ago

Како Тесла и Кинезите им го украдоа шоуто на германските брендови

технологии / компании6 дена ago

Вештачката интелигенција носи нови промени

start up6 дена ago

Шест препреки за стартапите во потрага по инвеститор