Connect with us

интервју

Славица Кутиров: Со примена на новите сервиси и напредни технологии, дигиталната Царина станува реалност

Славица Кутиров, директорка на македонската Царинска управа

објавено

на

„Дигитализацијата на царинското работење е значаен приоритет на Владата, на кој ние сме целосно посветени, бидејќи Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување, кој се заснова на глобални стандарди и правила за тргување. Анализите покажуваат дека придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните постапки.“

После шокот што го претрпе светот поради пандемијата на Ковид-19 во 2020 и 2021, следната, 2022, требаше да биде година на закрепнување и враќање во нормален колосек. Меѓутоа, војната во Украина, геополитичката нестабилност и инфлацијата што таа ја предизвика, како „капак“ на сите претходни проблеми само ја направија минатата година да биде една од најтешките за светската економија последниве децении, вклучително и домашната. Погодени беа и компаниите што се занимаваат со увозно-извозни активности, коишто имаат секојдневен допир со македонската Царинска управа, од каде што пак ни велат дека интензивно работат на воведување нови процеси и технологии со цел олеснување на протокот на стоки.

Со директорката на Царинската управа, г-ѓа Славица Кутиров разговаравме за тоа како организацијата се справува со пост-пандемиските предизвици и кои се најзначајните промени во нејзиното работење што треба да го олеснат и работењето на преку 11.000 домашни компании.

Г-ѓа Кутиров, минатата година беше исклучително тешка на економски план, после двете пандемиски години. Како се одрази ова врз работењето на Царинската управа, какви се приходите во 2022?

Ако 2020 и 2021 година останаа запаметени како години на пандемија, кога сите се соочивме со непредвидливоста и стравот од тоа што се случува во светот, на самиот почеток на 2022 година се соочивме со нова, поширока економска и енергетска криза како резултат на воениот конфликт во Украина, од која и ние како држава не бевме изземени. Во тие услови, Царинската управа покажа исклучителна способност за брзо прилагодување и проактивно дејствување во новонастанатите околности. Со примена на низа интервентни мерки за ефикасно ублажување на последиците од кризата, со користење на нови алатки и начини на работа, брзо и успешно  обезбедивме непречен прекуграничен проток на стоките.

Исто така, минатата година Царинската управа беше активен учесник во подготовката и имплементација на низа мерки кои ги донесе Владата, а се насочени за поддршка на домашните увозно-извозни компании. На самиот почеток на годината започна имплементација на мерката за трајно намалување или укинување на царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали за индустриско производство, пред сѐ наменети за извоз. Со тоа излеговме во пресрет на барањата на компаниите за намалување на царинските стапки, а воедно се изврши и усогласување на истите со стапките во ЕУ, што е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на домашните компании на меѓународниот пазар.

Така, во 2022 година бележиме раст од 15% при наплата на приходите, во однос на 2021 година или 49% во однос на 2020 година, која беше и најтешка пандемиска година. Минатата година се остварени приходи од 119,2 милијарди денари или 15,6 милијарди повеќе од 2021 година, што претставува скоро половина од вкупните буџетски приходи на државата. Најзначајно е тоа што овие податоци покажуваат дека состојбите во домашната економија полека се подобруваат.

Пред извесно време ги претставивте пред бизнис заедницата новитетите од процесите на дигитализација на царинското работење, па објаснете за нашите читатели за какви поволности конкретно се работи?

Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхартиеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.

Дигитализацијата на царинското работење е значаен приоритет на Владата, на кој ние сме целосно посветени, бидејќи Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување, кој се заснова на глобални стандарди и правила за тргување. Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција во централните европски системи, го унифицира нивото и начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет, што е значајно за нас како држава, но пред сѐ е значајно за домашните компании бидејќи дава предвидливост, забрзување на процедурите и истовремено намалување на трошоците, како силен поттик при нивното учество на пазарите на ЕУ и пошироко. Анализите покажуваат дека придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните постапки.

Во таа насока, како резултат на силната посветеност на дигитализацијата, го ставивме во функција новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што успеавме да воспоставиме технолошки нова платформа за бесхартиено работење. Она што е многу значајно е дека оваа нова платформа обезбедува интеграција и интероперабилност со другите царински системи (NCTS, EXIM, ITE), наменети за електронско процесирање на сите царински постапки, како што се транзитните постапки, електронското издавање на дозволите за увоз – извоз, како и интеграција со системите и базите на податоци за администрирање на давачките и мерките поврзани со царинската тарифа и царинските одобренија. Платформата комуницира и со европски системи, а на национално ниво е поврзана со трезорскиот систем на Министерството за финансии, со Централниот регистар, а од неодамна и со Министерството за транспорт и врски, со системот за дозволи за превоз на патници.

Голем предизвик, но и успех за нас е што во 2022 година преку оваа платформа обработивме над 1.3 милиони електронски документи и обезбедивме 99,7% достапност на сите услуги кои се дел од неа.

Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхартиеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.

Имено, од ноември минатата година економските оператори, поконкретно застапниците, веднаш по пристигнувањето на стоките, електронски ја поднесуваат царинската увозна или извозна декларација преку нивните системи до системот на Царинската управа, во кој се врши автоматска проверка и валидација на податоците, електронско приложување на потребните документи, автоматска селекција на канал за контрола. Доколку системот не предвидува контрола и нема дополнителни сомневања од царинскиот службеник, системот проверува дали се платени потребните давачки и автоматски ги ослободува стоките за еден час, за што електронски го известува застапникот.

Врз основа на тековните податоци за селекција на декларации по канали, овие сервиси  овозможуваат за околу 70% од увозните и 97% од извозните декларации да се комплетира царинската постапка за еден час.

Ме радува што за оваа новина веќе добиваме многу позитивни коментари од царинските застапници и деловната заедница. Ова забрзување на царинските постапки значи помалку трошоци и ресурси за економските оператори, а тоа пак влијае позитивно на нивната конкурентност.

Кои се најзначајните активности на Царинската управа во насока на засилена регионална соработка како чекор кон побрзата интеграција на регионот кон ЕУ?

Царинската управа има интензивна соработка со земјите во регионот. Преку иницијативите како што се ЦЕФТА и Отворен Балкан, паралелно се одвиваат повеќе активности и сите тие пред сѐ имаат за цел олеснување на прекуграничната трговија и побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.

Зелените коридори за проток на чувствителна стока, имплементирани во текот на пандемијата, успешно и непречено функционираат со земјите од ЦЕФТА, преку граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан. На овие премини се обезбедува приоритетен третман за стоките кои се на претходно усогласена листа помеѓу земјите на ЦЕФТА, при што вклучените страни разменуваат известување пред пристигнување на пратката преку системот SEED на ЦЕФТА. Позитивните искуства од примена на Зелените коридори, продуцираа активности во регионот за нивно проширување кон соседните земји членки на ЕУ. Во јули 2022 година, во Солун со гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција потпишавме Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој први од регионот воспоставивме примена на овие коридори за стоките кои излегуваат кон Грција. Нашиот пример го следеа и Албанија со Италија, како и Црна Гора и Босна и Херцеговина со Хрватска. Активностите ќе продолжат во насока на проширување на овие коридори и со другите земји од ЕУ кои граничат со земјите од регионот.

Во насока на зајакнување на соработката и олеснување на регионалната трговија, минатата година го комплетиравме процесот на меѓусебното признавање на статусот на Овластен економски оператор со Србија и Албанија.

Овој процес е значаен за домашните компании иматели на сертификат за Овластен економски оператор, поради критериумите кои треба да ги исполнат и самата методологија на валидација, базирани на европската регулатива и пракса, а истиот сега им обезбедува проширување на поволностите и во овие земји, приоритетен третман и поедноставени постапки, односно помал број на физички и документарни царински контроли, како и други директни и индиректни поволности. Позитивно е што домашните компании веќе ги препознаваат предностите од стекнување на овој статус, при што во моментов 26 компании имаат статус на ОЕО, чиј удел во вкупниот увоз и извоз изнесува околу 33%.

Преку иницијативата на Отворен Балкан, која во моментот ги вклучува нашата земја, Србија и Албанија, значајно се забрзаа тековните активности, а се започнаа и нови. Во јуни оваа година на граничниот премин Табановце – Прешево, извршени се сите инфраструктурни зафати и целосно е ставен во примена концептот One Stop Shop, при што колегите од Царина и Гранична полиција од Република Србија се лоцираа на нашиот граничен премин. Така и на наша страна се овозможи спроведување на граничните формалности со единствено застанување на патничките и товарните возила. Овие контроли пред сѐ се однесуваат на проверка на патните исправи, а кај товарните возила на затворање на транзитниот документ кој ги следи стоките. Интензивно работиме и на воспоставување на истиот концепт и со Албанија на граничниот премин Ќафасан, кој очекуваме дека ќе биде ставен во функција до јуни оваа година.

Спроведувањето на сите овие активности, покрај тоа што значително влијаат на унапредување на регионалната соработка и олеснување на трговијата, се и клучна поддршка на започнатите интеграциски процеси и преговорите со Европска Унија.

Дигитализацијата на која сме силно фокусирани, преку воведувањето на новите сервиси  за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници,  овозможува намалување на субјективизмот при одлучувањето и верувам дека е најсилното оружје за сузбивање на коруптивните појави.

Во рамки на иницијативата Отворен Балкан граничниот премин Табановце почна пред неколку месеци да функционира како заеднички граничен пункт, но имаше реакции од бизнис заедницата дека и понатаму се соочуваат со долго чекање и сл. Каква е сега ситуацијата на терен?

Граничниот премин Табановце е најфреквентен премин во нашата држава, со тенденција на зголемување на бројот на движења како на товарни, така и на патнички моторни возила. Изминатата 2022 година преку овој премин бележиме проток на 39% од увозот и 24% од извозот на стоки во државата. Притоа, во 2022 година 190.000 товарни моторни возила влегле во државата преку овој премин, што во просек значи над 500 товарни возила дневно. Состојбата со протокот на товарните возила е вообичаена, без поголеми задржувања на преминот.

Во текот на летото, во екот на годишните одмори, кога се соочивме со огромен наплив  на патнички возила, се реализираа повеќе активности за краток рок кои имаа за цел забрзување на протокот. На влез во државата овозможивме непречено да функционираат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, една за автобуси и 7 за патнички возила, што претставува максимален број на ленти за влез на постоечката инфраструктура. Исто така, за товарните возила воспоставивме брза лента за празни камиони и камиони кои превезуваат стока со европски транзитен документ NCTS, коишто повеќе не е потребно да влегуваат во граничниот царински терминал на Табановце. Со поддршка од ЕВН надминат е и долгогодишниот проблем со прекини на електричната енергија на преминот, кој предизвикуваше повремени падови на системите за евиденција и контрола на самиот граничен премин. Во координација со колегите од Царинските управи и Гранична полиција од земјите од Отворен Балкан, се работи и на дополнителни олеснувања кои верувам дека ќе придонесат за намалување на времето на чекање на преминот, пред сѐ во текот на туристичката сезона.

Пред извесно  време имавте рекордна заплена од еден милион евра вредно злато и девизи. Каква е тенденцијата на заплени во 2022 во однос на претходната година?

Покрај ефикасната наплата на приходите, олеснувањето на трговијата, главен приоритет за нас е и заштитата на сигурноста и безбедноста на нашите граѓани, преку откривање и спречување на сите видови на криминал и недозволена трговија. Во таа насока, во текот на 2022 година бележиме 114 случаи на заплени, што претставува двојно зголемување на случаите во однос на претходните две години. Мобилните тимови на Царинската управа минатата година запленија над 8 тони дроги и психотропни супстанци, како и девизи, злато и акцизна стока со вредност над 2 милиони евра.

Значајно е да се спомене случајот во декември минатата година, кога мобилните тимови остварија рекордна заплена на злато и девизи во вредност од еден милион евра, во автобус на излез од државата. Борбата против организираниот криминал и спречување на обидите за нелегална трговија се наш врвен приоритет, кој и во иднина ќе остане во фокусот на Царинската управа.  

Една од најгорливите теми за македонското општество и економија е корупцијата, односно борбата за нејзино сузбивање. Како во Царинската управа се справувате со овој предизвик? Функционира ли некаков систем на внатрешни контроли, систем на поплаки од бизнисите и сл.?

Сузбивањето на коруптивните појави во Царинската управа е наш приоритет и се третира на системско ниво. Ние сме институција која има воспоставено одделна независна организациона структура за професионална одговорност, со која покрај откривање на отстапувања од професионално и етичко работење на царинските службеници, работи и на намалување на  корупцијата. Минатата година се спроведени вкупно 159 внатрешни истраги и контроли, при што врз основа на наодите покренати се 20 дисциплински постапки по различни основи. Учесниците во царинската постапка, своите поплаки можат да ги достават преку отворената телефонска линија 197 или преку електронска пошта или писмено, по што задолжително се постапува.

Исто така, минатата година презедовме низа други конкретни мерки и активности кои влијаат на справување со коруптивните појави. Од април 2022, започнавме со задолжителни ротации на царинските службеници на граничните премини и царинските терминали, како една од најефикасните превентивни мерки која се применува и во земјите од Европската Унија. Тој процес ќе продолжи и годинава. Исто така, во соработка со Амбасадата на САД, следејќи го позитивното искуство на Министерството за внатрешни работи, работиме на воведување на т.н. боди или телесни камери, наменети пред сѐ за царинските службеници на граничните премини.

Дигитализацијата на која сме силно фокусирани, преку воведувањето на новите сервиси  за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници,  овозможува намалување на субјективизмот при одлучувањето и верувам дека е најсилното оружје за сузбивање на коруптивните појави.

Во изминатиов период многу се зборува за почеток на процесот на преговори и пристапување на државата во Европската унија. Каде е Царината на тој пат и кои се новините кои можеме да ги очекуваме оваа година?

Многу е значајно што годинава ќе започнеме и со имплементација на централен податочен склад, кој ќе ги интегрира царинските бази на податоци и кој ќе овозможи примена на напредни алатки за предвидливи анализи и алатки базирани на вештачка интелигенција, што придонесува за ефикасно откривање и справување со ризиците и заканите во царинското работење.

Царинската управа многу сериозно пристапува на процесот на навремено дефинирање и планирање на идните приоритети и активности. На тоа интензивно работевме и во текот на минатата година, при што дефиниравме јасна рамка и динамика на проекти и активности кои започнуваат со реализација годинава.

Примената на европските стандарди и најдобри практики се наш императив во работењето. Во таа насока, би споменала дека евроинтеграцискиот процес е високо на нашата агенда оваа година, имајќи предвид дека Владата на нашата институција ја додели улогата да раководи со Поглавје 29: Царинска унија. Веќе се формирани преговарачки тимови и се започнати подготовките за првиот билатерален состанок за ова поглавје, закажан за јуни оваа година. Покрај во Поглавје 29, Царинската управа со свои експерти активно учествува и во 12 други поглавја, со значаен придонес за прашањата во надлежност на Царината.

Новите проекти чија имплементација ќе започне годинава, се дел од агендата за усогласување со последните регулативи и системи задолжителни за примена на земјите од Европската Унија и се дел од Повеќегодишниот план за воведување на еЦарина на Европската Унија. Во таа насока, продолжувајќи ја дигиталната трансформација на Царината, годинава ќе започнеме со развој и имплементација на четири нови царински системи, и тоа: нов транзитен систем – NCTS 5, нов национален едношалтерски систем (NSW), систем за електронска регистрација на економски оператори EORI 2, како и нов систем за контрола и истраги.

Многу е значајно што годинава ќе започнеме и со имплементација на централен податочен склад, кој ќе ги интегрира царинските бази на податоци и кој ќе овозможи примена на напредни алатки за предвидливи анализи и алатки базирани на вештачка интелигенција, што придонесува за ефикасно откривање и справување со ризиците и заканите во царинското работење.

Годинава ќе започнеме и со воведување на еден нов концепт на т.н. паметни граници. Во рамките на овој концепт на граничните премини и терминали ќе поставиме нова опрема базирана на современи технологии, која ќе може да комуницира меѓу себе и да се интегрира со тековната ИКТ инфраструктура и системи. Оваа опрема вклучува нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата (CCTV и ANPR), интегриран со читачи на кодови на документи, нови автоматизирани рампи и ваги. Целосната имплементација на овој нов концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе на намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, ќе го забрза протокот, ќе влијае на поефикасни контроли и ќе придонесе за намалување на сивата економија и корупцијата. Средствата за овие нови проекти во најголем дел се обезбедени од ИПА програмите преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заем од Светска Банка, други странски донатори, како и Буџетот на државата. 

Следејќи го мотото на Светската царинска организација за оваа година „Негување на идната генерација: промовирање култура на споделување на знаење и професионална гордост во царината“,  наш приоритет годинава ќе биде стекнувањето на знаења и реализација на повеќе обуки од различни области, пред сè наменети за помладите царински службеници. Истовремено ќе работиме на мотивирање на поискусните колеги да го споделат своето знаење.

За тоа ќе ја користиме и опремата која неодамна ја добивме од Светската царинска организација со поддршка на Царинската служба на Кореја, базирана на иновативна технологија за виртуелно учење, преку која се спроведуваат напредни обуки за царинските службеници со користење на систем за виртуелна реалност за детална контрола на пратки и откривање на обиди за недозволено пренесување на стока.

Преку развој на организациската култура, градење на човечки капитал и управување со знаења насочени кон новата генерација на царински службеници, Царинската управа продолжува со зајакнување на довербата и продлабочување на соработката со бизнис заедницата, другите владини агенции и меѓународните партнери.

македонија8 часа ago

Анѓушев: Нема никаква основа за ограничување на мојот влез во САД, одлуката ќе ја обжалам

македонија11 часа ago

Кочо Анѓушев се најде на „црната листа“ на САД

македонија2 дена ago

Една година стратешко партнерство на Алкалоид и СОС Детско село

банки4 дена ago

Комерцијална банка прогласена за „Банка на годината во 2023“ од магазинот The Banker

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

економија5 дена ago

Анѓушев: Потребно е обединување на бизнисите, силни партнерства и градење кадри!

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Кристина Камчева – Стојческа: Женското лидерство во подем – тие умеат како да создадат тим од доверба

македонија5 дена ago

Од земјата на виното и ракијата, првиот македонски џин тргна во поход да го освои светот

интервју5 дена ago

м-р Елеонора Згоњанин – Петровиќ: Потребен е поголем општествен поттик за јакнење на женското лидерство

интервју5 дена ago

Јелена Спасова: Се бориме занаетчиите да го добијат заслужениот статус во македонската економија

интервју5 дена ago

Родовата еднаквост, инклузивностa и еднаквите можности се темели на нашата корпоративна култура

свет5 дена ago

Придонесот на нобеловката Голдин во разбирањето на улогата на жените на пазарот на труд

свет5 дена ago

Активностите за спојувања и преземања на најниско ниво од 2014 година наваму

македонија5 дена ago

Искористете ја лимитираната можност и уживајте во убавините на сончевата јужна страна на „Гранд Ривер“!

економија5 дена ago

Повеќе жени во тимот, повеќе профит

македонија1 недела ago

Реализирани повеќе заеднички хуманитарни активности на „Алкалоид“ и на Црвен крст на Град Скопје