македонија
Случајот „Жан Митрев“ ја тресе јавноста по емитувањето на „Нечиста крв“ на ИРЛ

Јавното обвинителство оформило предмет по допрен глас, од ИРЛ велат дека за два дена до нив веќе стигнале стотина пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем, додека од клиниката „Жан Митрев“ најавуваат тужби против ИРЛ поради “тенденциозните и неточни наводи“.
По објавената сторија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за наводно проблематичниот начин на лекување на пациенти болни од Ковид во 2020 и 2021 година во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, не стивнуваат реакциите во јавноста. Во овој документарен филм насловен како „Нечиста крв“, ИРЛ информираше дека нивното истражување го следело начинот на кој функционирала болницата во време на пандемијата, а искористени се сведоштва на граѓани од Македонија и Косово и 24 пријави за работата на клиниката кои се верификувале повеќе од 22 месеци.
Од ИРЛ во својот едночасовен филм, меѓу другото, прашуваат дали методот на хемофилтрација во болницата за кој се наплаќало меѓу три и пет илјади евра всушност бил одобрен за Ковид лекување, но и која била причината за пост Ковид компликациите на пациентите лечени во клиниката, поради кои некои од нив подоцна и починале и покрај скапите услуги за кои ги плаќале за подобрување на нивното здравје.
Од ИРЛ тврдат дека методот на хемофилтрација (филтрирање на крвта) практично бил клиничка студија и наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД. Според документарецот, од „Жан Митрев“ никогаш не побарале одобрување на студијата од МАЛМЕД ниту пак за време на пандемијата известиле дека во болницата имало интрахоспитални инфекции, коишто наводно предизвикале компликации и смрт кај повеќе пациенти.
ОД ИРЛ денеска објавија дека до нивната редакција веќе стигнале стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем.
Исто така, Јавното обвинителство извести дека оформило предмет по допрен глас. „Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, велат од ЈО за 360 Степени.
Од друга страна во соопштение до јавноста, од болницата „Жан Митрев“ реагираат за објавеното истражување на ИРЛ, наведувајќи дека се „згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нивната институција“ овие два дена присутен по социјалните мрежи по објавениот документарец.
„Неточните наводи, односно фабрикуваните информации единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на нашата болница. Нашите следни чекори ќе бидат во насока на искористување на сите правни можности согласно законите, а со цел да се спречат овие и сите следни вакви и слични неосновани напади на нашата институција“, велат од „Жан Митрев“.
Инаку, во интервју за Капитал пред година и половина, го прашавме д-р Жан Митрев токму за услугата лекување пациенти од ковид, којашто уште тогаш предизвикуваше бранување во јавноста, поради високите цени и неможноста сите граѓани да го добијат овој третман. Го пренесуваме конкретното прашање и одговор на истото во целост:
….„Вашата клиника стана многу актуелна среде пандемијата поради третманите што ги нуди за лекување од последиците на ковид вирусот, а луѓето коментираат околу ексклузивноста на овие услуги, нивната цена и сл. Државата најави користење на приватните капацитети во борбата против пандемијата, се спремаа и некакви простории, но сето тоа не се реализираше. Требаше ли државата да се ангажира поагилно со цел да се спасат што е можно повеќе животи, кога веќе имаме присутна технологија и опции?
Ние бевме единствените кои од почетокот на пандемијата ги ставија на располагање своите капацитети за лекување на пациенти заразени со коронавирус. И предочивме како треба да се лекуваат, бидејќи тие се најголем предизвик за интензивна медицина и рехабилитација т.е. за специјалистите по анестезиологија и реанимација. Тоа го увидовме од првите случаи, бидејќи се работеше за тешки пневмонии. Поради самата концепција на болницата и претходното искуство за справување со пациенти на кои им е потребно интензивно лекување, веднаш отворивме КОВИД центар во кој го применивме сето наше знаење и искуство. Први почнавме со примена на прочистување на крвта или т.н. хемофилтрација. Оваа метода реално за нас не беше ништо ново. Истата ние ја имавме применувано наназад низ годините кај септични пациенти од други причинители, а сега ја имплементиравме кај пациенти кои се бореа со сериозни последници предизвикани од коронавирусот. Резултатите беа одлични, им дадовме шанса за живот на огромен број луѓе кои беа со исклучително сериозна клиничка слика.
Ние сме приватна институција и нашите капацитети се на располагање на сите оние кои можат да си го дозволат ваквиот тип на лекување. Отворени сме за соработка и доколку се реализира договор со Фондот како што е тоа случај со кардиохирургијата, тогаш и лекувањето на пациентите од коронавирус ќе биде бесплатно.
Иако околу успешноста на хемофилтрацијата како метода се дебатираше на почетокот, треба да кажеме дека е прифатена и препорачана од страна на американската ФДА и широко се применува во сите оддели за интензивна нега низ светот. Со резултатите коишто ги постигаме во лекувањето на овие тешко болни пациенти се наметна мислењето дека нашиот КОВИД центар е последната станица и тоа не е далеку од вистината. Овој начин на лекување е поврзан и со високи материјални трошоци, и токму можеби поради финансискиот момент, во речиси сите случаи пациентите доаѓаат кога поминале најмалку 10 дена во други институции, што претставува голем проблем бидејќи е изгубено драгоцено време.
Начинот и резултатите од третманите со хемофилтрација се објавени и веќе цитирани во голем број објави во стручната литература во светски рамки. Само дел од нив би споменал тука:
1. Цитокинска бура и Ковид – 19: хроника на проинфламаторни цитокини (Cytokine storm and COVID-19: a chronicle of pro-inflammatory cytokines) објавен од The Royal Society во делот Open Biology
https://royalsocietypublishing.org/doi/10.1098/rsob.200160
2. Рана иницијација на екстракорпорално прочистување на крвта со AN69ST (oXiris®) Хемофилтер како модалитет на третирање на Ковид – 19. (Patients Early Initiation of Extracorporeal Blood Purification Using the AN69ST (oXiris®) Hemofilter as a Treatment Modality for COVID-19 Patients: a Single-Centre Case Series) објавен во Brazilian Journal of Cardiovascular Surgery
https://pubmed.ncbi.nlm.nih.gov/33113325/
3. Екстракорпорално прочистување на крвта кај умерено тешки и многу тешки Ковид – 19 пациенти. (Extracorporeal Blood Purification in moderate and severe COVID-19 patients: a prospective cohort study)
https://www.medrxiv.org/content/10.1101/2020.10.10.20210096v1 (= preprint) од пред неколку недели потврдено за објава. Во печат е во: https://www.karger.com/Journal/Home/223997 Каргер е издавач лоциран во Швајцарија којшто издава медицински релевантни и издржани студии. …..“