коментари
Снежана Поповска: Момент на вистината – зошто вложувањето во инвестициските фондови кај нас сè уште не е заживеано?
Снежана Поповска
технички аналитичар, CMT, CFTe

технички аналитичар, CMT, CFTe
Од моето досегашно искуство, многу голем број на инвеститори се одлучуваат за програмирани планови, односно прават инвестициски план за одреден временски период, да речеме број на години до пензионирање и за целиот тој период уплатуваат месечни уплати како процент од своите приходи. Иако на прв поглед изгледа како сосема во ред стратегија, тоа што јас лично не знаев до сега е дека фондовите ја наплаќаат однапред целата влезна провизија за целиот износ кој планирате во иднина да го уплатите. Секако дека вие не сте обврзани да правите уплати секој месец, но зошто во тој случај да им ја давате на фондовите однапред влезна провизија и да ги финансирате со сопствени пари кои во иднина треба да ги уплатите?
Финансиска писменост е комбинација од знаења, вештини, ставови и однесувања кои се неопходни за донесување на правилни и измерени финансиски одлуки. Управувањето со личните финансии и како да станете одговорен потрошувач треба да го знае секој, особено младите, кои треба да го разберат ова пред да станат независни и да почнат да заработуваат свои пари. Зошто е ова важно?
Патот кон финансиска независност и благосостојба е преку финансиска писменост. Финансиската независност пак од своја страна ни го олеснува животот поради тоа што ќе можеме да си дозволиме да си ги купиме работите што ги сакаме. Уште поважно, ни овозможува да си купиме време и слобода да ги правиме работите што навистина ни значат во животот. Па така, како повеќе учиме за финансиска писменост, доаѓаме до потребата за започнеме да штедиме и да размислуваме за тоа каде и како да ги инвестираме нашите средства со цел да стигнеме до нашата финансиска цел.
Во нормални економски услови, годишната стапката на инфлација би требало да се движи околу 2%. Со орочување на нашите средства во банка, на прв поглед парите ни се осигурени, но не сосемa. Историски гледано, на долг рок, парите орочени во банка не може да ја победат инфлацијата , односно куповната моќ на парите се намалува. Па затоа, најдобро е дел од нашите пари да ги насочиме во инвестиции во хартии од вредност, односно во акции.

За таа цел, се обидов да направам анализа на пазарот кај нас за понудите на нашите инвестициски фондови – акциски, како една од можностите за инвестирање на вашите средства, поточно на надоместоците и провизиите што тие ги наплаќаат за своите услуги. (Табела бр.1)
Равенката секогаш има две страни
Главните прашања што си ги поставуваме кога одлучуваме да инвестираме се: што да купиме и кога?
Од моето досегашно искуство, многу голем број на инвеститори се одлучуваат за програмирани планови, односно прават инвестициски план за одреден временски период, да речеме број на години до пензионирање и за целиот тој период уплатуваат месечни уплати како процент од своите приходи. Иако на прв поглед изгледа како сосема во ред стратегија, тоа што јас лично не знаев до сега е дека фондовите ја наплаќаат однапред целата влезна провизија за целиот износ кој планирате во иднина да го уплатите. Секако дека вие не сте обврзани да правите уплати секој месец, но зошто во тој случај да им ја давате на фондовите однапред влезна провизија и да ги финансирате со сопствени пари кои во иднина треба да ги уплатите?
На пример, ако имате 20 години до пензионирање и направите инвестициски план за уплата секој месец по 50 евра, тоа значи дека фондот ќе ви наплати однапред 600 евра провизија ( 20 год. * 50 евра/месечно= 12.000 евра, помножено по 5% влезна провизија = 600 евра). Ако земеме некое средно сценарио дека фондот ќе остварува за вас 7% принос годишно, тоа без малку значи дека во првата година нема да остварите никаков принос. Дополнително, што ако во моментот на инвестирање пазарните економски услови се неповолни и фондот оствари негативен принос? Во тој случај, вашата инвестиција ќе биде уште повеќе намалена и ќе бидат потребни години додека да се вратите на позитивна нула и започнете да остварувате принос.
Не сакам ова да звучи грубо, но за жал кога инвестираме треба да знаеме дека равенката има секогаш две страни, едната е колку пари може да добиете, а другата колку пари можете да изгубите, и за жал никој не сака да зборува за таа страна. Секако, дека инвестирањето на долг рок ќе ви донесе принос, но дали проекциите за кои ви “ветуваат” дека ќе се остварат на долг рок се реално остварливи?
Алтернативно сценарио
Едно алтернативно сценарио, кое ми паѓа прво на памет е ако наместо месечни уплати, преку програмирана шема истите тие пари ги собирате преку годината и уплаќате по 570 евра секоја година (30 евра намален износ за влезна провизија од 5%)? На тој начин, можете да ги следите пазарните случувања и да не инвестирате во тие години кога има надолен тренд и наместо тоа само да ги собирате парите и истите ги уплатите покасно, со тоа што ќе купите удели на многу пониска цена и ќе остварите многу подобар принос. На интернет постојат многу бесплатни финансиски калкулатори каде можете сами да си направите неколку можни сценарија и да проверите која е најдобрата опција за вас. Секако, што и да одберете ќе има свои предности и недостатоци, па изборот ќе биде ваш врз основа на тоа толку време сакате да посветите на истото, која е вашата толеранција за ризик и секако очекувања за иден принос.
За жал, голем дел од нашите агенти преминуваат во обични продавачи кои се борат по секоја цена да ви продадат удели и да ја земат својата влезна провизија, продавајќи разни приказни за тоа колку пари можете да добиете без да ве советуваат за можните ризици или кој фонд е соодветен за вас, за можните придобивки од секој од нив, кога е соодветно време за инвестирање во истите и ред други прашања кои треба да ви ги одговорат со цел да донесете правилна инвестициска одлука.
Додека сме се’ уште кај програмираните уплати како една од можните инвестициони стратегии, во прилог преглед на приносите кои ги остваруваат доброволните пензиските фондови (Табела бр.2), кои според мене претставуваат подобра инвестициска можност за заштеда на вашите пари и преку кои можете да направите инвестициона шема и план за уплата на вашите средства.
Пензиските фондови во нивната инвестициона стратегија имаат за цел да остварат номинална стапка на принос од најмалку 2 процентни поени над стапката на инфлација (CPI).
Кај доброволните пензиски фондови влезната провизија изнесува 2,5% и се наплаќа при секоја уплата, за разлика од инвестициските фондови.
Приносите на домашните фондови vs. светските индекси
Дополнително, се обидов да направам анализа на приносите на дел од нашите инвестициски фондови (Табела бр.3). Во анализата е земен приносот на акциските фондовите за последните 5 години (од 2018 до 2022 година) и истиот е спореден со приносот на неколку берзански индекси кои се земени како репер односно бенчмарк, со цел да можеме да ја споредиме успешноста на нивното работење.
Во анализата не се земени акциските фондови кои се на пазарот само 2 или помалку години, како што се КБ Публикум- Акции, ВЕГА Фондови и ВФП Дивиденда акции и Граве Глобал, кои можете дополнително да ги погледнете и да се запознаете со нивната инвестициона стратегија, каде инвестираат, приноси остварени до сега и сите останати релевантни информации.

Напомена: Прикажаните приноси имаат информативен карактер и не претставуваат индикација за можните приноси во иднина.
Повеќе информации за приносите по години и за тоа каде вложува секој од фондовите, може да погледнете на нивните веб страни.
Просечниот годишен принос на нашите фондови земени во анализата е 5,5% и помалку!!!! Очигледно, на нашите фондови им претстои огромна работа да докажат дека можат да работат успешно и да остварат приноси повисоки од сегашните со цел да ја оправдаат високата влезна провизија и управувачка провизија која ја наплатуваат од своите клиенти.
На нашиот пазар, постојат и други фондови кои не се земени во анализата, кои секако претставуваат одлична можност за инвестирање во овој период. Од пред некоја година на пазарот за прв пат имаме Златен фонд од КБ Публикум, кој инвестира во хартии од вредност на издавачи во сегментот на производство на инвестициски и индустриски метали или индиректно преку инвестирање во ЕТФ фондови кои имаат слична инвестициска стратегија и претставува одлична можност за диверзификација на вашето портфолио.
БРИК фондот на Генерали Инвестментс според мене, исто така претставува интересна можност за инвестирање (ако не ги земеме во предвид вложувањата во двете домашни банки кои ги има фондот). Секако, изборот останува ваш да одлучите дали овие фондови во моментов се многу потценети и сега е добра можност да инвестирате во нив.
Како што вика и изреката ”Колку повеќе знаеш, толку повеќе растеш”, наша одговорност е да се информираме и научиме повеќе за тоа каде и како да ги вложуваме нашите средства, зашто никој друг нема да го направи тоа за нас, освен ако не платиме на некој професионалец за истото кое може да не’ чини многу пари.
Можност за инвестирање секогаш има. Но, пред да донесете било каква инвестициска одлука, Ве советувам да се консултирате со вашиот инвестициски советник и/или личен банкар за можностите и потенцијалните ризици кои ги носи секој инвестициски производ. За информации поврзани со едукација и инвестициски можности може да го посетите нашиот портал www.investpoint.mk и да дознаете повеќе.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција според вашата финансиска состојба.