интервју
Снежана Поповска: Сè уште не сме излезени од опасната зона, но на повидок се многу можности

„Сметам дека грешката на многу инвеститори е во тоа што се обидуваат да го пронајдат дното и да купат на пониска цена -потценети акции- само затоа што тоа е ‘добра компанија’. Веројатноста е многу поголема ако пазарот е во надолен тренд да продолжи да се движи во таа насока, отколку да направи пресврт. Доколку ФЕД продолжи со зголемување на каматните стапки со цел да го намали економскиот раст, а со тоа и да ја забави инфлацијата, се зголемува ризикот од рецесија кое секако ќе предизвика уште поголемо намалување на заработките и се чини многу веројатно дека моменталните пазарни цени имаат простор за уште надолен пад.“
Забавувањето на инфлацијата во САД донесе бран на оптимизам на берзите, но како да беше со краток здив. Инвеститорите очигледно очекуваат нешто повеќе опипливо на коешто може да ги темелат своите очекувања, а светската економска ситуација се уште не го пружа тоа. Кои се вашите лични очекувања за движењата на светските пазари на капитал во периодот пред нас?
Да започнеме најпрво со берзанскиот индекс на акции S&P500. Минатата недела видовме доста големо придвижување на берзата кое беше неопходно да се случи како сигнал за пресвртница кон подобро за американските акции. Ако го погледнеме индексот S&P 500, “биковите” успеаја да направат пробив над 3.900 поени. Но, тоа што треба да следиме во наредните неколку недели, е најпрво да видиме дали S&P ќе успее да го „скрши“ својот надолен тренд од 2022 година, да го расчисти својот пат и да ја достигне цената од септември во близина на 41.000? Доколку се случи тоа, можеме да очекуваме придвижување повисоко се до 43.000, кое претставува клучно ниво и силна линија на отпор. Оттука може да очекуваме нови издигнувања и повисоки ценовни врвови.
Податокот дека 26% од берзанскиот индекс S&P го сочинуваат акции од технолошкиот сектор, секако укажува на потребата да видиме заживување и поддршка од акциите од технолошкиот сектор. Па така, тој беше со најдобри перформанси минатата недела (+10,4%), а лидерството во овој сектор беше предводено од индустриите на микрочипови и софтвер.
Исто така, приносот на 10-годиншните државни обврзници забележа голем пад. Клучно ниво кое треба да го следиме е пробив под 3,50. Се’ уште е можно приносот кај 10-годишните обврзници да отскокне и повторно да се врати на своите највисоки ценовни врвови, но не верувам дека тоа ќе се случи, бидејќи приказната за инфлацијата е при крај. Секако дека може и да грешам и ако грешам, ова би било ништо друго освен краткорочна корекција на пазарот.
Дополнително, ако ги погледнеме графиконите на Nasdaq Composite Index и US Dollar Index, ќе забележиме силна корелација која укажува на потребата од продолжување на слабеење на американскиот долар која оди во корист на акциите.
Не може да кажам дека сме целосно надвор од опасност, но мината недела беше многу добар почеток што би можело да биде продолжување на 9-годишниот секуларен пазар на бикови.
Дали сметате дека инвеститорите сега треба да ја следат девизата на Ворен Бафет, „биди алчен кога другите се плашат, а плаши се кога другите се алчни“, односно дали е сега токму погоден момент да се влезе во корпорациите коишто загубија многу од својата вредност годинава, мислам пред се’ на технолошкиот сектор?
Би било многу наивно ако ја земаме здраво за готово девизата на Ворен Бафет. И покрај тоа што пазарот има тенденција да направи пресврт токму во тие екстремни нивоа на песимизам или оптимизам, треба да знаеме кои сектори и индустрии имаат релативна сила и се победници на пазарот, па од таму да изнаоѓаме акции кои сакаме да ги поседуваме.
Точно е дека Ворен Бафет купуваше во неколку наврати изминатиов период, и тоа беа акции од енергетскиот сектор, кој се’ уште се движи нагоре и има близу 70% пораст од почетокот на годинава. Сметам дека грешката на многу инвеститори е во тоа што се обидуваат да го пронајдат дното и да купат на пониска цена (потценети акции) само затоа што тоа е “добра компанија”.
Веројатноста е многу поголема ако пазарот е во надолен тренд да продолжи да се движи во таа насока, отколку да направи пресврт. Компаниите од технолошкиот сектор, особено младите брзо растечки технолошки компании беа најсилно погодени од порастот на каматните стапки. И покрај неодамнешните надолни ревизии за заработка, многу компании остануваат преценети по падот во 2022 година.
Доколку ФЕД продолжи со зголемување на каматните стапки со цел да го намали економскиот раст, а со тоа и да ја забави инфлацијата, се зголемува ризикот од рецесија кое секако ќе предизвика уште поголемо намалување на заработките и се чини многу веројатно дека моменталните пазарни цени имаат простор за уште надолен пад. Тоа што ни преостанува е да бидеме трпеливи и да реагираме соодветно на тоа што ни кажува пазарот. Сѐ додека не видиме потврда за заздравување и формирање на нов нагорен тренд, сметам дека е рано да се изложуваме во компании од технолошкиот сектор.
Гледаме дека македонските инвеститори се’ посериозно “играат“ на странските берзи, откако регулативата го дозволи тоа пред 3 години. За оние што веќе влегле во светските корпорации со своите пари, но и за оние што размислуваат за тоа, кој е вашиот совет за најдобриот начин да го сторат тоа: дали индивидуално, дали преку инвестициски фондови, дали да побараат совет од професионален асет менаџер?
Инвестирањето и тргувањето на финансиските пазари е една од најтешките активности, која бара многу знаење, вештини и дисциплина и затоа е најдобро да се обратиме на професионалци кои го работат тоа и да побараме совет од нив.
Тоа што сите треба да поседуваме е основна финансиска писменост за потребата и значењето на инвестирање на своите средства. Сметам дека тоа што недостига во нашата земја се повеќе инвестициони советници кај кои би се обратиле за совет каде и како да ги инвестираме нашите пари. Многу голем дел од населението па дури и компаниите токму поради тој недостиг на информации и знаење за можностите кои се нудат на домашниот и меѓународниот пазар, се одлучуваат за депозити како единствена опција што ја познаваат.
Тоа што тие не го знаат е дека историски гледано тоа е најлошиот избор. Наместо да ги чуваат своите пари во депозити и во други готовински (кеш) инструменти, кои едвај може да ја победат инфлацијата, тие треба да ги пренасочат своите пари во инвестиции со соодветен рок на инвестирање.

Најдобар начин е да се започне да се инвестира во некој од нашите отворени инвестициски фондови со купување на удели од истите. Со отворање на можноста за инвестирање и надвор од нашата земја, другата опција е да инвестираме сами во некој од познатите индексни фондови или ЕТФ-и со тоа што секогаш им истакнувам на моите клиенти да си постават барем едно правило, како на пример да купуваат само кога цената се наоѓа над 200 дневен подвижен просек и обратно, со цел да можат да ја зачуваат добивката и да го зголемат приносот.
Инвестирањето во фондови и/или ЕТФ-и има предност бидејќи се инвестира во диверзифицирано портфолио кое го намалува ризикот и од друга страна, минималниот износот потребен за почетна инвестиција е многу помал.
Секако тука се и професионалните асет менаџери кои за одредена провизија се спремни да управуваат са вашите пари, сѐ со цел да остварат повисок принос на вашето портфолио.
Каков е вашиот став за инвестирањето на домашната берза, односно регионалните берзи? Има мноштво добри компании во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, итн., каде што македонските инвеститори може да влезат и преку посебна платформа, но никако да се случи некој позначителен интерес на домашните инвеститори за овие можности… Зошто е тоа така, според вас?
Според мене главна причина е затоа што нема доволно инвестициони советници кои да ги советуваат нашите инвеститори за можностите кои се нудат на регионалните берзи. Не сакам да звучам лошо, но реалноста е дека на нашата берза активно се тргуваат три акции и тука немаат дилема која акција да ја купат. За да постои интерес, на нашите инвеститори треба да им се понудат информации со анализи за регионалните компании кои имаат потенцијал за пораст и да се советуваат зошто би требало токму тие акции да бидат дел од нивното портфолио.
Што мислите за инвестициското злато како опција за вложување на слободните средства на поединците и компаниите?
Благородниот метал не остана имун на економските случувања и заедно со обврзниците, како инструментите кои важеа за безбедно засолниште во услови на економска нестабилност, оваа година се движеа во надолен тренд. Инвестициското злато и сребро не ги гледам како главна опција за вложување на слободните парични средства, туку попрво заради диверзификација на инвестициското портфолио. Со оглед на тоа дека сега и во нашата земја може да се купи инвестициско (физичко) злато, мое мислење е дека секој поединец па дури и компаниите треба да поседуваат еден мал дел. Сепак зборуваме за еден од најликвидните инструменти на пазарот, кој во секое време може да го размениме за валута по моменталната берзанска цена.
Да одиме малку во крипто светот… По банкротот на FTX, третата по големина крипто-продавница, се разниша довербата на големите институционални инвеститори за прифаќањето на крипто валутите како мејнстрим во инвестирањето, а малите т.н. retail инвеститори се веројатно уште позбунети. Каков е вашиот став околу иднината на криптовалутите?
Бевме сведоци на тешка недела, но случувањата не ги променија гледиштата на застапниците на Web3, и тоа е она што ќе обезбеди оваа технологија да продолжи да се движи напред во иднината. Web3 екосистемот е многу повеќе од крипто. Голем дел од активностите во овие средства беа предводени од финансиски шпекулации. Првите инвеститори во крипто проекти можеа да видат како нивните инвестиции вртоглаво се зголемуваат, достигнувајќи приноси од 100x па дури и повеќе. Тоа предизвика криптото да стане мејнстрим и да донесе нови корисници, но тоа не беше корисно за индустријата бидејќи примарна цел на retail инвеститорите беше заработувањето на пари, а не економската корист која требаше да го поттикне растот на крипто средствата. До сега е постигнато многу во однос на протоколите и иновациите во синџирот како што се NFT, DeFi и DAO.
Сепак, се’ уште има големи предизвици за нивната употреба, поради што централизираните платформи поради нивната погодност остануваат стандардна опција за повеќето корисници.
Сметам дека постои мало сомневање за корисноста на блокчејн и останатите Web3 технологии, пред се поради фактот дека корисниците кои ги чуваа своите средства на децентрализираните протоколи останаа безбедни.
И покрај тоа што вербата на јавноста беше разнишана од случувањата во крипто индустријата, верувањето во основниот потенцијал на технологијата ги одржува градителите да градат, а не цената на крипто средствата. На криптото можеби му беше потребно ова пресметување. Луѓето кои ја преживуваат оваа зима, се многу добро поставени да ја сфатат вредноста која ја носи оваа технологија.