македонија
„Совршената бура“ предизвика „совршен“ ценовен шок
Инфлација: кошмарот се врати

Во светот се користи терминот „совршена бура“ за феноменот кога сплет од неколку фактори коишто се случуваат истовремено доведува до катастрофален резултат на крајот. Токму како „совршена бура“ може да се опише ова што на светската економија ѝ се случува сега. За волја на вистината, сплетот од фактори е од подолготраен карактер во случајов со растечката инфлација, но ефектот што го чувствуваме во моментов е разорен: имаме раст на цените каков што не памтиме последниве неколку децении.
„Ако инфлацијата продолжи да дивее, ќе треба да работиш како пес само за да можеш да живееш како пес…“
Ова се зборовите на Џорџ Гобел, поранешен американски ТВ комичар, иако нема ни малку причини за хумор овие денови кога секое наше влегување во продавница е проследено со шок од покачените цени.

Поскапува буквално се’, храна, горива, комуналии, услуги од секаков тип… Граѓаните нервозно шетаат од продавница до продавница во потрага по некакви попусти, акции и сл., со цел да поминат колку што можат поевтино, но тоа станува се’ потешко од ден на ден, додека Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека вредноста на минималната синдикална кошница со вклучена инфлација, односно трошоци за живот, за месец јули изнесувала 47.000 денари.
Минималната кошница не може да ја покријат ниту семејствата каде што има двајца вработени кои имаат примања во висина на просечна плата и една минимална плата, велат од Синдикатот. Во јуни минималната кошница изнесувала 39.710 денари, што претставува зголемување од 7.332 денари на минималните трошоци за живот за само еден месец.
Во трката со растечките цени пополека го губиме здивот и во главите на луѓето што памтат некои времиња од пред 30-40 години се појавува злокобната мисла: зарем е можно кошмарот да се врати?
Зошто ни се случува инфлација?
Инфлацијата со години наназад беше ниска, но минатата, 2021 година, почнаа да се забележуваат скокови на цените во целиот свет. Како што почнаа забрзано да се отвораат економиите со стивнувањето на пандемијата, луѓето почнаа повеќе да купуваат секакви производи и услуги, пуштајќи ги во оптек парите што не можеле да ги потрошат за време на карантините и ограничувањата. Во периоди кога се засилува економскиот раст на компаниите им е полесно да ги креваат цените, а притоа да не ги загубат купувачите.
Но, во еден момент ќе им стане тешко на фирмите да држат чекор со побарувачката која забрзано расте, во услови кога е тешко да се обноват синџирите на снабдување коишто беа сериозно нарушени за време на пандемијата. Поради тешкотиите како што е недостиг на бродски контејнери, превозот на стоки стана потежок и поскап. Нагло се појави и недостиг на клучни делови, како што се микрочиповите, коишто се вградуваат во буквално се’ со коешто живееме и работиме: телефони, компјутери, домашни апарати, автомобили…
Кога производителите не може да држат чекор со побарувачката , цените растат. Цените на енергијата исто така почнаа да растат уште од 2021 година, на што влијаеја повеќе фактори: недостиг на ветер во В. Британија поради што не работеа ветропарковите; сушите во Бразил поради коишто имаше помало производство во хидроелектраните; студената зима 2020/2021 поради којашто се намалија залихите на нафта и гас. Сето ова се случува во исто време кога се зголеми побарувачката за енергенси од Кина, Индија и останатите големи потрошувачи, поради повторното отворање на економиите.
Со оглед дека голем дел од трошоците на компаниите и граѓаните е поврзан со енергијата, цената на нафтата, гасот и електричната енергија е многу важна за вкупната инфлација: повеќе од половина на порастот на инфлацијата е предизвикан поради поскапената енергија.
И кога мислевме неволјите за светската економија ќе останат во 2021 година, дојде 24 февруари 2022, кога Русија ја почна нејзината „специјална операција“ во Украина, или класична воена инвазија за сиот нормален свет. Цените на гасот, веќе покачени уште од претходната година, сега почнаа да ги рушат сите можни рекорди, со што и цената на струјата во Европа нагло се покачи (во периодот на т.н. зелена транзиција, односно додека не се префрлат целосно на обновливи извори на енергија, земјите од ЕУ се потпираа на евтиниот руски гас како клучен инпут во производството на струја) па периодов достигна и неверојатни 1.000 евра за мегават – час во Франција и Германија.
Во светот се користи терминот „совршена бура“ за феноменот кога сплет од неколку фактори коишто се случуваат истовремено доведува до катастрофален резултат на крајот. Токму како „совршена бура“ може да се опише ова што на светската економија ѝ се случува сега. За волја на вистината, сплетот од фактори е од подолготраен карактер во случајов со растечката инфлација, но ефектот што го чувствуваме во моментов е разорен: имаме раст на цените каков што не памтиме последниве неколку децении.
Паника на обете страни од Атлантикот
Инфлацијата руши рекорди на обете страни од Атлантикот: најновите податоци од САД покажуваат дека инфлацијата пораснала повеќе од очекуваното во август, бидејќи поскапените цени на храната и домувањето го компензирале падот на цените на горивата.

Индексот на потрошувачки цени, којшто следи поширока кошничка на стоки и услуги, пораснал за 0,1% и за 8,3% во однос на претходната година. Тамошните економисти очекуваа т.н. headline инфлација (која што за разлика од базичната или core инфлација, ги вклучува цените на храната и енергенсите) да падне за 0,1%, а базичната да порасне за 0,3%, па најновите податоци ги вознемирија и инвеститорите, што се виде со големиот пад на индексите во вторникот, 13 септември. Од централната банка на САД, Федералните резерви, неодамна најавија дека ќе се држат цврсто до правецот на борба против инфлацијата, па дури и по цена да го загрозат економскиот раст, што секако не ги воодушеви инвеститорите, но дебатата за тоа кое е поголемото зло се’ уште трае во најмоќната економија на светот.
Во Европа, ситуацијата е слична. Пред неколку денови, Европската централна банка ги зголеми своите референтни каматни стапки за досега рекордни 75 базични поени (0,75 процентни поени) и вети понатамошни зголемувања, давајќи ѝ приоритет на битката против инфлацијата.
Поради оваа промена, референтната стапка за 19-те земји кои го користат еврото сега ќе биде 0,75 отсто. Ова доаѓа по првото зголемување на каматните стапки од централната банка од 2011 година наваму, што се случи сега во јули, кога стапките беа подигнати на нула откако беа во негативна територија со години.
„Очекуваме дополнително да ги зголемиме каматните стапки бидејќи инфлацијата останува премногу висока и веројатно ќе остане над нашата прогноза подолг временски период“, рече шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, додавајќи дека одлуката е едногласна.
Инфлацијата во еврозоната достигна 9,1% во август, главно поттикната од вртоглавото зголемување на трошоците за енергија и зголемените трошоци за храна.
Од руската инвазија на Украина во февруари, Европа работи напорно за да ги замени фосилните горива што ги обезбедува Русија. Како одговор, Москва го намали количеството на природен гас што се испраќа во Германија и другите земји во Европската унија, зголемувајќи ги цените и принудувајќи ги владите да потрошат стотици милијарди евра за субвенционирање на трошоците за енергија за компаниите и луѓето.
Се зголемува опасноста од рецесија во Македонија
Глобалниот раст на цените секако дека се прелеа и во Македонија, бидејќи ние не сме изолиран остров на планетава. Државниот завод за статистика деновиве објави ново рекордно зголемување на инфлацијата за месец август. Трошоците на живот на годишно ниво се зголемени за 16,8%, а цените на мало за 14,2%. Лебот и житата се поскапени за 44%, месото за 23,3%, млекото, сирењето и јајцата за 27%, а маслото за јадење за 47%. За овошје и зеленчук граѓаните во август плаќале за 7,3%, односно 13,6% повеќе од минатата година.

Струјата на домаќинствата им е поскапа за преку 20%, гасот за дури 43,3%, течните горива за 45%, а топлинската енергија за 30%. Поскапени се и домашните услуги и услугите за домаќинства, за преку 30%, додека транспортот е поскапен за 17,4% во просек, при што најголем пораст имаат цените на горивата, за 34%.
Според анализите на истражувачкиот институт Finance Think, инфлацијата во земјава се искачила на 12,3% на годишна основа. Овој раст на цените е скоро во целост движен од глобалните притисоци глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување, транспорт и ресторанско-хотелски услуги, велат од институтот.
Според аналитичарите од Finance Think, неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година.
„И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергенсите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања. Оттука, надолно ја ревидираме проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.1% (од претходните 2.8%), додека проекцијата за годишната стапка на инфлација нагорно на 12.2% (од претходните 9.7%).“, велат од Finance Think.
Бизнис заедницата апелира за помош од државата
Растот на цените, особено на енергијата, создава нервоза и паника кај потрошувачите, иако во моментов, компаниите како да се повеќе загрижени за неизвесноста што следи зимава. Добар дел од граѓаните не се веројатно ни свесни дека цената што ја плаќаат за струја или парно, во моментов е далеку од пазарната (државата ја субвенционира струјата за домаќинства), бидејќи земјава не може да го произведе целото количество на струја што го троши, па увезува повеќе од 30-40% од потребите. А, моменталните цени на мегават – час на европските берзи за струја достигнуваат шокирачки нивоа од 700, 800, 900 евра и повеќе.
Но, компаниите, како и јавните претпријатија, државни институции, агенции итн., се на либерализираниот пазар за енергија, и нивните сметки изминативе месеци се покачени за неколку пати. Почнувајќи од најмалите бизниси, обични маалски маркетчиња, па до огромните потрошувачи во индустријата, како металургијата и сл., се фаќаат за глава со секоја наредна сметка за струја што им доаѓа.
„На почетокот почнавме да добиваме повисоки сметки за 100, 200%. Мислевме дека тоа е страшно. Потоа почнаа да стигаат сметки и за 4,5, веќе и за 6 и 7 пати повисоки од вообичаеното. Ситуацијата е алармантна и апелираме како бизнис заедница до Владата и надлежните да им помогнат на компаниите, оти нема да го преживееме ова енергетско цунами.“, изјави деновиве во една телевизиска дебата Трајан Ангелоски од Сојузот на стопански комори.
ССК предложи да се ограничи цената на струјата за стопанството, односно компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над тоа државата од своите фондови да помогне. Од бизнис комората сметаат и дека државниот производител на струја ЕСМ мора да обезбеди дополнителни количини енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. ССК се залага и за побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од максимум 120 дена.
Фискалниот простор за реакција се стеснува
Македонските власти велат дека веќе преземаат таргетирани мерки за да ги ублажат последиците од инфлацијата кај посиромашните граѓани, бидејќи пандемијата не остави голем фискален простор за масовни трошења како последните две години.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека „за да ја надминеме инфлаторната криза потребни се храбри и одговорни економски одлуки, кои нема да се водат од дневно – политичката агенда. Тие ќе се засноваат на економските закони, силна анализа и јасна цел – стабилизација, надминување на кризата и економски раст“.
„По пандемијата, фискалниот простор за реакција е намален, особено за земјите во развој. Оттаму, при креирањето на фискалните политики мора да се земе предвид и овој момент, со оглед на растот на цената на пазарите на капитал кој се очекува. Фискални мерки треба да има во секој случај, но фискалниот одговор за време на пандемијата и во текот на оваа ценовна криза, во секој случај треба да се различни, бидејќи различна е и природата на кризата и тековните услови за финансирање и спроведување на мерките“, истакнува министерот за финансии.
Тој, исто така, наведува дека иако нашата земја има силен социјален систем, сепак одлуката за обемен пакет на фискални мерки од почетокот на годината бил во насока на забавување на инфлаторната спирала, поради високото учество на храната и енергијата, што е и постигнато.
И додека од опозицијата велат дека „Владата не прави ништо за да го заштити стандардот на граѓаните и да им помогне на фирмите“, од Владата одговорија дека „премиерот Димитар Ковачевски е упорен и ги користи сите потенцијали за да обезбеди доволно енергија за време на кризниот период, во пресрет на една од најтешките зими во повоената историја на Европа.“
„Посетата на Ковачевски на Грција резултираше со договори за непречено обезбедување на енергенси за непречено производство и употреба на електрична енергија. Постигнат е договор снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција да се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што непречено ќе функционираат производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“. Договор е постигнат и за непречено снабдување со мазут преку Грција со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“. Дури и во време кога се јавува недостиг на енергенси и електрична енергија во цела Европа, доколку има какво било ограничување од извозот од Грција, такво ограничување нема да биде воведено за Република Северна Македонија.“, соопштија од кабинетот на премиерот.