коментари
Благојче Котески: Совршена енергетска бура или дел од „новото нормално“???!!!

Ако на енормното зголемување на цената на гасот, се додаде и елементот на намалување на производството на електрична енергија од ветерните фарми, лошата хидрологија, намалувањето на капацитети на ТЕЦ, тоа се и сериозни дополнителни елементи во прилог на „бурата“. Ова пак, генерира ценовна нестабилност и високи цени на електричната енергија на европскиот пазар, што се гледа по цените на берзите на електрична енергија. Ваквите нестабилни цени на енергијата се реален економски ризик во наредните години пред енергетската зелена транзиција да „застане на нозе“ т.е. пред промената да донесе очекуваната стабилност на пазарот.
Претпочитам да бидам оптимист во грешка,
отколку песимист во право! – Илон Маск
Ништо не ги разгорува „страстите“ како стравот.
Посебно стравот од непознатото, кој доаѓа од неинформираноста, што генерира неизвесност, а деновиве се пресликува во страв од енергетска криза, страв од економска криза, страв од совршена бура …
Но за да имаме совршена бура, потребни се повеќе елементи да работат на раст на бурата.
Нормално ако се знаат елементите, може да се превенира а стравот да се замени со оптимизам, но да бидеме реални, тоа бара знаење, вистински луѓе во вистинско време и секако мнооогу работа.

Македонскиот електроенергетски систем не е остров
За да направиме краток вовед и да го видиме коренот на нашата енергетска криза, мора да го видиме составот на нашиот електроенергетски систем.

Електричната енергија во електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија се произведува од термоелектроцентрали на јаглен (ТЕЦ), хидроелектроцентрали (ХЕЦ), комбинирани постројки (термоелектрана-топлана – ТЕТО), ветерни паркови (ВЕЦ), мали хидроцентрали (МХЕЦ), фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ) и термоелектроцентрали на биогас (ТЕЦ-БГ). Вкупната инсталирана моќност на сите електроцентрали е над 2.000,00 MW, ТЕЦ (околу 49%), комбинираните постројки (околу 14%) и ХЕЦ (околу 34% – вклучувајќи ги и МХЕЦ). Вкупното производство на електрична енергија од сите електрани во Северна Македонија во просек изминатите години се движи во рамки од околу 70% од вкупната побарувачка. Останатите 30% од побарувачката се задоволуваат од увоз.
Потребно е да правиме разлика помеѓу инсталиран капацитет и производство.

Производните капацитети – ТЕЦ се постари од 40 години. Истите се веќе на крајот на својот експлоатациски век, а јагленот од нашите наоѓалишта е се посиромашен и го нема. Тоа значи дека не може да се надеваме на максимално производство од 49 – 50% од овие капацитети.
Ако ја земеме во предвид, лошата хидролошка состојба, подолгиот сушен период кој резултира со празните акумулации, не може да се надеваме ни на максималниот капацитет од 34% од ХЕЦ и МХЕЦ.
Ако овие два од трите носечки столба на кои се потпира нашето производство, не го даваат својот максимум, тогаш е логички да се зголемува процентот на увоз на електрична енергија. Тоа се случува и истите бројки ги потврдуваат дневните информации и статистички податоци.
Цената на електричната енергија која ја увезуваме за да ги надополниме нашите потреби за електрична енергија, останува да се набави од пазарот на електрична енергија. Тоа се берзански цени.
За разлика од цените на електрична енергија на отворен пазар, кај нас цената на електричната енергија се субвенционира и има социјална карактеристика.
Тоа што денес се пресликува во Македонија, е енормниот раст на цените на енергија на европскиот пазар, што предизвика донесување на владината одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена (на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија).
Според изјавите на министерот Крешник Бектеши, оваа одлука е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од АД МЕПСО за процената на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал од оваа година.
Овој рекорден пораст на цените на енергијата се заканува не само кај нас туку и во Европа да го попречи економското закрепнување по пандемијата, да ги оптовари приходите на домаќинствата, па дури и да ја „оцрни“ зелената енергетска транзиција.
Бурата над Европа

Кои се пазарните, географски и политички фактори кои се споија во совршена бура? Оваа бура не покажува знаци на намалување бидејќи континентот влегува во зимска (грејна) сезона, температурите постепено се намалуваат а греењето станува неопходно.
- Природниот гас
Цените на природниот гас вртоглаво растат.
Цената на гасот, сериозно влијае и на цената на пазарите на електрична енергија, бидејќи над една петтина од електричната енергија во Европа се генерира од природен гас.
На холандската берза за гас, која е водечки европски репер, цените се зголемија од 16 €/MWh на почетокот на јануари на 88 €/MWh до крајот на октомври, што претставува зголемување за повеќе од 450% за помалку од една година. Ова, пак, доведе до вртоглаво покачување на цената на електричната енергија.
Иако Европската унија постепено ја намалува својата долгогодишна зависност од фосилни горива – обновливите извори на енергија станаа главен извор на електрична енергија во ЕУ за прв пат во 2020 година – промената не е доволно брза и широко распространета за да ги спречи последиците од кризата.
Заедно, природниот гас и јагленот сè уште обезбедуваат повеќе од 35% од вкупното производство на ЕУ, а гасот претставува над една петтина. Енергетскиот микс е многу различен во целиот блок: фосилните горива имаат маргинален удел во Шведска, Франција и Луксембург, но заземаат повеќе од 60% од вкупното производство во Холандија, Полска, Малта и Кипар.
Бидејќи јагленот, како најзагадувачко гориво, постепено се исфрла од употреба, многу земји прибегнуваат кон природниот гас како преоден ресурс и балансна енергија за зелените алтернативи, како што се турбините на ветер и соларните панели. Понатаму, гасот се користи и за греење и готвење во домаќинства, што го прави порастот на цената уште позабележителен кај крајните трошоци на потрошувачите.
Граѓаните во Шпанија, Италија, Франција и Полска сега се соочуваат со највисоки сметки за енергија што ги зголемуваат економските проблеми предизвикани од пандемијата.
- Увоз на природен гас

Увозот на природен гас во ЕУ примарно доаѓа надвор од нејзините граници, бидејќи домашното производство се намалува.
Според Евростат ЕУ во 2019-та мораше да увезува скоро 90 % од потребите на природен гас.
Русија е најголемиот извозник на природен гас во ЕУ, што претставува 43,4% од увозот во 2020 година, а потоа следи Норвешка со 20%.
- Складирање на природен гас
Складирањето на природен гас, е значително пониско од истото ова време минатата година.
Очекуваното зголемувањето на потребата од гас во зимската сезона, за системите за греење и очекуваниот пад на понудата во зима, дополнително врши притисок на цените на гасот.
Траење на бурата

Зелената транзиција е процес кој што трае.
Главните проблеми може да се поделат во неколку сегменти: обезбедување на базната енергија во системи кои што зависат од обновливи извори на енергија, складирање на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија, балансирањето на ваквите системи, со еден збор нивната стабилност во однос на испораката на енергија на пазарот.
Ако на енормното зголемување на цената на гасот, се додаде и елементот на намалување на производството на електрична енергија од ветерните фарми, лошата хидрологија, намалувањето на капацитети на ТЕЦ, тоа се и сериозни дополнителни елементи во прилог на „бурата“.
Ова пак, генерира ценовна нестабилност и високи цени на електричната енергија на европскиот пазар, што се гледа по цените на берзите на електрична енергија.
Цените по кои трговците со енергија ги набавуваат идните лотови на енергија, даваат можност за претпоставка дека овие цени може да се задржат во наредните месеци.
Ваквите нестабилни цени на енергијата се реален економски ризик во наредните години пред енергетската зелена транзиција да „застане на нозе“ т.е. пред промената да донесе очекуваната стабилност на пазарот.
Решенија
Бидејќи ни Северна Македонија не е остров, ваквата енергетска разврска не може да се реши само со одлуки на Влада од една држава, која пак е дел од еден заеднички енергетски систем.
Ако се направи анализа на стапките на инфлација во рамките на ЕУ, може да се види дека во делот на енергија, стапката на инфлација е 17,4%.
Владите опфатени од овoј систем ќе мора да излезат со привремени, транзициони и трајни решенија.
Дел од привремените можни решенија се намалување на даночните стапки и давачки што се составен дел од сметките за енергија.
Можни транзициони мерки се социјални програми за заштита на ранливите домаќинства и малите бизниси, ублажување на енергетската сиромаштија и спречување на семејствата да им се прекине снабдувањето со електрична енергија. Директни финансиски инјекции на готовина, за помош на оние кои се борат да ги платат сметките, што од друга страна може сериозно да влијае врз буџетот доколку цените го задржат овoј тренд на раст.
Во транзициски мерки може да влезат и договорите со фиксна цена, кои можат да обезбедат конзистентна и предвидлива цена, дури иако цената не ја отсликува целосно реалноста на пазарот или вистинската потрошувачка на клиентот. Но и овие мерки имаат свои аргументи за и против.
Бидејќи општеството во кое што живееме е се’ повеќе енергетски гладно, трајните решенија, се решавање на главните проблеми кои ги носи зелената транзиција.
Зголемување на производството на чиста електрична енергија, обезбедување на базната енергија, складирање на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија, балансирањето на ваквите системи, со еден збор стабилност, предвидливост и планирање во однос на производството испораката на енергија на пазарот.
Некои луѓе не ги сакаат промените, но треба да ја прифатите промената ако алтернативата е катастрофа – Илон Маск