Connect with us

економија

Со АмЧам на тема: Предизвици во спроведувањето на заштита на правата на интелектуална сопственост

Потреба од модернизација на националното право на интелектуална сопственост.

објавено

на

Фото: Unsplash

За почеток, потребно е да се усвои национална стратегија, според која ќе се донесат посебни закони за одделни права од интелектуална сопственост. Овие правни прописи треба да бидат јасни, недвосмислени и лесно разбирливи и спроведливи од сите кои се инволвирани во спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост.

Автор: Анастазија Анастасовска Костовска
адвокат, Адвокатско друштво Поповски и партнери Член на работната група за права од интелектуална сопственост при АмЧам

Спроведувањето на заштитата на интелектуалната сопственост е комплексна и актуелна тема поврзана со многу предизвици. Меѓународната соработка, развојот на сеопфатни стратегии, унапредување на регулативата, повеќе едукација се клучни за подобрување на националната и меѓународната рамка за спроведување на ефективна заштита на правата на интелектуална сопственост.

Соодветното спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост е од суштинско значење не само за заштита на индивидуалните права на носителите, туку и за поддршка на иновациите и креативноста, заштита на потрошувачите, подобрување на конкурентноста, зголемување на вработеноста и за обезбедување на фер и непречено функционирање на пазарот, како и стимулирање на економскиот раст.

Сепак, бројни предизвици ја отежнуваат ефективната заштита на правата на интелектуална сопственост, како на меѓународно ниво, така и во Република Северна Македонија.

Глобални предизвици при спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост

Злоупотребата на правата на интелектуална сопственост се чини дека расте праволиниски со нивната важност и распространетост, па, во овој момент, соочени сме со зголемување на пиратеријата и фалсификувањето, кои предизвикуваат значителни економски загуби за индустриите што инвестираат во истражување и развој, како и кај креативниот сектор.

Спроведувањето на правата од интелектуална сопственост претставува значителен предизвик, особено бидејќи правата на интелектуална сопственост се штитат територијално и варираат во зависност од јуриздикцијата. Ова го отежнува спроведувањето на заштитата на правата на интелектуална сопственост посебно на дигиталниот пазар каде содржината може веднаш да ги премине границите. Во многу случаи право на интелектуална сопственост заштитено во една земја може да не биде заштитено во друга, што доведува до конфликти и проблеми со спроведувањето на ефективна заштита на ваквите права.

Подемот на интернетот и експанзијата на дигиталните технологии, 3D печатењето, вештачката интелигенција, алгоритмите отвораат безброј нови можности за прекуграничните прекршувања на правата на интелектуална сопственост што им отежнува на носителите на правата да ја контролираат нивната употребата. Дополнителен предизвик е и да се одреди важечкиот закон и кој суд е надлежен, особено во случаи кога прекршителите работат низ повеќе земји.

Фалсификувањето и пиратеријата се закана за голем број индустрии. Фалсификатите може да се најдат меѓу многу видови стоки, вклучително и вообичаени производи за широка потрошувачка (облека, чанти), производи кои се наменети од еден бизнис за друг (резервни делови) и луксузни предмети (луксузни часовници, накит).  На глобално ниво загрижува тоа што многу лажни производи може да претставуваат сериозни здравствени, безбедносни и еколошки ризици. Тие вклучуваат особено лажни фармацевтски производи, но исто така и храна, козметика, играчки, медицинска опрема и хемикалии.

Спроведувањето на заштита на правата на интелектуална сопственост на меѓународно ниво бара навигација во различни правни системи, механизмите за извршување, прибирање докази, судски забрани, отштета и ракување со фалсификувани стоки, значително се разликуваат помеѓу земјите. Токму затоа, глобалната соработка е од клучно значење за ефективно спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост.

Седиштето на Светската организација за интелектуална сопственост во Женева, Швајцарија. Фото: Marek Ślusarczyk

Организациите како Светската трговска организација, Светската организација за интелектуална сопственост, Светската царинска организација играат клучна улога во поттикнувањето на меѓународната соработка. Добар пример за соработка е и веб-страницата www.trilateral.net – трилатерална платформа на Европската канцеларија за патенти, Јапонската канцеларија за патенти и Канцеларијата за патенти и трговски марки на Соединетите држави. Овие организации обезбедуваат вредни меѓународни извори за информации и поддршка за спроведување на заштитата на правата на интелектуална сопственост олеснувајќи ја размената на најдобрите практики.

Постојат и меѓународни извори за спроведување на заштита на интелектуална сопственост како на пример Спогодбата за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост, односно т.н. TRIPS. Оваа спогодба овозможува, барем принципиелно, да се постават правила на игра и да се обезбеди нивното реално функционирање во практиката. Но, и покрај неспорното значење на меѓународните и европските стандарди за спроведување на заштитата, и понатаму остануваат отворени прашања во однос на ефикасно и ефективно спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост од причина што регулативата, сепак, е фрагментирана.

Национални предизвици при спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост во Република Северна Македонија

Во Република Северна Македонија, јавната свест за заштита на правата на интелектуална сопственост е на незавидно ниво. Многу правни и физички лица сè уште не се целосно свесни за значењето и предностите кои ги носи заштитата на правата на интелектуална сопственост. Заштитата на трговските марки, патенти, индустриски дизајн и слично, може значително да ја зголеми вредноста на компаниите и да овозможи поголема конкурентност на производите или услугите на носителите на правата. Недоволното познавање и неинформираноста често нè доведуваат до ситуации каде правата на интелектуална сопственост се прекршуваат без конкретна намера. Во праксата има примери на ненамерно користење на трговска марка на меѓународна компанија која е заштитена и во Република Северна Македонија од страна на мали локални компании само затоа што изгледот на трговската марка им се допаднал. Ваквите постапки понекогаш произлегуваат од недоволна информираност, но, често се случува и намерна злоупотреба на добро познати трговски марки со цел потрошувачите да се доведат во заблуда за потеклото и квалитетот на производот.

Друг предизвик при спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост на национално ниво, е и институционалната (не)екипираност. Надлежните органи често се соочуваат со недостаток на ресурси и специјализирана обука. Ова го отежнува спроведувањето на комплексни случаи за заштита на правата на интелектуална сопственост, особено кога станува збор за современи технологии и дигитални содржини. Спроведувањето на заштитата на интелектуална сопственост подразбира можност за заштита со различни правни механизми од областа на казненото, административното и граѓанското право, па оттука, потребна е континуирана обука и специјализација за сите надлежни органи. Често, постапките пред надлежните органи траат долго, нема доволно судска пракса, а се соочуваме со недостаток на стручни вешти лица од областа на интелектуалната сопственост.

Дополнително, предизвик е и каскањето на правната регулатива. Актуелниот Закон за индустриската сопственост во Република Северна Македонија е донесен во 2009 година и, иако е добра основа, не нуди целосни решенија, соодветни на модерните технологии и дигиталната ера. Регулативата во Република Северна Македонија како земја која се стреми кон влез во Европската Унија, треба да се развива паралелно со развојот на правото на интелектуална сопственост на Европската унија, заради обезбедување функционален систем на заштита кој ќе ги поддржи и поттикне творештвото, иновативноста и трговијата. За почеток, потребно е да се усвои национална стратегија, според која ќе се донесат посебни закони за одделни права од интелектуална сопственост. Овие правни прописи треба да бидат јасни, недвосмислени и лесно разбирливи и спроведливи од сите кои се инволвирани во спроведување на заштита на правата на интелектуална сопственост.

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

менаџмент / маркетинг2 недели ago

Како да се водат состаноци: не мора да се долги, мачни и здодевни, може и поинаку

регион2 недели ago

Во Хрватска платите растат двојно побрзо одошто просекот на ЕУ: работодавците бараат покачувањата да се врзат со продуктивноста

свет2 недели ago

Како турнејата на Тејлор Свифт може да ја поправи економската слика на Европската унија

македонија1 недела ago

Приближувајќи се кон првата декада со бројни успеси – 8 години ги зајакнуваме носечките столбови на уникатното хотелско угостителство во Скопје Мериот Хотел

банки7 дена ago

Нова зелена бизнис кредитна линија на ПроКредит Банка и ЕБОР со поврат на средства до 10% за инвестиции во одржливи решенија

македонија5 дена ago

Донаторскиот кружок на КОНЕКТ по 5-ти пат покажа филантропија на дело: Собрани еден милион денари здружени донации за влијателни иницијативи

банки6 дена ago

ПроКредит е единствена банка во Македонија оценувана од Fitch Ratings

банки5 дена ago

Прокредит банка со нова модерна филијала во Гостивар

банки2 дена ago

Со голем настан Македонската шаховска федерација ќе одбележи еден век постоење на Светската шаховска федерација ФИДЕ

македонија5 дена ago

Комерцијална банка со поддршка за македонскиот фудбал и во наредните три години