регион
Србите и другите Балканци сè почесто купуваат станови во Трст
Релативно ниските цени и привлечноста на морето си го прават своето

Градот што во 1960-те и 1970-те, беше најпопуларната дестинација за набавка на фармерки и други производи од „трулиот Запад“ по коишто тогашните Југословени копнееја, сега станува сè попопуларно место за купување станови за граѓаните од Србија и другите земји од Балканот.
Се почесто луѓето од Балканов имаат тенденција да купуваат недвижен имот далеку од местото на живеење, со цел да ги оплодат своите пари, да останат таму повремено или дури и да се преселат таму на долг рок.
Бидејќи цените постојано растат на регионалниот пазар на недвижности, некои се повеќе склони да ги купуваат таму каде што е поевтино. Во последно време, Трст во Италија се гледа како таков избор. Градот што во 1960-те и 1970-те, беше најпопуларната дестинација за набавка на фармерки и други производи од „трулиот Запад“ по коишто тогашните Југословени копнееја, сега станува се’ попопуларно место за купување станови за граѓаните од Србија и другите земји од Балканот.
Ања Б. пред осум години со семејството се преселила од Белград во Трст. Првата година живееле во центарот на градот, а потоа се преселиле во луксузното предградие Дуино.
“Оваа област би можела да се спореди со елитната белградска населба Дедиње. Тука главно се градат вили и живеат побогати луѓе. Има и станбени згради, каде што јас и мојот сопруг неодамна купивме стан, бидејќи наидовме на поволна можност. Сепак, за цената што ја плативме овде, сигурно не би можеле да купиме таков стан на Дедиње“, изјави Ања за Би-Би-Си.
Трст е оддалечен 621 километар од Белград, или околу шест и пол часа возење. Семејството на Ања е меѓу околу 4.000 граѓани на Србија кои моментално живеат во градот, а 18.000 од нив се регистрирани во поширокото подрачје, покажуваат податоците на италијанската даночна управа.
Мирјана Бубчиќ, сопственичка на агенцијата CasArte Immobiliare, за Би-Би-Си вели дека годишно продава меѓу 15 и 20 станови во Трст на српски државјани, главно од Белград и Нови Сад.
Не се знае точно колку луѓе од Србија купиле стан во овој град на Јадранското Море во последниве години. Во писмениот одговор до Би-Би-Си, од катастарот на Трст одговорија дека не можат да дадат такви информации.
Гарсониера во Белград или двособен стан во Трст
Покрај школувањето на децата и вработувањето, некои луѓе од Србија и од Балканот ги привлекуваат и цените на недвижностите во Трст. По цена на гарсониера во Белград, можете да купите еднособен или двособен стан во Трст.
Веб-страницата на Immobiliare.it, водечката агенција за недвижности во Италија, моментално нуди повеќе од педесет станови во поширокиот центар на градот. Просечната цена е од 50.000 до 70.000 евра за еднособни или двособни станови. Повеќето од понудените станови би требало да се реновираат, иако има и некои во добра состојба.
Таков е, на пример, двособен стан од 56 квадрати чија цена е 67.000 евра, стои во огласите на агенцијата. Реновиран е во 2012 година и се наоѓа во областа Валмаура, каде некогаш живееле работнички семејства. Од таму се потребни околу дваесет минути со автобус до центарот.
Сопствениците во огласот истакнуваат дека станот е опремен со модерен мебел, подно греење, има енергетски сертификат и е идеален за млад пар или како добра инвестиција.
Некои луѓе од Србија одлучија да инвестираат пари во купување станови во Трст, како Срѓан Стојановиќ, сопственик на синџир ресторани во Белград, кој сега поседува три недвижнини во овој италијански град.
„Кога првпат дојдов во Трст пред 20 години, не ми се допадна. Особено не неговиот центар. Меѓутоа, во последните десет години Трст е обновен“, изјави Стојановиќ за Би-Би-Си.

Во поексклузивните делови на градот цената може да се искачи и до 5.000 евра за квадратен метар.
За живеење или за изнајмување
Разговорот со градоначалникот Роберто Касолони пред осум години го поттикнал да почне да размислува за инвестирање во овој град.
„Продадов куќа со базен на Космај и тие пари ги вложив овде. Инвестирав во делови од градот каде што живеат претежно жители на Трст и каде цената никогаш нема да падне, но, верувам, ќе биде стабилна или ќе се зголеми“, вели Стојановиќ. Додава дека изнајмува два стана, а во третиот отседнува кога ќе дојде во Трст.
За разлика од него, семејството на Ања купило стан во Трст за живеење. Според податоците на агенцијата за недвижности во Италија, Audace Immobiliare, просечната цена на метар квадратен во Дуино, каде што сега живее семејството на Ања, е 4.850 евра за метар квадратен.
Владимир Е. Од Белград и неговата сопруга годинава купиле два стана. За стан од 40 квадрати платиле 32.000 евра, додека друг стан од 58 квадрати ги чинел речиси двојно.
“Го реновиравме првиот стан и веднаш го изнајмивме. Се наоѓа недалеку од центарот. Во Италија е вообичаено да се потпише четиригодишен договор со агенција за недвижности”, изјави Владимир за Би-Би-Си.
Тој додава дека отсекогаш сакал да има куќа покрај море и затоа се решил на овој чекор.
Неговата сопруга е со италијанско потекло, а нејзината баба е од Трст, па овој град отсекогаш им бил привлечен како место каде што еден ден би можеле да живеат кога ќе остарат.
Побарувачката го поскапи станбениот квадрат во Трст
“Мојата сопруга тогаш купи поголем стан на свое име. Станот е комплетно реновиран и од пролет планираме да го огласиме за дневно изнајмување. При купувањето многу ни помогна еден италијански пријател кој живее во Белград”, додава тој.
Владимир вели дека засега тоа е само инвестиција, и дека можеби некое од неговите деца во иднина ќе одлучи да студира во Трст, па ќе имаат каде да живеат.
Според податоците на агенцијата Immobiliare, во 2021 година е забележан раст на продажбата на станови за 25 проценти. Мирјана Бубчиќ вели дека луѓето купуваат станови и потоа најчесто ги издаваат.
Трст стана атрактивна туристичка дестинација во последните години, особено откако е забранет влезот на бродови за крстарење во Венеција, кои сега се пренасочуваат овде.
„На цената на квадратот најмногу влијае опремата, потоа дали е во нова зграда или е реновирана стара зграда и оддалеченоста од брегот и паркинг просторот. Просечната цена се движи од 1.200 евра до 3.500 евра. по квадратен метар“, вели таа.
„Во самиот центар на градот, попознат како Борго Терезијано, цената за најмување двособен стан од 50 квадрати е во просек околу 1.000 евра месечно. Дневната кирија на мал стан за две лица е околу 100 евра во центарот на градот“, вели Бубчиќ.
Драгана Савковиќ од Смедерево повеќе од десет години живее во Минхен.
Со сопругот се задолжила во Германија за да инвестира во недвижен имот во Трст.
„Во текот на летото посетивме неколку агенции и разгледавме станови, но сè уште не најдовме нешто што ни одговара. Помалите станови кои се достапни генерално треба целосно да се реновираат. Бараме помал стан во добра состојба и релативно нов ,” таа рече.
Тамара Радевиќ живее во Трст, а неодамна купила стан на улица на десетина минути од центарот. Таа вели дека се работи за мирна и станбена населба која некогаш била создадена за сместување на италијански бегалци од Истра.
„Купивме стан од 90 квадрати. Во добра состојба е, но се уште го реновираме. Цените на становите овде се движат од 1.300 до 1.700 евра за метар квадратен“, вели таа.
Зголемената побарувачка за станови доведе и до зголемување на нивните цени. Така, на пример, во Борго Терезиано, во центарот на Трст, поранешните деловни простори станаа луксузни станбени згради, а цената на метар квадратен во тој дел од градот се движи меѓу четири и пет илјади евра.
Како се купува стан во Италија?
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ можат да земаат поволни кредити во нивните земји за инвестиции во Италија. Бидејќи Србија не е членка на ЕУ, граѓаните на Србија не можат да земат заем во својата земја за да купат недвижен имот во Италија. При купувањето, тие ја плаќаат целата цена на одреден имот.
Купувачите од Србија мора да отворат даночен број во Италија пред да дадат понуда за купување стан.
Заедно со понудата, како гаранција, купувачот мора да депонира чек во вредност од 10 отсто од вкупната цена на станот. Многу граѓани се одлучуваат и да го пријават своето живеалиште на адресата на нивниот иден стан, за да имаат одредени повластици при плаќањето данок при купувањето на нивниот прв стан во Италија. Кога ќе склучат преддоговор, истиот се доставува до нотар кој посредува во целиот купопродажен процес.
Нотарот испраќа изјава до банка во Србија во која бара трансфер на средства на неговата наменска сметка. Кога ќе се потпише конечниот договор, парите се префрлаат од нотарската сметка на сметката на продавачот на станот.
Соговорник на Би-Би-Си кој му помогнал на пријател да купи стан во Трст, вели дека купувачите треба да бидат добро информирани пред да се вклучат во таква инвестиција.
Како прво, станот не може да се отуѓи или продаде во првите пет години од договорот.
„Становите најчесто се издаваат преку агенции кои земаат голем процент. Инсталација на гас, приклучок на вода или струја, сето тоа се долготрајни процедури. Само за да поставите обичен клима уред мора да се јавите на овластен мајстор кој исто така ќе ви издаде енергетски сертификат, кој е задолжителен и скап“, нагласува тој.
Се разбира, сериозен купувач на стан во странска земја навреме ќе се запознае со состојбата и условите на локалниот пазар и внимателно ќе ги разгледа придобивките и проблемите од таквата инвестиција пред да донесе одлука за купување.