економија
Стагфлација, повисоки камати и понекој “екстра“ данок
Што нè чека во 2023

„Според сите проекции, под влијание на геополитичките фактори изгледите за раст на БДП и за позначајно намалување на инфлацијата се неповолни. Ако растот на глобалната економија за наредната година е проектиран да се движи меѓу 2,7 % и 3,2 %, во Македонија овој раст ќе биде помал и во голема мерка под влијание на глобалниот амбиент. И понатаму ќе се соочуваме со волатилност на цените на енергенсите, затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари, веројатно забавување на извозната динамика, но и со намалена лична потрошувачка на домашниот пазар како резултат на помал реален расположив доход. Во банкарскиот сектор се очекува и понатаму да има раст на кредитирањето, но со забавена динамика.“
„Песимистот вели дека не може полошо од ова. Оптимистот одговара, може, може.“ На овој афоризам ми текна деновиве кога прочитав за анкетата што Меѓународниот републикански институт (ИРИ) ја направил меѓу македонските граѓани пред месец – два. Тие ниту се задоволни од тоа како живеат, ниту очекуваат дека тоа ќе се смени на подобро. Напротив, поголемиот дел се „оптимистите“ од погоре, односно очекуваат дека работите само ќе се влошуваат.
Над половина рекле дека личниот квалитет на животот им се влошил во однос на лани, што е, исто така, рекорден резултат по ова прашање во последниве десетина години при анкетите на ИРИ. Околу 40 отсто одговориле дека квалитетот им останал ист, а само 6 отсто дека им се подобрил.
Кога станува збор за економската состојба во семејството, само 1 отсто рекле дека им е многу подобра од лани, а 9 отсто дека им е релативно подобра. Над 40 отсто рекле дека им е полоша или многу полоша.
Месечните приходи целосно им ги задоволуваат потребите на само 4 отсто граѓани, според одговорите на испитаниците. Речиси една третина рекле дека тие приходи ни од далеку не им се доволни.
Европа влегува во рецесија?!
Во ваква состојба влегуваме во 2023 година, за којашто како по обичај ќе посакаме да биде подобра, поуспешна, посреќна од оваа 2022. Ова е време кога обично сумираме што се случило во годината што привршува и што очекуваме во следната на економски план. За тоа што се случуваше нема да трошиме речиси никаков простор. Било, да не се повторило… Уште незакрепнати од двете пандемиски години, 2022-та стартуваше со воена инвазија на Русија врз Украина чиишто последици ги почувствува цела планета. Се разбира, ништо не може да се спореди со страдањата на украинскиот народ и уништувањето на тамошните градови, села, инфраструктура, економија… но, економските санкции што Западот ги наметна врз Русија, како и нарушувањето на извозот на разни суровини и од Русија и од Украина, предизвика хаос на светските стокови берзи и пораст на цените на житото, металите, дрвото, нафтата, гасот, буквално се’…
Сето ова во комбинација со недостигот на разни репроматеријали и производи којшто датира уште од времето на пандемијата, а најмногу се однесува на извозот од Кина којашто и годинава се бореше со коронавирусот и правеше локдауни, предизвика раст на инфлацијата низ цел свет против која монетарните власти се обидуваат да се борат качувајќи ги основните каматни стапки.
Инфлацијата можеби и ќе ја скротат малку од малку, но останува опасноста да го загрозат растот на економиите, односно тие да влезат во рецесија. А, знаци на помала економска активност веќе се чувствуваат. Тоа се гледа преку намалената побарувачка на гас во Европа. Иако сите се плашевме дека Европа ќе смрзне зимава поради недостиг на гас, и иако неговата цена достигна вртоглави нивоа и над 1.000 евра за 1.000 м3 пред неколку месеци, непосредно пред божиќните празници таа е на ниво од 85 евра, што е помалку и од нивото пред почетокот на инвазијата врз Украина. Зошто ова се случува? Затоа што е намалена побарувачката од големите економии, како што е германската. Рецесијата почна веќе да се чувствува и тоа не е никако добро. Ќе следи намалување на производство, отпуштање на работници, стагнација на платите.
Според сите проекции, под влијание на геополитичките фактори изгледите за раст на БДП и за позначајно намалување на инфлацијата се неповолни. Ако растот на глобалната економија за наредната година е проектиран да се движи меѓу 2,7 % и 3,2 %, во Македонија овој раст ќе биде помал и во голема мерка под влијание на глобалниот амбиент, велат економските експерти.
„И понатаму ќе се соочуваме со раст на цените на енергенсите, затегнување на условите на меѓународните финансиски пазари, веројатно забавување на извозната динамика, но и со намалена лична потрошувачка на домашниот пазар како резултат на помал реален расположив доход. Во банкарскиот сектор се очекува и понатаму да има раст на кредитирањето, но со забавена динамика, особено ако се земе предвид дека кредитите во изминатиот период имаа пораст, кој се доближи до 10 %. Се очекува во услови на зголемени каматни стапки да се реализира понатамошен раст на депозитите.“, објаснува во интервјуто за Капитал претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова – Штериева.

Ќе поскапат кредитите
И нашата централна банка постапи на сличен начин како и Европската централна банка и американските Федерални резерви, со зголемување на референтните каматни стапки, испраќајќи сигнал за монетарно затегнување
Народната банка повторно ја качи каматата на благајничките записи кон средината на декември, овој пат за 0,5 п.п., осмо покачување годинава, и каматата стигна до 4,75%. Последен пат каматната стапка била над ова ниво, во септември 2010 година, кога била 5%.
Народната банка констатирала дека во ноември, за првпат оваа година бил прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари.
„Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, коишто сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период.“, објаснуваат македонските монетарни власти.
Зголемувањето на основната каматна стапки значи посилно стегање на монетарната политика, односно намалување на паричната маса во оптек, со цел да се намали трошењето. Ова зголемување на основната каматна стапка е осмо по ред од април годинава, и неминовно ќе следи и покачување на каматните стапки кај деловните банки, односно поскапување на кредитите, она што најмногу ги засега граѓаните и компаниите.
Претседателката на Македонската банкарска асоцијација во интервјуто за Капитал што може да го прочитате во овој број, кажа дека сепак овој раст на каматните стапки не е линеарен и каматните стапки на банките генерално не раснат со динамика идентична на стапките на централната банка.
„Последните податоци покажуваат дека просечната пондерирана каматна стапка на денарските кредити изнесува 4,67 % и споредено со јануари 2022 година бележи зголемување од 0,05 процентни поени. Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи во месец декември, споредено со месец јануари 2022 година, е 3,5 процентни поени.“, истакна Стевкова – Штериева.
Банките добиваат конкуренција, влегуваат финтек играчи
Што друго ќе не’ очекува на економски план во Македонија во 2023 година? Кога сме веќе кај банките, да кажеме дека од први јануари стартува новата законска регулатива за платежни услуги и системи, што значи дека ќе се овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка.
Покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања.
За извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата. Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса во случај на престанување со работа на институцијата или на банката и штедилницата каде што се чуваат.
Новата регулатива ќе овозможи и поголема заштита на правата на корисниците на платежни услуги, а особено на физичките лица кои се потрошувачи, преку стандардизирање на содржината на рамковните договори кои ги склучуваат со давателите на платежни услуги и обврзување на давателите на платежни услуги да им даваат целосни, јасни и навремени информации за платежните услуги кои ги нудат и условите за нивно извршување.
Данок на екстра профит
Уште една промена што ја очекува македонската економија во 2023 година е даночната реформа што ја најави Владата. Што предвидува реформата? „Прогресивно оданочување нема да има, не се предвидуваат нови даноци, данокот на личен доход останува со единствена стапка од 10 проценти и нема да се оданочуваат каматите на депозитите на штедни влогови“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Во однос на хонорарците, тој рече дека тие ќе имаат можност доброволно да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Притоа, ќе има посебна платформа, затоа што тие немаат постојани вработувања.
Во однос на данокот на добивка, доколку добивката не се реинвестира, а тоа се искористи како даночно ослободување, ќе се применат многу високи казни, за да се избегнат злоупотребите.
Ковачевски напомена дека прв приоритет на даночната реформа, која се темели на Стратегијата за реформи на даночната политика, е поголема праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плати својот праведен удел од данокот. Втор приоритет е поголема ефикасност и ефективност, третиот е зголемена даночна транспарентот, четвртиот подобар квалитет на услугите и петтиот е еколошко оданочување.
Реформата предвидува укинува ослободувањето од обврската за плаќање на данокот на добивка на фирми кои што остваруваат приходи на годишно ниво до три милиони денари.
Доколку се усвои овој предлог закон, категоријата која беше ослободена од данок на добивка до три милиони денари промет, сега ќе плаќа данок со влегување во категоријата на обврзници од три милиони денари до шест милиони денари промет, при што како до сега ќе избираат дали ќе плаќаат данок на добивка од 10% или 1% на вкупниот приход.
Во таа категорија спаѓаат микро даночни обврзници, кои што се најголем број, но истовремено се најкревки и најмали во економијата, со исклучок само на занаетчиите кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување.
Се предвидува и воведување на еднократен данок на екстра добивка за дел од најголемите компании со приходи над 10 милиони евра, откри министерот за финансии Фатмир Бесими деновиве.
Бесими објасни дека со овој данок ќе бидат опфатени само фирмите со над 10 милиони евра годишен приход. Ќе се спореди нивната добивка за 2022 година со просекот што е остварен како добивка изминатите четири години и ќе се оданочува делот што е остварен над 20% од тој просек. Данокот ќе биде еднократен, само за 2022 година. Годините каде што не е остварена добивка нема да се земаат предвид, објасни министерот и кажа дека се’ уште се води дебата со бизнис коморите околу овој план на Владата.