македонија
Становите нема да поевтинат, побарувачката не стивнува, Македонецот не инвестира во друго освен во недвижнини
Бизнисмени градежници порачуваат

Големата побарувачка тие ја објаснуваат со традиционалната навика на македонските граѓани да ја чуваат вредноста на своите пари купувајќи недвижнини.
Становите во Скопје, како најатрактивна локација, но и во другите македонски градови нема да поевтинат, или евентуално може да има само мала корекција на цената, велат македонските бизнисмени што градат станбени згради.
„Побарувачката за станови не се намалува, иако цените отидоа нагоре последниве година и половина. Ние продадовме 500 станови во комплексот Порта Супериум, уште толку да ги имавме ќе ги продадевме“, рече сопственикот на Порта Инженеринг Груп, Александар Ивановски, на неодамнешната Конференција за комерцијални недвижности во Скопје.
Големата побарувачка тој ја објаснува со традиционалната навика на македонските граѓани да ја чуваат вредноста на своите пари купувајќи недвижнини.
„Ако имаме предвид што се случува во светот во последно време, инфлација, економска несигурност, итн., нашиот народ не гледа друг избор кај да ги пласира парите со коишто располага. Македонецот не знае за друго, знае две работи – или во банка или во недвижнини. Бидејќи каматните стапки за депозити во банките сега се пониски од стапката на инфлација, единствено гледа дека на долг рок може да ја зголеми вредноста на своите пари само преку купување станови. Затоа е толкава побарувачката. А, ако имаш притисок од побарувачката и цената ќе расте. Плус, додадете го и големото поскапување не сите градежни материјали во последно време, сето тоа придонесе цената да оди нагоре.“, рече Ивановски.
За 20-тина години квадратот поскапел само стотина евра, сега фаќаме чекор со регионот
Сашо Цветковски од Фортонмка, консултантската компанија за недвижнини што ја организираше Конференцијата, рече дека и покрај зголемувањето на цените на становите за околу 20% изминатиов период, не е забележано попуштање на побарувачката за станови.
„Некои анализи ни покажуваат дека веројатно, поради затегнувањето на монетарната политика може на среден рок да се очекува благо намалување на побарувачката, но не ништо драстично“, рече тој.
Ивановски од Порта Инженеринг се надоврза околу цената на становите со свое видување.
„Најголемото покачување на цените на становите се случи во 2000 година кога се смени марката во евро. Тогаш квадратот во Скопје беше 950 марки, па наеднаш стана 950 евра. Во 2018 година кога ја градевме Порта Аеродром, квадратот го продававме по 1.050 евра. Значи за 18 години, пораст на цената од само стотина евра. А знаете ли колку поскапи квадратот во Белград, Софија, Загреб, за тоа време?!“

Политиката исто така влијае врз цените на становите
Фатмир Етеми, сопственик на ЗСФ КОМ, компанија што има градено на повеќе локации низ Скопје, смета дека цените на становите се оптоварени и со други фактори кои немаат врска со пазарот.
„Овде се случуваат работи кои ги нема никаде во светот. Постапки за градежни одобренија се развлекуваат со години, не се носат ДУП-ови, па имавме едно време сосема погрешна политика на носење мораториуми на градба во општините. Па имаме ситуации каде што ДУП е на сила, а луѓето не добиваат одобрение за градба. Не може со политика да прекинуваш еден процес, пазарот бара станови.“, рече Етеми.
Тој ја истакна и, како што ја нарече, вештачката хистерија што се создаде во јавноста кон градежниците, што доведе до поништување на многу ДУП-ови, па пролонгирање со години.
„И знаете кој го плаќа цехот на крај? Граѓаните. Ако се одолжи постапката, трошоците растат, становите поскапуваат. Апелирам да се освестат донесувачите на одлуки, да престанат да мразат успешни луѓе. Градежништвото мобилизира многу други гранки во економијата. Ние остануваме тука со нашиот капитал, не го носиме надвор, продолжуваме да инвестираме во својата земја, вработуваме луѓе, индиректно храниме уште многу вработени поврзани со оваа дејност. “
Инаку, на панелот посветен на станбениот простор учествуваа и Мартин Пановски (Архитект на проектот ГРАНД Скопје и косопственик РАДИУС АРХИТЕКТИ), Александар Стефанов (Член на управен одбор ФАБРИКА КАРПОШ АД) и Велимир Петровски (Директор за продажба, КНАУФ).