Connect with us

интервју

Стево Пендаровски: Партизацијата и етнизацијата се рак-рана на општеството

Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

објавено

на

Со претседателот Стево Пендаровски разговаравме на една многу важна тема – европските перспективи на граѓаните и на младите насликани преку нивните секојдневни битки со слабостите на системот – нефункционални и партизирани институции, но и слаби образовни и економски политики. Претседателот е дециден во пораката дека токму злоупотребата на системот на меритократијата е една од клучните причини за разочараноста на новите генерации, не само од политичката елита и од политиката како процес, туку и од самата држава.

Претседателе, имаат ли младите во Македонија перспективи и дали се тие европски?

На хартија – да. Но, за жал во практичниот живот се помалку гледаме од таа европска перспектива. И низ праксата, но и низ годините и истражувањата гледаме дека тоа е една од главните мотивации за младите да останат во таа земја. Јас пред две години бев предмет и на критики и на пофалби за една изјава што ја дадов на конференција за млади во Нови Сад.

Да, се сеќавам, рековте дека ако не сте претседател и Вие би се отселиле…

Јас мислам дека нема ништо повистинито од тоа. Зошто? Ако Вие сте сега на пример на 20 години и до сега чекате 16 години со статус на кандидат за да почнете преговори и ако денеска ги почнете тие минимум ќе траат 6, 7, 10 години (секои нови траат повеќе) и сега како ќе му објасните на секој млад човек, и на секој човек, кој има само еден живот на располагање дека треба да чека 30 години за влез во таа Европа, каде стандардот ќе биде повисок и сите стандарди во образование, работа, животна средина… За жал, кабаетот е кај нас, кај политичките елити кои изминативе децении не беа на висината на таа задача, нема бегање од тоа, но мислам и дека Западниот Балкан и ние како регион практично сме на маргините на европската агенда. Без европската супервизија ние не можеме доволно брзо да стигнеме до европските стандарди. И за ова имав критика од некои наши поранешни функционери, но јас го реков тоа и не бегам од тоа. Ако ние имаме супервизија од Европа, нашата економија и цело општество ќе оди многу побрзо напред и за некои 20 години би можеле да дојдеме на денешниот европски просек на членките на ЕУ. Ако сме сами со практично никакво во историска смисла демократско искуство и во ваков еден регион ние ќе стигнеме таму за два до три пати подолг период и тоа е практично подолго од просечниот европски живот.

И премиерот го кажа тоа неодамна, дека Европа е кабаетлија во односот кон Македонија. Но, многуте истражувања на луѓе кои се занимаваат со проблематиката покажуваат дека за раст на евроскептицизмот кај младите голео влијание имаат и коруптивните скандали во општеството коишто демотивираат и бавната имплементација на реформите особено во делот на правдата и владеењето на правото. Како ги гледате овие домашни околности виза ви растечкиот евроскептицизам?

Имаме многу лош извештај последнава година на Транспаренси Интернешанл и да не се лажеме и минатогодишниот беше лош – ако сега сме на 111 тогаш бевме на 105 место. Ги знам сите објективни околности – новата политичка постава, 2016 и 2017 година што затекна во државата и дека треба  долг пат да се измине за таа руина направена во претходната деценија од институциите и државата да се среди. Но, ние мораме побрзо да се движиме во таа насока, оти ако ги прашате младите зошто се иселувате од државата одговорот е тој. Или, на пример, има еден друг феномен што не се забележува само кај нас, а тоа е партиципативното учество на младите во политиката е на многу ниско ниво, не сакаат да учествуваат во политичкиот живот (зборуваме за млади од 18 до 28 години). Највозрасните најчесто учествуваат на избори, а младите не. А изборите се првичниот, иницијалниот чин на демократскиот процес. Тие не се задоволни од функционирањето на институциите.

Прво, сметаат дека институциите се високо партизирани и дека без партиска книшка не можат ниту да се вработат, а камоли да направат кариера. И во последните години, со мали исклучоци во политиката на правичната застапеност, дел од институциите непотребно се етнизираат. Се распишува конкурс во којшто знаете дека одреден етникум мора да има даден број на места, а тоа не го пишува во конкурсот и таму конкурираат млади и од другите етникуми и одбиени се само затоа што не се од вистинскиот етникум. Во тој дел како држава моравме да бидеме попрецизни и појасни. Неспорна е потребата од правична и соодветна застапеност (годинава славиме 20 години од Охридскиот договор). Имаме огромни чекори направено во таа насока. Од 2,4 % застапеност на Албанците во администрацијата сега сме на 20 %. Но, дел од младите кои не припаѓаат на таа заедница си велат – кажете барем да не конкурираме. Корупцијата е исто проблем и претходно мислам дека младите се демотивирани и поради состојбите во образованието. 

Во која смисла?

Младите не учат вештини во образовниот процес. Јас знам за неколку пионерски обиди низ годиниве во високо-образовните институции кога ги прашуваат стопанските комори какви кадри им требаат. За кога ќе излезат од клупите тие луѓе навистина да имаат шанса за вработување. За да немаме случаи да имаат парче хартија, диплома, а не и практична вештина. Па да не ги обвинуваме само бизнисмените кога велат ама немаме потреба од таков кадар. Еве јас да ви кажам колку беше лошо некогаш, а не мислам дека денес е драстично подобрено. Јас кога студирав на Правниот факултет во Скопје, во тие 4 години, осумдесеттите години се тоа, ние бевме само два пати на судење и немавме ниту една можност да напишеме тужба, жалба, било што… Излеговме со книшко знаење, а не со практично знаење. Не знам каква е ситуацијата сега на сите силни факултети што ги направивме во изминатите 20 години, ќе се изненадам ако е подобра.

Не верувам дека е. Ќе се навратиме на образовните реформи. Претходно споменавте систем на меритократија во однос на имплементацијата на Рамковниот договор. Токму критиките и на поддржувачите на тој Договор се токму во насока дека се злоупотребува. Како да се испочитуваат обврските од Договорот, за којшто ќе се согласиме дека се неопходни, ама низ призмата на меритократија и квалитет?

Проблемите за сите етникуми почнуваат во сферата на образованието, каде ние продуцираме деца што знаат фактографија, ама тоа знаење не можат да го продуцираат. Понатаму, политичките елити, од сите етникуми, не можеме да обвиниме една или друга или трета заедница, затоа што гледаа краткорочно – за следните избори, се грижеа повеќе да имаме бројки, како статистика за да кажеме дека правиме длабоки реформи. Присуството на сите етнички заедници е неопходно, во соодветен баланс, и една од причините за проблемите во 2001 беше тоа што во деведесеттите не сме воделе сметка за таа застапеност. Но, голата бројка што ќе ја презентираш на некој митинг па ќе кажеш – еве поради нас наместо 2 проценти имаме 8 или 10, тоа е една краткорочна политика што не води сметка за стратешките интереси. Стратешки интерес е да правите баланс помеѓу вештините на човекот и неговата етничка припадност. Ако водите сметка само за етничката припадност (еве да се само Македонци во прашање) тоа е етнизација. Етнизацијата и партизацијата е погубна за институциите. Тоа се двата клучни проблеми. Особено затоа што и оние кои биле во администрацијата и оние кои сега влегуваат немаат доволно европски вештини односно не ги опслужуваат граѓаните на неопходното ниво.  

Треба подобра комуникацијата и презентација на новите образовни реформи 

Ќе се согласиме дека образованието дефинитивно е клуч за сите промени и за отворање на овие перспективи за коишто зборуваме. Во моментов се актуелни образовните реформи односно најавите за нив. Гледаме силни реакции во општеството и различни коментари и критики. Како гледате на овие процеси не само суштински, од аспект на нивниот квалитет, туку и во однос на начинот на којшто се презентираат или се комуницираат со јавноста?

Тоа се две различни прашања. 

Да…

Ние политичарите имаме еден проблем, не само кај нас, туку и секаде во светот – како и најдобрата идеја да ја претставиме прво навремено на обичниот граѓанин за да не се исплаши. Луѓето се плашат од ново, влезени во една матрица на рециклирање на наученото од минатото не сакаат да учат ново. И мислам дека во тој дел на презентацијата има простор за големо подобрување. Пи Ар аспектот е многу битен. Јас тврдам дека значаен број на луѓе што протестираат на овие последните протести, да не зборувам за нивните родители, не знаат точно за што протестираат и што значи точно дигитализацијата во образованието.

И како е замислена…

Да, како е замислена, во кои фази ќе се одвива, што во моментов сега како прва фаза се предлага. Инаку, не може да спорите за потребата од дигитализацијата, што е глобален процес, што пандемијата само ни го исфрли на површина и ни кажа – ова е иднината. Наместо само лошо, да видиме и нешто добро од тоа, наместо за 5 или 10 години да дојдеме до тој степен моравме побрзо да се дигитализираме, целиот свет. Нема спор околу тоа. Не можам да сфатам зошто некој би бил против дигитализација кога сите ние и најмлади и најстари граѓани користат гаџети или разни апарати што ни го олеснуваат животот. Процесите што се почнати за осовременување на образованието се добри, мислам дека се и задоцнети, години наназад требало да се почнат. А околу презентацијата треба повеќе актери да се вклучат, медиуми, невладини, граѓани…

Па и самата опозиција во има во својата програма вклучено планот за дигитализација

И опозицијата треба да е вклучена. Е сега ако реши понатаму да бојкотира од политички причини тоа е легитимно. Но, значи медиуми во прв ред, невладини и граѓански здруженија мора да бидат вклучени повеќе во комуникацијата. Знаете, ние правиме кампањи или презентираме нешто дури откако ќе излезе работата во јавност и потоа со неколку спотови или пораки не може да се убедат луѓето. Штетата е веќе направена и не се допира до реципиентите на новото и одма има блок, наместо веднаш на почеток да се повикаат.

Најголемото потфрлање на нашата демократија е во самите партии

Ја споменавте апатијата на младите и немањето волја да се вклучат во политичкиот живот. Колку на ова влијае поларизацијата на општеството и неспособноста да се воспостави политички дијалог на едно ниво на дебата во кое ќе се слушне другиот, а нема само да се расправа?

Тоа е главната причина зошто на младите политиката им одмилува. Нашите длабоки политички конфронтации често непотребни и на маргинални теми, или од чиста суета, одмагаат. Кога ќе видите приказ од некоја собраниска седница, или кампања или ТВ дебата, седите дома во својата дневна соба и гледате двајца кои само што не се заклале на телевизија треба да решите или за овој или за овој треба да гласам. Мислам дека политичката култура која се гради, тоа е генерациски, повеќе – геренациски проект, мораме да ја совладуваме. Ова ниво на политичка култура кај нас, јас  Ве убедувам, дека паметам подолго, го немаше не само во деведесеттите, туку ни во комунизмот. Доминираат лични навреди и квалификации, а не идеи. И најтешката квалификација за мене може да ја кажете на културен начин. Кај нас тоа не се прави. Тука има исклучоци и од нив треба да учиме, се разбира, но генерално, нивото на јавна дебата е на приземно ниво.

Треба ли повеќе работа со партиите и со нивните подмладоци?

Неколку големи странски фондации уште од деведесеттите се ангажирани со партиите и сега скоро видов една анализа на една од тие големи фондации што вели дека најголемото потфрлање на нашата демократија е во таа таканаречена внатрешнопартиска демократија. Ние допрва, 30 години од воспоставувањето на плурализмот гледаме дека една партија прави директни избори и тоа е претставено како светско достигнување и за жал, кај нас навистина е. Тоа требаше да го направат сите партии многу одамна. Или друг пример, не смеете да споменете институционализирање на фракција нешто што е во Европа и светот нормална работа. Или да имате Влада во сенка, па материјалите од Влада да ги давате на тие луѓе. Кај нас ние сме затворени во партиските атари, претходно и уште сме до некаде и во етничките табори и значи партизацијата и етнизацијата се двете рак-рани на општеството.

Би го привршувала интервјуто со поентата од почетокот за европските перспективи. Колку отворањето на преговарачкиот процес ќе помогне за задржување или за зголемено одлевање на младите надвор?

Тоа е стара дилема. Само е забрзана таа дебата оти гледаме што се случува во Хрватска или Бугарија каде што има иселување и покрај членството. Знаете што е разликата? Вистина дека ќе имате еднакви шанси на европскиот пазар на труд, полесно ќе биде иселувањето и во однос на визи или апликации за факултет, но факт е дека стандардот дома ќе се зголемува и ќе имате далеку поголема шанса прво да почнете и да успеете и во својата земја, отколку да сте надвор од ЕУ и да се чудите – што да правиме со оваа држава што нема никаква перспектива. И Бугарија и Хрватска и сите кои имаат нови бранови на иселување, никој не кажува какви би биле ако не би биле членки на ЕУ. Кој може да каже дека ако Хрватска не би била членка немало да има далеку поголема дијаспора на млади? Неспоредливи се индикаторите и економски и демографски, далеку е подобро да си внатре со сите шанси. Разговарав со претседатели на две балтички држави минатата година и ми рекоа дека веќе кај нив иселувањето има обратен тек. 

Какви иницијативи преземате вие како институција и Вие лично за младите?

Една од иницијативите што стана видлива е Канцеларијата за млади во Центарот на Скопје, во којашто дури и во време на пандемијата имавме секојдневно некакви ангажмани и е достапна за користење на која било младинска организација или поединци со некоја идеја, бесплатно се разбира. Јас, во сите мои настапи велам дека практично не е возможно да донесете закон со којшто само на младите ќе им биде добро, а на старите не, или обратно. Мораме на сите возрасни категории во државата да им овозможиме подобар живот. Нема држава во којашто имате добар живот за тие од 65 години, а катастрофален за тие од 25, така што не би ги двоел тие политики само за младите.

економија2 дена ago

Поддршка за големите извозници: гаранција од Гарантен фонд до 50% од износот на кредитот за извоз преку Развојна банка

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

македонија4 дена ago

Македонија 60-та во свет од 110 држави рангирани според дигитален квалитет на животот

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија6 дена ago

Мукаетов: Ќе продолжиме посветено да работиме на глобализација на брендот Алкалоид

македонија4 дена ago

Бесник Исаки од БЕ-ДА Логистик ја доби наградата Business Elite „40 under 40“

политика6 дена ago

Брима – Галуп: Ако денеска се одржат локалните избори, СДСМ би освоил 19,8%, а ВМРО-ДПМНЕ 17,7% од гласовите

македонија6 дена ago

„Алкалоид“ има инвестирано 200 милиони евра во последниве 15 години

македонија5 дена ago

Промовиран East Gate Living, продажбата на станови започна

економија3 дена ago

Адора инженеринг ја купи на лицитација Топлификација за 9,3 милиони евра

start up6 дена ago

Соработка за развој на стартап заедницата: партнерство на Македонски Телеком и Стартап Македонија

македонија5 дена ago

„Алкалоид“ го одбележа 85 – годишниот јубилеј со изложба и донација за Детската клиника

македонија5 дена ago

Дијаманти за дијамантите на филмската уметност

банки5 дена ago

Годишен раст од 9,9% на вкупните депозити и од 6,4% на кредитната поддршка