интервју
Стефан Смиљаноски, Бреинстер: Нашата нова Академија за лидерство и менаџмент нуди применливи знаења кои носат резултати

Стефан Смиљаноски, маркетинг директор во едукативно-технолошката организација Бреинстер (Brainster), ни открива за кого е наменета и што ќе се учи на новата Академија за лидерство и менаџмент.
Во денешниот брзоменувачки бизнис-свет, потребата за вешто лидерство и ефективно управување никогаш не била поголема. Со оглед на тоа што компаниите секојдневно се соочуваат со нови предизвици и можности, поседувањето на квалификуван и визионерски лидерски тим може да ја направи сета разлика во постигнувањето конкретни резултати.
Што точно ги прави лидерските и менаџмент вештините толку важни за компаниите, како организациите можат да ги негуваат овие витални вештини во своите редови и колку е важна стимулацијата на сопствените кадри во насока на развивање на нивните лидерски и менаџерски способности?
Дел од овие прашања ги отворивме со Стефан Смиљаноски, маркетинг директор во едукативно-технолошката организација Бреинстер (Brainster), кој ни открива и за кого е наменета и што ќе се учи на новата Академија за лидерство и менаџмент.

Бреинстер има нова образовна програма. Од неодамна своето портфолио го збогативте со Академија за лидерство и менаџмент (Executive Academy for Leadership & Management). Зошто се одлучивте за овој чекор?
– По 7 години постоење и нудење на образовни програми фокусирани на преквалификација во најатрактивните професии во ИТ-индустријата, увидовме можност за програма која ќе им носи вредност на професионалците кои имаат потенцијал да одат на следното ниво, односно од добри оперативци преку соодветна доквалификација да станат лидери и менаџери на тимови, сектори и организации.
Бреинстер во своите образовни програми акцентот секогаш го става и на иновацијата. Што е иновативно и уникатно конкретно за оваа Академија?
– Целта на оваа програма е на докажаните професионалци, но и на сите оние што тековно работат или имаат амбиција да работат во областа на лидерството и менаџментот да им пренесе применливи знаења и вештини кои носат резултати преку разбирање на истите на највисокото концептуално и стратешко ниво. Таа е единствена од ваков тип на нашиот пазар.
Лидерството и менаџментот се секако од клучна важност за развојот на бизнисите и компаниите. Колку денеска во компаниите се обрнува внимание и се тежнее кон поддршка и развој на вакви вештини кај вработените? Дали можеби увидовте некои слабости во системот?
– Слабоста во системот е пред сè во ограниченоста на најважниот ресурс кај компаниите кога станува збор за соодветно развивање на овие вештини – времето. Ретко среќаваме докажани менаџери кои имаат доволно време да се посветат на развивање на следната генерација на лидери што треба ги водат нивните компании и организации низ предизвиците што ги носи иднината. Сметаме дека нашата програма дава соодветно решение за овој проблем.

За кого е наменета оваа Академија, на каков тип на кадри им е најмногу потребна?
– Како што и спомнав претходно, оваа академија е наменета за професионалците кои веќе оперативно се докажани во својата област, но треба да треба да се здобијат со еден комплетно нов сет на вештини за да направат што поуспешна транзиција во лидерските и менаџмент позиции. Секако, програмата има што да им понуди и на сите оние кои веќе работат на ваквите позиции, како и на младите амбициозни претприемачи кои своите бизнис идеи сакаат да ни претворат во реалност.
Со какви вештини ќе стекнат кандидатите кога ќе ја завршат Академијата?
– Академијата е составена од 8 модули, од кои што 4 се од техничка природа, а 4 кои се фокусирани кон меките вештини. Овој избалансиран спој е резултат на темелно истражување на тема слични вакви програми кои се нудат низ светот.
По завршувањето на академијата, учесниците ќе бидат способни успешно да водат и менаџираат тимови, сектори и организации преку агилно адаптирање на промените, долгорочен фокус и континуирано иновирање.
Она што е особено за поздрав е дека во соработка со ИМЕ и Швајцарската амбасада достапни се 7 целосни стипендии за жени претприемачи и за млади лица. Зошто се одлучивте да ги стипендирате овие категории?

– Стипендиите се резултат на соработката со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и Швајцарската амбасада.
Нивната цел, (како и на останатите финанскиски олеснувања што ги нудиме) е да се даде придонес кон зголемување на разноликоста и еднаквите можности во ИТ-индустријата и воопшто корпоративниот сектор.
Тие се обезбедени за да им помогнат на организациите да ги стимулираат сопствените кадри во насока на развивање на лидерски и менаџерски вештини, без истовремено да бидат соочени со позначајни финансиски потешкотии кои се сè поприсутни и на локално и на глобално ниво во последниве неколку години.
Какви се светските трендови кога е во прашање лидерството и менаџирањето како области?
– Некои коишто сметам дека земаат сè поголем замав се оптимизацијата на работата со remote тимови, најсоодветното и етичко користење на вештачката интелигенција, соодносот на разноликоста на кадрите, приклучувањето на GenZ во работната сила, приоретизирањето на менталното здравје и транзицијата на улога на менаџерот од контролор во ментор и овозможувач.
На кој начин Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ ги поддржуваат и „хранат“ лидерските и менаџерските способности кај своите вработени?
– Преку посветување внимание и фокус на сè од горенаведеното. Свесни сме дека единствениот начин континуирано да ја движиме нашата мисија за квалитетно и релевантно образование и пред сè истото да им го нудиме на луѓето кои се задолжени да работат на остварување на таа наша цел. Ова го постигнуваме преку постојано учење и дообучување, тренинг сесии и редовни 1на1 состаноци на лидерите со вработените со цел тие еден ден да станат новите лидери на организацијата.