македонија
Странските инвеститори закрепнуваат од пандемијата, домашната преработувачка индустрија сè уште се мачи
Годинава почна со раст на извозот и со пад на индустриското производство

Зголемувањето на извозот од Македонија во месец јануари од 15,4% на прв поглед укажува на знаци на заздравување на економијата и враќање на патеката на растот. Но, два моменти треба да се истакнат: речиси една третина од извозот бил од една компанија, „Џонсон Мети“, претставник на секторот добавувачи на автомобилската индустрија лоцирани во технолошките зони коишто закрепнуваат по силните падови лани. Извозот, пак, на храна, пијалаци, текстил, облека, разни готови производи, итн., бележи пад. И второ, индустриското производство во јануари е помало за 14,5%, при што кај преработувачката индустрија што зафаќа 80% од целата индустрија на земјава, падот е 9,4%.
Извозот од Македонија во јануари месец годинава е поголем за 15,4% во однос на истиот месец лани, и изнесува 527,3 милиони евра, покажува извештајот на Државниот завод за статистика. Увозот во истиот месец е повисок за 5,3% и изнесува 622,8 милиони евра, додека покриеноста на увозот со извоз изнесува 84,7% и трговскиот дефицит 95,5 милиони евра.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија (читај „Џонсон Мети“ во ТИРЗ Бунарџик, н.з.), сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1.

Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури (повторно „Џонсон Мети“, н.з.), необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.
Во јануари 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Р.С. Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.
Во земјите од ЕУ извозот во јануари е поголем за 21,9% и изнесува 441,3 милиони евра, додека увозот е помал за 8,5%, на 268,7 милиони евра. На овој блок земји отпаѓа 62% од вкупната трговија, односно 83,7% од извозот и 43% од увозот на Р. С. Македонија.
Во В. Британија, којашто од февруари 2020 година не се води повеќе во статистиката за ЕУ, извозот од Македонија во првиот месец годинава е 18,1 милиони евра,што е пад за 3,2%, додека увозот е пораснат за 161,4% на речиси 150 милиони евра. Практично се’ што се случува на релација трговска размена помеѓу двете земји се должи на работата на британската инвестиција „Џонсон Мети“ во ТИРЗ Бунарџик крај Скопје, односно увозот на скапите материјали потребни за изработката на катализаторите, како што се платина, паладиум, итн.
Во јануари месец, всушност, речиси една четвртина од увозот во Македонија е направен од В. Британија, а 55% од извозот е во Германија. Во непосредното соседство, односно Западен Балкан, од земјава се извезени производи и услуги за 41,4 милиони евра во јануари, што е за 3,3% повеќе во однос на лани, а увозот оттаму е 45,9 милиони евра или речиси за 11% помалку.

Третина од македонскиот извоз се катализатори за Германија
Анализирано по сектори, државната статистика покажува дека извозот во јануари 2021 година бележи раст во секторите хемиски производи, машини и транспортни уреди, железо и челик и електрична енергија.
Најголем извоз во јануари е остварен со продажба на машини и транспортни уреди во вредност од 185 милиони евра, што е за 18,2% повеќе од истиот месец лани и учествува со 35% во вкупниот извоз од Македонија. Најголем раст, од 52,8% има кај извозот на хемиски производи, што речиси целосно отпаѓа на извозот на „Џонсон Мети“, како што спомнавме претходно, и во јануари изнесува 152 милиони евра, што е втора по големина извозна ставка од државава. Практично, 29% од целиот извоз на државата во првиот месец бил од една компанија, која продава катализатори за возила на западноевропскиот пазар, доминантно во Германија.
Ако се земе предвид дека во извозот на хемиски производи и извозот на машини и транспортни уреди доминираат странски инвестиции во земјава поврзани со синџирот на снабдување во автомобилската индустрија, тогаш статистиката покажува дека преку 64%, или речиси две третини од вкупниот извоз од земјата во јануари го направиле токму овие фабрики сместени претежно во технолошко – индустриските развојни зони во земјава.
Потврда за растот на извозот од овие индустриски капацитети во јануари, дојде и од Дирекцијата на ТИРЗ, според чиишто анализи, вкупниот извоз од технолошките зони во јануари е за речиси 34% зголемен во однос на јануари 2020 година.
„Бројките покажуваат дека компаниите во зоните биле најмногу погодени од пандемијата, но имаат и најголем потенцијал за брзо закрепнување. Трендот на раст почнува од август, со зголемени активности и во однос на истиот период од претходната година при што врвот од 100% е достигнат во октомври. Компаниите – инвеститори во ТИРЗ остануваат носители на извозот во земјава со речиси 45% удел во целокупниот извоз или 2,6 милијарди евра за последната година.“, рече директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски неодамна.
Раст на извозот во јануари бележат и секторите производи класирани според материјалот, од 9,9%, на 78,6 милиони евра, како и делот на минерални горива, мазива и сродни производи, со раст од 24%, на 6,6 милиони евра.
Меѓутоа, кај извозот на храна во јануари е забележан пад од 5,5%, на 20,1 милиони евра, кај пијалаците и тутунот голем пад од 37%, на 6,12 милиони евра, кај категоријата суровини (кои не се храна) освен гориво, исто така пад, од 6,6% на 21,5 милиони евра и кај категоријата Разни готови производи, пад од 18,6%, на 55,8 милиони евра.

Пад на производството на моторни возила, текстил, облека, храна…
Дека домашната индустрија не ја пребродува ковид – кризата така едноставно доказ се и податоците за индустриското производство во јануари годинава, при што државната статистика регистрирала пад на целокупното индустриско производство на државава од 14,5%, при што најголем пад има кај секторот рударство и вадење камен, од дури 34,3%, додека кај преработувачката индустрија падот е 9,4%. Кај секторот снабдување со електрична енергија падот на производството е 11,7%.
Во рамки на преработувачката индустрија, којашто во вкупното индустриско производство на државава учествува со речиси 80%, од позначајните гранки најголем пад во јануари има кај производството на текстил, 32,4% и кај производството на облека, од 29,2%. Текстилот учествува со 4,35% во вкупното индустриско производство на земјата, а облеката со 8%. Производството на прехранбени производи, пак, коешто има удел од 10,3% во вкупното индустриско производство, падот во јануари е 9,2%, додека пак кај пијалаците има раст од 9,8%.
Кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки, гранка којашто има удел од речиси 12% во вкупната индустрија, падот е високи 26% во јануари. Раст се забележува кај производството на метали од 18,7%, кај електричната опрема од 11,7% и кај производството на машини и уреди од високи 30,3%. Треба да се истакне во оваа прилика фактот што јануари минатата година практично се уште не беше почнала пандемијата во земјава и нивото на индустриското производство беше во граници на некој нормален просек. Тоа значи дека падот во јануари годинава укажува на се’ уште кревка економија и дека последиците од пандемијата во голем број на индустриски гранки се далеку од санирани.
Да потсетиме, минатата година прв месец во којшто се почувствуваа последиците од затворената економија беше март, кога индустриското производство падна за 14,4%, за да во април следи тотален шок, односно пад од 33,5%, а кај преработувачката индустрија цели 40,5%. Висок беше падот и во мај, од 27%, за од јуни да почне какво – такво закрепнување, и пад на производството од „само“ 15%. Продолжија неколку месеци со пад што постепено се намалуваше до 4-5%, за во декември повторно да се регистрира раст од 2,5%.
Аналитичарите велат дека во следниве месеци очекуван ќе биде значителен пораст на индустриското производство во речиси сите сектори, затоа што ќе се споредува со истиот период лани кога имаше голем пад поради локдаунот и полициските часови што беа спроведувани на територијата на Македонија како последица на пандемијата. Освен, ако повторно не се заостри корона – кризата со оглед на моменталните бројки на новозаразени и починати лица како последица на вирусот.