технологии / компании
Технологија што создава досега невидени можности за луѓето и бизнисите
Македонски Телеком ја пушти првата комерцијална 5G мрежа во земјава

Воведувањето на 5G мрежата, којашто може да достигне од 10 до 100 пати поголема брзина од досегашната 4G мрежа, ќе придонесе за подобрување на мрежната врска, но ќе создаде и досега невидени можности за луѓето и бизнисите. Сето она што можеме да го направиме преку мобилните телефони, сега, со 5G мрежата, ќе можеме да го направиме уште побрзо и подобро. 5G ќе овозможи спојување голем број уреди и нивна сигурна комуникација со минимално доцнење, со што се отвораат огромен број можности за примена на оваа технологија. Ако таа се применува, да речеме, на автономните возила, тогаш тие ќе станат значително побезбедни за масовна употреба поради екстремно брзата реакција на примање информации. Оваа функција ќе овозможи и операции и дијагностика на далечина, што ќе направи револуционерен прогрес во медицината.
Со постојаниот напредок на технологијата во блиска иднина ќе успееме да ги поврземе физичкиот, дигиталниот и биолошкиот свет, а роботиката, виртуелната реалност, вештачката интелигенција… ќе бидат дел од нашето секојдневие. На прагот сме на нова индустриска револуција, која ќе почне со новата 5G технологија и не постои индустрија или област која ќе остане имуна на револуционерните промени. Откако пред речиси две година неколку земји во светот, меѓу кои Јапонија, Јужна Кореа и САД, ја пуштија во употреба 5G мрежата на дел од нивните територии, интересот за неа постојано расте и голем број земји веќе работат на подготовки за имплементација на 5G.
5G е петтата генерација технолошки стандард во телекомуникациската индустрија, кој не само што ги надградува брзината и апликативноста на неговиот претходник 4G туку оди и чекор понатаму. 5G мрежата има потенцијал да создаде огромен екосистем на Интернет на нештата (Internet of Things) кој истовремено ќе поврзува милијарди корисници (уреди – things) и ќе го редефинира начинот на кој ги користиме паметните телефони, дополнителната опрема, компјутерите и останатата технологија.
Не беше толку одамна времето кога комуникациските уреди беа исклучиво врзани со кабел за ѕидот, а автоматизацијата на процесите беше неизбежно поврзана со комплексни мрежи базирани на кабли… Во последните децении тенденцијата кон поедноставување и олеснување на комуникациите зема се поголем замав, како за индивидуалните корисници, така и за поврзаните уреди, индустриски машини, паметни уреди итн. Покрај тоа што нивниот број многукратно се зголемува, во денешниот дигитален свет се поголем акцент се става на нивната мобилност, достапност и секако, врвни перформанси.

Дел од овие предизвици беа успешно совладувани од претходните генерации на мобилни комуникациски мрежи, GSM, UMTS, LTE, но и Wi-Fi мрежите. Сепак, потребите на корисниците за повеќе капацитет и гигабитни брзини, педесеткратно пократки латенции (време на реакција) и комуникација во реално време, како и најмалку стократно зголемениот број на поврзани уреди на мрежите доведоа до потреба за примена на нова филозофија и архитектура во изградбата на мобилни мрежи која ќе може успешно да се справи со потребите на корисниците најмалку во следните 5-10 години.
Мрежите од петтата генерација не само што се далеку побрзи и со зголемен капацитет во однос на претходните генерации, туку се и далеку пофлексибилни и подинамични со што овозможуваат, покрај постоечките, поддршка и за целосно нови и поинакви начини на обезбедување на комуникациските услуги, но и развој на успешни партнерства кои ќе резултираат во мноштво нови, иновативни услуги.
Македонската 5G засега на мал број смартфони
Деновиве Македонски Телеком ги одбележа ударните вести во земјава со пуштањето на првата комерцијална 5G мрежа во Македонија и овозможи користење на 5G услуги паралелно и во комбинација со 4G, со напредна технологија за динамично користење на постојните радиофреквенции.
Подготовките за воведување на 5G технологијата започнаа во 2018 година со првата лабораториска демонстрација на 5G, а во 2019 година Телеком ја постави првата реална тестна мрежа преку којашто се постигнаа брзини на пренос на податоци од 1Gbps, десет пати поголеми од 4G.
Македонски Телеком е во екот на имплементацијата на новата 5G радио пристапна мрежа и за половина година успеа да обезбеди покривање со 5G сигнал на 15 градови и нивните околини: Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Битола, Прилеп, Крушево, Охрид, Струга, Ресен, Струмица, Радовиш, Гевгелија и Дојран.
Од овој месец започна имплементацијата на 5G во Скопје и околината, а до мај, сите корисници од главниот град и поширокиот скопски регион ќе имаат пристап до 5G услуги. До крајот на октомври 2022 година, со опрема од најновата генерација ќе бидат покриени 26 градови во Македонија.
Мрежата на Телеком е подготвена да овозможи супер брз гигабитен мобилен интернет, веднаш по завршувањето на процесот за доделување на радиофреквенции за радио опсезите на 700MHz и 3.6GHz од страна на АЕК.
„Пред три години ги почнавме првите подготовки за технологијата на петтата генерација, а денес ја имаме првата комерцијална 5G мрежа. Изминатите години се подготвувавме, инвестиравме, тестиравме, градевме и зборувавме за иднината, сега можеме да кажеме дека 5G е тука. Го исполнивме еден од најважните предуслови за четвртата индустриска револуција, а со добивањето на новите 5G радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме.“ , изјави Никола Љушев, главниот извршен директор на Македонски Телеком.
Засега, 5G ќе имаат корисниците коишто се наоѓаат во градовите што се покриени со 5G, во согласност со тарифите што ги користат, и коишто имаат некој од следните соодветно сертифицирани 5G уреди: Samsung S21, Xiaomi 11 Lite NE и Motorola Edge 20 Lite. Процесот на 5G сертификација со Apple се очекува да заврши во текот на второто тромесечие од годината.
Големите брзини и капацитети на новата 5G мрежа ќе донесат револуција во корисничкото искуство, молскавично брзо споделување содржини и мала латенција во комуникацијата. Оваа технологија ќе биде движечка сила за развојот на нови функционалности и досега невидени услуги и производи коишто ќе ни го поедностават и подобрат животот во сите сфери.
Користењето на сите напредни функционалности од оваа мрежа ќе се одвива постепено во текот на наредните години, заедно со растот на можностите на новите технологии.

5G отвора цело море на можности
Од конкуренцијата на Телеком, А1 Македонија, пред неполн месец на нивната веб страна објавија дека и тие набрзо ќе ја лансираат својата комерцијална 5Г мрежа.
„Телеком Австрија Групацијата е еден од пионерите на оваа нова технологија, која веќе комерцијално се користи во дел од земјите во регионот. Австрија, Бугарија, Хрватска, Словенија се дел од земјите каде 5G одобренијата се издадени од националните регулаторни тела и веќе се надградени неколку илјади А1 базни станици со 5G со што корисниците веќе можат да почувствуваат дел од придобивките кои ги носи оваа технологија. А1 Македонија успешно изврши тестирање на 5G технологијата и интензивно работи на надградба на својата мрежа за нејзина активација и примена веднаш штом бидат доделени фреквенции од страна на регулаторот.“, напиша Јовица Јошевски, програмски менаџер за 5G во А1 Телеком Австрија на компанискиот интернет блог.
„Придобивките за корисниците се многукратни, покрај гигабитните брзини и тактилноста, се отвораат можности за огромен број на нови услуги и создавање на индустриски вертикали кои денес воопшто и не постојат. Можноста за обезбедување достап до интернет за домаќинства и деловни клиенти со перформанси слични на оптичка врска отвора прилики за нови услуги со значително подобрени, но и гарантирани нивоа на перформанси. Со дистрибуција на обработката на податоци (Compute) поблиску до секој индивидуален корисник наместо централно, како што е денес, Gaming во „облакот“ со далеку подобри перформанси одошто е тоа можно на било кој домашен компјутер, е една од првите придобивки која гејмерите ќе ја почувствуваат. Оваа технологија овозможува една цела нова палета на мрежни услуги и решенија за корисници на кои им значи кратката латенција (тактилен интернет, аугментирана / виртуелна реалност, прецизно позиционирање и управување на автономни возила и роботи и многу, многу други).“, објаснуваaт од А1 Македонија.
Network Slicing е уште една од придобивките на Сloud-базираната мрежна топологија. Со овозможување на автоматско креирање и реконфигурација на засебна, логичка мрежа со специфична конфигурација, топологија и мрежни елементи кои точно одговараат на конкретните потреби на одреден корисник (или услуга) се отвора можност за дополнителни услуги со гарантиран квалитет. Ваквите мрежи имаат ненадминати нивоа на безбедност на податоците, еквивалентни на корпоративна/приватна мрежа. Безбедноста во 5G е исто така многукратно зголемена, со новите 5G безбедносни алгоритми нивото на мрежна безбедност е значително унапредено, објаснуваат од А1 Македонија.

Некои основни работи околу 5G
Главни карактеристики на 5G мрежата:
- Од 10 до 100 пати поголема брзина во споредба со 4G
- Латенција од една милисекунда
- 1.000 пати поголем пропусен опсег (1000х bandwidth per unit area)
- До 100 пати повеќе поврзани уреди на единица површина
- 99,99% достапност
- Доверлива комуникација во реално време
- 90% помала употреба на мрежната енергија
- До 10 години животен век на батериите на уредите со помала моќност поврзани на Интернет на нештата
Колку е брза 5G мрежата?
Досегашните тестирања на 5G мрежата покажаа дека таа достигнува брзини и до 100 пати поголеми од досегашните кои ги емитуваше 4G мрежата, односно обезбедува трансфер на податоци со брзина од 10 Gbps (гигабајти во секунда). Она што ја прави 5G мрежата значително побрза е употребата на повисоките фреквенциски опсези со поширок фреквентен спектар. Според комуникациските принципи, колку поширок фреквентен спектар (bandwidth) – толку поголема брзина на пренос.
Што претставува „малата латенција“ на 5G мрежата?
Латенција во технолошкиот речник го претставува времето на реакција од испраќањето на информацијата од едната страна до примањето на информацијата на другата страна. 5G мрежата нуди екстремно мала латенција – од 40-50 милисекунди кај 4G мрежата, со 5G мрежата, таа се спушта на неколку (5-10) милисекунди. Времето кое му е потребно на просечниот човек за да емитува реакција на визуелна информација се проценува на околу 250 милисекунди. Сега, замислете ги потенцијалните можности што ги отвора 5G мрежата со дури 250 пати помала латенција од тоа. Ако таа се применува, да речеме, на автономните возила, тогаш тие ќе станат значително побезбедни за масовна употреба поради екстремно брзата реакција на примање информации. Оваа функција ќе овозможи и операции и дијагностика на далечина, што ќе направи револуционерен прогрес во медицината.
5G наспроти 4G – која е разликата?
Петтата генерација на безжичните мрежи ќе ја прошири употребата на интернет и ќе создаде масивен екосистем поврзан на Интернет на нештата (Internet of Things). Главната предност во споредба со денешните 4G и 4.5G (напредни LTE) е дека, освен огромните зголемувања на брзината на пренос на податоците, ќе се создадат нови употребни случаи на Интернет на нештата.
Преку 5G мрежата ќе биде возможно да се поврзат до 100 пати повеќе уреди на одредена територија. Според проценките, 5G сигналот ќе може да поврзе до милион уреди на квадратен километар. Малата латенција кај 5G мрежата ќе овозможи побрз пренос на податоци, а малата употреба на енергија во споредба со 4G мрежата ќе овозможи опремата и уредите во инфраструктурата на 5G мрежата да работат многу подолг период без човечка интервенција.
Поширока примена на 5G мрежата
Секоја нова генерација на безжична мрежа доаѓа со нов, широк спектар на нови употреби. 5G мрежата ќе биде насочена кон Интернет на нештата. Во одредени случаи, како што е примената на 5G мрежата при поврзување на автономните возила, се бара многу агресивна латентност (брзо време на одговор), така што за неколку години можеме да очекуваме револуција и во начинот на кој тие се користат во сообраќајот. Подобрувањата на брзината на преносот на податоци, пак, ќе придонесат за помасовна анализа на податоци кај компании, поединци и сите заинтересирани за тоа, со што ќе го олеснат овој процес во иднина.