свет
Технолошките гиганти отпуштаат преку 50 илјади вработени
Погрешните проценки на директорите многумина ќе ги чинат работно место

Во текот на последниве три месеци, планови за отпуштање беа објавени од Amazon, Google и Alphabet, Microsoft и матичната фирма на Facebook, Meta. Заедно, тие ќе отпуштат повеќе од 50.000 вработени, што е неверојатен пресврт во споредба со раните денови на пандемијата кога технолошките компании рапидно растеа за да бидат во тек со зголемената побарувачка од домаќинствата кои мораа да работат и да купуваат онлајн.
Две години по неверојатниот успех на технолошките гиганти среде пандемијата, ситуацијата во овој индустриски сектор се влошува секојдневно бидејќи компаниите се соочуваат со растечка економска несигурност.
Во текот на последниве три месеци, планови за отпуштање беа објавени од Amazon, Google и Alphabet, Microsoft и матичната фирма на Facebook, Meta. Заедно, тие ќе отпуштат повеќе од 50.000 вработени, што е неверојатен пресврт во споредба со раните денови на пандемијата кога технолошките компании рапидно растеа за да бидат во тек со зголемената побарувачка од домаќинствата кои мораа да работат и да купуваат онлајн. Во тоа време, многу извршни директори на технолошките гиганти се чинеше дека очекуваа растот да продолжи и по пандемијата.
Погрешни проценки на топ менаџментот
До септември 2022 година, Amazon повеќе од двојно ја зголеми својата корпоративна работна сила во споредба со истиот месец во 2019 година, вработувајќи повеќе од половина милион нови работници. Meta речиси го удвои бројот на вработени во периодот од март 2020 година до септември минатата година. Microsoft и Google, исто така, ангажираа илјадници дополнителни работници, исто и другите технолошки компании како Salesforce, Snap и Twitter, коишто пак, исто така најавија отпуштања во последните недели, објави CNN.
Сепак, се чини дека директорите погрешно процениле колку растот поттикнат од пандемијата ќе продолжи откако луѓето ќе се вратат во нивните „офлајн животи.“
Зголемените каматни стапки, инфлацијата и стравувањата од рецесија доведоа до пад на рекламирањето и потрошувачката во последните месеци, а сето тоа се одрази на профитот и цените на акциите на најголемите технолошки компании. Аналитичарите од Волстрит очекуваат едноцифрен раст на приходите во текот на најважниот декемвриски квартал за Google, Microsoft и Amazon, и опаѓање за Meta и Apple, кога ќе пријават заработка во наредните недели, според проценките на Refinitiv.
Уште само Apple не објавил дека ќе дели откази

Неодамнешните отпуштања во повеќето случаи изнесуваат релативно мал процент од вкупниот број вработени во споменатите компании, но тие сепак ги менуваат животите на десетици илјади отпуштени луѓе кои сега се оставени да бараат нови работни места во технолошкиот сектор.
„Тие стигнаа од тоа да бидат на врвот на светот до моментот да донесат некои навистина тешки одлуки“, изјави за CNN, Скот Кеслер, шеф на глобалниот сектор за технологија, медиуми и телекомуникации во инвестициската компанија Third Bridge.
Apple останува исклучок како единствениот технолошки гигант кој допрва треба да објави отпуштања, иако компанијата, наводно, воведе „замрзнување“ на вработувањата во сите области освен во секторот истражување и развој. Apple го зголеми својот персонал за 20 проценти од 2019 година до минатата година, значително помалку од некои конкуренти.
„Тие зазедоа навидум повеќе промислен пристап кон вработувањето и целокупното управување со компанијата“, вели Кеслер.
Шефовите на Google и Facebook ја презедоа вината
Извршните директори во технолошкиот сектор, од Марк Закерберг од Meta до Марк Бениоф од Salesforce, се обвинуваат себеси за прекумерното вработување на почетокот на пандемијата и погрешното предвидување дека растот на побарувачката за нивните производи ќе продолжи и откако пандемијата ќе попушти. Сундар Пичаи, шефот на Google (Alphabet), исто така ја презеде вината за отпуштањата во компанијата, и рече дека планира да го врати фокусот на компанијата на нејзината основна дејност и „највисоки приоритети“.
„Фактот дека овие промени ќе влијаат на животите на вработените во Google, многу ми тежи и ја преземам целосната одговорност за одлуките коишто не’ доведоа овде“, напиша Пичаи во пораката до вработените која беше објавена на официјалната веб-страница на компанијата минатата недела.
Она што е исто така интересно е дека Apple е единствената компанија од редот на Big Tech која ги намалува платите на извршните директори. Тоа го побара самиот Тим Кук, извршен директор на компанијата, а неговиот надомест ќе биде намален за повеќе од 40 отсто во 2023 година.