Connect with us

економија

Трговците господарат со македонската економија, вистински домашни производни фирми се бројат на прсти

Специјална едиција „Топ 200 најголеми и најуспешни“

објавено

на

Во структурата на дејностите на најголемите компании во Македонија доминираат трговските фирми. Трговци со нафтени деривати, трговци со текстил на големо и мало, трговци со електрична енергија, трговци со тутун, трговци со лекови, трговци со цигари и алкохол и нивни дистрибутери… Компании што се бават со трговија и дистрибуција на најразлични производи се околу половина меѓу најголемите 200. Ако не ги сметаме фабриките на странските инвеститори коишто се добавувачи претежно на автомобилската индустрија во Европа, најмногу Германија, производни компании меѓу 200-те најголеми има уште едвај 20-тина домашни, од коишто добар дел се производители на суровини или полупроизводи, како челик, метали, цемент, итн.

Изминува уште една година, што аналитичарите сакаат да ја нарекуваат „година во низа на последователни кризи“. Прво ја имавме 2020 со глобалната пандемија, чиишто последици се пренесоа и во 2021 година, за потоа, на самиот старт од 2022-та да почне руската инвазија врз Украина којашто освен огромните човечки загуби и  материјална штета, донесе и светска економска криза и огромна инфлација. Санкциите кон Русија доведоа до драстичен пораст на цената на енергијата, но и на останатите суровини и репроматеријали (храна, метали, итн.) на коишто големи светски производители се Русија и Украина. Како сето тоа да не беше доволно, стартот на следната, 2023 година, го одбележаа разорните земјотреси во Турција и Сирија, коишто однесоа најмалку 50,000 животи и материјални штети од стотици милијарди долари. И капак на сѐ, во октомври, по бруталниот терористички напад што милитантната група Хамас го изврши врз цивили на Израел, израелската армија возврати со незапаметена офанзива врз појасот Газа, чијшто крај не е на повидок, и којашто досега однесе преку 20,000 цивилни жртви и доведе до комплетно уништување на палестинската територија.

Ете, во вакви турбулентни услови завршува оваа 2023 година, во којашто целата светска економија беше соочена со проблеми и неизвесност, коишто не може , а да не се одразат и врз работењето на македонските компании – и оние со чисто домашен капитал, и странските инвестиции. 

Во оваа специјална едиција што ја направивме на крајот од годинава, прво да кажеме дека рангирањето на топ 200 компании според приход и според добивка го направивме врз основа на податоците за 2022 година. Тоа се сепак најнови релевантни податоци за годишните финансиски резултати на компаниите што постојат во моментов, затоа што 2023 штотуку завршува, и комплетните бројки за оваа година ќе бидат на располагање многу подоцна.

Второ, треба да се има предвид дека компаниите во 2022 година имаа значителен скок на резултатите споредено со 2020 и 2021, кога поради локдауните предизвикани од пандемијата, нивната активност беше намалена, а некое време и целосно сопрена. Но затоа, во 2022 ја имавме инфлацијата  и ценовните шокови во енергетиката карактеристични за таа година. Ова го објаснува фактот што меѓу 200-те најголеми според остварени приходи, на пример, среќаваме 20-тина трговци со струја, коишто имаат драстични скокови во приходите и добивките во однос на 2021, некои и по 1000 и 2000 отсто, што укажува на тоа дека се тазе играчи на пазарот, и  претходно воопшто и не фигурирале меѓу 200-те најголеми.

Концентрација на моќ во македонската економија

Да почнеме од самиот врв, од компанијата што имала најголеми приходи во 2022. Тронот повеќе години по ред го држи фабриката крај Скопје на британскиот производител за автомобилски компоненти Џонсон Мети. Лани имала вкупни приходи од 2,48 милијарди евра и неприкосновено е на првото место, пред Окта, која е втора со 976,2 милиони евра приходи и Макпетрол на третото место со 611,45 милиони евра остварени од продажба. Забележливи се значителни порасти на приходите на двете најголеми нафтени компании во државата, од 129,3 и 67,3 отсто респективно, што е последица на високата инфлација што ја споменавме претходно и драстичниот пораст на цената на енергијата, нафтата и нафтените деривати во 2022.

Џонсон Мети е практично и најголем извозник од државава, но и најголем увозник истовремено, поради скапите суровини и репроматеријали што ги набавува за производство на автомобилските катализатори. За да ја претставиме доминацијата на оваа компанија меѓу најголемите бизниси во Македонија, ќе кажеме само дека нејзиниот приход е речиси 14% од вкупниот приход на сите 200 најголеми компании заедно, којшто изнесува 18,5 милијарди евра. Од секторот на производство на опрема и делови за автомобилската индустрија меѓу најголемите 200 компании во Македонија според приход, има уште 12 компании, што ги предводи германската инвестиција Кромберг и Шуберт со приход од 250,4  милиони евра, додека во групата на компании со приход од над 100 милиони евра во овој сегмент се уште четири компании – Амфенол, Костал, Маркарт и Ван Хоол.  

За да ја илустрираме концентрацијата на моќ во домашната економија, ќе спомнеме само дека петте најголеми компании според приходи – Џонсон Мети, Окта, Макпетрол, АД ЕСМ и ЕВН Хоме ДОО, имаат заедно 5,2 милијарди евра приход, што е речиси 28% од вкупниот приход на сите 200 најголеми заедно.

Трговците со струја со вртоглав раст на приходите

Инаку, во структурата на дејностите на најголемите компании во Македонија доминираат трговските фирми. Трговци со нафтени деривати, трговци со текстил на големо и мало, трговци со електрична енергија, трговци со тутун, трговци со лекови, трговци со цигари и алкохол и нивни дистрибутери… Компании што се бават со трговија и дистрибуција на најразлични производи има вкупно половина, или стотина меѓу најголемите 200.

Најголем приход има Окта, трговец со нафтени деривати на големо, од без малку една милијарда евра, или поточно 976,2  милиони евра, што е за цели 130% повеќе во однос на 2021 година. Следи Макпетрол, компанија во делот трговија со горива на мало, со приход од 611,5 милиони евра во 2022, и пораст од 67%.
На трето место меѓу трговците е ЕВН Хоме, компанија за трговија со електрична енергија, со приход од точно половина милијарда евра и пораст од речиси 50% минатата година во однос на 2021.

Најголем раст на приходите во оваа категорија бизниси има ЦМК Европа ДООЕЛ Скопје, од 3000 отсто, фирма со официјално двајца вработени, трговец на големо со метали и метални руди.  Останатите компании со невообичаен висок раст на приходите од преку 1000% во 2022 доаѓаат речиси без исклучок од редовите на трговците со струја, освен РКМ ДОО, којшто е трговец на големо со нафтени деривати. РКМ е во сопственост на Ратко Капушевски, поранешен директор и функционер во владите на Груевски, којшто лани ја снабдувал ТЕЦ Неготино со мазут, и речиси 75% од приходите на компанијата зависеле практично од работењето на термоцентралата.

Сите заедно, трговските компании меѓу 200-те најголеми  имаат приход од 8,7  милијарди евра, што е речиси половина, или 47% од вкупниот приход на сите компании на листата.

Малку домашни фабрики за готови производи меѓу Топ 200

Ако не ги сметаме фабриките на странските инвеститори коишто се добавувачи претежно на автомобилската индустрија во Европа, најмногу Германија, производни компании меѓу 200-те најголеми има уште едвај 20-тина, од коишто добар дел се производители на суровини или полупроизводи, како челик, метали, цемент, итн. И меѓу овие компании доминираат оние со странски капитал, како што се Еуроникел Индустри, којшто има и најголем приход во оваа група, од 202 милиони евра во 2022, потоа нашата најголема фармацевтска фабрика Алкалоид со 188 милиони евра, ИГМ Трејд од Кавадарци со 159 милиони евра, Либерти АД со 145 милиони евра, итн.

Најголеми компании од производната дејност што се целосно во раце на македонски бизнисмени и менаџмент во 2022 година биле токму Алкалоид и ИГМ Трејд, кавадаречкиот производител на челични цевки и профили.  Во оваа група се  и производителот на месни преработки, Пекабеско, којшто има  и активности во дистрибуција на други стоки, со 87 милиони евра, Конти Хидропласт од Гевгелија, производител на цевки и профили од пластични маси, со 54,8 милиони евра, Винарската визба Тиквеш со 45,5 милиони евра, текстилната фабрика од Прилеп, Комфи Ангел со 43,5 милиони евра, Брако од Велес со 39,2 милиони евра, итн.

Интересно е што меѓу 200-те најголеми фирми во Македонија се наоѓаат и десет компании од дејноста игри на среќа, коцкање и обложување, каде што лидер е, Спорт – Лаиф Трејд со приходи од 82,3 милиони евра, додека во „врат му дише“ Државната видеолотарија со 81,3 милиони евра, додека на трето место е Делта бет ДОО со 48,4 милиони евра. Сите десет компании од секторот коцкање и обложување што се меѓу 200 најголеми во земјава,  имаат заедно приход од преку 417,1 милиони евра, што е 2,25% од приходот на сите 200, но во исто време овие компании прават 5% од вкупната добивка на 200-те компании со најголеми добивки во Македонија. Бројката пак, од 417 милиони евра потрошени во казина и обложувалници во земја со едвај 1,8 милиони луѓе и ниско ниво на животен стандард и не е изненадувачка ако гледаме дека секојдневно, буквално под секоја нова зграда никнуваат и барем по едно ново казино или обложувалница. Тоа може да е само пораз на целото општество и рефлексија на мизеријата, бедата и очајот со којашто се соочуваат граѓаните.

Кој најмногу заработил во 2022

Што се однесува пак до остварената добивка во 2022 година, повторно лидер е Џонсон Мети со речиси 80 милиони евра добивка пред оданочување, што е минимален пад од 2,4% на годишно ниво. На второ место е ЈП за Државни патишта со 59,7 милиони евра добивка, раст од речиси 150%, следи САСА рудникот со 45,5 милиони евра и 13,7% раст, државното АД ЕСМ со 40,9 милиони евра, ИГМ Трејд од Кавадарци со 32,7 милиони евра, итн.

Вкупната добивка на сите 200 најуспешни е 1,17 милијарди евра, при што само првите десет оствариле една точно една третина од неа, или 387 милиони евра.

Меѓу компаниите што најмногу заработиле од својот бизнис нема таква доминација на трговците како во најголемите според приход, што значи дека сепак профитните маржи во трговијата се далеку пониски. Во групата со најголема добивка има околу 60 трговски компании, што е речиси двојно помалку од бројот на вакви бизниси меѓу најголемите според приход.

За сметка на тоа, меѓу најголемите според добивка се среќаваат доста компании од другите услужни сектори, како што се здравствените услуги, информатичкиот сектор, аутсорс услугите на повикувачките центри и сл. Има доста компании кои се наоѓаат меѓу најпрофитабилните, а ги нема меѓу најголемите според приход, што укажува на нивната повисока профитна маржа.

Интересно е што меѓу првите 10 компании со најголема заработка во 2022 имаме вистинско шаренило на бизнис сектори и нема доминација на ниту еден, напротив, сите 10 фирми се од различна дејност. Па, така среќаваме производство на опрема и делови за автомобилска индустрија, производство на челични цевки и профили, рударство, телекомуникациски услуги, снабдување со електрична енергија, трговија со нафтени деривати, изградба на патишта, производство на електрична енергија, фармацевтска индустрија и производство на фармацевтски препарати.

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?

банки3 дена ago

Потрошувачки кредит на УНИБанка АД Скопје со одлична понуда за рефинансирање и бонус од 1.000 денари при онлајн аплицирање

македонија3 дена ago

„Алкалоид“ АД Скопје со историско достигнување во третманот на рефлуксен езофагитис и ГЕРБ – патентиран првиот Омепразол во течна форма во светот

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

економија6 дена ago

Како работеа домашните инвестициски фондови: Зголемување и на вредноста и на приносите

интервју6 дена ago

Стефан Таневски: УАКС обезбедува сличен, ако не и ист, калибар на образование како и најдобро оценетите меѓународни бизнис школи

банки1 недела ago

Комерцијална банка како „Зелен поборник“ ќе пошумува и ќе едуцира

свет6 дена ago

Пустината под вода

регион6 дена ago

Доаѓаат супер-богати купци на недвижнини од цел свет, сплитска агенција ќе им биде ексклузивен партнер

интервју6 дена ago

Фабрис Перушко: Кога се нафатив да го водам стечајот на Агрокор многумина ми изразуваа сочувство

економија6 дена ago

Движењата на стоковите берзи обратни од оние на финансиските пазари

технологии / компании6 дена ago

Кои се главните предности на генеративната вештачка интелигенција

менаџмент / маркетинг6 дена ago

Кој ќе господари со бизнисот во ниската земјина орбита: Една вселенска станица ќе се пензионира, многу нови ќе се појават

свет2 дена ago

Време ли е за продавање на акциите од Apple?