економија
Трите најголеми банки имаат 42% од вкупната чиста добивка на сите 94 котирани друштва на Македонска берза

Најголеми добивки лани оствариле Стопанска банка – Скопје, 40 милиони евра (+26%); Комерцијална банка 38 милиони евра (+20%); НЛБ Банка 36 милиони евра (+30%); Македонски Телеком 26 милиони евра (-0,74%); Макпетрол 23 милиони евра (+300%); Алкалоид 21,2 милиони евра (+11,8%) и Цементарница Усје 19 милиони евра (-23%)
Трите најголеми банки во Македонија, чиишто акции котираат на Македонската берза имаат вкупно 114 милиони евра чиста добивка во 2021 година, што е речиси 42% од вкупната нето добивка на сите 94 друштва котирани на Официјалниот пазар Берзата која изнесува околу 274 милиони евра. Акциите на три од друштвата во 2021 се суспендирани од котација.
Најголема добивка има Стопанска банка – Скопје, нешто над 40 милиони евра, што е за 26% повеќе од 2020 година, следи Комерцијална банка со речиси 38 милиони евра, или за 20% повеќе годината претходно, и трета е НЛБ Банка Скопје со добивка од 36 милиони евра или 30,2% повеќе од лани. Стопанска банка има најголема добивка воопшто меѓу сите стотина котирани друштва.
Извештајот за добивките на котираните друштва во 2021 на Македонската берза, покажува дека освен трите најголеми банки во државава, најголем профит лани оствариле Македонски Телеком, 25,8 милиони евра, што е речиси на исто ниво како и во 2020; следи Макпетрол со 22,9 милиони евра, што е раст од 300% на добивката; Алкалоид со 21,2 милиони евра и раст од 11,8% и Цементарница Усје со добивка од 19 милиони евра, што е за 23% помалку од 2020.
Вкупната добивка на котираните компании во 2021 изнесува 296 милиони евра, што е за 23% повеќе од 2020, вкупната загуба на оние што не работеле профитабилно е 22 милиони евра, и нето ефектот е 274,2 милиони евра, или за 23% повеќе од 2020.
Во 2021 добивки оствариле 73 друштва, а загуби 18, додека во 2020 добивка имале 65, а со загуба работеле 26 друштва.