интервју
Трпески: Одбележуваме 70 години постоење во услови на „нова нормалност“ – успешно се адаптиравме и продолжуваме со нови визии и идеи
Проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

„Времето отсекогаш било показател дали вредностите кои ги создаваме и заложбите кои ги правиме се трајни или од времен карактер, а 70 години се сведок дека Економскиот факултет со своите издржани одлуки, целосна посветеност, неуморна работа и заложба е вистински создавач на трајни вредности, кои ја обликуваат не само средината во која работиме, туку и општеството во кое делуваме. Денес факултетот е најдобро рангираната високообразовна институција која едуцира професионален кадри од областа на економијата и бизнисот во нашата земја, почитуван во општеството токму поради својата традиција, искуство и посветеност во своето работење. “
Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје деновиве слави голем јубилеј – 70 години од основањето. Една од првите високообразовни институции во земјава значајната годишнина ја одбележува во годината што сите на планетава ќе ја паметиме по пандемијата на коронавирусот што ги преврти нашите животи наопаку и не’ натера да ја прифатиме „новата нормалност“. За тоа како Економскиот факултет се адаптираше на новонастанатите услови на работа и живот, но и за значењето што го има во македонското општество седум децении наназад, како и за плановите за иден развој на оваа институција, разговаравме со деканот на факултетот, проф. д-р Предраг Трпески.

Професоре, честитки за големиот јубилеј и првото прашање нека биде за тоа каква е позицијата на Економскиот факултет при УКИМ во моментов, после 7 децении работа, во окружување какво што денес имаме во високото образование, но и во политичкото – економските услови во коишто опстојува Македонија?
Во изминатите седум децении преку исклучителна посветеност во создавање ново знаење и едуцирање кадри коишто, исто толкав период, се носители на значајни економски, но и пошироко, општествени процеси, Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се издефинира како уникатен, препознатлив бренд на современа високообразовна институција од областа на економијата и бизнисот во нашата земја.
Денес факултетот е најдобро рангираната високообразовна институција која едуцира професионален кадри од областа на економијата и бизнисот во нашата земја, почитуван во општеството токму поради својата традиција, искуство и посветеност во своето работење. Факултетот е препознатлив во потесното и поширокото домашно и меѓународно окружување со влијанието кое го има со својата научно – истражувачка работа, вмреженоста во заеднички проекти со реномирани институции од земјата и странство, учество во креирање и реализирање разни национални проекти, стратегии, економски политики итн.
Времето отсекогаш било показател дали вредностите кои ги создаваме и заложбите кои ги правиме се трајни или од времен карактер, а 70 години се сведок дека Економскиот факултет со своите издржани одлуки, целосна посветеност, неуморна работа и заложба е вистински создавач на трајни вредности, кои ја обликуваат не само средината во која работиме, туку и општеството во кое делуваме.
Објаснете го значењето на Економскиот факултет и неговата улога во креирањето на економскиот амбиент и политики на земјава последниве три децении од осамостојувањето?
Јас на ова прашање би дал малку поширок контекст, а не само на годините од осамостојувањето. Не треба да се заборави дека Економскиот факултет – Скопје е првата високообразовна институција која ги образувала првите кадри од областа на економијата од АСНОМ па во периодот што следувал. Првите дипломирани економисти почнале да извршуваат значајни функции и биле носители на клучни општествени процеси веќе од средината на педесеттите години од минатиот век. Во годините што следеле, факултетот бил нераздвоен од севкупниот економско – општествен развој на земјата.
Самиот период непосредно пред, но и после осамостојувањето треба посебно да се истакне. Тој период особено ја истакнува тежината што во тоа време ја имал Економскиот факултет – Скопје. Првиот премиер на експертската влада на независна Македонија, како и првиот министер за економија и развој беа од редовите на професорскиот кадар на факултетот. Факултетски професори активно партиципираа во конципирање на стабилизационата економска политика веднаш после осамостојувањето, како и во создавањето на севкупниот финансиски систем и монетарното осамостојување на земјата.
Во годините што следеа па сѐ до денес, имајќи предвид дека голем број вработени на факултетот извршуваа многу значајни државни функции од сферата на економијата, улогата на факултетот во креирање на севкупниот економски амбиент и конципирање на клучните економски политики, фискалната и монетарната политика, во земјава е неспорна. Практично, сите досегашни креатори и реализатори на клучните макроекономски политики, фискалната и монетарната политика во земјата, потекнуваат од Економскиот факултет – Скопје, било да се дипломирани студенти или вработени во улога на професори на факултетот. Скоро и да нема некој позначаен државен стратешки документ од областа на економијата во чија изработка не бил вклучен факултетот директно како институција или пак индиректно преку своите вработени.
За жал, македонското високо образование не е добро позиционирано во релевантните светски рангирања на универзитети, како што гледаме години наназад. Што Економскиот факултет прави, пред се’ за подобрување на сопствениот рејтинг и прилагодување на современите образовни текови во светот?
Динамичното окружување носи нови предизвици, а промените кои ги правиме и сме подготвени да ги правиме се основата на нашиот иден развој. Унапредување на наставно – образовниот процес, подобрување на научно – истражувачката работа и поголемо поврзување со институции од јавниот и приватниот сектор се стратешките правци во кои ќе се развива факултетот.
Точно е дека во официјалните рангирања Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во чии рамки е Економскиот факултет – Скопје, иако е најдобро рангиран универзитет од земјата, сепак регионално и во светски рамки не е на онаа позиција која ја посакува.
Но, она што можам сега да го кажам е дека ние имаме јасна определба ова значително да го промениме и да ја подобриме сликата на нашата институција во меѓународни рамки. Мислам дека ова ќе биде во фокусот на функционирање на УКИМ во наредниот период. Во свет во кој сѐ повеќе се вреднува меѓународното вмрежување и соработка и низ активна вклученост во научни активности и објавување на научни резултати, ние мора да направиме исчекор и да оствариме поголема меѓународна и научна препознатливост. Наша мисија е во наредниот период да го позиционираме Економскиот факултет – Скопје како најдобар балкански партнер за европските и американските високо – образовни институции, кој ќе дава локален придонес во реализација на меѓународна наука и соработка.
„Економскиот факултет – Скопје, во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, преку активностите на професорскиот кадар, скоро секогаш бил консултиран или бил вклучен при креирањето на клучните макроекономски политики во земјава. Така било порано, а така е и во овој случај, со оваа економската криза. Ние како институција не бевме директно вклучени во креирање на економските политики и конципирање на мерките, но затоа, пак, поедини професори беа вклучени во советодавни тела во кои имаа можност да дадат свој придонес во справување со оваа криза.“
Бизнис заедницата постојано бара прилагодување на наставните програми на сите факултети со потребите на пазарот. Колку вашите наставни програми се компатибилни со она што го бара бизнисот? Дали дипломираните студенти денес се спремни за она што ги чека на работа во домашните компании?
Во изминатиот период факултетот доста ја продлабочи соработката со приватниот сектор и до сега имаме склучено меморандуми за соработка со преку илјада компании од земјата. Економскиот факултет – Скопје има еден од најразвиените Центри за кариера во Република Северна Македонија и практично преку овој центар ние има ја отвораме вратата на нашите студенти кон приватниот и јавниот сектор уште во текот на нивното студирање. Впрочем, уште со самото запишување на факултетот ние ги поттикнуваме нашите студенти да почнат да размислуваат како да ја градат сопствената кариера преку воспоставување на активни врски со деловната заедница изразени преку најразлични форми на практична настава.
Но, она што во овој момент недостасува и што планираме да го реализираме во иднина е поголема инклузија на приватниот сектор во развивање на наставните програми по одделните предмети на факултетот. Од големо значење за нас е при подготовката на новите наставни програми, кои ќе почнеме да ги подготвуваме кон крајот на оваа година, да бидат вклучени лица од приватниот, но и од јавниот сектор со големо професионално искуство. Особено ќе биде значајно нивното практично искуство при подготвување на студии на случај, на кои ќе работат нашите студенти, а кои ќе базираат на практични проблеми од сферата на македонската економија.
Колку пак дипломата од Економскиот факултет ги отвора вратите за меѓународно усовршување и кариера на своите студенти? Какви програми за меѓународна соработка се нудат на факултетот, и колку лесно или тешко можат вашите студенти да се запишат на магистерски, докторски студии и сл., на престижни универзитети во странство?

Програмите според кои денес се реализира наставата на Економскиот факултет – Скопје се конципирани според наставните програми по кои се одвива наставата на високо рангирани универзитети во светот. Но, нашата визија во периодот што следува е овие програми квалитативно да ги подобриме и на студентите да им дадеме уште поголеми компетенции според кои ќе бидат дополнително вреднувани на пазарот на труд. Нашата цел е наставните програми да бидат компатибилни со програмите од врвни светски универзитети, но не само содржински, туку и методолошки преку воведување на нови наставни методи и искористување на предностите кои ги носат новите дигитални технологии. Според сегашната конципираност на наставните програми, факултетот е „отворена врата“ на студентите за продолжување на нивното образование на високо рангирани универзитети во светот. Голем е бројот на наши студенти кои после дипломирањето, своето образование, без никакви проблеми го продолжуваат на реномирани универзитети од Европа и САД, а во овој контекст вредно е да се потенцира дека добар дел од нив студиите ги завршуваат со висок успех.
Воедно, би сакал да истакнам дека е значителна нашата активност и на полето на Еразмус+ мобилностите за студенти и наставен кадар. Од почетокот на програмата (академската 2015/2016), па до денес (академската 2020/2021) од Економскиот факултет – Скопје, а во рамки на повиците администрирани и водени од Одделението за меѓународна соработка на УКИМ, Еразмус+ мобилност реализирале отприлика околу 60 студенти (по 11-12 студенти годишно), што во рамки на УКИМ нѐ рангира меѓу првите факултети според бројот на успешно реализирани студентски мобилности. Нашите студенти можат да изберат некоја од високообразовните институции со кои факултетот/универзитетот имаат склученo Еразмус+ меѓу – институционални договори кои се основен предуслов за да се реализира мобилноста.
Дали опадна интересот за студии на Економскиот факултет откако се сфати дека на економијата не ѝ треба толкав број дипломирани економисти, или од останатите општествени науки, па младите се свртија кон ИТ, технички науки и сл.? Каква е ситуацијата последниве години, бидејќи своевремено се рушеа рекорди по бројот на запишани студенти во прва година?
Интересот за студирање економија и бизнис отсекогаш бил голем, а така е и денес. Не би рекол дека на нашево општество не му требаат економисти, туку напротив, потребни се економисти со компетенции кои ги препознава пазарот на труд во земјата. Мислам дека денешниве млади луѓе многу добро ја имаат согледано реалноста и многу реално ги вреднуваат високообразовните институции во Република Северна Македонија. Факт е дека на Економскиот факултет – Скопје од година во година се запишуваат се’ помал број студенти, како што е факт дека од година во година, во земјата има сè помалку средношколци – матуранти. Трендот на намалување на бројот на студенти го следи трендот на намалување на бројот на средношколци, па од оваа перспектива релативното учество на запишаните средношколци на Економскиот факултет – Скопје, во однос на вкупно запишаните средношколци во високообразовните институции во земјата, скоро и да не е променето. Ова покажува дека младите луѓе нас не’ препознаваат како квалитетна високообразовна институција на која ќе се стекнат со квалитетни знаења кои понатаму ќе им требаат во нивното академско и професионално усовршување.
Колку се сменети нештата во самиот пристап на професорите при наставата, со оглед дека сега е време на т.н. Generation Z, децата се раѓаат и растат со дигиталните алатки и уреди, многу услови се сменети од времето кога студирала Вашата (и моја) генерација? Како им се задржува вниманието денес, како им се дава предизвик да истражуваат, а не само да повторуваат она што им е предадено како содржина (одлика на стариот наставен концепт којшто е дефинитивно застарен)?
Секоја генерација си има свој код, го носи својот товар и ја води сопствената битка. Како и поранешните генерации, така и новиве генерации ја живеат својата реалност и тие се носители на идните промени. Огромно е нашето задоволството како наставници, да ги гледаме новите генерации како на поинаков начин ја гледаат и ја живеат реалноста, а нашата обврска е да се менуваме и да ги поддржиме во нивните аспирации. Gen Z се само мотив плус и предизвик и ние наставниците полесно да ги прифатиме промените и како наставници да се подобруваме. Воведување на современи наставни методи и искористување на новите дигитални технологии се реалност во која функционираме и ние и студентите.
Како се постави Економскиот факултет во услови на пандемијата? Какви прилагодувања направивте, како е организирана наставата, испитите, итн., односно, колку дигитална технологија помогна при овие процеси?
Пандемијата на новиот вирус COVID 19 го затече светот, па и нас, но тоа не придонесе наставата на нашиот факултет да запре. Напротив, по само неколку денови наставата непречено продолжи со користење на електронската платформа која овозможи двонасочна комуникација со нашите студенти. Покрај наставата, на факултетот се отвора можноста и колоквиумите и испитите да се спроведуваат преку лиценцирани софтверски апликации, онака како што се изведуваат на реномирани универзитети во светот. За таа цел факултетот во наредниот период планира да ги зголеми своите инвестиции во ИКТ со цел уште поквалитетно спроведување на наставно – образовниот процес и реализирање на научно – истражувачката работа. Ние сме сигурни дека после оваа криза многу работи ќе се променат. Високото образование ќе биде пред голема дилема, дали после кризата да се врати на традиционалните класични методи на изведување на наставата применувани пред да се појави новиот корона вирус COVID 19? Или да се приспособи на времето и да ги користи можностите и предностите кои ги нудат дигиталните трендови? Дали интегрирањето на учењето на далечина во класичното студирање можеби ќе биде новата „нормалност“? Одлуката ќе зависи од нас и од нашето корисничко искуство во текот на кризата.
Колкава специфична тежина во општеството има научната економска мисла и истражувањата спроведувани од вашиот наставен кадар, особено денес во време на пандемија?
Економската наука е во постојан подем, а економските кризи кои настануваат периодично низ историјата само ги зацврстуваат научните основи на кои базира оваа наука. Економската криза предизвикана од пандемијата на новиот коронавирус – COVID 19 е многу поразлична од останатите економски кризи кои ги познава економската историја и од оваа гледна точка претставува сериозен предизвик за економската наука, но и можност за нејзин иден подинамичен развој.
Во основа, до појавата на оваа криза, економските шокови настанувале или на страната на агрегатната побарувачка или на страната на агрегатната понуда. Но, карактеристично за оваа економска криза е тоа што се појави и на страната на агрегатната понуда и на страната на агрегатната побарувачка и што е предизвикана од типично неекономски, непазарни фактори. Она што денес влева поголема надеж дека земјите во светот успешно ќе се справат со оваа економска криза е фактот дека економската наука има достигнато едно доста високо ниво на акумулирано знаење кое е веќе ставено во функција на решавање на проблемите.
Сведоци сме дека за доста кратко време се покренаа, а и во наредниот период ќе се покренат, сите потребни механизми како одговор на економската криза. Впрочем, економските политики на ниво на поодделни национални економии, како и глобалните пакет мерки за справување со оваа криза, се должат на економската наука денес. Истражувањата што се направија, а и сега се прават во сферата на економската наука, покажуваат дека последиците од оваа економска криза, која како што гледаме ќе потрае подолго од очекуваното, манифестирани преку значително намалување на економската активност и негативни стапки на раст на бруто домашниот производ, ќе ги надминат последиците предизвикани од Големата рецесија од 2007-2009 година и ќе може да се споредуваат со последиците од Големата депресија од 1929-1933.
Воопшто, дали сметате дека светот во глобала направи добар пристап во справувањето со пандемијата, или на крајот впечатокот е дека богатите земји што можат да си дозволат локдаун, ќе го направат тоа, а остатокот ќе се раководи по синтагмата „кој ќе преживее, ќе раскажува“?
Со оглед дека се работи за криза од глобален карактер, која ќе се манифестира со големи последици, креаторите на економските политики врз основа на знаењата продуцирани од досегашната пракса, активно и релативно брзо реагираа и покренаа еден глобален механизам за да го амортизира ударот на кризата и да ги ублажи последиците на истата. Потребата од повисоко ниво на координација и заеднички настап на државите во справувањето со кризата е поголема од било кога до сега. Во рамките на тој глобален пристап за справување со економската криза (тука пред се’ мислам на просторот на Европа), се креираа пакети мерки, кои како никогаш до сега се изразуваат во енормно високи износи. Во рамките на тие огромни пакeт – мерки за справување со кризата, предвидени се средства не само за побогатите, би рекол поразвиените економии, туку планирани се големи средства и за поддршка на земјите кои имаат економски системи кои манифестираат пониска економска активност.
Очевидно е дека после повеќе од два квартали од појавата на економската криза, ваквиот глобален одговор проследен со националните политики за справување со кризата, даде прилично добри резултати и дека економските последици на кризата во првиот удар, иако не во целост, но сепак беа амортизирани. Понатамошно правилно конципирање на национални економски политики за справување со економската криза, помогнати од глобалните пакет мерки како одговор на кризата, сигурно ќе даде резултати. Мерките преземени на ниво на национални економии се клучни, но ефектите ќе бидат поголеми доколку тие се сместат во контекстот на глобалниот одговор на кризата.
Учествувате ли како академска фела во креирањето на економските политики? Конкретно, на пример, дали вашата институција беше консултирана при донесување на пакетите антикризни мерки од страна на Владата?
Економскиот факултет – Скопје, во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, преку активностите на професорскиот кадар, скоро секогаш бил консултиран или бил вклучен при креирањето на клучните макроекономски политики во земјава. Така било порано, а така е и во овој случај, со оваа економската криза. Ние како институција не бевме директно вклучени во креирање на економските политики и конципирање на мерките, но затоа, пак, поедини професори беа вклучени во советодавни тела во кои имаа можност да дадат свој придонес во справување со оваа криза. Инаку, ние како државен факултет, во секое време сме подготвени да ги ставиме на располагање нашите човечки капацитети, да излеземе во пресрет и да помогнеме за справување со кризата, но и понатаму, да помогнеме во креирање на политики и мерки за динамизирање на економскиот раст во иднина.
Кои се вашите лични ставови во поглед на справувањето со ковид – кризата во Северна Македонија? Што беше добро во антикризните мерки, а што според вас требаше поинаку да се направи?
Не е спорно дека, во услови на драстичен пад на економската активност уште во првите месеци од појавата на корона вирусот, дека една масовна државна интервенција не само што е потребна, туку е и крајно нужна. Во основа содржината на пакет мерките е слична за повеќето држави, но она што е клучно при нивното донесување е нужноста од системскиот пристап, што подразбира креирање на една голема и целосна слика на пакет мерките кои се носат, и се разбира, нивно интегрирање во поширокиот контекст.
Мислам дека во овој дел, како што и до сега неколку пати имам изјавено, на почетокот настапивме многу внимателно, но со донесувањето на вториот, третиот и понатамошните пакет мерки ова се компензира, а и во наредниот период резултатите ќе бидат уште повидливи бидејќи економската политика претпоставува перманентно дизајнирање на нови пакет мерки согласно новонастанатите ситуации.
Во основа, мерките кои ги донесе Владата се насочени и на страната на понудата и на страната на побарувачката и се димензионирани согласно финансиските можности кои ни стојат на располагање. Дел од мерките кои ги донесе Владата се во насока на директна поддршка на реалниот сектор и всушност превенираат овој почетен стадиум на криза кај фирмите да не се претвори од криза на ликвидност во криза на солвентност што би довело до масовни банкроти и затворање на фирмите. Од друга страна пак, со пакет мерките се поддржа и личната потрошувачка, и тоа кај оние семејства кои имаат пониски доходи, што овозможи одржување на социјалната стабилност. Во основа, парите предвидени за пакет мерките кои беа насочени на страната на побарувачката и ја стимулираат индивидуалната потрошувачка, во крајна инстанца завршија или ќе завршат кај домашни претпријатија, бидејќи со мерките се предвидува граѓаните парите да ги трошат на купување македонски производи или пак во секторот на угостителството, кое е еден од најпогодените сектори во земјава.
Се разбира, ако ме прашате дали овие средства се доволни, одговорот е дека секогаш има потреба од повеќе. Некои земји донесоа пакети на мерки кои изнесуваат и до 10 отсто од нивните БДП, ама најверојатно овие пакет мерки се однесуваат на малку подолг период. Имајќи предвид дека Владата и во третиот квартал од кризата настапи со активни мерки за поддршка на фирмите и граѓаните, а верувам дека ваквата политика ќе продолжи и во иднина, мислам дека во целост е исправен ваквиот пристап за водење на политика на поддршка на фирмите и граѓаните преку правилното временско распоредување на финансискиот товар на буџетот на државата.
После повеќегодишен тренд на намалување, извесно е дека невработеноста ќе се зголеми. Дали и за колку време економската активност и невработеноста може да се вратат на нивото од пред настанување на кризата?
Точно е дека пазарот на трудот ќе претрпи дисторзии и тие може да бидат значителни. Колкави ќе бидат тие нарушувања, од денешна гледна точка, можеме само искуствено да оцениме. Според оцените на Меѓународната организација на трудот, околу 80 проценти од светската работна сила би била погодена од оваа рецесија, а бројот на затворени работни места би бил мошне голем и во глобални рамки би достигнал дури 200 милиони. Нешто слични оцени можеме да дадеме и за пазарот на труд кај нас.
Една генерална проценка е дека оваа криза нема директно многу да ги погоди вработените во јавниот сектор и вработените во секторите кои се помалку на удар на кризата, како што се информатичкиот и финансискиот сектор, кои заедно се околу 25 проценти од вкупната вработеност, тогаш очекувано е дека околу 75 проценти од вработените ќе бидат директно погодени од кризата, или пак индиректно во форма на скратено работно време, принуден одмор и слично. Но, како што кажав, ова се само искуствени оцени бидејќи мерките кои се преземаат, може и да не доведат до драстично губење на работните места.
Она што со сигурност го знаеме е дека невработеноста ќе се зголеми и дека ќе треба да помине долго време пазарот на труд да се врати на претходното ниво. Впрочем и самата економија после извесен период сигурно нема да се врати во истата, првобитна состојба, туку бавно ќе се враќа во некоја нова состојба проследена со определени структурни промени како резултат на продорот на напредните ИТ вештини и дигитализацијата. Во овој контекст не смееме да го занемариме продорот на т.н. Гиг економија (gig economy), која се’ повеќе ќе доминира во глобалните текови на добра и услуги, а чија основа се токму ИТ вештините, напредната технологија и дигитализацијата.
Јавноста има прв впечаток дека најбогатиот дел од населението во земјава некако најмалку ќе биде погоден од корона кризата и дали е потребно да се размислува за некој поинаков пристап на распределба на товарот од кризата?
Се разбира дека како што мерките кои ги носи Владата не треба да бидат исти за сите, во смисла исти мерки да се носат и за мали и средни и за големи претпријатија, така и товарот на трошокот од оваа криза не треба да се поднесе линеарно.
Првиот впечаток е дека товарот ќе падне на лицата со понизок доход, оние кои работат во приватниот сектор и на помалите претпријатија, ама многу е битно што ќе се случува во иднина и каква ќе биде идната владина политика во сферата на јавните финансии. Механизмот на буџетот и даночната политика е моќно оружје во рацете на Владата во рацете и се разбира дека треба да го искористи за правилна прераспределба на доходот, што во крајна инстанца би довело оние кои остваруваат поголем доход повеќе да партиципираат во сервисирањето на финансиските обврски кои државата ги создава денес.
Имајќи го предвид порастот на буџетскиот дефицит и јавниот долг, тешко е да се претпостави дека во иднина Владата ќе може истиот да го сервисира со постојните даночни шеми. Речиси е извесно дека после сето ова Владата ќе мора да размислува да се врати на курсот на малку посериозна фискална консолидација, што претпоставува воспоставување на нов, посовремен даночен систем, со вградени механизми за оданочување согласно даночниот капацитет, и кој ќе овозможи порамномерна распределба на доходот.
Во соработка со Државниот универзитет од Индијана, САД, подготвуваме постдипломски студии од областа на МБА во стратегиски менаџмент на човечки ресурси

Дали размислувате за отпочнување на програма за двојна диплома со некој реномиран факултет надвор од земјава, на пример?
Економскиот факултет – Скопје веќе ги направи првите чекори во оваа насока. Целта која ја поставивме беше на нашиот факултет да воведеме програма на англиски јазик и во соработка со некој реномиран, високо рангиран универзитет од светот. Нашите напори родија со плод оваа година и благодарение на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, ние успеавме да воспоставиме соработка со Државниот универзитет од Индијана, кој според Шангајската ранг листа е помеѓу првите 30 рангирани универзитети во светот во академската област економија и бизнис. Во партнерство со овој универзитет ние го отпочнавме процесот за воспоставување на постдипломски студиум на англиски јазик од областа на МБА во стратегискиот менаџмент на човечки ресурси, кој ќе отпочне со работа во академската 2021/2022 година. Убеден сум дека ова за нас ќе биде драгоцено искуство кое понатаму ќе го искористиме за воспоставување на нови партнерства со универзитети од Европа и САД и воспоставување на заедничка студиска програма на англиски јазик и на прв циклус на студии.