свет
Убавото лице на корупцијата

Деновиве како бомба одекна веста дека потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, заедно со уште неколку други лица, е уапсена поради сомнеж дека примила мито и учествувала во перење пари. Грчката политичарка веќе беше исклучена од нејзината партија ПАСОК, а пратеничкиот клуб на социјалдемократите во Европскиот парламент, исто така, донесе одлука за нејзино исклучување. Според наводите на белгиското државно обвинителство истрагата се води против наводна криминално организирање, односно обиди на една земја од Заливот, Катар, да влијае на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент, како и за наводите за корупција и перење пари. Извршени се 16 претреси и пет апсења. Меѓу другото, одземени се и 600.000 евра во готовина, како и мобилни телефони. Каили на 21 ноември во Европскиот парламент одржа говор за актуелното Светско првенство во Катар. Овој спортски настан го опиша како доказ дека „спортската дипломатија може да донесе историска промена во земјата чии реформи го инспирираа арапскиот свет“. Таа рече и оти Катар е пионер кога се во прашање работничките права.