економија
Уште една неизвесна година што зависи од короната
Економијата во 2022

Во новата 2022 година повторно влегуваме со милион прашалници во главите што создаваат целосна неизвесност како работите ќе се одвиваат понатаму. Пандемијата со Ковид 19 ќе наполни цели две години и сосема извесно е дека ќе продолжи да ни ги нарушува животите барем уште некое време. Иако мислевме дека вакцините колку – толку ќе не вратат во нормала, овие новогодишни празници веќе почнуваат да наликуваат на ланските со повторно враќање на некои од најрестриктивните мерки за запирање на ширењето на новиот позаразен сој на короната од сите претходни, Омикрон, којшто успева да го одбегне имунитетот и од актуелните вакцини и од прележување на вирусот. Во ваквиот хаос, речиси невозможно е прецизно да се процени како ќе се одвива заздравувањето на економиите, оти тоа целосно ќе зависи од силата на пандемијата и какви мерки ќе бидат потребни за таа да се заузди – колку брзо фармацевтските компании ќе успеат да ги прилагодат вакцините на овој сој, но и колку брзо ќе успее светот да се извакцинира за да не дозволи да се создаваат постојано нови мутации. Па така, проценките за порастот на македонскиот бруто домашен производ (БДП) варираат од 3,7% до 4,6%. Доколку се остварат песимистичките ризици, растот на БДП може да биде и многу помал од 3%.
Во новата 2022 година повторно влегуваме со милион прашалници во главите што создаваат целосна неизвесност како работите ќе се одвиваат понатаму. Пандемијата со Ковид 19 ќе наполни цели две години и сосема извесно е дека ќе продолжи да ни ги нарушува животите барем уште некое време. Иако мислевме дека вакцините колку – толку ќе не вратат во нормала, овие новогодишни празници веќе почнуваат да наликуваат на ланските со повторно враќање на некои од најрестриктивните мерки за запирање на ширењето на новиот позаразен сој на короната од сите претходни, Омикрон, којшто успева да го одбегне имунитетот и од актуелните вакцини и од прележување на вирусот.
Иако кај нас засега властите воопшто не спомнуваат нови мерки, а во прилог на тоа секако се и бројките кои за среќа покажуваат намалување на бројот на заразени и хоспитализирани пациенти, на запад неколку земји веќе воведуваат или размислуваат за локдаун.
Во ваквиот хаос, речиси невозможно е прецизно да се процени како ќе се одвива заздравувањето на економиите, оти тоа целосно ќе зависи од силата на пандемијата и какви мерки ќе бидат потребни за таа да се заузди – колку брзо фармацевтските компании ќе успеат да ги прилагодат вакцините на овој сој, но и колку брзо ќе успее светот да се извакцинира за да не дозволи да се создаваат постојано нови мутации.
Според последните проценки на меѓународните финансиски институции, светската економија во 2022 ќе порасне околу 5%, но и тоа е неизвесно главно поради прекините во синџирите на снабдување главно кај развиените земји.
За македонската економија, проценките за порастот на бруто домашниот производ (БДП) варираат од 3,7% до 4,6%. Најконзервативни во прогнозите се Светската банка и Стандард и Пурс, кои имаат и најниска прогноза од 3,7%, потоа Европската Комисија која прогнозира раст од 3,8%, Народната банка со прогноза од 3,9%, потоа следуваат ЕБОР со 4%, ММФ со 4,2%, Фич со 4,3% и најоптимистичката прогноза на Министерството за финансии, кое проценува економски раст од 4,6% во 2022.
Домашната побарувачка столб на закрепнувањето
Позитивен придонес врз заздравувањето на домашната економија се очекува од речиси сите компоненти на домашната побарувачка, а негативен на нето-извозот. Според проценките на Народната банка, кај личната потрошувачка по падот од 5,4% минатата година, се предвидува солиден раст од 7% оваа година и натамошен поумерен раст на среден рок (во просек од 3,5%), при постабилни очекувања, раст на расположливиот доход како резултат на закрепнување на движења на пазарот на трудот и кај трансферите, како и натамошна кредитна поддршка на домаќинствата. Кај инвестициите по длабокиот пад од 10% изминатата година, се очекува раст од 7,3% во 2021 година и раст од околу 10% на среден рок, во услови на очекувани странски директни инвестиции (СДИ), но и домашни инвестиции од приватен и јавен карактер и раст на корпоративното кредитирање. Во однос на извозот, по падот од 11% минатата година, се очекува негово закрепнување во 2021 година од 11%, а на среден рок во просек 6,8%, во услови на закрепнување и раст на странската побарувачка, постепено закрепнување на извозот на домашните компании со странски капитал и позитивен придонес од страна на традиционалниот извозен сектор, при поволна ценовна конјунктура на странските пазари. Растот на извозот и домашната побарувачка (коишто имаат голема увозна компонента) ќе доведат и до раст на увозот во просек од околу 9% во 2021 ‒ 2023 година, со што нето-извозот ќе има негативен придонес.
„Ризиците за растот се претежно надолни и поврзани со текот на пандемијата и нарушувањата на глобалните синџири на снабдување. Алтернативното сценарио коешто претпоставува помала странска побарувачка и поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции на домашните субјекти ќе доведе до помал раст во просек од 1,2 процентни поени за периодот 2022 ‒ 2023 година“, велат од Народната банка, што значи дека доколку се остварат овие ризици, економскиот раст би бил понизок, односно околу 2,7%.
ММФ исто така оценува дека растот догодина главно ќе биде поттикнат од големата домашна побарувачка.
„Вработеноста најверојатно постепено ќе закрепнува, но високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди би влијаеле на зголемување на расположливиот приход. Се очекува солиден раст на извозот, иако на истиот неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, а големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот“, оценуваат од ММФ.
Според нив, покриеноста со вакцини е сè уште на ниско ниво, а глобалното реактивирање на пандемијата и новите варијанти на вирусот се фактори кои значат негативен ризик за растот.
„Политичката нестабилност, исто така, би можела да ја намали довербата и да го успори спроведувањето на политиките. Од друга страна, почеток на преговорите за пристапување во ЕУ би можело да даде поттик за спроведување на реформи, со што ќе се зголеми растот“, додаваат од ММФ.
Оценката на Фондот е дека силната поддршка преку политиките го ублажила влијанието од пандемијата врз економијата. Фискалните мерки за поддршка помогнале да се спречат големи отпуштања од работните места и да се заштитат оние кои се најранливи, додека монетарните и финансиските мерки ја одржале кредитната поддршка за економијата.
„Бидејќи неизвесноста сè уште е голема, неопходно е политиките и понатаму да бидат флексибилни. Акцентот треба да биде ставен на ограничување на последиците врз економијата предизвикани од пандемијата, истовремено остварувајќи напредок во однос на долгорочните реформски приоритети, како што се понатамошното зајакнување на управувањето со јавните финансии и управувањето со приходите, како и зајакнување на финансиската заштитна мрежа“, истакнуваат од ММФ.
Светската банка исто така посочува дека фокусот на домашните власти треба да биде кон спроведување на реформи.
„Со продолжителната обнова на економијата властите ќе треба да го засилат исполнувањето на даночните обврски, да го реструктурираат и приоретизираат трошењето, да ги решат долгорочните пречки во развојот и да го подобрат менаџирањето на јавните финансии. За да се интензивира развојот земјата треба да го насочи вниманието на изведба на структурни и институционални реформи“, се вели во последниот извештај на Светска банка.
Инфлацијата еден од главните предизвици

Како и во другите земји, веројатно е дека инфлацијата ќе биде повисока подолго од првично очекуваното, но во втората половина од 2022 година ќе почне да се намалува, проценуваат меѓународните финансиски институции.
„Зголемувањето на цените на енергијата и храната во глобални рамки, поттикна поголема инфлација во 2021 година, и можно е тие да придонесуваат кон инфлациските движења и на почетокот од 2022 година. Имајќи предвид дека повеќе од половина од потрошувачката се должи на храната и енергијата, ова е важно за повеќето домаќинства. Показателите за инфлацијата, коишто ги исклучуваат променливите цени, вклучувајќи ги цените на храна и енергија, исто така се повисоки, што укажува на тоа дека растот на инфлацијата е на поширока основа. Севкупно земено, тимот на ММФ очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9% во просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа“, оценуваат од ММФ.
Иако постои значителна неизвесност во однос на натамошната патека на инфлацијата, поголемиот раст на платите носи нагорни ризици.
Народната банка пак смета дека не се очекува оваа динамика на економски раст (враќање на преткризното ниво наредната година) да создаде поголеми притисоци од страната на побарувачката врз цените.
„Сепак, се прави умерена нагорна ревизија на инфлацијата како резултат на фактори на страна на понудата коишто се главно од глобална природа ‒ раст на светските цени на примарните производи и нарушување во глобалните синџирите за снабдување. За оваа година проектираме дека инфлацијата ќе се задржи на умерено ниво од 3,1% а за наредната година проектираме намалување на стапката на инфлација на 2,4%, и потоа одржување околу историскиот просек од околу 2%, слично на очекувањата на меѓународните финансиски институции. Ризиците за инфлацијата главно се поврзани со неизвесноста за светските цени на примарните производи, а пред сѐ на енергенсите, како и со подолготрајни нарушувањата на глобалните синџири на снабдување коишто ја ограничуваат понудата на стоки, што упатува на потреба од будно следење“, констатираат од Народната банка.

Поголем буџет
За следната година властите ќе имаат на располагање и повеќе пари за трошење. Според веќе усвоениот буџет, се планира да се потрошат вкупно 4,4 милијарди евра или 35,2% од БДП, а вкупните приходи се проектирани на ниво од околу 3,9 милијарди евра 30,9% од БДП. Дефицитот е на ниво од 544 милиони евра што е 4,3% од БДП.
Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат околу 615 милиони евра, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година. Според власта, запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
Пратениците од власта на дебатата во Собранието истакнуваа дека буџетот е развоен и со него ќе се забрза економскиот раст, ќе се обезбеди непречено функционирање на основните функции на државата и им се дава поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси. Буџетот, според нив, е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ се прифатените 23 амандмани во вкупна вредност од околу 6 милиони евра од кои поголем дел се од опозицијата.
ММФ оценува дека Буџетот за 2022 година соодветно ги намалува трошењата поврзани со пандемијата и истовремено продолжува да ја поддржува економската активност.
„На прелиминарна основа, тимот на ММФ очекува фискалниот дефицит да се намали на 4,3% од БДП во 2022 година, од 5,9% во 2021 година. Буџетот предвидува поголеми трошоци во здравствениот сектор, вклучително и за вакцини. Исто така содржи и простор кој овозможува флексибилно да се реагира на потребите од трошења поврзани со пандемијата. Ако потребата за итни мерки продолжи да се намалува, како и што се очекува во појдовната основа, финансирањето би можело да се искористи за поддршка на прераспределба на ресурси помеѓу секторите, вклучително и преку обука и преквалификација на работниците, поттикнување на вработувањето и инвестициите и зајакнување на мрежата за социјална заштита. Во буџетот има распределба која е предвидена да биде наменета за таргетирана помош, но можеби ќе бидат потребни дополнителни средства за да се ублажи влијанието на повисоките цени на енергенсите врз ранливите групи, особено кога намалената стапка на ДДВ за електрична енергија ќе биде нормализирана, почнувајќи од јули. Натамошното давање субвенции на енергетските компании или одржувањето на намалената стапка на ДДВ, што ги засега сите домаќинства без разлика на нивното ниво на приходи, би имало поголемо влијание за даночните обврзници, отколку таргетираната помош наменета за домаќинства со пониски приходи“, сугерира ММФ.
Според нив, кредибилна среднорочна фискална стратегија е клучна за обнова на фискалниот простор, истовремено создавајќи простор за повеќе инвестиции. Тимот на ММФ препорачува фискалниот дефицит да се доведе близу до 1% од БДП во наредните пет години, со што ќе се обезбеди Владата да може да има адекватен фискален простор за да одговори на евентуални идни шокови.
„Ова може да се постигне главно преку реформа на даночната политика – вклучително и рационализирање на преференцијалните третмани, укинување на даночните намалувања кои беа донесени за време на пандемијата и воведување на попрогресивен систем – сето ова во комбинација со многу потребните напори за зајакнување на капацитетот за наплата и борба против даночното затајување“, заклучуваат од ММФ и додаваат дека понатамошните подобрувања во делот на управување со јавните финансии ќе значат поддршка на планот на Владата за зголемување на инвестициите и, погенерално, ограничување на фискалните ризици.
„Поконкретно, во насока на подобрување на управувањето со јавните инвестиции, плановите за формирање на посебна единица во Министерството за финансии треба наскоро да бидат заокружени и јавно-приватното партнерство треба целосно да се интегрира во рамката за јавни инвестиции. Без да го исклучиме досегашниот напредок, важно е да се продолжи со активностите за обезбедување транспарентност и отчетност во користењето на јавните пари, вклучително и преку понатамошно подобрување на праксите за јавни набавки“, потенцираат од ММФ.
Монетарната политика на готовс
Народната банка информираше дека се задржува приспособливиот карактер на монетарната политика на севкупните макроекономски и финансиски услови, што воедно придонесува за натамошна поддршка на кредитните текови во економијата.
„Нагорните придвижувања на инфлацијата кај нас, како и во глобални рамки, се должат на глобалните фактори на страната на понудата, коишто според меѓународните финансиски институции се очекува дека би се стабилизирале во текот на идната година. Врз основа на тековната динамика на закрепнување на домашната економија, не се согледуваат притисоци од побарувачката врз ценовниот раст, на што упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, е поумерена од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција, но и натаму има потреба од будно следење“, информираа од НБРСМ.
Без оглед што промени во домашната монетарна политика не би имале влијание врз ефектите од ниту еден од глобалните фактори кои влијаат на инфлациските движења, сепак, ММФ предупредува НБРСМ да продолжи внимателно да ја комуницира својата проценка за тенденциите на инфлацијата, и истовремено да биде подготвена да ги заостри политиките ако инфлацијата во Северна Македонија се случи да биде постојано повисока отколку инфлацијата во еврозоната, што во моментов не е случај, или ако се остварат значителни и постојани притисоци врз девизните резерви. Фондот потенцира дека одржување на монетарната и финансиска стабилност на де факто фиксниот курс на денарот во изминативе децении се потврди дека е сидро на стабилноста и нивото на девизните резерви е соодветно за да го поддржи таквиот курс.
„Банкарскиот систем се покажа дека е силен и стабилен за време на пандемијата, но потребно е да се продолжи со постојаната будност. Банкарскиот систем во целина и понатаму е добро капитализиран и профитабилен. Добредојдени се иницијативите за подобрување на рамката за стрес-тестови на банките, заедно со засилените супервизорски напори со цел да се обезбеди дека банките ги препознаваат евентуалните проблематични пласмани и соодветно издвојуваат резервации за потенцијални идни загуби. Со оглед на сè уште големото учество на девизните кредити или на кредитите со девизна клаузула на домаќинствата, коишто пак имаат ограничени девизни средства како заштитен механизам, НБРСМ треба да ги одржува своите внимателно поставени мерки за да го ограничи девизното кредитирање. Уште повеќе, растечкиот долг во приватниот сектор, иако од ниско ниво, и високиот раст на хипотекарни кредити, во комбинација со зголемувањето на цените на недвижностите се фактори кои бараат понатамошна внимателност“, предупредува ММФ.