Connect with us

економија

Уште една рекордна година за осигурителниот сектор: Што е следно? Либерализација на задолжителното автомобилско осигурување

Специјален прилог „Осигурување“
Уште една рекордна година за осигурителниот сектор

објавено

на

Зад нас ја имаме најдобрата година во историјата на осигурувањето како корпоративен бизнис во Македонија. Вкупните вложувања во двете групи осигурувања: неживот и животни осигурувања надминаа 233 милиони евра. Тоа е највисока годишна вредност на вложувања во осигурување во земјава  на сите времиња. Топ тема во осигурувањето во периодот што следи ќе биде либерализацијата на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Таа треба да донесе поквалитетна услуга, поконкурентни цени, но и поевтинување на зелениот картон.

Минатата, 2023 година, осигурителната индустрија ги надмина рекордните резултати од претходната, со раст на пазарот во сите аспекти. Како што истакнува и во интервјуто за Капитал  д-р Крсте Шајноски, првиот човек на регулаторот на пазарот, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, зад нас ја имаме најдобрата година во историјата на осигурувањето како корпоративен бизнис во Македонија. Вкупните вложувања во двете групи осигурувања: неживот и животни осигурувања надминаа 233 милиони евра. Тоа е највисока годишна вредност на вложувања во осигурување во нашата земја на сите времиња. Вложувањата во осигурување во 2023 се поголеми за 25 милиони евра во однос на 2022 година.

„Она што е поважно за нас во АСО како регулатори на овој бизнис  е тоа што 2023 година е најдобра е и од аспект на исплатени штети. Сите компании кои работат во индустријата (неживот и живот), а во 2023 година ги има вкупно 17, на своите осигуреници исплатиле 94,7 милиони евра обесштетувања покриени со нивните осигурувања.“, вели Шајноски.

Станува збор за повеќе од 132.000 осигуреници – граѓани, компании, институции кои добиле обесштетување покриено со нивното осигурување. Бројот на сервисирани штети e за 23 отсто поголем во споредба со 2022 година. При тоа најголемата штета е исплатени за осигурен имот и нејзината вредност надминува 2 милиони евра. Тоа е случај во кој бил опожарен имот на компанија. Обесштетувањето во целост ја покри штетата.

Расте бројот на исплатени штети, а воедно е зголемена и вкупна сума исплатени за штети. Ова укажува дека компаниите за осигурување ги сервисираат нивните обврски и се подготвени на соодветно ниво да одговорат на предизвикот што го носи растот на пазарот за осигурување.

Резултатите постигнати во 2023 година заокружуваат процес на континуиран тригодишен раст на осигурителната индустрија. Растат вложувањата во осигурување, расте исплатата на штети, како во број така и во обем на исплатени средства. Расте и бројот на компании за осигурување. Сегментот на осигурување живот во последниот квартал на 2023 година е збогатен за уште една компанија и сега на овој сегмент конкурираат шест компании. Се очекува и во сегментот неживот годинава да стартува со работа уште една компанија.  

Приватното здравствено трета година по ред најбрзо расте

Како изгледа пазарното портфолио на домашниот осигурителен сектор: Неживотните осигурувања опфаќаат 82,2% од целиот пазар на осигурување, а на животното осигурување отпаѓа 17,8%, покажуваат извештаите на АСО. Вкупната полисирана премија во неживотното осигурување е без малку 193 милиони евра, со годишен раст од 12,8%, а во животното нешто над 40 милиони евра, и раст од 9,3%.

Во неживотното осигурување доминира задолжителното осигурување на моторните возила, со 59% учество и годишен раст од 9,26%, при што каско осигурувањето има раст од речиси 19%, додека автоодговорноста од 7,44%.

„Во одредена мерка растот на вредноста на вложувањата во каско осигурувањето се должи на растот на цените. Зголемувањето е последица на инфлациските притисоци врз цените на автоделовите и работната рака на автосервисите. Но во значајна мерка растот е резултат и на зголемувањето на бројот на осигуреници кои одлучиле да платат каско осигурување за своите возила. На таков заклучок наведува фактот дека лани е зголемен бројот на склучени договори за каско осигурување во однос на 2022 година.“, објаснува Шајноски, претседател на Советот на експерти при АСО.

Имотните осигурувања со учество од 20% во вкупното неживотно осигурување пораснале за 10,8% за една година, додека останатите класи на неживотно осигурување, со вкупен удел од 18,4%, имале годишен раст од преку 25%.

Во оваа категорија, останати класи на неживотно осигурување, со растот предничат приватното здравствено, како и патничкото осигурување.

Трета година по ред, дополнителното (приватно) здравствено осигурување расте со највисока стапка. Очигледно е дека со овој производ компаниите за осигурување направија продукт што е баран и неговата продажба најбрзо расте. Осигурениците лани вложиле 16,3 милиони евра што е 48% повеќе од 2022 година. Од аспект на осигурениците, но и за нас како регулатори, е поважно тоа што за своите медицински трошоци осигурениците од нивните осигурителни компании наплатиле 10, 7 милиони евра, а тоа е 55 отсто повеќе од 2022 година.

Повеќе од 68.000 граѓани – осигуреници во 2023 година од осигурителите наплатиле пари за покривање на нивните медицински трошоци. Компаниите за осигурување исплатиле односно сервисирале 20.000 штети повеќе од 2022 година. Тоа е раст од 43 отсто за една година на бројот на сервисирани штети. Тоа е добро за имиџот на осигурувањето, велат од АСО. А воедно е и добар основ да се зголеми довербата кај клиентите кои потоа би купиле и други продукти од компаниите за осигурување. 

Кој е кој на пазарот

Што се однесува на распоредот на силите на осигурителниот пазар, во 2023 година најголема бруто полисирана премија кај неживотното осигурување бележи Триглав Осигурување, од 24 милиони евра, па и покрај падот од 2,98%, ја задржува лидерската позиција пред Еуролинк, со 21,8 милиони евра БПП, но  и раст од 19% во однос на претходната година. На трето место е Уника, со нешто помала БПП од 21,2 милион евра и раст од 14,3%. Најголем раст на БПП има Граве неживот, од 47%, но тоа не е ни чудно, со оглед на фактот што компанијата е најмлада на пазарот во овој сектор, и во моментов има најмало пазарно учество од 3,4% со 8,5 милиони евра БПП. Триглав осигурување според овие бројки држи 12,4% од пазарот, Еуролинк 11,3%, Уника 11%, Сава 10,6%, итн.

Во делот на животното осигурување, најголем пазарен удел има Кроација Живот, од 29,4%, со БПП на крајот од 2023 во износ од речиси 12 милиони евра, односно раст од 1,75%, додека на второ место е Винер живот, со 19,8% пазарен удел, и раст за 10,9% за една година. Најголем раст на БПП лани има Триглав Осигурување Живот, од 63,3% и сега држи 16% од пазарот, што е прилично голем успех со оглед на фактот што компанијата (ако не се смета Прва живот која почна лани со работа на македонскиот пазар) е најмлада на пазарот.

Кај животното осигурување ќе се развива нов сегмент – рентно осигурување

Осигурувањето живот кај развиените економии и општества на висок степен на технолошки и општествен развој е застапено со една третина во вкупното осигурување. Кај нас осигурувањето живот во вкупното осигурување учествува со помалку од 20 отсто. Иако тоа секоја година расте, односно, лани имало раст од 9,3%, потенцијалот сѐ уште е голем. Како што вели директорката на Триглав Осигурување Живот, Христина Џамбазовска – Анастасов во интервјуто за овој специјален прилог,  „денес не зборуваме дека поседувањето полиса за осигурување на живот е привилегија, туку напротив веќе е потреба“.

„ Животното осигурување е нешто кое го создаваме денес за мирни денови во иднина. Секој од нас според своите можности и слободна проценка веќе може да ја избере вистинската инвестиција која во моментот му е потребна.“, вели Џамбазовска – Анастасов.

Во 2023 година имаме над 300.000 лица кои имаат осигурување живот и тоа не е малку, но секогаш може подобро. Што се однесува до вложувањата во осигурување живот лани тие се на ниво од 40 милиони евра што е 3,4 милиони евра повеќе од 2022 година. во структурата доминира осигурувањето со штедна компонента. Кај овој производ суштинска е материјалната заштита за членовите на семејството на осигуреникот во случај на негова смрт. А дополнителен бенефит е тоа што вложените средства всушност се заштеда доколку осигуреникот го доживее истекот на осигурувањето. Интенција на особен и силен раст има кај ризико осигурувањето – продукт што нема штедна компонента. Кај ова осигурување се осигурување само животот во определен временски рок. Доколку не се случи ризикот компанијата ги задржува сите вложени средства. Ова осигурување бележи голем раст како обезбедување на банкарските кредити кои ги подигаат граѓаните.

Значаен раст во последните три години бележи осигурувањето со учество во добивката кое има инвестициска компонента. Тоа е популарно познато како јунит линкд (Unit Linked) осигурување. Кај овој продукт дел од средствата се вложуваат во финансиски инструменти (удели во фондови и акции) чии цени се променливи, пазарни и зависат од берзите.

Како што вели директорката на Триглав Осигурување Живот, во  следните неколку години се очекува да се развие дополнителен сегмент на пазарот за осигурување на живот, а тоа е рентното осигурување.
„Предвидувањата се дека од 2030 година ќе почне да се реализира премија од идните пензионери кои веќе од тогаш ќе започнат со користење на пензија од приватните пензиски фондови. Според моменталната поставеност на овој пензиски систем, еден модус за исплата на пензиите е преку рентно осигурување, па оттука очекуваме вклучување во овој нов сегмент на пазарот за осигурување на живот.“


Што ќе донесе реформата на задолжителното осигурување од автоодговорност?

Топ тема во осигурувањето во периодот што следи ќе биде либерализацијата на задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Како што објаснуваат од АСО, наједноставно кажано тоа значи дерегулација на цената на полисите за ова осигурување. Односно сегашната регулирана државна цена за автомобилско осигурувањето ќе ја заменат пазарните цени за осигурување. Цените на услугата ќе произлезат од конкуренцијата меѓу компаниите на пазарот, нивните финансиски и управувачки капацитети. Тоа значи дека ова осигурување и понатаму ќе биде задолжително за сите возила кои учествуваат во сообраќајот, но цената на полисата ќе ја утврдува секоја компанија врз основа на повеќе фактори. Еден од тие клучни фактори, на пример, ќе биде и возачката историја на секој потенцијален осигуреник. Односно дали бил совесен и внимателен возач или предизвикувал сообраќајни незгоди.
Новосоздадена вредност од оваа реформа треба да биде квалитетот на услугата што ќе ја добиваат осигурениците во случај кога имаат штета и треба да им се исплати осигурување. Затоа што конкуренцијата меѓу, да речеме, повеќе од 10 компании за осигурување треба да направи осигуреникот да добива високо ниво на заштита односно квалитетна услуга за парите што ги дава. Повеќе за оваа либерализација зборува Шајноски од АСО во интервјуто што може да го проследите во овој специјален прилог.

банки2 дена ago

Комерцијална банка прва во земјава воведе тактилни платежни картички прилагодени и за слепи лица

свет2 дена ago

Предлог акција за оваа недела: Orlen S.A.

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

економија2 дена ago

Истражување: Инфлацијата е главен фактор за финансиски стрес

свет2 дена ago

Скокнаа цените на нафтата, гасот, бакарот и алуминиумот

регион2 дена ago

Марко Чадеж, Српска стопанска комора: Нашите компании ги мачи финансирањето и недостиг на кадри

свет2 дена ago

Следната година сонцето и нас ќе нѐ стемни

македонија2 дена ago

Судбината на фабриката во Бунарџик неизвесна, но можно е и целото производство да се префрли во Македонија

економија2 дена ago

„Зелените“ кредити со годишен раст од речиси 30%

технологии / компании2 дена ago

ЕУ има амбиција да стане „квантна долина на светот“, а хрватски научници имаат голем удел во тоа

менаџмент / маркетинг2 дена ago

Како да ги демотивирате вработените и избркате најдобрите

македонија2 дена ago

Македонските е-трговци направиле промет од 453 милиони евра лани

банки4 дена ago

Управната зграда на УНИБанка во Скопје сама ќе произведува струја од фотоволтаична централа