интервју
Филип Петковски PhD: IB DP програмата значи врвна посветеност кон учениците, како успешни и активни учесници во глобалното општество
Филип Петковски PhD, професор во American High School Skopje

„IB DP е меѓународно призната образовна програма. Дипломата е препознаена во многу земји ширум светот и може да им даде предност на учениците при аплицирање на универзитети, како и при почнување на својата кариера во дадена област.“
International Baccalaureate Diploma Programme е меѓународно прифатена образовна програма во 140 земји од светот, развиена пред неколку децении од група едукатори во Женева, Швајцарија. Програмата е признаена од голем број универзитети во светот, а од неодамна е достапна и во Американската Гимназија Скопје. Разговаравме со професорот Филип Петковски од Американската Гимназија Скопје којшто ни објасни подетално за самата програма и придобивките што може да ги имаат средношколците што ќе се запишат на неа.
Филип, Вие сте класен раководител на IB DP паралелката во Американската Гимназија Скопје. Што е специфично за оваа програма и по што таа се издвојува?
Оваа програма нуди уникатен курикулум дизајниран да обезбеди балансирано образование преку шест групи на предмети: Јазик и книжевност, Усвојување на јазици, Индивидуи и општества, Науки, Математика и Уметност. Програмата користи различни методи за да го оцени напредокот на учениците, вклучувајќи испити, есеи, усни презентации и практична работа, а исто така го нагласува развојот на критичкото мислење и истражувачките вештини, особено преку предметите Продолжен есеј и Теорија на знаењето.
IB DP го поттикнува меѓународниот пристап и ги поттикнува учениците да станат глобални граѓани. Програмата ја нагласува и важноста на разбирањето на различни култури и перспективи, а учениците треба да изучуваат и втор јазик. Понатаму, програмата се стреми да обезбеди холистичко образование и ги поттикнува учениците да учествуваат во екстракурикуларни активности, заеднички мисии и креативни проекти, а ја нагласува и важноста на социјалната, емотивната и физичката благосостојба на учениците.
Што значи IB DP диплома за учениците, какви придобивки имаат од неа и како им го олеснува понатамошното образование?
IB DP е меѓународно призната образовна програма. Дипломата е препознаена во многу земји ширум светот и може да им даде предност на учениците при аплицирање на универзитети, како и при почнување на својата кариера во дадена област. Понатаму, IB DP се фокусира на развивањето на критичко мислење кај учениците, што може да им помогне да ги збогатат своите знаења и да се подготват за предизвиците во нивното понатамошно образование. Програмата ги поддржува учениците да развиваат вештини за истражување и анализирање, и им помага на учениците да ги разберат различните култури и перспективи. Ова може да им помогне да бидат успешни во глобалната заедница и да комуницираат со луѓе од различни делови во светот.

Вие предавате предмети што се карактеристични за IB DP, но нови и необични за нашите наставни програми. Каков пристап имате на Вашите часови и што Ви е важно кај учениците?
Јас предавам два од главните предмети во IB DP програмата, односно Теорија на знаење и Креативност, активност и волонтирање. Додека вториот предмет се заснова на екстракурикуларни активности кои учениците ги извршуваат вон наставата, односно во нивното слободно време, Теорија на знаење бара поинаков пристап од останатите предмети. Она што е различно е тоа што целиот час се заснова на критички дискусии, групни вежби, анализа на одредени случаи и примери и дебатирање. Она што ми е важно е учениците да дојдат на час со „отворен ум” и да бидат подготвени да не бидат во право.
Мојот пристап се сведува на пост-колонијалистички методи и децентрализирање на Западниот и империјалистичкиот пристап, кој е доминантен во образованието. Оттука, пресудни се критичките дискусии за сè што учениците имаат веќе научено, односно, често ги преиспитуваме информациите кои тие веќе ги знаат, употребувајќи мета анализа. На крајот од овие дискусии, учениците се често пати изненадени од фактот дека поставувањето клучни прашања може да им ја промени целата перспектива за тоа како тие гледаат на светот. Важно ми е тие да се искрени, да се подготвени да згрешат, да немаат страв гласно да ги изјавуваат своите ставови и да се толерантни кон другите ученици кои можеби не размислуваат исто ко нив.
Вие имате искуство и од македонското образование, но и од американското. Кои се разликите и како вашето знаење го применувате во Американската Гимназија Скопје?
Морам да наведам дека моето искуство со македонското образование е лимитирано, бидејќи во средно образование предавам само околу седум месеци. Додека живеев во САД, предавав на UCLA, меѓутоа на студенти со високо образование. Не би можел да ги споредам двете искуства бидејќи се работи за многу различни и неповрзани светови, поготово бидејќи UCLA е државен универзитет, а AHSS е приватна гимназија. Меѓутоа, практичното искуство кое го стекнав на UCLA како асистент професор го приспособив на моето ново работно место, процес кој сè уште трае.