економија
Хаос на светските стокови берзи, растат цените на се’

Повеќе фактори се причина за овој раст на цените на суровините и енергенсите, вклучително и драстично зголемената побарувачка, како и тесните грла во логистичките синџири ширум светот.
Во декември минатата година компаниите на коишто им треба челик во производството го купуваа по 53 центи за килограм. Во мај годинава веќе скокна на 1,4 евра. Алуминиумот поскапи 40%, алуминиумските легури 50%, бакарот 15%. И тоа само на Лондонската берза (London Metal Exchange).
Ниту во прехранбената индустрија не се со подобра среќа, затоа што виталните суровини како какао, шеќер, палмино масло скокнаа за околу 20%, 40% и 110%. Инфлацијата предизвикана од овие надворешни влијанија станува веќе опиплива, иако многумина аналитичари се’ уште уверуваат дека се работи за привремена појава. Цените што обичните потрошувачи ги плаќаат се во прилична корелација со цените од светските берзи. А таму веќе извесно време е хаос.
Во последнава година цената на суровата нафта порасна речиси за 90%, цената на природниот гас повеќе од двојно, додека цената на земјоделските производи порасна во просек помеѓу 20% и 80%. При тоа, цените не некои стоки беа и повисоки одошто се во моментов. На пример, цената на фјучрсите на дрвена граѓа на Чикашката берза достигна врв во мај годинава, кога проби ниво од 720 долари за кубик. Колку за споредба, денес е на ниво од 297 долари за кубик, што е и понатаму значително над повеќегодишниот распон на движење од 58 до 170 долари.
Цените на храната исто така растат. FAO Food Price индексот во однос на минатата година е повисок за 32,8% и е највисоко ниво во последнава деценија. Цената на алуминиумот достигна речиси рекордно ниво во последните 13 години и се тргува по речиси 3.000 долари за тон. Кинеското производство на алуминиум се намалува, затоа што Кина сака да го намали загадувањето, додека понудата е дополнително нарушена по нередите во Гвинеја, најголемиот снабдувач на Кина со бокситна руда.
Во Европа цените исто така растат поради високите цени на енергенсите. Цената на железната руда е во пад по рекордните нивоа во мај годинава и моментално се тргува со неа во распон од 100 до 120 долари за тон. Според некои процени, дури 80% од кинеските челичарници се под притисок на властите да го минимизираат производството и работата поради недостигот на струја. Сето ова се случува во моменти на пост – пандемиско закрепнување и зголемена побарувачка. Секако, последица на крајот се рекордните цени на челикот. Цените на јагленот, клучен во производството на челик пораснаа за речиси 200% од почетокот на годинава.
Зошто растат цените на се’?
Повеќе фактори се причина за овој раст на цените на суровините и енергенсите, вклучително и драстично зголемената побарувачка, како и тесните грла во логистичките синџири ширум светот. Познато е дека поради локдауните во многу светски економии, се нарушија глобалните синџири на набавки и се појави голем недостиг на многу репроматеријали и делови, како на пример, недостигот на чипови. Ова особено ја погодува автомобилската индустрија, на пример, но и останатите сектори што зависат од микро чиповите – потрошувачка електроника, паметни телефони, таблети, итн.
Меѓутоа, во позадина, како што велат многумина економисти, е свесната одлука на монетарните власти во САД и многу други земји, да ги возат своите економии во повисока брзина засега, со многу стимулативни пакети, со цел да се забрза закрепнувањето од штетата што ја предизвика Ковид-19 .
Централните банки мора да одлучат дали може да ги антиципираат овие ценовни шокови, заедно со останатите сигнали за повисока инфлација, или да реагираат брзо за ладење на економиите, односно намалување на побарувачката, преку зголемување на каматните стапки и останатите мерки. Во 1970-те, за време на нафтените шокови што предизвикаа лавина од поскапувања, многу земји дадоа приоритет на зачувување на работните места и економскиот раст со контрола на цените, и искусија висока инфлација.
Бразил, Русија и Турција веќе ги затегнаа своите монетарни политики, а останатите централни банкари, како американските Федерални резерви и Европската централна банка, засега остануваа со непроменети политики. На настан неодамна, главниот економист на Европската централна банка, Филип Лејн, истакна дека високата невработеност ќе помогне да се држи инфлацијата под контрола.
Монетарните власти смируваат
Суровините генерално сочинуваат релативно мал дел од потрошувачките цени. Тие главно се користат за производство на стоки, наспроти услугите, коишто се поголем дел од економиите на развиените земји. Стоките се околу 20% од тежината на американскиот индекс на потрошувачки цени.
Академските истражувања, пак, сугерираат дека влијанието на ценовните шокови на стоките врз инфлацијата е опаднато во последниве декади, затоа што елементите како што е брендирањето, станаа поважни во структурата на крајните трошоци. За жал, во економиите со производство што има пониска додадена вредност, како македонската, којашто речиси и да нема сопствени брендови што се пробиени во светот, влијанието на енергенсите и суровините врз финалните цени е се’ уште релативно високо.
ММФ, во своите проекции презентирани во Светскиот економски преглед, очекува дека инфлацијата во просек ќе достигне ниво од 3,1% во 2021 година и ќе се намали на околу 2,2% во 2022 година. Tековните движења на цените во Македонија се во согласност со глобалните случувања. Ефектот од повисоките цени на енергенсите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката се очекува да се исцрпи во 2022 година. Дополнително, ниту еден од овие фактори нема да реагира на промените во монетарната политика. Сепак, централните банки, вклучително и Народната банка, ќе треба внимателно да го следат развојот на настаните за да осигурат дека евентуални повисоки очекувања за инфлацијата нема да предизвикаат продолжен раст на платите.
Засега, од монетарните власти во земјава смируваат и велат дека ситуацијата се набљудува и држи под контрола.
„Со олабавената монетарна политика, како и со сите одлуки и мерки коишто ги донесе од избувнувањето на корона-кризата наваму, Народната банка дава значаен придонес за поддршка на финансиската стабилност и на македонската економија во целина. Поставеноста на монетарната политика засега е соодветна. Сепак, неопходно е внимателно следење на инфлациските движења, а особено инфлациските очекувања и можните пренесени ефекти во контекст на растот на платите.“, изјави гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска на средбата со претставниците на ММФ.